| Иванов: Очекуваме по изборот на Владата, медијаторот Нимиц да ги динамизира разговорите за името | |
|
|
Добивањето датум за преговори за влез во Европската унија за Македонија е поврзано со прашањето за името и очекуваме по конститутирањето на Собранието и изборот на Владата, медијаторот на ООН Метју Нимиц да превземе конкретни активности за да го динамизира прашањето и конечно да дојдеме до взаемно прифатливо решение, изјави денеска Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, при посетата на Дојран. „Прво треба да им честитаме на Хрватите што добија позитивен сигнал од Брисел. Тоа е позитивно за целиот наш регион и охрабрување за Македонија. Како што кажа еврокомесарот Штефан Филе, следна е Македонија која треба да добие датум за преговори. Тоа е поврзано со прашањето за името и очекуваме по конституирањето на Собранието и изборот на Владата господинот Метју Нимиц да превземе конкретни активности да се динамизира ова прашање и да дојдеме конечно до взаемно прифатливо решение,“ изјави Претседателот Иванов денеска во Дојран, каде присуствуваше како почесен гостин на отварањето на Државното првенство во триатлон. Ваквите најави на еврокомесарот Филе, според шефот на државата, се сосема реални. „Ние во Македонија сме реалисти. Очекуваме и грчката страна да постапува конструктивно како што и ние сме конструктивни во однос на секој предлог од господинот Нимиц. Заедно да придонесеме регионот да живее во мир, во согласност со демократските перспективи на Балканот,“ рече Претседателот Иванов.
|












