Новости
Брисел не стои зад изјавата на Самарас - учество на претседателот Иванов на состанокот на лидерите од Брдо процесот
Четврток, 25 Јули 2013

Денешниот настан во Брдо кај Крањ покажа дека Брисел не стои зад изјавата на грчкиот премиер Андонис Самарас, оти ЕУ, а не Грција ја блокира Македонија, оцени македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа каков одговор добил од францускиот претседател Франсоа Оланд - зошто има молк од Брисел во поглед на Македонија, претседателот Иванов рече дека тој молк го прекинал Оланд кој на прес-конференција најави дека Франција ќе направи се за да може Македонија со Грција да најде решение на она што е наша пречка за интеграциите.

Со самото тоа што претседателот Пахор и претседателот Јосиповиќ и тоа што го зборуваше претседателот Оланд кажаа за нивните настојувања и желбите регионот да се интегрира, кажува дека Брисел не стои зад таа изјава на господинот Самарас, истакна македонскиот претседател, одговарајќи на прашање по завршувањето на состанокот на лидерите од Брдо процесот во Брдо кај Крањ.

Во рамки на денешниот состанок во Брдо кај Крањ, претседателот Иванов оствари билатерална средба со францускиот претседател Франсоа Оланд.

Имајќи ги предвид добрите односи кои ги има со Грција, Франција сака да помогне да се изнајде решение за проблемот меѓу Македонија и Грција. Факт е дека дојде до застој во решавањето на овој проблем. Факт е и тоа дека ние не можеме овој проблем само да го оставиме да постои. Мора да направиме нешто во врска со тоа прашање. Поради тоа Франција сака да го искористи влијанието кое го има за да се обидеме да изнајдеме решение бидејќи ова прашање навистина беше премногу комплицирано, премногу долго трае, изјави францускиот претседател Франсоа Оланд на прес-конференција по пленарната сесија на состанокот во Брдо кај Крањ, и додаде дека сака да ја искористи можноста уште еднаш да ја нагласи поддршката која Франција ја дава и ќе продолжи да ја дава на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската унија.

На предлог на претседателот Иванов во заклучоците од состанокот на лидерите од Брдо процесот се вметнати две точки според кои, правно-обврзувачките договори претставуваат основа за заедничка иднина во рамки на ЕУ и дека отворените прашања можат да бидат решени врз основа на отворен политички дијалог преку почитување на преземените меѓународни обврски и одговорности.

Skrebatno1
Претседателот Иванов го посети извидничкиот камп во Скребатно
Недела, 21 Јули 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го посети извидничкиот камп во село Скребатно.

Околу 450 извидници, сместени во атарот на манастирот „Света Богородица" кај Скребатно во наредните десетина дена ќе бидат дел од 11та извидничка смотра на Сојузот на извидници на Македонија. Извидниците ќе едрат, стрелаат, возат глисери, ќе градат логори и ќе учествуваат во многу авантуристички предизвици.

„Навистина е прекрасно чувството да се биде меѓу толку млади луѓе, ентузијасти, кои дошле во Македонија, да се запознаат со своите врсници, со своите пријатели и да стекнат нови познанства, да учат за новите вештини и да совладуваат знаења за ориентација во природа. Навистина, треба да им се честита на Сојузот на извидниците што еве 60 години генерации и генерации ги вовел во сево ова, да имаат љубов младите кон природата, да се ориентираат младите во природата, да се снаоѓаат и да уживаат во овие предели кои навистина Охрид ги изобилува. Така што, ако не беше оваа извидничка средба, немаше да знаеме, дека освен езерото, Охрид има и вакви убавини и предели кадешто младите во вакви кампови можат да се дружат, да учат, да совладуваат вештини и да го продолжуваат она наследство, традиција, што ни ги оставиле старите извидници нам", изјави претседателот Иванов за време на посетата на извидничкиот камп во село Скребатно.

Skrebatno3

seiz1
Претседателот Иванов во посета на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје
Петок, 19 Јули 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја посети Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Вработените пред претседателот Иванов ја претставија работата на оваа институција, која врши постојано набљудување и научна анализа на целокупната сеизмичка активност на територијата на Република Македонија.

„Во годината кога одбележуваме 50 години од катастрофалниот скопски земјотрес, во посета сме на Сеизмолошката опсерваторија, место каде се бележат, анализираат проучуваат, истражуваат сите потреси што се случуваат на наше тло и во нашето опкружување. Со оваа посета, на некој начин, сакаме да им дадеме признание за целиот нивен труд што го вложуваат во бележењето, во истражувањето на сите потреси, на сите нови достигнувања во оваа сфера на сеизмологијата. Тоа беше поводот за оваа денешна посета", изјави претседателот Иванов.

На новинарско прашање во врска со работата на ад-хок комисијата за расветлување на настаните од 24 декември, претседателот Иванов најави дека следната недела ќе се сретне со нејзиниот претседател Борче Давитковски, со цел да му ги образложи причините зошто сака да поднесе оставка од местото претседател на комисијата.

seiz2„Во текот на идната недела ќе се видам со него и ќе се обидам да видам за што станува збор, до каде е работата со комисијата и зошто тој бил принуден на тој гест, изјави претседателот Иванов.

Прашан за негативниот одговор на грчкиот премиер Андонис Самарас за средби со македонските власти, претседателот Иванов посочи дека Република Македонија нема соговорник во надминувањето на наметнатиот спор околу името.

„Сите проблеми што ги имаме ние во регионот секој пат се решаваат со дијалог, со разговор. Затоа го посочивме и примерот меѓу Хрватска и Словенија. Словенија како земја членка на Европската унија беше принудена европски да се однесува кон земјата кандидат. Меѓутоа, решението да се водат паралелно преговорите и решавање на проблемот беше донесен меѓу Словенија и Хрватска. Седнаа преставниците во Љубљана и во Загреб и дојдоа до решение. Гледате, ние на секоја наша иницијатива добиваме негативен одговор. Всушност, што и да очекуваме од човекот кој го создаде проблемот, кој сега сака едноставно да се отргне од решавање на тоа што тој пред две децении го создал", изјави претседателот Иванов.

seiz3

slovenija
Потврдени одличните односи, пријателството и довербата меѓу Македонија и Словенија – официјална посета на словенечкиот претседател на Република Македонија
Вторник, 16 Јули 2013

pahor1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, изјави дека на денешната средба со Претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор, станало збор за тоа како Македонија да ги искористи позитивните искуства на Словенија, која во однос на Хрватска покажа дека може европски да се однесува кон земја кандидат за членство во Европската унија.

Според претседателот Иванов, Брисел треба да и го понуди на Република Грција словенечкиот пример - како членка на Европската унија кон земјата кандидат – Република Македонија да се однесува на ист начин. Тоа, рече претседателот Иванов, би било од голема корист и за неа зашто ќе придонесе за европеизација на регионот.

„Очекуваме од Унијата иста посветеност за прашањето меѓу Грција и Македонија како и за прашањето на Косово и Србија, да има дел од таа енергија и во однос на нас", потенцира македонскиот претседател.

Одговорајќи на новинарски прашања, претседателот Иванов нагласи дека постојано се соочуваме со ситуација на немање соговорник. Сите наши иницијативи се отфрлаат, не се прифаќаат, а ние сакаме решение, сакаме да седнеме и да разговараме, рече претседателот Иванов.

„Во оваа ситуација, нема со кого да дојдеме до решение. За да можеме да го усвоиме позитивниот прмиер на Словенија и Хрватска, тоа треба да се случи меѓу Скопје и Атина, но од Атина немаме одговор ниту на писмата што ги праќаме, последното од премиерот и моите неколку официјални покани до Папуљас. Сега имавме првпат можност од осамостојувањето на Македонија да има контакт, средба меѓу грчки и македонски претседател", рече претседателот Иванов, оценувајќи дека е недопустливо две соседни земји да не одржуваат средби меѓу нивните претседатели.

Претседателот Пахор, од своја страна, побара Република Македонија да понуди конкретна иницијатива за прашањето со името која, како што рече, нема да ги остави рамнодушни претставниците од ЕУ и меѓународната заедница.

Без оглед на чувствата во преговорите, истакна претседателот Пахор, треба да се биде практичен. Ова е многу важно за паралелно да се решаваат членството на земјата во ЕУ и името.

pahor2„За кавга и соработка се секогаш потребни двајца. Потребно е многу храброст водачите на двете страни да се одлучат за соработка", рече претседателот Пахор.

Според него, во процесот на проширување, поголеми можности за влез во ЕУ ќе имаат државите кои сами ќе се обидат да ги средат односите со соседите.

На средбата двајцата претседатели констатирале дека меѓу Република Македонија и Република Словенија нема отворени прашања поради што е можно да се интензивира соработката во сите сфери, особено во делот на трговската размена и заедничките инвестиции.

„Оваа посета е потврда за одличните односи, пријателството и довербата меѓу Македонија и Словенија", рече претседателот Иванов, квалификувајќи ја средбата како многу конструктивна, бидејќи на неа биле отворени сите прашања од заеднички интерес.

Словенечкиот претседател нагласи дека во Република Македонија дошол од две причини, да го продлабочи трајното пријателство и уште еднаш да ја искаже словенечката поддршка на патот на македонското евроинтегрирање. Тој го најави одржувањето на т.н. Брдо процес на 25 јули, на кој, покрај претседателите на сите балкански земји, од Словенија до Албанија, ќе присуствуваат и францускиот претседател Франсоа Оланд, како и високи претставници на ЕУ.

Процесот Брдо е вид неформална средба на претседателите на државите членки на ЕУ и на земјите кандидати, но, според Пахор, тешко е да се каже какви ќе бидат резултатите од евентуалните разговори во однос на македонското евроинтегрирање.

„Му порачав на мојот колега, Македонија до 25-ти да најде порака што ќе може да и биде пренесена на ЕУ", истакна уште еднаш словенечкиот претседател.

Словенија, подвлече, секогаш ги поддржувала напорите на Македонија за евроинтегрирање, а така ќе биде и понатаму.

pahor3

Galichka1
Иванов: Галичката свадба е настан кој ни го пренесува заветот од претците
Недела, 14 Јули 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, заедно со сопругата, г-ѓа Маја Иванова, денеска присуствуваа на 40-та Галичка свадба.

Заедно со неколку илјади гости во Галичник, Иванови ја проследија свадбената церемонија на Александра Крстевска и Васе Ѓорѓевски, во духот на традицијата од мијачкиот крај.

„Навистина е голема чест да се биде покровител на Галичката свадба, настан кој е израз на сета наша автеничност, кој преку обновување на нашата традиција, обновување на обичаите, ни го пренесува заветот од претците, особено преку орото „Тешкото" кое ни кажува дека треба се да поминеме и се да истраеме, за да го почуствуваме она што доаѓа на крајот – слободата. Да си ја чуваме државата, и да ги негуваме сите обичаи и сите традиции кои не сплотуваат, не обединуваат и мислат за иднината", изјави претседателот Иванов, кој е покровител на манифестацијата.

Македонскиот претседател на младенците им подари икона со ликот на Исус Христос и им посака долг живот, многу радост и многу деца во семејството.

Galichka2

Galichka3

zname
Церемонија на промена на државното знаме
Петок, 12 Јули 2013
 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 110 од 198