Аудиенција кај папата Бенедикт XVI по повод Денот на Св. Кирил и Методиј
Понеделник, 23 Мај 2011   

svkirilpapa1Традицијата на чествување на сесловенските просветители Кирил и Методиј продолжи и оваа година, по 43-ти пат, со присуството на македонската делегација предводена од Претседателот д-р Ѓорге Иванов во Рим на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил и Методиј“.

„Ватикан уште еднаш ја изрази поддршката кон нашиот народ, а папата Бенедикт Шеснаесетти особено го потенцира значењето на просветителите Кирил и Методиј за ширењето на христијанството,“ изјави Претседателот Иванов денеска во Рим по приемот кај поглаварот на Римокатоличката црква.

„Ние како државна и црковна делегација дадовме највисоко значење на овој настан, на тој начин ги продолжуваме овие традиции меѓу Светиот Престол и Македонија и ја негуваме оваа взаемна почит,“ рече Претседателот Иванов по средбата со папата, посочувајќи дека папата Бенедикт Шеснаесетти е добро упатен во состојбите во нашата држава, се интересирал за статусот на напорите за решавање на проблемот за името со соседна Грција и бил посебно импресиониран од тоа што Македонија е позната по верската толеранција и почитување на различностите.

Ова е втора средба на Претседателот д-р Ѓорге Иванов со папата Бенедикт Шеснаестти за еден месец. Првата беше по повод беатификацијата на папата Јован Павле Втори. На аудиенција кај папата присуствуваа и Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, Заменик директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Антон Серечи, Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар и Митрополит европски г. Пимен, како и Бискупот скопски и апостолски егзарх, Киро Стојанов.Во Ватикан претседателот Иванов денеска оствари средба и со кардиналот Франческо Монтеризи. alt

На ауденцијата Претседателот Иванов на Папата му подари бронзен релјеф со библиска тема, а тој му возврати со златен медалјон од Понтификатот. Релјефот е тежок 250 килограми, изработен од македонскиот скулптор Константин Јанев, а излеан во Фиренца. Темата е инспирирана од сон на Свети Павле кога му се јавува Македонец и го повикува да дојде во Македонија. На тој начин, појаснува скулпторот, христијанството преку Македонија почнува да се шири во Европа.

Владиката Петар рече дека МПЦ и Ватикан ги врзуваат повеќе релации меѓу кои е и чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј. Она што е важно за денешно време, како што посочи митрополитот Петар, е фактот што папата и Ватикан даваат можност и поддршка за наши дипломирани студенти да доаѓаат на постдипломски студии на Универзитетот „Грегоријана“ во Рим, за што искажа благодарност, упатувајќи до папата поздрави од Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Попладнево македонската делегација, во придружба на кардиналот Франческо Монтеризи, ќе ја посети базиликата „Сан Паоло“, каде ќе биде положено цвеќе на гробот на Свети Павле, а вечер, во рамки на културните содржини на манифестацијата, во театарот „Де Серви“ ќе се изведе претставата за Мајка Тереза, насловена „Светица на темнината“.
 

  Back<<Назад