|
Јубилеите се можност да се слави минатото, но и да се трасира патот на иднината, порача денеска Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов од Рим каде што присуствува на свеченостите по повод 150 годишнината од обединувањето на Италија.
На покана на Претседателот на Италијанската Република, Н.Е. Џорџо Наполитано, Претседателот Иванов заедно со над 70 шефови на држави или влади присуствуваше денеска на воена парада, која ја оцени како „величествена“.
- Се слави обединувањето и сите учесници со своето присуство покажаа колку го ценат тој дел од историјата на Италија. Општ впечаток е дека Италија достоинствено го прославува своето обединување. Воената парада е и една голема симболика, во смисла на се она што придонело Италија денес да е членка на ЕУ и НАТО, гордост на сите Италијанци, со прикажувањето на сета нивна историја и нивните достигнувања во сферата на одбраната. Сето тоа е нивни удел во светскиот мир, преку учеството во светските мисии во повеќе места во светот, истакна

Претседателот Иванов. Ова е голема симболика и порака и за нас, бидејќи ние оваа година славиме 20 години од независноста. Ова е и начин на кој нашите граѓани треба достоинствено да се однесуваат кон таквите јубилеи и да си ја сакаат својата држава, бидејќи ова е израз и на патриотизам и посветеност на државата, изјави Претседателот Иванов.
Претседателот Иванов оствари неколку неформални средби, меѓу кои и со американскиот потпретседател Џо Бајден. На свечената вечера ќе има можност да разговара и со други државници.
Осумдесетминутната воена парада по повод 150-годишнината од обединувањето на Италија по римската улица „Виа деи Фори Империали“ беше составена од три дела, вклучувајќи 161 знаме и медали, 5.239 војници, 460 цивили, 216 гардисти, 196 возила и девет авиони. Парадата беше предводена од пет знамиња триколори претставувајќи ја еволуцијата на италијанското знаме во текот на 214 години.
|