Претседателот Иванов во Охрид на првенците од техничките факултети им го врачи признанието „Инженерски прстен“
Понеделник, 16 Мај 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска на свеченост одржана на платото пред Св. Климентиовиот храм „Св. Пантелејмон“ на Плаошник,  им го врачи признанието „Инженерски прстен“ на најдобрите дипломирани студенти на инженерските факултети.

Ова признание, кое го наградува  трудот, го поттикнува изучувањето на инженерството и придонесува за формирање на квалитетен инженерски подмладок, го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и инженери, а под покровителство на шефот на државата.

„Ако во Македонија сакаме да ја добиеме иднината, ако сакаме нови работни места и нови производи, тогаш мора да инвестираме во иновација, едукација и инфраструктура. Македонија е на пат да изгради економија заснована врз знаење, врз образовани и работливи луѓе, луѓе на кои успехот ќе им влева самодоверба. Луѓето се клучниот македонски ресурс во кој треба и понатаму се поинтензивно да се вложува,“ рече Претседателот Иванов за време на свеченото доделување на наградите, потенцирајќи дека инженерството е професија коjа е отворена кон нови идеи, посветена на пронаоѓање одговори на проблемите и одлучна истите практично да ги примени.

Претседателот Иванов пред присутните и наградените нагласи дека во центарот на техничкиот и научниот напредок на Македонија се наоѓаат токму овие професии и младите луѓе кои се посветуваат на инженерството, електрониката и механиката.

„Вие сте виталната врска меѓу природните и технички науки од една страна, и општеството и неговите потреби од друга страна. Вашата професија, која е неопходна за 21 век, е втемелена врз научното знаење, но е предводена од имагинацијата и потрагата по практични решенија на реалните проблеми,“ им порача Претседателот Иванов на младите инженери.

На свеченоста на Плаошник присуствуваше и Министерот за образование и наука Никола Тодоров, кој честитајќи им ги наградите на најдобрите студенти, истакна дека Македонија е привилегирана што има исклучителен инженерски кадар.alt

Претседателот на Инженерската институција на Македонија, Александар Димитров, осврнувајќи се на значењето на инженерската професија, рече дека тенденцијата на интензивно спроведување реформи во голема мера се потпира токму врз инженерскиот кадар, неговата умешност и знаење, не само заради напредокот во економијата и следењето на високоразвиените и модерни општества, туку и заради побрзо вклучување во големото евроатлантско семејство и уживање на придобивките од членувањето во него.

Годинава признанието „Инженерски прстен“ го добија девет првенци од техничките факултети во Македонија и тоа: Александра Каневче од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Бојан Митровски од Техничкиот факултет во Битола, Елена Камчева од Технолошко-металуршкиот факултет, Елеонора Ангеловска од Машинскиот факултет, Марија Милошеска од Архитектонскиот факултет, Марија Смилјаноска од Шумарскиот факултет, Симона Марковска од Градежниот факултет, Соња Бачева од Факултетот за земјоделски науки и храна, Трајче Бошевски од Факултетот за природни и технички науки од Штип.

За Симона Марковска, која студиите на Градежниот факултет ги заврши со просек десет, „Инженерскиот прстен“ претставува огромна нематеријална награда и поттик за нови успеси, надоградувања во стручните области. „Беше напорно, но најважно за постигнување успех е трудољубивоста, но секако и желбата и мотивацијата,“ рече таа, изразувајќи увереност и задоволство што вработувањето во Македонија барем за дипломираните градежници не претставува проблем.
 

  Back<<Назад