Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово со заложби за забрзана евроинтеграција
Вторник, 12 Јули 2011   

ohridsamitrace

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во Охрид беше домаќин на Третата регионална претседателска средба на која присуствуваа Претседателот на Албанија, Бамир Топи, Претседателката на Косово, Атифете Јахјага и Претседателот на Црна гора, Филип Вујановиќ.

 

Иднината на Македонија, Албанија, Црна Гора и на Косово е во нивно интегрирање во Европската Унија и во НАТО, стратешка цел која ги обединува четирите држави. Јакнењето на економската соработка, поддршката на слободниот проток на луѓе и капитал, промовирањето на претприемништвото, поттикнување на регионалните инвестиции, поврзувањето на стопанските комори и заедничките проекти за привлекување инвестиции, се начините кои ќе придонесат кон забрзување на евроинтегративните процеси. Oва е заедничката порака што ја упатија претседателите Ѓорѓе Иванов, Бамир Топи, Филип Вујановиќ и Атифете Јахјага од денешниот самит одржан во Охрид.

 

Претседателот Иванов истакна дека на пленарната средба со неговите колеги разговарале за повеќе клучни теми кои треба да го олеснат патот на земјите од регионот кон ЕУ и НАТО интеграцијата, да го забрзаат севкупниот развој на општествата одделно, но и да придонесат за стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот во целина. Тој оцени дека средбите како оваа во Охрид, овозможуват негување и унапредување на дијалогот меѓу земјите на највисоко ниво.  Според Претседателот Иванов, основната порака од Охрид е дека државите во регионот се исправени пред прашања и предизвици кон кои треба заеднички да се пристапува.

 

„Тоа нешто што не обединува е нашата иднина и во функција на тоа се овие средби кои треба да бидат поттик за нашите парламенти, влади, стопански комори, невладини организации, образовни институции, ова што го правиме на претседателско ниво и е воспоставено како дијалог, да го почувствуваат и граѓаните. На патот кон исполнувањето на стратешките цели - членството во ЕУ и НАТО, ние ги исполнуваме стандардите, а тоа создава компатибилност на нашите општества, поголема сигурност за нашите граѓани, создава извесна иднина,“ рече меѓу другото претседателот Иванов.

 

Претседателот Иванов воедно порача дека билатералните прашања не смеат да бидат блокада за процесите што се незапирливи, како што е интеграцијата во НАТО и во Европската Унија. Иванов, на заедничката прес конференција побара европски однос од Грција кон Македонија, слично како во случајот на хрватско-словенечкиот спор.



„Ние се обидуваме да покажеме дека перцепцијата која што е создадена за Македонија е создадена од една земја членка со која не се согласуваат другите земји, и дека позитивното искуство на Словенија и Хрватска ни е патоказ како треба да дојдеме до решение. Секоја земја со друга земја има отоврени прашања. Тие на ваков начин преку дијалог од средба до средба се затвораат, меѓутоа тие остануваат билатерални прашања. Затоа упатуваме - како што се најде начин и барање Словенија европски да се однесува кон земјата-кандидат Хрватска, така очекуваме и Грција европски да се однесува кон нас“, изјави македонскиот претседател.

 

alt

Претседателот Вујановиќ, пак, посочи дека Црна Гора, која ќе биде домаќин на следната регионална лидерска средба, уште еднаш ќе упати покани и Србија да се приклучи кон овие традиционални претседателски средби. Тој притоа се осврна на дијалогот меѓу Белград и Приштина, нагласувајќи дека тоа е во интерес на двете држави, но и во функција на квалитетни и стабилни односи во регионот. Вујановиќ потсети на изнесените очекувања од втората регионална средба во Призрен кога четворицата претседатели изразија поддршка тој дијалог што поскоро да почне и да се води поинтензивно, а денеска се задоволни што тој дијалог веќе донел ефекти.

 

„Очекуваме од Белград и од Приштина подготвеност дијалогот да биде подигнат на највисоко ниво и под покровителството на Европската комисија во Виена да се упати една регионална порака која ќе го забрза овој процес,“ рече Вујановиќ изразувајќи убеденост во демократските капацитети на Претседателката Јахјага и на Претседателот Тадиќ во афирмирањето на дијалогот како единствен пат за решавање на проблемите.

 

Албанскиот Претседател Топи се согласи дека на Балканот денес има нова реалност и не може да се гледа на него фрагментирано како во минатото, туку како на целина во која одделните држави ги поврзува заедничката стратешка цел - нивната евроатлантска интеграција. Во однос на преговорите Белград – Косово, Топи изрази надеж дека ќе дојде до природна промена на ставот и на лидерството на Србија, изразувајќи желба да види конкретни резултати од разговорите меѓу Косово и Србија.

 

„Ние можеме само да го потикнеме овој дијалог кој ќе донесе повеќе мир, помалку тензии, повеќе соработка меѓу земјите,“ рече албанскиот Претседател Топи.

 

Претседателката на Косово Јахјага со слични очекувања, дека кон ваквите претседателски средби ќе се приклучат шефовите на држави и од другите земји од регионот бидејќи, како  што забележа, проширувањето на соработката ќе овозможува негова побрза евроинтеграција.

  Back<<Назад