|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ја прими Наташа Илиевска, освојувач на златен медал во дисциплината борби во категоријата до 55 килограми на Европското Првенство во карате кое на почетокот на мај се одржа во Цирих, Швајцарија.
На средбата, Претседателот Иванов упати честитки на долгата низа успеси на Наташа Илиевска, преточени во импресивна бројка од 113 добиени медали на национални и интернационални натпревари. Тој ги поздрави напорите на каратистите за претставување на Македонија како држава на млади и амбициозни спортисти со голем потенцијал и способности.
„Сеуште постојат заспиени потенцијали кај младите, кои досега често поради недостиг на можности не ги развивале. Но, со инвестициите во спортот и спортско-рекреативните објекти, кои засилено се вршат во изминатите години, како и со овозможувањето стипендии, можностите се отвораат и младите можат да спортуваат, да го зајакнуваат телото и духот, и да постигнуваат успеси на домашен, но и на меѓународен терен,“ рече Претседателот Иванов, посочувајќи дека дополнителен олеснителен елемент е укинувањето на визите со што се отстранува голема бирократска пречка за патување за младите луѓе, а македонскиот спорт добива можност порамноправно да се натпреварува со европските и светските спортисти. 
Благодарение на успесите на спортистите од Македонија се промовира и нашата земја и нашата култура, истакна Претседателот Иванов: „Треба да се оддаде почит и внимание на сите кои постигнуваат успеси за Македонија. Моите врати се секогаш отворени за младите спортисти и тие секогаш можат да сметаат на мојата безрезервна поддршка“.
Наташа Илиевска го информираше Претседателот Иванов за перманентните успешни резултати на меѓународните натпревари и за големата радост и гордост при победата на Европското првенство во Швајцарија.
„Потребна беше долгогодишна упорност и истрајност, времиња на подеми и на падови. Потребна е храброст да се истражат и падовите, зашто каратето не е само борба туку и карактер, и бара сериозна психичка подготовка. При секоја борба човек се осознава себеси. Но, мојот сон се оствари. Нема да го заборавам моментот кога македонската химна прозвучи во салата,“ рече Наташа Илиевска, споделувајќи ги своите впечатоци и искуства со Претседателот Иванов.
Претседателот Иванов и заблагодари на младата каратистка за успехот што и го донесе на Република Македонија, но и за фактот што со своите активности поставува позитивен пример за младите во земјата.
|