Новости
alt
Претседателот Иванов во Охрид на првенците од техничките факултети им го врачи признанието „Инженерски прстен“
Понеделник, 16 Мај 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска на свеченост одржана на платото пред Св. Климентиовиот храм „Св. Пантелејмон“ на Плаошник,  им го врачи признанието „Инженерски прстен“ на најдобрите дипломирани студенти на инженерските факултети.

Ова признание, кое го наградува  трудот, го поттикнува изучувањето на инженерството и придонесува за формирање на квалитетен инженерски подмладок, го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и инженери, а под покровителство на шефот на државата.

„Ако во Македонија сакаме да ја добиеме иднината, ако сакаме нови работни места и нови производи, тогаш мора да инвестираме во иновација, едукација и инфраструктура. Македонија е на пат да изгради економија заснована врз знаење, врз образовани и работливи луѓе, луѓе на кои успехот ќе им влева самодоверба. Луѓето се клучниот македонски ресурс во кој треба и понатаму се поинтензивно да се вложува,“ рече Претседателот Иванов за време на свеченото доделување на наградите, потенцирајќи дека инженерството е професија коjа е отворена кон нови идеи, посветена на пронаоѓање одговори на проблемите и одлучна истите практично да ги примени.

Претседателот Иванов пред присутните и наградените нагласи дека во центарот на техничкиот и научниот напредок на Македонија се наоѓаат токму овие професии и младите луѓе кои се посветуваат на инженерството, електрониката и механиката.

„Вие сте виталната врска меѓу природните и технички науки од една страна, и општеството и неговите потреби од друга страна. Вашата професија, која е неопходна за 21 век, е втемелена врз научното знаење, но е предводена од имагинацијата и потрагата по практични решенија на реалните проблеми,“ им порача Претседателот Иванов на младите инженери.

На свеченоста на Плаошник присуствуваше и Министерот за образование и наука Никола Тодоров, кој честитајќи им ги наградите на најдобрите студенти, истакна дека Македонија е привилегирана што има исклучителен инженерски кадар.alt

Претседателот на Инженерската институција на Македонија, Александар Димитров, осврнувајќи се на значењето на инженерската професија, рече дека тенденцијата на интензивно спроведување реформи во голема мера се потпира токму врз инженерскиот кадар, неговата умешност и знаење, не само заради напредокот во економијата и следењето на високоразвиените и модерни општества, туку и заради побрзо вклучување во големото евроатлантско семејство и уживање на придобивките од членувањето во него.

Годинава признанието „Инженерски прстен“ го добија девет првенци од техничките факултети во Македонија и тоа: Александра Каневче од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Бојан Митровски од Техничкиот факултет во Битола, Елена Камчева од Технолошко-металуршкиот факултет, Елеонора Ангеловска од Машинскиот факултет, Марија Милошеска од Архитектонскиот факултет, Марија Смилјаноска од Шумарскиот факултет, Симона Марковска од Градежниот факултет, Соња Бачева од Факултетот за земјоделски науки и храна, Трајче Бошевски од Факултетот за природни и технички науки од Штип.

За Симона Марковска, која студиите на Градежниот факултет ги заврши со просек десет, „Инженерскиот прстен“ претставува огромна нематеријална награда и поттик за нови успеси, надоградувања во стручните области. „Беше напорно, но најважно за постигнување успех е трудољубивоста, но секако и желбата и мотивацијата,“ рече таа, изразувајќи увереност и задоволство што вработувањето во Македонија барем за дипломираните градежници не претставува проблем.
 

alt
Претседателот Иванов постави камен-темелник на Институтот за современи композити и роботика на „Микросам“ во Прилеп
Сабота, 14 Мај 2011

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во саботата, 14 мај, во кругот на прилепската фабрика „Микросам”, присуствуваше на поставувањето камен-темелник на приватната научна установа „Институт за современи композити и роботика”.

„Микросам” ги има сите карактеристики да биде технолошка врела точка на развојот на Македонија во областа на високата технологија, композитните материјали и роботиката, рече сопственикот на „Микросам” Благоја Самакоски.

Инситутуот основан во февруари 2009 година, е првиот приватен институт од ваков тип на Балканот, со постдипломски и докторски студии врз концептот на Болоњскиот процес и македонските норми. Моментно има двајца редовни и тројца вонредни професори и тројца помлади истражувачи.

Зградата на Институтот што почнува да се гради, ќе зафаќа 1.000 метри квадратни површина од кои 400 метри квадратни ќе бидат лабораторија, а 600 метри квадратни се предвидени за изведување настава и за истражувања. Лабораторијата ќе биде опремена со најсовремени машини.

Целта на Институтот е да изгради соодветна истражувачка инфраструктура која ќе ја развие науката во областа на современите композити и роботика. Од основањето Институтот има објавено трудови и има настапувано на меѓународни конференции во Италија, Романија, Англија, Америка, Чешка и Словачка.
 

alt
Претседателот Иванов се запозна со потенцијалите на Преспа за езерски, рурален и манастирски туризам
Петок, 13 Мај 2011

Запознавањето со можностите што ги нуди Преспа за езерски, рурален и манастирски туризам, како и запознавањето со проблемите на граѓаните од Општина Ресен, беше основна цел на денешната посета на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на Преспанскиот регион.

„Со Градоначалникот и Претседателот на Советот на Општина Ресен разговаравме за состојбите во општината, пред сè за она што ги преокупира граѓаните и како може да им се помогне за да ја подобрат нивната состојба,“ изјави Претседателот Иванов по посетата на ресенското село Брајчино, нагласувајќи дека на средбите општинските власти посочиле на проблемите кои ги наследиле, како и за активностите што се преземаат за нивно решавање и подобрување на стандардот на граѓаните, особено преку извозот на јаболката.

„Имав можност да го посетам и манастриот ’Свети Ѓорги’ во Курбиново од кој сум импресиониран, бидејќи тоа што секогаш сум го гледал по каталози и фотографии овој пат можев да го видам во живо. Да се види наследството што ни го оставиле нашите претци е извонредно доживување,“ рече Шефот на државата и додаде дека тоа наследство мора да се сочува за потомците и идните генерации.alt

Во Претор Претседателот Иванов имаше прилика да се сретне со учениците кои посетуваат настава во природа во одморалиштето „Мите Богоевски“, а во Брајчино се запозна со можностите што ги нуди ова подпелистерско село за развој на руралниот туризам.

Градоначалникот на Ресен, Михаил Волкановски рече дека на средбата со Претседателот Иванов му ги претставиле проектите кои што се реализирани и оние кои се во тек на реализација, како што е чистењето на плажите на Препанското Езеро и речните корита. Тој како приоритет за граѓаните на Преспа ја истакнал изградбата на дистрибутивниот центар за јаболка, проект кој е во завршна фаза.

„Објектот треба да се гради на шест хектари во местото викано Макази и во него производителите на јаболка, кои се 85 проценти од населението на Преспа, ќе можат да ги складираат и организирано да ги продаваат на пазарите низ Европа и секаде каде што се препознатливи преспанските јаболка,“ рече Градоначалникот Волкановски. Тој воедно нагласи дека очекува годинава да altсе зголеми бројот на туристи во Преспа, особено од Битола и Прилеп, кои во изминатиов период заради лошата состојба на плажите наместо традиционално во Преспа летуваа во Охрид.

Прашан за коментар за вчерашната анкета на ИПИС, претседателот Иванов рече дека граѓаните препознаваат кога некој вложува и презема сè за да направи нешто во корист на сите што живеат во државата.

„Тоа што во изминатите две години го работев и јас и мојот Кабинет, преку ваквите анкети граѓаните го оценуваат позитивно. Би им упатил апел на сите политичари дека секој што работи, секој што нешто вложува и прави за државата, граѓаните знаат да го оценат и да го вреднуваат,“ рече Претседателот Иванов.
 

alt
Претседателот Иванов ги повика лидерите на подмладокот на политичките партии да се заложат за фер, мирни и демократски избори
Четврток, 12 Мај 2011

Во пресрет на предвремените парламентарни избори и пред самиот почеток на изборната кампања, а по повод две-годишницата од инаугурација за Претседател на Република Македонија, Претседателот д-р Ѓорге Иванов се сретна со лидерите на подмладокот на политичките партии кои ќе учествуваат на претстојните избори. Целта на средбата беше да ги поттикне да ги повика да се заложат и активно да придонесат за спроведување фер, демократски и мирни избори без насилство и изборни инциденти.

Претседателот Иванов им порача на младите политичари, кои имаат прилика често да се во непосреден контакт со граѓаните и политиката да ја учат на терен, да шират позитивен дух, да промовираат нови вредности и да воспостават позитивни примери за младите граѓани, но и за веќе етаблираните политичари. Да ги вложат своите напори поединечните случаи на инциденти за време на изборната кампања и за време на изборите да бидат однапред изолирани и да не се генерализираат.

На средбата, младите политички лидери покренаа иницијатива, поддржана скоро од сите нив, за потпишување писмен акт со кој ќе се обврзат дека ќе спроведуваат фер, коректна и демократска младинска кампања. Претседателот Иванов ја поддржа оваа иницијатива, охрабрувајќи го тој нивни чекор.

„Мислам дека тоа е вистинскиот начин како треба да се однесуваме во државата. По завршувањето на изборите се согласивме повторно да се сретнеме да поразговараме за сето она што се случува, да донесеме оценка заедно со лидерите на помладоците што е пропуштено или што не е направено и што е направено, и тоа да биде еден вид традиција која треба да се случува во државата пред и по секои избори. Изборите доаѓаат и поминуваат, а ние остануваме и ние сме тие коишто го креираме животот, како нашиот така и на сите тие што доаѓаат по нас,“ изјави Претседателот Иванов.
 

alt
Две години мандат: Активности на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, мај 2010 - мај 2011
Четврток, 12 Мај 2011

  Интензивна меѓународна политика и промоција на Република Македонија на економски и политички план

Во рамките на своите надлежности Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и во текот на изминатата, втора година од неговиот мандат, продолжи со активните и редовни контакти и средби со државници и високи претставници на меѓународни организации, продолжувајќи ја политиката на отвореност на земјата за изградба на пријателски релации и конструктивни соработки. Неговите активности се засноваат на веќе востановените највисоки приоритети на Република Македонија – полноправно членство во Европската унија и НАТО, градење на добрососедски односи, интензивна регионална соработка, активна политика на отвореност кон сите. Во таа насока, во септември 2010, два месеци пред донесувањето на редовниот извештај на ЕК за реформскиот прогрес на РМ, Претседателот Иванов оствари работна посета на Брисел, при што се сретна со Претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Баросо и со Претседателот на Европскиот Совет, Херман Ван Ромпуј. Темите на разговорите гравитираа околу постигнатите успеси и напредокот на Република Македонија на патот на евроинтеграциите, како и напорите за надминување на разликата околу името со нашиот јужен сосед. По средбата со Баросо Претседателот изрази надеж дека препораката на ЕК наскоро ќе резултира со отпочнување на преговорите за членство во ЕУ и дека Македонија останува конструктивен чинител и партнер, изразувајќи очекување дека Грција ќе се однесува европски во претстојниот период со цел надминување на овој ирационален билатерален спор. „Јас ја разбирам екстремната чувствителност на ова прашање. Но, ги повикувам сите страни да ја разрешат оваа пречка што е можно побрзо. Време е да се донесе одлука,“ изјави Баросо на заедничката конференција за печатот. Претседателот на ЕК Баросо и Претседателот Иванов ги продолжија разговорите на средбата одржана во Охрид во април 2011, на која се разменија мислења и информации за тековните настани во процесот за надминување на разликата околу името со нашиот јужен сосед, што претставува единствената пречка за продолжување на интегративните процеси.

При сите билатерални и мултилатерални средби остварени во текот на изминатата година, Претседателот Иванов цврсто и убедливо ги афирмираше позициите и altконструктивниот пристап на Република Македонија во процесот на разговорите за надминување на спорот со Грција, како и подготвеноста за изнаоѓање заемно прифатливо решение, притоа нагласувајќи дека македонскиот национален идентитет, јазикот и културата се неменливи категории, и уставни промени се неприфатливи. Во текот на истиот месец, септември 2010, Претседателот Иванов присуствуваше на 65-тото Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, при што во поздравното обраќање посочи на напредокот кој Република Македонија го има постигнато во достигнување на Милениумските развојни цели, за евро-атлантските интеграциски приоритети и јакнењето на регионалната соработка. Во рамките на оваа посета Претседателот оствари билатерална средба со грчкиот Премиер Јоргос Папандреу, придонесувајќи со уште еден чекор во приближување на позициите на двете земји и интензивирање на разговорите.

Заложбите за решавање на спорот со Грција во однос на уставното име на Република Македонија, се вискоко на агендата на д-р Ѓорге Иванов, кој ја користи секоја погодна прилика да ги повтори позициите на Македонија и паралелно да придонесе за одржување клима на зголемена доверба и подобро разбирање. Во овој контекст, неспорна е обезбедената поддршка од многу пријателски altземји на Република Македонија за решавање на спорот со името во разумен рок, но и за конечно отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. При последната официјална посета на Република Унгарија, актуелен претседавач со Европската Унија, Македонија доби ветување од унгарскиот премиер Виктор Орбан дека на следните состаноци на Европскиот совет ќе биде поставено и прашањето за отпочнување на преговорите на Република Македонија за полноправно членство во ЕУ.

Учеството на значајните мултилатерални средби придонесува за зајакнување на позициите на Република Македониja на меѓународен план, но и за сигурно трасирање на патот кон полноправно членство во ЕУ и НАТО. Настан од исклучително значење, во овој контекст, беше Самитот на шефови на држави и влади на членките на НАТО, одржан во Лисабон кон крајот на ноември 2010. На маргините на Самитот Претседателот Иванов се сретна со Претседателот на САД Барак Обама, кој изрази жалење што Македонија сеуште не е членка на НАТО, како и благодарност за придонесот во Мисијата ИСАФ во Авганистан. При средбата со Државниот секретар на САД, г-ѓата Хилари Клинтон, беше потврдена поддршката за македонското членство во НАТО, како и надежта за скоро надминување на проблемот кој го попречува тој процес. Во оваа прилика Претседателот Иванов се сретна и со Генералниот секретар на Обединетите нации г-динот Бан Ки-мун, Канцеларот на Германија, г-ѓата Ангела Меркел, Премиерот на Италија, Силвио Берлускони, Авганистанскиот Претседател Хамид Карзаи. За време на Самитот, во рамките на претседавањето на Република Македонија со Јадранската Повелба, беше одржана средба на Шефовите на делегации на А5 земјите - Република Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина.alt

Во ноември 2011, на маргините на Самитот на ОБСЕ во Астана, Казахстан, Претседателот д-р Ѓорге Иванов оствари билатерални средби и со Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, Кнут Волебек, кој изрази благодарност до лидерството на Република Македонија за напорите кои ги прави во обезбедувањето на интегрираниот образовен систем, и во тој контекст изрази особено задоволство за неодамна усвоената стратегија за интегрирано образование. На средбата со министерот за Европа на Обединетото Кралство, Дејвид Лидингтон беше искажано заемно задоволство од позитивниот тренд во односите и соработката меѓу двете земји. Претседателот Иванов изрази надеж дека Република Македонија ќе има еднаков и фер третман од ЕУ, и дека позитивните примери на паралелно движење ќе бидат применети и во нашиот случај.

Во име на Претседателството со Комитетот на Министри на Советот на Европа, во октомври 2010 Претседателот Иванов имаше обраќање на Церемонијата по повод 60 годишнината од Европската конвенција за човекови права во Стразбур. За прв пат, од нашето зачленување во Советот на Европа,  Македонија како држава имаше чест да претседава со најстарата пан-европска организација која ја претставува „европската правна совест и свест“ и ги обединува заложбите на 47-те земји членки во нивните напори за делење на заедничките вредности.

Напори за зголемена регионална соработка и добрососедски односи

Во јуни 2010 во Призрен се одржа втората квадрилатерална средба на Претседателите на Македонија, Црна Гора, Албанија и на Косово, следејќи ги заедничките заложби од првата регионална средба одржана во 2009 година во Валона. Основните теми на дискусија на пленарниот состанок помеѓу Претседателите д-р Ѓорге Иванов, Филип Вујановиќ, Бамир Топи и Фатмир Сејдиу, клучни за прогресот и просперитетот на овие соседни altземји беа: одржување на мирот, стабилноста и безбедноста, и интеграцијата во ЕУ и НАТО; зајакната соработка за борба против криминалот, недозволената трговија и тероризмот; зајакната економска соработка и трговска размена. Во фокусот на разговорите беше и патното и енергетско поврзување на четирите земји, како и искористувањето на природните потенцијали и постигнувањето енергетска безбедност - уште една сфера од суштинско значење за економско поврзување и прогрес на Балканот. Следната квадрилатерална средба помеѓу четворицата претседатели е најавена за јули 2011 во Охрид, а на агендата на таа средба ќе биде соработката во конкретни инфраструктурни проекти.

Претседателот Иванов со особен акцент работи на зајакнување на врските меѓу земјите во регионот, пред сè во сферата на продлабочена економска соработка и трговија. Присуството на 13-тиот и 14-тиот Евроазиски економски форум во Истанбул (2010 и 2011), ги отвори вратите за зголемена соработка помеѓу Република Македонија и земјите од евро-азискиот регион. Во различни контексти и со различни поводи, во наведениот период Претседателот Иванов повеќе пати се сретна со претседателите на земјите од регионот, и тоа со Претседателот на Република Србија, г-динот Борис Тадиќ (4 средби), со Претседателот на Република Албанија, г-динот Бамир Топи (5 средби), со Претседателот на Црна Гора, г-динот Филип Вујановиќ (5 средби), со Претседателот на Република Хрватска г-динот Иво Јосиповиќ (3 средби). Интензивните контакти помеѓу претседателите допринесуваат не само за зголемена соработка помеѓу земјите од Западен Балкан, туку и за зацвстување на заедничките позиции за скоро членство во Европската унија и градење заедничка иднина на благосостојба и просперитет.

Економска промоција и просперитет на Република Македонија

Како настан од исклучително значење за Македонија се издвојува работната посета на Руската Федерација и учеството на Петербуршкиот меѓународен економски форум, кој се одржа одalt 17-19 јуни 2010 во Санкт Петербург. На средбата на Претседателот Иванов со својот руски колега Дмитриј Медведев, покрај можностите за подобрување на севкупните економски односи меѓу  Македонија и Русија и потенцијалите за отворање на рускиот пазар за македонските производи, беше разговарано за приклучување на Македонија во проектот за изградба на гасоводниот коридор „Јужен Поток“, што ќе овозможи добивање евтини енергенси, а со тоа и постигнување енергетска стабилност на Република Македонија и придонес кон севкупниот економски развој. Во рамките на оваа посета, беше потпишан и договорот за подмирување на Клириншкиот долг на Русија (поранешниот СССР) кон Македонија, што ја отвори вратата за дополнително унапредување на соработката меѓу двете земји.

Стабилноста и безбедноста – предуслов за развој

Во сферата на безбедноста, Република Македонија останува посветена на градење и одржување долготраен мир и стабилност. Во јуни 2010, Претседателот Иванов учевствуваше на третата Конференција за интеракција и градење мерки на доверба во Азија, одржана во Истанбул, како гостин во својство на претседавач со Советот на Европа.

Како Врховен командант на вооружените сили, во ноември 2010 Претседателот Иванов ги посети македонските мировници распоредени во мисијата ИСАФ во Кабул, Авганистан. Притоа тој оствари средби со највисокиот цивилен претставник на НАТО во Авганистан, Марк Седвил и со командантот на ИСАФ во Авганистан генералот Дејвид Петреус, кои го информираа Претседателот Иванов за постигнувањето и придонесот на македонските војници во мисијата ИСАФ, потенцирајќи ја нивната професионалност и посветеност. Учеството на македонските војници во мисијата ИСАФ, според Претседателот Иванов, е потврда за успешните реформи во армијата, како и за исполнувањето на критериумите за членство во НАТО.

alt

Заложби на Претседателот Иванов за унапредување на политичкиот и општествениот живот во Република Македонија

altМеѓу врвните приоритети на Претседателот д-р Ѓорге Иванов е подобрување на бизнис климата и привлекување на странски инвестиции, унапредување на регионалниот развој и ревитализација на стопанството.  Со таа цел Претседателот реализира редовни посети на градовите и регионите ширум Македонија, остварува средби со претставниците на локалната самоуправа, локалните бизнис заедници, фабрики и останати производствени капацитети. Во текот на изминатата година Претседателот Иванов се сретна со градоначалниците од Источниот плански регион, ги посети општините: Кочани, Битола, Боговиње и Јегуновце, како и општина Ресен. Со учеството на бизнис форуми и редовните средби со стопанските комори, Претседателот Иванов отвора простор за заедничка анализа на актуелните состојби и предизвиците во економијата: Средба со бизнисмени од Македонско-турската бизнис комора (мај 2010), Економски форум Чешка-Македонија (јуни 2010), Годишен состанок на македонско-словенечки бизнис клуб (декември 2010), Македонско-косовски бизнис форум (март 2011), и редовни средби со Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на Македонија и Сојузот на комори од северо-западна Македонија.

Во услови на нестабилна политичка клима, а во функција на одржување на политичкиот дијалог, Претседателот Иванов во обединувачко својство ги повикува на заедничка маса лидерите на водечкитеalt политички партии, поттикнувајќи ги отворено да разговараат за актуелните настани на политичката сцена. Во мај 2010 беше свикана лидерска средба во Фазанеријата „Јасен“ – Катланово. На истото место беше свикана лидерска средба во јануари 2011, а со цел надминување на настанатата политичка криза. Во февруари и март 2011, во Кабинетот на Претседателот беа организирани уште три лидерски средби, кои придонесоа кон интензивирање на политичкиот дијалог. На лидерската средба на 7 февруари годинава беа присутни лидерите на политичките партии застапени во Собранието на Република Македонија, вклучувајќи го и Претседателот на Собранието г-динот Трајко Вељановски. Претседателот Иванов нагласи дека во услови на демократија секој ги застапува своите ставови и позиции, но неопходно е да се разговара за отворените прашања и да се зајакне отворениот политички дијалог, а во насока на изнаоѓање заеднички решенија и јакнење на демократските институции. Во меѓувреме Претседателот Иванов одржува редовни средби и со помалите политички партии, земајќи ги секогаш предвид потребите и на помалите етнички заедници.

Во насока на јакнење на етничката и религиозна толеранција, Претседателот Иванов остварува редовни средби со лидерите на верските заедници, придонесувајќи кон напорите за зајакнување на општествената кохезија и соживотот во рамките на разноликото мултиетничко општество на Република Македонија. Претседателот Иванов е, исто така, покровител на Балканската Исламска конференција, чија цел е меѓусебно запознавање со активностите на исламските верски заедници на регионално ниво. Свое обраќање Претседателот оствари и на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог во Охрид, во мај 2010, посочувајќи го значењето на  континуирано изаноѓање модалитети на дијалог меѓу религиите, зашто одржливиот мир е возможен доколку плурализмот во општеството го инкорпорира во себе и религиозниот плурализам.

Како Покровител на Конференцијата за претприемништво, иновации и регионален развој која оваа година се одржа во Охрид, Претседателот Иванов посочи дека најголемиот ресурс на нашата земја се граѓаните со нивната работливост, иновативност, креативност и посветеност, додека најголемата одговорност на државата е преку образованието да го култивира духот на отвореност, инвентивност, решителност. Тој воедно нагласи дека динамичноста на македонската економија може да се достигне, altзајакне и одржи само преку меѓусебна соработка на државните институции со бизнис секторот и стопанските комори.

Следејќи го уверувањето дека најголемата инвестиција на една земја е инвестирањето во младите капацитети, Претседателот Иванов ја воспостави Школата за млади лидери, која по втор пат годинава ќе биде организирана во Охрид, обединувајќи 30-тина млади, образовани и амбициозни луѓе од цела Македонија кои со својот потенцијал ветуваат да го преземат кормилото на македонскиот политички, економски и културен развој. Претседателот д-р Ѓорге Иванов својата поддршка за младите ја манифестира и преку доделувањето на Наградата за најмлад научник, поттикнувајќи го на тој начин нивниот творечки и иноваторски потенцијал.

И покрај интензивните случувања на тековното време, Претседателот Иванов покажува должна почит и за минатото и оние индивидуи кои оставиле суштински печат во македонската историја, национален идентитет и култура. Во Октомври 2010, Претседателот Иванов постхумно го додели највисокото државно признание „Орден на Република Македонија“ на Методија Андонов – Ченто кој на првото заседание на АСНОМ беше избран за претседател на Президиумот, највисок орган на државната власт на Демократска Македонија. Верен на демократските републикански традиции, како вистински народен трибун, Методија Андонов – Ченто ни го остави својот завет: “Се исполни вековната желба на македонскиот народ. Таа слобода и рамноправност ние ќе ја пазиме како зеница во окото...“.

Со Орденот „8 Септември“ постхумно беше одликуван академик Никола Кљусев,  Претседателот на првата експертска Влада на РМ, за исклучителен придонес во остварувањето на независноста, сувереноста, самостојноста, териоторијалниот интегритет на Република Македонија и јакнењето на нејзината меѓународна положба и углед. Овој Орден претставува искажување благодарност на академик Кљусев за лидерството во поставувањето на темелите  и столбовите на независна Македонија – се создаде македонска национална валута, македонска полиција, македонска армија. alt

Во мозаикот на секојдневното општествено живеење, Претседателот несебично ја пружа својата поддршка и за уметноста, музиката, спортот. Покровител на традиционалната манифестација „Охридско лето“, на Охридскиот пливачки маратон, но и на манифестацијата која ги наградува најдобрите студенти од инжинерските науки „Инженерски прстен“, предан поддржувач на иницијативите кои ја надградуваат и промовираат македонската култура во земјава и во светот. Поддршката на Претседателот е насочена и кон унапредување на образованието. Покажувајќи интерес за новините во образвониот систем, до сега ги посетил речиси сите универзитети и одржал предавања на студентите на повеќе високо-образовни институции.

Во февруари 2011 беше отворена Народна канцеларија во Тетово, втора после таа отворена во Скопје, со цел функцијата и работата на Претседателот да се доближи до граѓаните, но и да им се даде можност да ги презентираат своите проблеми, приоритети и предлози. Претседателот Иванов не ги запоставува и оние на кои помош и поддршка им е најпотребна, како децата без родители и децата со посебни потреби, за кои вратите од неговиот дом се секогаш отворени. На Бадник, 6 јануари 2011, Претседателот ги пречека децата од SOS детското село.


Статистика на меѓународна активност на Претседателот Иванов во периодот мај 2010 - мај 2011

1.   Остварени официјални посети на Претседателот Иванов на странски држави – 8
2.   Работни и неформални посети на Претседателот Иванов на странски држави - 10
3.   Учество на Претседателот Иванов на мултилатерални настани – 10
4.   Официјални посети на странски државници на Р. Македонија – 5
5.   Работни и неформални посети на странски државници на Р. Македонија - 2
6.   Билатерални средби со шефови на држави (повеќекратни) – 53
7.   Билатерални средби со премиери и заменици премиери (повеќекратни) – 15
8.   Билатерални средби со претседатели на парламенти и заменици (повеќекратни) – 9
9.   Средби со шефови на дипломатија (повеќекратни) – 7
10. Средби со високи претставници на меѓународни организации и религиозни лидери - 21

Преземете ја информативната броура во PDF: Активности на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, мај 2010 - мај 2011

 
Почеток < Пред 161 162 163 164 165 166 167 168 169 170 Следно > Крај
Страница 167 од 198