Претседателот Иванов при посетата на Баварија оствари средба со Принцот на Лихтенштајн Ханс Адам Втори
Сабота, 21 Мај 2011   

alt

Шефот на државата вчера оствари средба со принцот од Лихтенштајн, Ханс Адам Втори со кого разменија мислења и предлози за можна економска соработка и унапредување на контактите. Претседателот го запозна Принцот со напорите на Република Македонија за креирање поволен амбиент за странските инвеститори, изразувајќи надеж дека компаниите од Лихтенштајн ќе го препознаат тој потенцијал и ќе развијат интерес за вложување во Македонија.

Претседателот Иванов, информирајќи го својот соговорник за напорите на Македонија за интегрирање во ЕУ и НАТО и напредокот во реформите, ја искажа подготвеноста за продлабочување на севкупните односи помеѓу двете држави, како и за интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во овој контекст, Претседателот Иванов упати покана до Принцот Ханс Адам Втори за посета на Република Македонија.

„Вашиот принцип на соживот и толеранција е огромен успех, но за една држава да биде вистински успешна потребно е инвестирање во образованието, воведување и одржување ниски даноци, и владеење на правото,“ рече Принцот Ханс Адам Втори.

Денешните средби на Претседателот со членовите на Европскиот Парламент беа во насока на запознавање со настаните околу изборите, прашањето околу името, за перспективите на Македонија, како и продолжување на поддршката која Република Македонија и досега ја добиваше. 

Претседателот Иванов во текот на посетата даде интервју и за весникот Дие Тагеспост, во кое зборува за претстојно чествување на словенските просветители Кирил и Методиј во Ватикан и нивното непроценливо наследство, за унапредувањето на меѓу-етничкиот дијалог во Македонија, јакнењето на мултикултурализмот и правичната застапеност.

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ќе се обрати на Самитот на Паневропската унија (ПЕУ) што се одржува во германскиот град Линдау во покраината Баварија. Учесниците на конференцијата ќе дискутираат на неколку панели. 

Меѓу говорниците се претседателот на Интернационалната паневропска унија Алан Тераноар, претседателите на ПЕУ Германија и ПЕУ Швајцарија, Бернд Поселт и Андре Поулин, потпретседателот на Европскиот парламент Либор Роучек, еврокомесарот за енергетика Гинтер Ојтингер, Принцот од Лихтенштајн Ханс Адам Втори.

„Ова е извонредна можност да оствариме контакти со членови на Паневропската Унија кои се инаку големи пријатели на Македонија и секогаш настојуваат да ја кажат вистината за Македонија. Овие средби беа можност исто така да ги запознаеме со актуелните настани во Македонија,“ изјави Претседателот Иванов денеска во Линдау.

Паневропската унија е најстара сеевропска организација. Формирана е во 1923 година како движење што работи на идејата за голема и обединета Европа,  за единство, мир и напредок. Македонија  членува во ПЕУ од 1993 година под уставното име.

Актуелниот претседател на меѓународната ПЕУ, Французинот Алан Тераноар,  минатиот месец на меѓународна конференција на ПЕУ во Дојран ја прими наградата „Борис Трајковски“ што претседателот Иванов му ја врачи за неговите заслуги за идејата за обединета Европа. 

  Back<<Назад