Грција да се однесува европски кон Македонија, порача Претседателот Иванов
Четврток, 30 Јуни 2011   

altГрција како земја членка на Европската унија да се однесува европски кон Македонија како кандидат за влез во Унијата, порача Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на заедничката прес-конференција на новиот, досегашниот и идниот претседавач со Процесот на соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во рамки на Самитот на шефови на држави и влади, што се одржува на Свети Стефан, Црна Гора.

„Секогаш го потенцираме проблемот што го имаа Словенија и Хрватска и како тие најдоа решение. Се повикуваме на тоа искуство и бараме секоја членка на Европската унија кон кадидатите да се однесува европски. Тоа го бараме и од Грција како членка на ЕУ со Македонија како земја - кандидат да се однесува европски,“ рече Претседателот Иванов.

Македонија која од идната година ќе претседава со ПСЈИЕ, најави Претседателот Иванов, ќе ги отвори темите за кои има интерес, тоа се пред се елементарните непогоди и како да се справуваме со нив.

„Земјотресите и поплавите не застануваат на границите на државите. Тие се сериозна опасност, а ние како земји кои живеат на трусно подрачје имаме потреба да  изградиме заеднички механизми против природни катастрофи, да бидеме солидарни меѓу себе, да си помагаме за нашите граѓани да ја почувствуваат таа соработка кога се создава нова инфраструктура и врски, како и заедничка свест дека регионот оди напред,“ изјави Претседателот Иванов на прес-конференцијата, на која  присуствуваа претседателите на Црна Гора, Филип Вујановиќ и на Србија, Борис Тадиќ.

Процесот, додаде Претседателот Иванов, не обединува во заедничките цели да го менуваме регионот во услови на мир, отвореност, создавање на добрососедски односи и заборавање на минатото и креирање на заедничка иднина во која ќе живееме на отворен простор, а тоа е можност да се создаваат луѓе со отворен ум кои ќе имаат потреба од натпревар и да се докажуваат по она што е добро и корисно за сите.

Претседателот Иванов на маргините на Самитот оствари билатерални средби со Претседателот на Република Србија Борис Тадиќ и со министерот за надворешни работи на Република Турција Aхмет Давутоглу.

  Back<<Назад