Визија за подобар свет преку новите технологии - Средба со студенти наградени од Светска банка
Вторник, 14 Јуни 2011   

altСветот може да биде подобар. Но земањето на целиот свет како проект е преголем предизвик. Од каде би можеле да започнеме? Што би можела да направи мала група на луѓе со користење на едноставни ресурси? – овие размислувања предивикаа група млади луѓе, студенти од втора и трета година на Факултетот за информациско-комуникациски технологии при Универзитетот ФОН да започнат да работат на проект кој ќе им ја донесе наградата од Светска банка за најдобра веб апликација.

Тоа беше и повеќе од доволен повод денеска Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов да ги прими во својот Кабинет и да поразговара со нив за нивните визии за подобар свет преку новите технологии.

Самото име на проектот - WORLD (World Bank Random Linked Data) најдобро ја отсликува неговата цел и примена. Се работи за имплементација на веб сервис кој ќе користи податоци од дата базите на Светската Банка и ќе генерира случајна содржина (реченица, видео, мапа или друг медиум) насочена кон подигање на свеста на луѓето за актуелните проблеми.

Практичната имплементација на веб сервисот е во можноста оваа содржина да се прикажува во најшироко користениот систем за електронско учење Moodle, кој се користи во преку 50.000 универзитети ширум светот, со над 37 милиони регистрирани корисници.

„Идејата е да се имплементира Moodle блок кој користи информации добиени од нашиот веб сервис, од областите кои се наоѓаат во опсегот на Милениумските развојни цели на Обединетите нации. Прототипот прикажува податоци на два јазици - македонски и англиски, во форма на реченици, видеа и мапи кои се однесуваат на образованието, но истиот може да биде надополнет со податоци од било која област, на било кој светски јазик,“ објаснуваат студентите.

Претседателот Иванов им честита на студентите кои учествуваа во изработка на наградениот проект за постигнатиот успех, но пред сè за иновативноста и посветеноста.

„Ме воодушевува кога ќе чујам дека наши млади луѓе постигнуваат значајни светски успеси. Многу пати говорам дека иднината на секое општество е во иновацијата и доброто образование, а вие покажавте дека сте практични предводници на таа идеја,“ им порача Претседателот Иванов на шестмината наградени студенти кои денеска се сретнаа со него.

Студентскиот проект WORLD ја доби наградата „Најпопуларна апликација“, како една од петте награди на натпреварот Apps for Development (Апликации за развој) организиран од Светската банка, а во конкуренција на 107 апликации изработени од универзитети, тимови или поединци од целиот свет. На студентите од македонскиот универзитет ФОН наградата им беше доделена на свечената церемонија во Вашингтон, лично од Претседателот на Светска Банка, г-дин Роберт Зелик.
 

  Back<<Назад