|
Претседателот Иванов на Самит на Претседатели на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа
|
|
|

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов од денес учествува на Самитот на Претседатели на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа што се одржува во црногорското одморалиште Свети Стефан.
На пленарна средба, Претседатели и министри за надворешни работи на земјите членки ќе го разгледаат извештајот за средбите и активностите на црногорското претседавање со Процесот, по што предвидено е усвојување на годишниот извештај на Генералниот секретар на регионалниот совет за регионална соработка во ЈИЕ 2010-2011, како и усвојување на завршната декларација донесена вчера на Советот на министри за надворешни работи.
На маргините на самитот предвидено е претседателот Иванов да оствари повеќе билатерални средби.
Процесот на соработка на Југоисточна Европа СЕЕЦП е форум за дипломатски и политички дијалог - каде земјите учеснички се отворени за соработка во насока на идниот развој на регионот, како и за дефинирање на заеднички мислења и споделување на искуства. Претставува регионална рамка, иницирана во јуни 1996 година на состанокот на министри за надворешни работи од земјите од југоисточна Европа во Софија.
Претседавањето со Процесот ротира на една година, а на овој самит досегашниот претседавач, Црна Гора ќе и го предаде на Србија. Република Македонија претседавањето ќе го преземе следната година, 2012-2013. Покрај Црна Гора, во ПСИЈЕ учествуваат и Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија, Турција, Хрватска и Словенија.
|