Новости
erodrom
Претседателот Иванов во посета на Општина Аеродром и на свечено отворање на новиот парк во Горно Лисиче
Четврток, 12 Септември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ја посети општина Аеродром, при што оствари средба со градоначалникот на општината, г. Ивица Конески и притоа присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на новиот парк во населбата Горно Лисиче.

Претседателот Иванов и градоначалникот на општина Аеродром, Конески оценија дека со изградбата на новиот парк се подобруваат условите и за граѓаните во руралниот дел од општината.

„Граѓаните ќе имаат места каде да се релаксираат, а децата за забава. Ова е за пофалба и покажува дека тоа што го бараат граѓаните се реализира", изјави претседателот Иванов.

Според градоначалникот Коневски, изградбата на паркот е со цел жителите на руралниот дел да ги добијат неопходните услови што ги има и во урбаниот дел.

„И понатаму ќе продолжиме со целосна урбанизација на руралниот дел", рече градоначалникот Конески.

Паркот е на површина од 6.500 метри квадратни, а неговата изградба чини 35 милиони денари обезбедени од општинскиот буџет.Паркот содржи зелена површина од 3.000 метри квадратни, уредена со висока и ниска вегетација со повеќе видови зимзелени и листопадни растенија, цветни грмушки и барски растенија. Новиот парк содржи и езеро на две нивоа со пешачки мост, а над езерото е поставен видиковец. Содржи и детско игралиште со реквизити, пешачки патеки, жарданиери, чешми, канти за отпадоци и клупи.

erodrom11На новинарско прашање дали има напредок во разговорите за името по последните средби со медијаторот Метју Нимиц со македонската и со грчката страна, претседателот Иванов изјави дека се уште нема решение за прашањето за името и приближување на ставовите.

„Има согласност за името Македонија да биде содржано во решението, но приближување на ставите се уште нема. Тоа што го кажа Нимиц тоа е реалноста и ние очекуваме грчката страна да се држи до рамката во која се водат преговорите бидејќи постои дефинирана рамка од Обединетите нации", изјави денеска претседателлот Иванов.

Според него, другата страна секојпат настапува ултимативно и настојува само нејзините барања да бидат задоволени, а не барањата и потребите на другата страна.

„Станува збор за заемно прифатливо решение. Затоа очекуваме дека грчката страна конечно ќе се придржува до рамката која е предвидена. Некојапат и времето носи решение, а реалноста е таква каква што е што ја пренесе Нимиц," рече претседателот Иванов.

На новинарско прашање дали е точно дека е прифатено во решението да има географска одредница и оти проблем е каде да се наоѓа, македонскиот претседател одговори дека состојбата е дека нема решение.

„Тие се детали. Станува збор за предлог, предлогот има многу нијанси. Господинот Нимиц треба и од нашата страна, нашиот став, нашата позција и од грчката да дојде до заемно прифатливо решение. Се се тоа шпекулации, фактички сега состојбата е дека нема решение", изјави претседателот Иванов.

На новинарско прашање како ја оценува состојбата на македонско-косовската граница, претседателот Иванов изјави дека по ембаргото од Косово за увоз на македонски производи бара почитување на ЦЕФТА договорот и се надева дека косовската држава ќе најде институционално решение за проблемот.

„Лично бев изненаден од тоа што го презема косовската страна затоа што постои договор за ЦЕФТА и тој договор треба и Косово да го почитува. Меѓутоа се надевам дека институциите во Косово ќе најдат институционално решение за ова прашање. Не доликува ова да се случува кога имаме во подем многу состојби меѓу нашите две држави и кога очекуваме подобрување на многу работи", изјави денеска претседателот Иванов. Според Претседателот, неговите советници се во контакт со кабинетот на претседателката на Косово и се настојува да се најде решение.

„Се надеваме дека после рокот поставен од нас, по завршување на мерката преземена од Владата ќе има нормализирање", рече претседателот Иванов и најави дека ако до понеделник не се најде решение, за тоа ќе разговара на средбата што треба да ја има в понеделник во Драч со претседателите на Албанија, Црна Гора и на Косово. Сепак, македонскиот претседател изрази надеж дека дека дотогаш ќе се најде решение.

aerodrom2

polska01
Македонија и Полска имаат одлични односи - официјална посета на претседателот на Република Полска, Бронислав Коморовски
Вторник, 10 Септември 2013

komorovski1Македонија и Полска имаат исклучително добри билатерални односи без никакви отворени прашања, со можност за унапредување на економската соработка. Полска ја поддржува и ќе ја поддржува Македонија на патот на нејзините евроатлански поддршки, бидејќи стабилност на регионот без интеграција на Македонија не е можна, оценија претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и претседателот на Република Полска, г. Бронислав Коморовски по денешната средба во Скопје.

„Полска ја поддржува и ќе ја поддржува Република Македонија на определбата за давање датум за отпочнување на преговорите за членство во Европската унија. затоа што мислиме дека процесот за стабилизација на овој регион без Македонија е невозможен", изјави претседателот Коморовски.

Поддршката што ја дава Полска за евроатланските интеграции на Македонија, додаде тој, произлегува не само од добрите пријателски односи меѓу двете земји, туку и од определбата на Полска од 1989 година за политика на отворени врати во евроатланските структури.

„Има случаи кога слично како Македонија кандидати кои биле блокирани, сепак, за нив се донела одлука паралелно да се движат решавањето на отворени прашања и евроинтеграции, очекуваме тоа да се примени и кај нас", рече претседателот Иванов, искажувајќи притоа благодарност до Полска за постојаната поддршка што на тој план и ја дава на Македонија, како и признавањето на уставното име.

Очекуваме, додаде македонскиот претседател, од следниот Самит на ЕК и од Советот на ЕУ конечно Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство во Унијата.

„Разговаравме за моќта која ја има европската идеја и промените кои ги предизвикуваат евроинтеграциите и дека тоа е нешто што е неопходно и за нашиот регион. Во тој поглед ја очекуваме и искрената поддршка од Полска бидејќи сегашната ситуација на статус кво состојба со евроинтеграциите на Македонија не е во ничиј интерес", рече македонскиот претседател.

Тој и неговиот полски колега разговарале и за можноста, одличните и пријателски односи меѓу двете земји да се унапредуваат во повеќе области, како науката, образованието, културата, ... но пред се и економските односи.

„Секое пријателство бара добри основи, кои се потпираат не само на историското наследство туку и на добрата економска соработка", рече претседателот Коморовски.

За таа цел, додаде, е и денешниот македонско - полски бизнис форум кој ќе го отворат двајцата претседатели.

Тој форум, се согласија двајцата претседатели, е добра можност за блиски средби на стопанствениците и согледување на можностите за унапредување на економската соработка.

komorovski2Претходно, претседателот Иванов, на свеченост во вилата Водно, на својот полски колега му врачи Орден „8 Септември" за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и соработката меѓу двете земји, како и за афирмирање и јакнење на меѓународната положба и углед на Република Македонија.

Орденот „8 Септември" се доделува и како израз на благодарност до полскиот народ и лидерите на Република Полска за негувањето и јакнењето на односите на пријателство и на соработката меѓу двете држави, за силната поддршка и помош во напорите за реализација на стратешките цели и принципиелниот однос кон уставното име на Република Македонија.

Полскиот претседател, Коморовски претпладнево беше пречекан со највисоки државни и воени почести во вилата Водно, по што имаше тет-а-тет средба со македонскиот претседател Иванов, а потоа пленарен состанок на официјалните делегации.

Во присуство на двајцата претседатели беше потпишана Спогодба меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за наука и високо образование на Полска за соработка во областа на науката и високото образование.

Претседателите на Република Македонија и на Република Полска утре ќе престојуваат во Охрид, каде што ќе посетат повеќе културно-историски знаменитости.

komorovski3

hrvatska
Стратешки интерес e интеграцијата на регионот во Европската унија - официјална посета на претседателот на Р. Хрватска, Иво Јосиповиќ
Среда, 04 Септември 2013

Евроинтеграцијата на Република Македонија и регионот и помошта која се очекува од Република Хрватска по нејзиниот влез во ЕУ за забрзување на целиот процес, беа во фокусот на разговорите на денешната средба во Скопје на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов и претседателот на Република Хрватска, д-р Иво Јосиповиќ.

Двајцата претседатели нагласија дека зачленувањето на Македонија и на регионот во ЕУ е од стратешки интерс, нема отворени прашања помеѓу македонската и хрватската држава, но и дека и од економски и од политички аспект е особено важно да се работи и на постојните заеднички проекти и на почнување нови.

- Македонија и Хрватска се пријателски држави кои немаат отворени прашања И меѓусебно се почитуваат, за што сведочи денешната посета. Се надеваме дека Хрватска ќе продолжи со нејзината конструктивна улога и заложби за интегрирање на нашиот регион во ЕУ, рече претседателот Иванов на прес-конференција по тет-а-тет средбата со претседателот Јосиповиќ.

Македонскиот претседател истакна оти се надева дека ќе продолжи иницијативата со Брдо процесот и оти регионот ќе стане дел од ЕУ со вложување заеднички напори и со помош од Хрватска и од Словенија.
Со Јосиповиќ, како што рече, разговарале и за продлабочување на трговската размена, економската соработка и потенцијалите на двете држави.

Претседателот Јосиповиќ укажа дека по влезот на Хрватска во ЕУ тргнал во посета на регионот за да повтори го стратешкиот интерес не само на Хрватска туку и на цела Европа - Европа да биде цела, односно сите оние земји кои и историски, економски и културно и припаѓаат на Европа тоа да бидат и во формална смисла.

- Со големи симаптии и поддршка гледаме на напорите на Македонија да ги исполни сите предуслови и услови за членство во НАТО и во ЕУ. Хрватска во политичка и во секоја друга смисла ги поддржува тие напори, рече хрватскиот претседател.

hrvatska1Освен политичката поддршка за заедничката иднина, како што наведе, многу е важна и билатерната соработка, економската, културната, научната...

- Со задоволство констатирам дека нашите влади соработуваат одлично и дека има се повеќе идеи и проекти кои ги зближуваат нашите две земји. Денес кога европската криза го притиска цела Европа и регионот отворањето нови проекти и работни места е особено важно за сите нас, не само од економска гледна точка, туку и од политичка, наведе Јосиповиќ.

Со неговиот домаќин разговарале за користа на регионот и на цела Европа од реализација на стратешките европски проекти, како што е т.н Јадранско- јонската иницијатива и можниот автопат, од што има големи очекувања. - Се надевам дека нашите влади заедно со останатите ќе го поддржат тој проект, ќе го презентираат пред ЕУ и ќе пристапат кон негова реализација, нагласи Јосиповиќ.

На новинарско прашање каква ќе биде позицијата на Хрватска на декемврискиот совет на ЕУ за прашањето на Македонија, хрватскиот претседател рече дека ќе поддржат секаква иницијатива за која ќе постои согласност на Македонија со Грција, но и дека хрватскиот пријателски однос и со Македонија и со Грција може да ја направи поволна климата на договарање.

- Со оглед на тоа како функцинираат НАТО и ЕУ секогаш е потребно да се најде консензус. Со оглед на тоа ние го поттикнуваме консензусот и ќе го поддржиме секое решение кое и оди во прилог на Македонија. Секако ние имаме многу добри односи и со Грција и сигорно и такви ќе останат и можеби е тука всушност добра позцијата на Хрватска со пријателски односи и со Грција и со Македонија климата на договарање да ја направи поволна, наведе Јосиповиќ.

Посетата на Република Македонија е дел од мини турнејата на претседателот Јосиповиќ низ регионот. Пред доаѓањето во Македонија ја посети Црна Гора, а од Скопје ќе отпатува во Косово.

hrvatska2

gazprom
Претседателот Иванов оствари средба со претседателот на „Газпром“ Алексеј Милер
Среда, 04 Септември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со претседателот на „Газпром", г.Алексеј Милер, кој ја предводи делегацијата на руската компанија.

На средбата, претседателот Иванов го поздрави потпишувањето на договорот за вклучување на Република Македонија во „Јужен тек" кој треба да обезбеди енергетска стабилност на земјава во следните децении.

„Приклучувањето на Македонија кон еден од најзначајните гасоводни коридори во Европа претставува голема поддршка на енергетскиот систем на Република Македонија и поддршка на компаниите на кои што им е потребен гас и долгорочно снабдување со енергија", истакна на средбата претседателот Иванов.

На средбата, претседателот на „Газпром" го запозна претседателот Иванов со досегашниот тек на реализирање на проектот, со плановите за негова понатамошна реализацијата и со конкретните чекори за негова операционализација.

Македонскиот претседател изрази очекување дека соработката меѓу Република Македонија и Руската Федерација ќе продолжи да се унапредува и во иднина, не само во енергетскиот сектор, туку и во останатите области од заеднички интерес, преку реализирање на други конкретни проекти.

Претседателот на „Газпром", г. Алексеј Милер, изрази задоволство од поддршката која претседателот Иванов континуирано ја дава за соработката меѓу Република Македонија и „Газпром" и истакна дека Република Македонија е влезена во развојните планови на „Газпром", при што покрај постоечките проекти, „Газпром" има интерес во иднина да ја разгледа можноста и за други инвестиции во Република Македонија.

lideri01
Заврши четвртата Школа за млади лидери во Охрид
Сабота, 31 Август 2013

03Секое искуство и знаење што ви е предадено на оваа школа користете го, пренесувајте го, ширете ја иновативноста и добрината. Не се воздржувајте да сонувате, мечтајте и стремете се кон возвишени нешта. Тоа е и целта на оваа школа, но и филозофијата од овие години на независна Македонија, да ја градиме во височина, со највисоки стандарди, критиериуми, највисоки принципи, им порача Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на учесниците на 4-та Школа за млади лидери, што под негово покровителство се одржа од 19 до 31 август во Охрид.

На церемонијата на доделувањето на сертификатите, Иванов им порача на младите лидери дека нивното присуство во Охрид не е само среќа, туку нивна лична заслуга, награда за се она што го постигнале во своето образование, во своето другарување.

„Сето она знаење, умеење, вештина што го стекнавте, негувајте го со чувство на благодарност. Тоа чувство нека ве следи цел живот, бидејќи она што го даваме сите ние го забораваме, но го паметат оние што го добиваат и оттаму паметете го и вие. Во животот ќе научите многу нешта за кои ќе бидете благодарни", рече претседателот Иванов.

Побара од младите лидери да бидат и трпеливи бидејќи, како што истакна, се во животот има свој ред.

„Не бидете нетрпеливи, пројавете трпение да го доживеете она што е заслуга на вашиот личен труд и вашиот ум. Не брзајте во животот, се има свој ред, фатете го редот и се во животот ќе ви се исполни. Ќе се уверите во животот колку се она што сте го научиле има своја вредност", додаде меѓу другото претседателот Иванов.

Тој ги поучи младите лидери дека мудростите не служат да се цитираат туку да се применуваат. Секоја мудрост е оставена од предците за ние да имаме полза од неа. Не цитирајќи ја туку применувајќи ја.

01„Така и овие искуства дадени вам, ви се пренесени за да ги пренесувате, да ги ширите, применувате", истакна претседателот Иванов.

Во рамки на Школата за млади лидери во изминатите две недели своите знаења со учесниците ги споделуваа врвни предавачи, познати јавни лилности, истакнати поединци и успешни лидери во компании и образовни институции од Македонија, Шпанија, Нов Зеланд, Хрватска, Босна и Херцеговина, Израел...Меѓу нив беа Доналд Дејв Мередит, канадски сенатор, Тафшир М. Авал, директор на Групацијата „Мултимод" од Бангладеш, Александре Севињи, директор на постдипломски студии за комуникациски менаџмент на „МcМаstеr-Syracuse" и „МcМаtеr" Универзитетот од Канада, Борис Поркович, заменик-претседател на Институтот за истражување на мали европски држави од Монако, Доналд Стил, директор на британската компанија „Џонсон Асошиејтс" и поранешен главен медија-портпарол на Би-Би-Си, Драган Стефановиќ, пензиониран офицер во Армијата на САД и професор на магистерски студии на програмата за јавна администрација во „Апалачиан", Државен универзитет во Северна Каролина.

Школата за млади лидери е востановена со цел да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција и културната и религиска диверзификација.

Претседателот Иванов за прв пат ја иницираше идејата во неговата изборна програма, со визија да им се овозможи на младите, талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

Школата продолжува со своите активности во текот на целата година преку „Алумни асоцијацијата", пречекувајќи ја следната генерација млади лидери од петта Школа за млади лидери.

04

kosarkari0
Изненадување за кошаркарските репрезентативци - Претседателот Иванов ги посети на тренинг пред заминувањето на Евробаскетот во Словенија
Петок, 30 Август 2013

Изненадувањето за посетата на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, беше подготвено во договор со капитенот на Македонската кошаркарска репрезентација, Перо Антиќ. Претседателот Иванов ги изненади македонските кошаркари, посетувајќи ги за време на нивниот тренинг одржан вчеравечер во спортската сала „Борис Трајковски".

Пред заминувањето на Македонската кошаркарска репрезентација во Словенија, каде македонските кошаркари ќе се натпреваруваат на Евробаскетот 2013 година, претседателот Иванов им посака многу успех и среќа на претстојното првенство.

Секако дека мотивот за освојување на високо место на претстојното првенство ме натера да ги изненадам своите соиграчи приредувајќи го ова изненадување, рече капитенот Антиќ.

kosarkari1Претседателот Иванов на македонските репрезентативци им изрази поддршка во името на сите граѓани на Република Македонија и им порача да веруваат во себе и во своите квалитети, истакнувајќи дека досега постигнатите успеси треба да бидат дополнителен мотив за освојување висок пласман и на претстојното првенство во Словенија.

Перо Антиќ, во име на тимот, се заблагодари за поддршката, потенцирајќи дека е чест да се бранат боите на Македонија и дека репрезентативците ќе дадат се од себе да ги оправдаат очекувањата и уште еднаш да ја израдуваат целата јавност.

Во знак на благодарност за посетата и искрените желби, репрезентативците му поклонија дрес на претседателот Иванов

kosarkari2

 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 107 од 198