Новости
lukoil1
Средба на претседателот Иванов со г. Вадим Воробјов, заменик-претседател на нафтената компанија Лукоил
Петок, 25 Октомври 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Вадим Воробјов, заменик-претседател на нафтената компанија Лукоил, кој учествува на 7-та сесија на Мешовитиот комитет за економска и трговска соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација.

На средбата претседателот Иванов изрази благодарност за посветената работа на компанијата и ширењето на бизнисот во Република Македонија.

„Реформите на Владата на Република Македонија за привлекување на странски инвестиции, поволности и бенефити за странските инвеститори, како и присуството на Лукоил во Република Македонија се добра промоција за привлекување на други руски долгорочни инвестиции во нашата држава", рече претседателот Иванов.

Г-дин Воробјов го информираше претседателот Иванов за бизнис плановите на компанијата, поточно за одлуката Лукоил да продолжи да се развива во Република Македонија во наредниот период. Воедно, посетата и учеството во работата на 7-та сесија на Мешовитиот комитет и средбите со владините претставници ќе бидат искористени и за испитување на можностите за инвестиции во енергетиката. Заменик-претседателот на Лукоил ја нагласи подготвеноста за натамошна соработка со Република Македонија.

lukoil2

swufe01
Претседателот Иванов со предавање ја заврши посетата на НР Кина, прогласен за почесен професор на кинески универзитет
Четврток, 24 Октомври 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, со предавање пред студентите на Универзитетот за финансии и економија во Ченгду, кој е партнер на Институтот „Конфуциј" во Република Македонија, ја заврши неколкудневната работна посета на Народна Република Кина.

За време на предавањето претседателот Иванов доби високо научно признание - Почесен професор на Универзитетот, на кој студираат околу 23.000 студенти.

Зборувајќи на тема „Патот на мудроста, патот на свилата и патот до економскиот успех", македонскиот претседател истакна дека Република Македонија и Народна Република Кина ги поврзува насоченост кон економскиот успех и според тоа природно е две успешни економии да соработуваат.

Претседателот Иванов смета дека Република Македонија и Народна Република Кина ги поврзува патот на мудроста, затоа што и Кина, но и Македонија и Балканот воопшто, како што рече, ја имале среќата да бидат на простор каде се јавиле и каде дејствувале големи народни учители, чие знаење станало дел од светската мудрост.

swufe02„Денес, Македонија, како и остатокот од светот, се тие што треба да користат огледало за да го копираат кинескиот успех на полето на економскиот, индустрискиот и техничко-технолошкиот раст и развој", рече претседателот Иванов.

Притоа им порача на студентите да инвестираат во иновациите, истражувањето и развојот, во талентите и новите технологии и целосно да бидат насочени кон иднината.

„Ние гледаме кон иднината и сакаме да соработуваме со пријателска Кина. Сакаме да видиме повеќе инвестиции од Кина во Македонија. Ако до сега не поврзуваше традицијата на патот на свилата, од сега па натаму може да не поврзува заедничкиот пат до економски успех", истакна претседателот Иванов.

Одговарајќи на прашања на студентите кои пројавија интерес и за економската состојба во Република Македонија, тој изрази надеж дека некои од нив ќе дојдат и ќе водат бизнис во Република Македонија.

Претходно, на средба со раководството на Универзитетот, беше договорено образовната соработка да продолжи.

Претседателот Иванов, согласно интересот на Владата за внесување традиционална кинеска медицина во здравствениот систем на Република Македонија, придружуван од министерот за здравство Никола Тодоров, имаше средба и со раководството на Универзитетот за традиционална кинеска медицина.

На средбата беа договорени конкретни чекори за реализација на интересот, размена на доктори и студенти, со цел традиционалната кинеска медицина да стане дел од студентската програма на Универзитетот во Штип.

За време на неколкудневната работна посета на Кина, претседателот Иванов во Пекинг имаше средба со претседателот на Народна Република Кина, Н.Е. Џинпинг Си и обраќање на приемот по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. Посети и неколку компании заинтересирани за соработка со Македонија.

Во Ченгду, шефот на македонската држава учествуваше на Форумот за меѓународна соработка на Западна Кина, на кој имаше обраќање на тема „Балансиран развој и заеднички просперитет". Оствари средба и со претседавачот со Сенародниот конгрес на Сичуан, г-дин Ванг Донгмин.

cdutcm01

DONGFANG1
Претседателот Иванов на бизнис средби во Ченгду, пројавен интерес за инвестирање во Македонија
Четврток, 24 Октомври 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Народна Република Кина, во Ченгду, во провинцијата Сичуан, имаше средби со раководствата на две големи компании заинтересирани за соработка со Македонија.

На средбите присуствуваше и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции г-дин Џери Наумоф.

Станува збор за Dongfang Electronic Corporation, една од најголемите компании на глобален план која произведува делови за хидро, термо, ветерни и нуклеарни централи и China Railway engineering group, чии претставници веќе биле во Република Македонија на средби со владини претставници.

Раководството на компанијата Dongfang Electronic искажа интерес за можностите за инвестирање во Република Македонија во хидро, термо и алтернативни извори на енергија, како ветерници и соларни колектори за крупните енергетски проекти и планови.

DONGFANG2Исто така, пројавија интерес и за поволностите за инвестирање во слободните економски зони со цел изградба на фабрика за делови и евентуално сончеви колектори. Притоа, најавија и скорешна посета на Република Македонија.

Менаџерскиот тим на China Railway искажа интерес за инвестирање во големи инфраструктурни проекти, како железница и гасификација, а пројавија интерес и за слободните економски зони.

Договорено е наскоро домаќин во Република Македонија да им биде министерот Џери Наумоф, за одблиску да ги видат постојните слободни зони, но и можностите за изградба на нова слободна економска зона само за кинески компании.

Претходно, претседателот Иванов и министерот Наумоф во Ченгду ја посетија и базата за производство на автомобили на Geely Automobile Holdings, која произведува „Волво".

creegc

dongming
Средба со претседавачот на Сенародниот конгрес на Сичуан, Ванг Донгминг
Среда, 23 Октомври 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на својата работна посета на Народна Република Кина, во Ченгду имаше средба со г-дин Ванг Донгминг, претседавач со Сенародниот конгрес на провинцијата Сичуан.

На средбата беше реафирмирана подготвеноста за поинтензивна соработка помеѓу Република Македонија и провинцијата Сичуан. Г-динот Донгминг го запозна претседателот Иванов со достигнувањата на Сичуан на економски план, како и со плановите за наредниот период.

Претседателот Иванов го информираше соговорникот за конструктивната средба со кинескиот претседател Си Џинпинг и ја реафирмираше подготвеноста за продлабочување на економската, културната, образовно-научната, соработката во медицината, запознавајќи го со напорите што Владата на Република Македонија ги прави за подобар инвестициски амбиент. Г-динот Донгминг изрази задоволство што претседателот Иванов, покрај учеството на економскиот форум во Ченгду, ќе ги посети и двата универзитета, за традиционална кинеска медицина и за финансии и економија.

Во рамки на престојот во Ченгду, претседателот Иванов ја посети и базата на компанијата за производство на автомобилите Волво, Geely Automobile Holdings Ltd.

geely

china2
Кина е подготвена да и подаде рака на Македонија – средба на претседателот Иванов со Претседателот на НР Кина, Си Џинпинг
Вторник, 22 Октомври 2013

Jinping1Република Македонија и Народна Република Кина имаат постигнато највисоко ниво на билатерални односи досега, е заедничката оценка на претседателите на двете држави, д-р Ѓорге Иванов и Си Џинпинг на средбата во Големиот народен дом во Пекинг.

„Нашите политички односи изминативе две децении стануваа се посериозни, а како доказ за тоа се меѓусебните односи на високо ниво, зајакнување на политичката доверба и прогрес во меѓусебната соработка во разни области. Кина е подготвена да и подаде рака на Македонија за забрзан развој на нашите односи", рече кинескиот претседател Џинпинг на почетокот на средбата.

Кинескиот претседателот изрази уверување дека на одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу двете земји, како што рече, „ќе собереме уште плодови".

Претседателот Џипинг најави соработка со Македонија во градежни и инфраструктурни проекти, во земјоделството и во други сектори - образованието, културата, кинеската традиционална медицина, со што ќе се поттикне брз развој на односите меѓу двете земји.

Претседателот Иванов истакна дека досега е постигнато највисоко ниво на билатерални односи.

„Констатиравме дека во овие две децении дојдовме до односи кои никогаш порано не биле на толку високо ниво", изјави претседателот Иванов по средбата.

Тема на разговор на двајцата претседатели беа сите области од взаемен интерес и соработката што е остварена во последните 20 години, од воспоставувањето на билатералните односи.

Станало збор за мултилатералната соработка на глобален план, за нашата поддршка на кинеските кандидатури и нивната особено во Организацијата на Обединетите Нации, за политичките односи, за економската соработка, како и за соработката во областа на културата, здравството, образованието...

„Констатиравме дека политичката соработка се интензивира преку средбите на премиерите, претседателите на парламентите и ете сега и на претседателите на двете држави. Тоа укажува дека на политичко ниво дојдовме до највисоко ниво на соработка", рече претседателот Иванов.

Во однос на економската соработка истакнато е дека од година во година се продлабочува, така што веќе има намалување на трговскиот дефицит.

Jinping3„На економски план пројавен е интерес за поголемо присуство на македонските производи на кинескиот пазар. Во контекст на тоа беше спомената и иницијативата што е дадена од нашиот премиер да може Кина да отвори во Македонија слободна зона за кинеските фирми. Тој смета дека тоа им оди во прилог на нивните компании и пројави интерес таа идеја да се реализира", рече претседателот Иванов.

Тој притоа укажа на фактот дека Македонија користи голем дел од помошта што Кина ја дава во регионот. Потсети дека минатата влада на Кина одобри 10 милијарди долари средства за Централна и Источна Европа.

„Македонија е прва од тие земји што го финализира својот проект и се надеваме дека по одлуката во македонскиот Парламент Македонија ќе почне да ги користи тие средства за изградбата на автопатот Миладиновци-Штип и Охрид-Кичево. Тоа ќе значи присуство и на кинески фирми во Македонија кои во партнерство со македонските фирми ќе учествуваат во овие големи проекти", истакна претседателот Иванов.

Посочи дека на економски план има и иницијатива за што поголема соработка во сферата на земјоделството, но не само во однос на алати и машини, туку и на нашите земјоделски продукти.

„Не радува што многу кинески компании извесно време го истражуваат македонскиот пазар и размислуваат за нивни долгорочни инвестиции. Свесни се за сите поволности што ги дава Македонија во сферата на економијата и странските инвестиции. Ги знаат поволностите и бенефитите што ги дава нашата влада за странските инвеститори", рече претседателот Иванов истакнувајќи дека дел од нивната долгорочна стратегија е преку Македонија да имаат пристап и до други земји во нашиот регион.

Во однос на културната соработка рече дека е постигнато многу, а најавениот концерт на кинески музичари во Скопје е само потврда дека таа соработка на културно ниво се одвива и преку министерствата за култура и преку амбасадите, а преку центарот „Конфуцие" во Скопје ќе има и размена на образовно ниво.

Двајцата претседатели разговарале и за пројавените иницијативи од наша страна за примена на кинеската традиционална медицина во нашиот здравствен систем.

„Со претседателот Џинпинг констатиравме дека тоа е една општа атмосфера, дека се повеќе постои интерес за проучување и оспособување на луѓе кои ја применуваат традиционалната медицина", рече претседателот Иванов, додавајќи дека за таа цел е дојден и министерот за здравство Никола Тодоров.

Во македонската делегација е и министерот без ресор за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф.

Претседателот Иванов утре од Пекинг заминува за Ченгду, во провинцијата Сичуан, каде што ќе присуствува на свеченото отворање на 14. Меѓународен форум за Западна Кина, насловен како „Форум за меѓународна соработка на Западна Кина", кој го организираат 12 провинции на Западна Кина и 12 министерства на Централната Влада. На Форумот, на кој ќе учествуваат повеќе државници од светот, претседателот Иванов ќе има обраќање на тема „Балансиран развој и заеднички просперитет".

Jinping2

kina1
Претседателот Иванов во Пекинг на средби со раководствата на компании заинтересирани за инвестирање во Македонија
Понеделник, 21 Октомври 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на првиот ден од посетата на Пекинг имаше средби со раководствата на три кинески компании, заинтересирани за економска соработка со Македонија.

Станува збор за China State Construction Engineering, најголема градежна компанија во Кина, петта по големина во државата, а десетта во светот, Sinohydro Corporation LTD, која ќе ги гради автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид и нафтената компанија Sesai Jiliajija Petro Chemical Equipment.

Политичкиот дел, односно средбата со неговиот домаќин, кинескиот претседател Џинпинг Си, е закажана за утре.

Раководството на државната градежна компанија, која е вклучена во проектот за вложување 10 милијарди долари за патишта во земјите од Централно европската иницијатива, го информира претседателот Иванов за нивниот интерес за инвестирање и во Република Македонија.

За таа цел специјален тим на компанијата веќе е во нашата држава и ги разгледува можностите за инфраструктурни проекти.

Претседателот Иванов изрази задоволство од интересот и притоа ги информираше за можностите што ги нудат слободните економски зони и напорите што ги прави Владата за подобар инвестициски амбиент. Стана збор и за проектот Јадранско-Јонска магистрала и нејзино поврзување со Коридорот 8 и 10.

Претседателот на компанијата Sinohydro го информираше македонскиот претседател дека сите подготовки за потпишување на договорите со Република Македонија за изградба на автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид од нивна страна се завршени и се чека одобрувањето од македонското Собрание по што започнува реализацијата на проектот.

Претседателот Иванов изрази задоволство што Македонија веројатно ќе биде прва од државите од ЦЕИ што ќе потпише конкретен договор од проектот „10 милијарди долари".

kina2Претставниците на Sesai Jiliajija Petro Chemical Equipment го известија претседателот Иванов дека се заинтересирани за инвестирање во слободните економски зони во Македонија за производство на пумпи за бенински и за електронски автоделови.
На средбите со раководствата на кинеските компании претседателот Иванов беше придружуван од министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф.

Преку проектот Инвестирајте во Македонија и приватни кинески бизнисмени ги учат поволностите за влез во државата. Фред Чанг, кој има своја консултантска фирма и соработува со Европа, планира да инвестира во Македонија.

Во изјава за македонските новинари рече дека иако пазарот е мал, сепак Македонија се наоѓа на добра позиција во однос на поставеноста кон Европската унија.

„Доколку кој било инвестира во Македонија ќе биде во можност да се фокусира и кон целиот европски пазар. Затоа, Македонија не е мала, што претставува добра база за натамошен продор", истакна Чанг.

Тој смета дека Кина би била добар пазар за македонското вино, но и за органски произведените земјоделски производи, но и дека во Македонија може да се произведува млеко во прав, што би бил исплатлив бизнис за Кина. Чанг како интересни сектори за инвестирање во Македонија ги издвојува земјоделството и енергетиката и тоа производство на алтернативна енергија, преку соларни колектори и ветерници.

Инаку, НР Кина е земја со најбрз економски раст, веќе го презеде второто место на листата најразвиени од Јапонија, а според предвидувањата со континуиран раст може набргу да ги достигне и САД.

Според програмата, претседателот Иванов утре, освен средбата со неговиот домаќин Џинпинг Си, ќе има обраќање на свечениот прием по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, кој ќе се одржи во Салата на мирот во Кинеската асоцијација за пријателство со странски земји.

По Пекинг, претседателот Иванов заминува за Ченгду, во провинцијата Сичуан, каде ќе присуствува на свеченото отворање на 14. Меѓународен форум за Западна Кина, насловен како „Форум за меѓународна соработка на Западна Кина", кој го организираат 12 провинции на Западна Кина и 12 министерства на Централната Влада.

На Форумот, на кој ќе учествуваат повеќе државници од светот, претседателот Иванов ќе има обраќање на тема „Балансиран развој и заеднички просперитет".

kina3

 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 103 од 198