| Претседателот Иванов присуствуваше на беатификацијата на Папата Јован Павле Втори во Рим | |
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на церемонијата на беатификација на Папата Јован Павле Втори, која се одржа на плоштадот Свети Петар во Ватикан, во присуство на голем број угледни политички и општествени личности од целиот свет, верски челници од други конфесии и околу милион верници. По завршувањето на чинот на беатификација, Претседателот Иванов оствари кратка средба со Папата Бенедикт Шеснаесетти. На средбата, Претседателот Иванов изрази највисоко мислење за ликот и делото на Папата Јован Павле Втори и упати честитки до Папата Бенедикт Шеснаесетти по повод Велигденските празници. Претседателот Иванов потсети на беатификацијата на Мајка Тереза како и на претстојното чествување на Св. Кирил и Методиј за кога е планирана повторна аудиенција кај Папата Бенедикт Шеснаесетти.
Папата Бенедикт Шеснаесетти евоцирајќи спомени од беатификацијата на Мајка Тереза, истакна дека секогаш му претставува задоволство кога се среќава со претставници од Македонија и се заблагодари за присуството на Претседателот Иванов на чинот на беатификација на Папата Јован Павле Втори, што претставува само потврда на високото ниво во односите и пријателството меѓу Светиот Престол и Република Македонија. Папата Јован Павле Втори иницираше и ја прогласи Мајка Тереза за блажена, чин на беатификација на кој во тоа време учествуваше Претседателот на Република Македонија Борис Трајковски. Јован Павле Втори беше првиот Папа кој што почна да ги честита велигденските и божиќните празници и на македонски јазик, имаше многу чести средби со македонското државно раководство и за време на неговиот понтиф односите Република Македонија - Ватикан постигнаа голем развој. На маргините на чинот на беатификацијата на Папата Јован Павле Втори, Претседателот Иванов имаше можност да се види и да разговара со повеќе лидери меѓу кои Претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Баросо, Премиерот на Република Унгарија Виктор Орбан, Премиерот на Италијанската Република Силвио Берлускони.
|













