Официјална посета на Република Австрија
Понеделник, 20 Јуни 2011   

fischerПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Виена оствари средба со неговиот австриски колега Хајнц Фишер во рамки на официјалната посета на Австрија. Австрија смета дека решавањето на прашањето за името не треба да биде предуслов за одредување датум и за почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската унија, истакна автрискиот претседател Фишер по средбата со македонскиот претседател Иванов.

„Грција сигнализира дека услов е решавањто на името. Но, сметаме дека за одредување датум и  почетокот на преговорите не треба да се чека решението. Проблемот може да се реши и на крајот на преговорите. Тие треба да почнат и паралелено да течат двата процеса. Така ќе се даде поттик,“ изјави Фишер на заедничката прес-конференција со Иванов.

Според Фишер, актуелната економска криза во Грција не треба да влијае на решавањето на името, бидејќи двете прашања не се поврзани. Претседателот Иванов, како што посочи Фишер, го информирал и за некои историски акспекти на спорот за името, по што, како што додаде, одредени работи му се појасни.  „Проблемот е тежок, но не е нерешлив,“ оцени австрискиот претседател.alt

Шефот на македонската држава се согласи дека името не треба да биде предуслов за пристапувањето во ЕУ и дека евринтеграцијата на Македонија и решавањето на прашањето за името можат да се одвиваат паралелно. Како позитивен пример го посочи решевањето на проблемот меѓу Хрватска и Словенија, што му го отвори патот на Загреб кон Брисел.

„Грција е во криза и во моментов нема мотив да го решава проблемот. Грција не губи ништо ако се одреди датум и преговорите почнат. До нивното завршување проблемот може да се реши. Македонија ги исполни Копенхашките критериуми и очекува да продолжи понатаму, а одредувањето датум ќе биде доплнителен мотив да се дојде до решение,“ рече Претседателот Иванов додавајќи дека Македонија си ги исполни обврските и сега останува Советот на ЕУ на следниот состанок да ја стави на дневен ред и да донесе одлука за старт на преговорите.

Двајцата претседатели разговарале и за билатералните односи, за економската и културната соработка. Фишер изрази надеж дека ќе се засилат економските релации и го поздрави решавањето на проблемот со ЕВН Македонија.

Претседателот Иванов нагласи дека Австрија е вклучена во многу сегменти на македонското општество следејќи ја стратегијата Три Е – Европа, Економија и Енергија. „Во сите три сфери Австрија е присутна. Помага во евроинтеграцијата на Македонија, во развојот на нејзината економија, а е вклучена и во енергетскиот сектор,“ изјави Иванов.

Претседателот на Република Македонија попладнево ќе се сртене и со австрискиот канцелар Вернер Фејман, а дводневниот престој во Виена ќе го заокружи со средби со претставници на Стопанската комора на Австрија.
 

  Back<<Назад