|
Претседателот Иванов ја започна официјалната посета на Австрија со средба со иселениците
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов кој престојува во официјална посета на Австрија, денеска во Виена ќе се сретне со неговиот домаќин, австрискиот претседател Хајнц Фишер.
На средбата во претседателската палата „Хофбург“, Иванов и Фишер ќе разговараат за билатералните односи, за можностите за поинтензивна економска соработка, како и за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО. Се очекува да стане збор и за процесот за надминување на разликите со Грција околу употребата на уставното име, прашање што ја блокира македонската евро и евроатлантска интеграција.
Претседателот Иванов попладне ќе се сретне и со австрискиот канцелар Вернер Фејман. Дводневниот престој во Виена ќе го заокружи со средби со претставници на Стопанската комора на Австрија пред кои ќе ги претстави можностите што им ги нуди Македонија на странските инвеститори.
Активностите во австриската престолнина, шефот на македонската држава ги почна синоќа со средба со македонските иселеници вклучени во црковната заедница „Свети Наум Охридски“. На свеченоста во црквата, чија изградба почна во 2008 година и е единствен верски објект на православните Македонци во Австрија, Претседателот Иванов им порача на иселениците дека македонската држава се грижи за дијаспората. Како позитивен чекор во тој правец им ја посочи можноста иселениците да гласаат на последните парламентарни избори во Македонија.
„Тоа можеби на почетокот е симболичен чекор, но сепак покажува дека вашата татковина Македонија мисли на вас,“ рече Претседателот Иванов.
|