Новости
ohridsamitrace
Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово со заложби за забрзана евроинтеграција
Вторник, 12 Јули 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во Охрид беше домаќин на Третата регионална претседателска средба на која присуствуваа Претседателот на Албанија, Бамир Топи, Претседателката на Косово, Атифете Јахјага и Претседателот на Црна гора, Филип Вујановиќ.

 

Иднината на Македонија, Албанија, Црна Гора и на Косово е во нивно интегрирање во Европската Унија и во НАТО, стратешка цел која ги обединува четирите држави. Јакнењето на економската соработка, поддршката на слободниот проток на луѓе и капитал, промовирањето на претприемништвото, поттикнување на регионалните инвестиции, поврзувањето на стопанските комори и заедничките проекти за привлекување инвестиции, се начините кои ќе придонесат кон забрзување на евроинтегративните процеси. Oва е заедничката порака што ја упатија претседателите Ѓорѓе Иванов, Бамир Топи, Филип Вујановиќ и Атифете Јахјага од денешниот самит одржан во Охрид.

 

Претседателот Иванов истакна дека на пленарната средба со неговите колеги разговарале за повеќе клучни теми кои треба да го олеснат патот на земјите од регионот кон ЕУ и НАТО интеграцијата, да го забрзаат севкупниот развој на општествата одделно, но и да придонесат за стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот во целина. Тој оцени дека средбите како оваа во Охрид, овозможуват негување и унапредување на дијалогот меѓу земјите на највисоко ниво.  Според Претседателот Иванов, основната порака од Охрид е дека државите во регионот се исправени пред прашања и предизвици кон кои треба заеднички да се пристапува.

 

„Тоа нешто што не обединува е нашата иднина и во функција на тоа се овие средби кои треба да бидат поттик за нашите парламенти, влади, стопански комори, невладини организации, образовни институции, ова што го правиме на претседателско ниво и е воспоставено како дијалог, да го почувствуваат и граѓаните. На патот кон исполнувањето на стратешките цели - членството во ЕУ и НАТО, ние ги исполнуваме стандардите, а тоа создава компатибилност на нашите општества, поголема сигурност за нашите граѓани, создава извесна иднина,“ рече меѓу другото претседателот Иванов.

 

Претседателот Иванов воедно порача дека билатералните прашања не смеат да бидат блокада за процесите што се незапирливи, како што е интеграцијата во НАТО и во Европската Унија. Иванов, на заедничката прес конференција побара европски однос од Грција кон Македонија, слично како во случајот на хрватско-словенечкиот спор.



„Ние се обидуваме да покажеме дека перцепцијата која што е создадена за Македонија е создадена од една земја членка со која не се согласуваат другите земји, и дека позитивното искуство на Словенија и Хрватска ни е патоказ како треба да дојдеме до решение. Секоја земја со друга земја има отоврени прашања. Тие на ваков начин преку дијалог од средба до средба се затвораат, меѓутоа тие остануваат билатерални прашања. Затоа упатуваме - како што се најде начин и барање Словенија европски да се однесува кон земјата-кандидат Хрватска, така очекуваме и Грција европски да се однесува кон нас“, изјави македонскиот претседател.

 

alt

Претседателот Вујановиќ, пак, посочи дека Црна Гора, која ќе биде домаќин на следната регионална лидерска средба, уште еднаш ќе упати покани и Србија да се приклучи кон овие традиционални претседателски средби. Тој притоа се осврна на дијалогот меѓу Белград и Приштина, нагласувајќи дека тоа е во интерес на двете држави, но и во функција на квалитетни и стабилни односи во регионот. Вујановиќ потсети на изнесените очекувања од втората регионална средба во Призрен кога четворицата претседатели изразија поддршка тој дијалог што поскоро да почне и да се води поинтензивно, а денеска се задоволни што тој дијалог веќе донел ефекти.

 

„Очекуваме од Белград и од Приштина подготвеност дијалогот да биде подигнат на највисоко ниво и под покровителството на Европската комисија во Виена да се упати една регионална порака која ќе го забрза овој процес,“ рече Вујановиќ изразувајќи убеденост во демократските капацитети на Претседателката Јахјага и на Претседателот Тадиќ во афирмирањето на дијалогот како единствен пат за решавање на проблемите.

 

Албанскиот Претседател Топи се согласи дека на Балканот денес има нова реалност и не може да се гледа на него фрагментирано како во минатото, туку како на целина во која одделните држави ги поврзува заедничката стратешка цел - нивната евроатлантска интеграција. Во однос на преговорите Белград – Косово, Топи изрази надеж дека ќе дојде до природна промена на ставот и на лидерството на Србија, изразувајќи желба да види конкретни резултати од разговорите меѓу Косово и Србија.

 

„Ние можеме само да го потикнеме овој дијалог кој ќе донесе повеќе мир, помалку тензии, повеќе соработка меѓу земјите,“ рече албанскиот Претседател Топи.

 

Претседателката на Косово Јахјага со слични очекувања, дека кон ваквите претседателски средби ќе се приклучат шефовите на држави и од другите земји од регионот бидејќи, како  што забележа, проширувањето на соработката ќе овозможува негова побрза евроинтеграција.

alt
Грција да се однесува европски кон Македонија, порача Претседателот Иванов
Четврток, 30 Јуни 2011

Грција како земја членка на Европската унија да се однесува европски кон Македонија како кандидат за влез во Унијата, порача Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на заедничката прес-конференција на новиот, досегашниот и идниот претседавач со Процесот на соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во рамки на Самитот на шефови на држави и влади, што се одржува на Свети Стефан, Црна Гора.

„Секогаш го потенцираме проблемот што го имаа Словенија и Хрватска и како тие најдоа решение. Се повикуваме на тоа искуство и бараме секоја членка на Европската унија кон кадидатите да се однесува европски. Тоа го бараме и од Грција како членка на ЕУ со Македонија како земја - кандидат да се однесува европски,“ рече Претседателот Иванов.

Македонија која од идната година ќе претседава со ПСЈИЕ, најави Претседателот Иванов, ќе ги отвори темите за кои има интерес, тоа се пред се елементарните непогоди и како да се справуваме со нив.

„Земјотресите и поплавите не застануваат на границите на државите. Тие се сериозна опасност, а ние како земји кои живеат на трусно подрачје имаме потреба да  изградиме заеднички механизми против природни катастрофи, да бидеме солидарни меѓу себе, да си помагаме за нашите граѓани да ја почувствуваат таа соработка кога се создава нова инфраструктура и врски, како и заедничка свест дека регионот оди напред,“ изјави Претседателот Иванов на прес-конференцијата, на која  присуствуваа претседателите на Црна Гора, Филип Вујановиќ и на Србија, Борис Тадиќ.

Процесот, додаде Претседателот Иванов, не обединува во заедничките цели да го менуваме регионот во услови на мир, отвореност, создавање на добрососедски односи и заборавање на минатото и креирање на заедничка иднина во која ќе живееме на отворен простор, а тоа е можност да се создаваат луѓе со отворен ум кои ќе имаат потреба од натпревар и да се докажуваат по она што е добро и корисно за сите.

Претседателот Иванов на маргините на Самитот оствари билатерални средби со Претседателот на Република Србија Борис Тадиќ и со министерот за надворешни работи на Република Турција Aхмет Давутоглу.

alt
Претседателот Иванов на Самит на Претседатели на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа
Среда, 29 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов од денес учествува на Самитот на Претседатели на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа што се одржува во црногорското одморалиште Свети Стефан.

На пленарна средба, Претседатели и министри за надворешни работи на земјите членки ќе го разгледаат извештајот за средбите и активностите на црногорското претседавање со Процесот, по што предвидено е усвојување на годишниот извештај на Генералниот секретар на регионалниот совет за регионална соработка во ЈИЕ 2010-2011, како и усвојување на завршната декларација донесена вчера на Советот на министри за надворешни работи.

На маргините на самитот предвидено е претседателот Иванов да оствари повеќе билатерални средби.

Процесот на соработка на Југоисточна Европа СЕЕЦП е форум за дипломатски и политички дијалог - каде земјите учеснички се отворени за соработка во насока на идниот развој на регионот, како и за дефинирање на заеднички мислења и споделување на искуства. Претставува регионална рамка, иницирана во јуни 1996 година на состанокот на министри за надворешни работи од земјите од југоисточна Европа во Софија.

Претседавањето со Процесот ротира на една година, а на овој самит досегашниот претседавач, Црна Гора ќе и го предаде на Србија. Република Македонија претседавањето ќе го преземе следната година, 2012-2013. Покрај Црна Гора, во ПСИЈЕ учествуваат и Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија, Турција, Хрватска и Словенија.
 

alt
Претседателот Иванов му го врачи мандатот за состав на Влада на м-р Никола Груевски
Вторник, 28 Јуни 2011
alt
Писмо на сочувство до рускиот претседател за загинатите во авионската несреќа
Среда, 22 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати писмо на сочувство до Претседателот на Руската Федерација, Дмитриј Медведев по повод трагичната авионска несреќа кај Петрозаводск во која животот го загубија 44 лица.

„Со длабока тага ја примив веста за авионската несреќа во близина на аеродромот кај Петрозаводск, во рускиот регион Карелија, и искрено жалам за загубените животи во оваа голема трагедија. Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и семејствата на настраданите и повредените, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име, да Ви упатам изрази на длабоко сочувство. Ве молам, господине Претседателe, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите,“ наведува Претседателот Иванов во писмото до неговиот руски колега Медведев.
 

alt
Во Ерусалим Претседателот Иванов оствари билатерална средба со израелскиот Претседател Шимон Перес
Вторник, 21 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов попладнево во Ерусалим се сретна со израелскиот претседател и домаќин на меѓународната конференција „Соочување со утрешнината“, Шимон Перес.

Двајцата претседатели искажаа задоволство од односите и дијалогот меѓу Македонија и Израел на сите нивоа. Иванов го запознал својот израелски колега Перес со случувањата во Македонија и на Балканот, како и за напредокот на земјата во исполнувањето на македонските стратешки определби за интеграција во ЕУ и НАТО. Го информира и за отворањето на Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје упатувајќи покана да ја посети Македонија. Претседателот Перес изрази задоволство од поканата и надеж дека во блиска иднина ќе дојде во Македонија. Тој го информирал македонскиот претседател за состојбата во Израел и на Блискиот Исток.

На средбата стана збор и за новите технологии и истражувања што ги спроведуваат израелските научници, како и за соработката меѓу Македонија и Израел на тоа поле. Иванов и Перес разменија мислења и за дел од темите за кои ќе се дебатира на конференцијата во Ерусалим, како што се промените во светот поврзани со новите технологии – интернетот и социјалните мрежи.

Шефот на македонската држава вечер ќе учествува на официјалното отворање на конференцијата „Соочување со утрешнината“. Претседателот Иванов ќе се обрати на утрешната лидерска пленарна сесија на која ќе се разговара за глобалната економска криза, решавањето на регионалните конфликти, за социјалниот напредок, за климатските промени и за одговорноста на политичарите при донесувањето клучни одлуки.

Конференцијата што по трет пат се одржува во Ерусалим под покровителство на Перес, и годинава ќе собере на едно место преку 200 светски лидери, претставници на меѓународни организации, бизнисмени, научници и експерти. Меѓу учесниците на собирот се и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, поранешниот британски премиер Тони Блер, поранешниот претседател на Украина Леонид Кучма, а во функција на амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ и колумбиската поп ѕвезда Шакира.

Денеска и утре на повеќе панели на конференцијата ќе се дебатира за случувањата и перспективата на Блискиот Исток, борбата против тероризмот и ширењето оружја за масовно уништување, за медицинсите иновации и моралните дилеми поврзани со нив, за пристапот до нови извори на енергија, за односите меѓу политиката и религијата, за иднината на човештвото, за истражувањата на вселената.
 

 
Почеток < Пред 161 162 163 164 165 166 167 168 169 170 Следно > Крај
Страница 161 од 198