Новости
alt
Претседателот Иванов гласаше на парламентарните избори и уште еднаш повика на мирни и фер избори
Недела, 05 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во 11:00 часот заедно со своето семејство, излезе на гласање за парламентарните избори во изборното место 2859 во Скопје, лоцирано во средното училиште „Јосип Броз Тито“.

На денот на изборите Претседателот уште еднаш ги повика граѓаните да придонесат во спроведувањето на фер и мирни избори во согласност со највискоите демократски стандарди:

„Изборите секој пат се денот кога се слави демократијата затоа што на тој ден граѓаните преку својот глас одлучуваат кој ќе ги претстави во Собранието на Република Македонија следните четири години, нивниот глас одлучува кој ќе ги носи одлуките кои се суштествени за земјата и кои се за остварување на нашите стратешки цели. Затоа посакуваме денешниот ден да помине во најдобар ред, како што и доликува на земја што е 20 години во демократија, која ги исполнува сите демократски стандарди и е рамо до рамо со сите демократии во светот. Посакуваме се да биде во најдобар ред и да поминат овие избори како што и доликува на земја која е кандидат за членка во ЕУ,“ изјави Претседателот Иванов.
 

alt
Претседателот Иванов повика на мирни и демократски избори
Четврток, 02 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов повика на фер и демократски избори, со кои ќе се слави демократијата и ќе се покаже дека местото на Македонија е во демократскиот свет.

- Би сакал да упатам порака до нашите граѓани да ја почитуваат државата и да имаат почит кон сето она што ние сме го постигнале во последните 20 години од независноста. И тоа мора да го покажеме во недела, на денот на изборите, истакна Претседателот Иванов од Рим, каде што присуствува на одбележувањето на 150 годишнината од обединувањето на Италија.

В недела, додаде македонскиот претседател, треба да ја славиме демократијата, затоа што тогаш граѓаните треба да го дадат својот глас за оние што во следните четири години ќе ги претставуваат во Парламентот и ќе треба да носат одлуки за тоа што Македонија ќе треба да го оствари, односно поскоро остварување на стратешките цели на РМ - да стане членка на НАТО и ЕУ.

alt
Јубилеите се можност да се слави минатото, но и да се трасира патот на иднината - Претседателот Иванов во Рим на одбележувањето на 150 години од обединувањето на Италија
Четврток, 02 Јуни 2011

Јубилеите се можност да се слави минатото, но и да се трасира патот на иднината, порача денеска Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов од Рим каде што присуствува на свеченостите по повод 150 годишнината од обединувањето на Италија.

На покана на Претседателот на Италијанската Република, Н.Е. Џорџо Наполитано, Претседателот Иванов заедно со над 70 шефови на држави или влади присуствуваше денеска на воена парада, која ја оцени како „величествена“.

- Се слави обединувањето и сите учесници со своето присуство покажаа колку го ценат тој дел од историјата на Италија. Општ впечаток е дека Италија достоинствено го прославува своето обединување. Воената парада е и една голема симболика, во смисла на се она што придонело Италија денес да е членка на ЕУ и НАТО, гордост на сите Италијанци, со прикажувањето на сета нивна историја и нивните достигнувања во сферата на одбраната. Сето тоа е нивни удел во светскиот мир, преку учеството во светските мисии  во повеќе места во светот, истакна

alt

Претседателот Иванов. Ова е голема симболика и порака и за нас, бидејќи ние оваа година славиме 20 години од независноста. Ова е и начин на кој нашите граѓани треба достоинствено да се однесуваат кон таквите јубилеи и да си ја сакаат својата држава, бидејќи ова е израз и на патриотизам и посветеност на државата, изјави Претседателот Иванов.

Претседателот Иванов оствари неколку неформални средби, меѓу кои и со американскиот потпретседател Џо Бајден. На свечената вечера ќе има можност да разговара и со други државници.

Осумдесетминутната воена парада по повод 150-годишнината од обединувањето на Италија по римската улица „Виа деи Фори Империали“ беше составена од три дела, вклучувајќи 161 знаме и медали, 5.239 војници, 460 цивили, 216 гардисти, 196 возила и девет авиони. Парадата беше предводена од пет знамиња триколори претставувајќи ја еволуцијата на италијанското знаме во текот на 214 години.

alt
Присуство на Претседателот Иванов на свеченостите по повод 150 годишнината од обединувањето на Италија
Среда, 01 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов утре - 02 јуни 2011 година, на покана на Претседателот на Италијанската Република, Н.Е. Џорџо Наполитано, ќе присуствува на свеченостите по повод 150 годишнината од обединувањето на Италија.

- Вашето присуство во Рим претставува уште еден доказ за длабоките пријателски односи кои ги обединуваат нашите земји и нашите народи, се вели во поканата од Претседателот Наполитано до Претседателот Иванов.

На одбележувањето на 150 годишнината од обединувањето на Италија е најавено присуство на голем број истакнати државници од Европа и од светот, како и претставници на меѓународни организации како Обединетите нации и Европската Унија. Претседателот Иванов ќе присуствува на свечената парада во Рим, како и на официјална вечера која ја приредува Претседателот Наполитано.

alt
Претседателот Иванов во посета на Гевгелија
Среда, 01 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари работна посета на Гевгелија.

Во рамки на посетата, Претседателот Иванов се сретна со претставниците на локалната власт, како и со претставниците на општествените институции и организации во оваа општина.

На средбата со градоначалникот на Гевгелија г-дин Иван Франговски се разговараше за севкупните актуелни општествени и економски состојби и прилики во државата. Претседателот Иванов во седиштето на советот на општината Гевгелија оствари средба и со претставниците на советничките групи на партиите застапени во Советот на општината Гевгелија. Тие го информираа Претседателот Иванов за значајните проекти кои се предвидени да се реализираат во рамките на локалната власт, а кои ќе придонесат за севкупниот напредок и развој на Гевгелија. Претседателот Иванов изрази поддршка за проектите елаборирани од страна на претставниците на локалната самоуправа.

Претседателот Иванов присуствуваше на свечената приредба по повод 50 години од основање на ЈОУДГ „Детска градинка“, ја посети изложбата на ликовни уметници од Гевгелија и го посети објектот на Народниот театар во Гевгелија кој е во фаза на реконструкција, при што истакна дека ваквите иницијативи придонесуваат кон збогатување на културниот живот во градот.

Претседателот Иванов во рамки на посетата на оваа општина ја искористи приликата да ги поздрави гевгеличани кои срдечно и топло го пречекаа и ја искористија приликата да се сретнат и да се поздрават со македонскиот претседател.
 

alt
Претседателот Иванов на Меѓународна конференција во Софија: Европа не е цела без Балканот
Недела, 29 Мај 2011

Македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов денеска се обрати на 13-тата Меѓународна конференција „Балканот во Европа и светот во 21 век“ во организација на Балканскиот политички клуб, при што нагласи дека Европската унија не може да биде целосна без Балканот.

Претседателот Иванов потсети дека пред само 10 години Балканот излезе од една траума која предизвика чувствуво на голем песимизам и неправда, но за само 10 години поголем дел од земјите на Балканот се членки на НАТО, членки на ЕУ или кандидати за членство во Унијата.

„Европската идеја беше таа што придонесе доброволно да ги менуваме нашите системи, да воспоставуваме европски критериуми, принципи и вредности. НАТО ни овозможи да поставуваме стандарди кои ќе ни го донесат мирот на Балканот. Така што, иако денеска повторно постои доза на песимизам за иднината на тие што останавме надвор од НАТО и ЕУ, треба да се вратиме назад, да видиме што се случи овие 10 години, за да видиме дека следните 10 години навистина нé очекува еден процес кој не е запирлив. Тоа е процес, никогаш не завршува. Јас спаѓам во тие што не се ниту песимисти, ниту оптимисти. Јас сум реалист. Ја гледам состојбата каква што е,“ нагласи Претседателот Иванов при своето обраќање на Конференцијата.

Тој додаде дека сега има и други предизвици. Самата Унија се соочува со внатрешни предизвици, последици од економската криза, која откри отсуство на мехнизми за справување со вакви проблеми бидејќи порано ги немало. Иванов нагласи дека Унијата исто така се соочува и со отсуство на модел за интеграција на мигрантите кои се повеќе ги има во европските земји. 

„Европа на некој начин е изненадена од настаните во Северна Африка и влошувањето на состојбите на Блискиот исток. Тоа укажува дека понекогаш треба да размисуваме надвор од нашите вообичаени претстави и треба да учиме од искуства кои сме ги имале во минатото,“ рече македонскиот претседател.

Тој подвлече дека секогаш ја промовира идејата дека Балканот знае и поинаку да се однесува, а на „тоа не учи минатото“.

alt

„И постојано истакнувам историски факти кои сме ги заборавиле а кои стојат во целата пишувана човекова историја која се протега наназад до 3.000 години, вклучувајќи ги и митовите и легендите пред тоа. Во тие 3.000 години на планетава, 2.700 години биле војни и конфликти. Светот само 300 години живеел во мир. И сега доаѓа тој најголем парадокс: најголеми периоди на мир биле на  Балканот и на Блискиот исток.  Тоа се Pax Romana и Pax Ottomana. Од тоа можеме да научиме дека несомнено ни претстои Pax Europeana. Затоа што самата европска идеја е мировен проект и ние од Балканот треба постојано да ги предупредуваме нашите партнери во Брисел дека нас на Балканот ни треба таа првобитна идеја на Европа - Европа како мировен проект. Затоа што кога има мир тогаш сите состојби сосема се менуваат,“ истакна Претседателот Иванов.

Според него, на Балканот му треба нова инфраструктура за да се поврзат луѓето и економиите. На Балканот му треба нова енергетска сигурност и колективна безбедност, затоа што заканите денес се глобални и не можеме сами да се справиме со она што е меѓународен тероризам. Претседателот Иванов додаде дека не можеме сами да се справиме ниту со глобалните ризици кои постојат на планетарно ниво, како што се климатските промени, затоа што земјотресите и поплавите не се ограничени со државните граници.

„Европската унија треба повторно да ја ставиме во погон за Балканот. Еден наш пријател метафорично вели дека Европа е како птица, мора да лета. Но птица не може да лета ако едното крило и е скршено. Европската унија како проект ќе биде заокружен кога ќе стане Европа. Сега Европската унија не е целосна Европа. И недостасува дел,“ рече Претседателот Иванов додавајќи дека затоа треба да го вопоставуваме она што се бара од нас со цел нашите правни, економски и социјални системи да бидат компатибилни, за да влијаеме на оние кои ќе дојдат после нас.

„Мора секогаш да мислиме на оние што доаѓаат после нас. Затоа што она што се постигна во последните 10 години навистина е успех и не смееме да го гледаме премногу критично. Очекуваме следните 10 години да бидат уште поуспешни, да живееме во мир, затоа што мирот е најскапото нешто во човековиот живот,“ заклучи Претседателот Иванов во денешното обраќање на Меѓународната конференција за Балканот што се одржува во Софија.

 
Почеток < Пред 161 162 163 164 165 166 167 168 169 170 Следно > Крај
Страница 164 од 198