Новости
predavanje1
Филозофијата му дава вистинска вредност и смисла на животот – предавање на претседателот Иванов по повод Светскиот ден на филозофијата
Четврток, 21 Ноември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска, во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на филозофијата, одржа предавање на Филозофскиот факултет во Скопје.

Претседателот Иванов изрази задоволство од можноста и честа да биде покровител на научниот собир на тема „Филозофијата денес", во организација на Филозофскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј" и Филозофското друштво на Македонија.

„За разлика од воздухот што го дишеме, водата што ја пиеме и храната со која се храниме, филозофијата, како и уметноста, не е неопходна за човековото преживување. Човекот може да преживее и без филозофијата. Но, филозофијата е една од оние нешта што му даваат вистинска вредност и смисла на животот и живеењето. Филозофијата го прави животот вреден", рече претседателот Иванов.

„Да гледате во љубовта и пријателството корист, значи да ја изгубите смислата на пријателството и љубовта. Така е и со филозофијата – да гледате во неа корист, значи да ја изгубите смислата на филозофијата. Таа иако е тешка, сепак не привлекува за да бидеме повеќе луѓе, односно да видиме како бескрајно сами себе се надминуваме, или што би кажал нашиот Св. Климент – да се престигнуваме по добрина. Кој имал можност да слуша, или пак да чита дело на некој возвишен филозоф, лесно ќе се убеди во сево ова", рече претседателот Иванов во предавањето одржано на Филозофскиот факултет во Скопје.

Претходно, претседателот Иванов одржа средба со деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Горан Ајдински, како и со дел од учесниците на научниот собир.

predavanje2

ZS
Златните славејчиња кај претседателот Иванов
Среда, 20 Ноември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими учесниците на 43-то издание на детскиот фестивал „Златно славејче", што се одржa под негово покровителство.

Честитајќи им го Меѓународниот ден на детето, претседателот Иванов на златните славејчиња им честиташе за успешното реализирање на фестивалот, што се одржа по четириесет и трети пат.

Претседателот Иванов посака уште многу години златните славејчиња да пејат нови песни и да имаат нови изведби за новите генерации и порача дека Македонија е горда што го има „Златно славејче" и дека нивната мисија е поттик за сегашните генерации, но и генерациите кои следат, да продолжат да ги негуваат вистинските вредности.

Златните славејчиња низ песна се заблагодарија за континуираната поддршка од македонскиот претседател. Ветија дека неуморно и посветено ќе работат за да постигнат уште поголеми успеси и да ни донесат уште поголеми радости во иднина.

ZS02

prastalo
Средба со претседателот на Европското движење на Босна и Херцеговина, Предраг Праштало
Вторник, 19 Ноември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими претседателот на Европското движење на Босна и Херцеговина, г. Предраг Праштало.

Претседателот Иванов ги поздрави активностите на Европското движење на Босна и Херцеговина и неговата улога и ангажман во подобрувањето на имиџот и перцепциите не само за Босна и Херцеговина туку и на целиот регион. „Интегративните процеси се тие кои не упатуваат на зголемена соработка во сите сфери од интерес за граѓаните на државите од регионот, и тие се алатката која претставува силна подршка на реформските процеси во нашите општества“, нагласи претседателот Иванов. Во тој контекст, посочувајќи ја важноста од взаемната поддршка и од регионалната соработка на планот на евроинтеграциите, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија како и досега, е подготвена за тесна соработка со сите земји аспиранти од нашиот регион.

Праштало за заблагодари за приемот од страна на македонскиот претседател и го информираше претседателот Иванов за претстојниот Конгрес на меѓународното Европско движење во Будва, со кој се очекува да се прати силна порака од регионот до Европската унија за неопходноста од доследно продолжување на процесот на проширување.

Европското движење на Босна и Херцеговина, во октомври 2012 година, на претседателот Иванов му додели „Орден за посебни заслуги" за неговиот придонес во регионалното европско партнерство, развојот на пријателствата, процесот на помирување и подобро разбирање меѓу народите во овој дел на Европа.

Kabinet
Конкурс за прибирање ликовно-графички решенија за описот, изгледот и материјалите од кои се изработуваат одликувањата на Република Македонија
Сабота, 16 Ноември 2013

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија распишува:

                                  К О Н К У Р С
за прибирање ликовно-графички решенија за описот, изгледот и материјалите од кои се изработуваат одликувањата на Република Македонија

1. Цел на конкурсот е да се приберат ликовно-графички решенија за описот, изгледот и материјалите од кои треба да се изработат следните одликувања утврдени во член 13 точки 3, 4 и 5 од Законот за одликувањa и признанија на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија" бр.48/02 и бр.24/12):


- Медал на честа;
- Медал „Вечно сонце" и
- Медал за учество во хуманитарни или мировни операции, надвор од територијата на Република Македонија. Овој медал се доделува за секое учество и тоа:

• Прво учество, медал со чист рибон;
• Второ учество, медал со бронзена ѕвезда на средина на рибонот;
• Трето учество, медал со бронзена ѕвезда и број 1 на средина на рибонот;
• Четврто учество, медал со сребрена ѕвезда на средина на рибонот;
• Петто учество, медал со сребрена ѕвезда и број 1 на средина на рибонот;
• Шесто учество, медал со златна ѕвезда на средина на рибонот;
• За учество во секоја следна мисија, медал со златна ѕвезда и со последователен број на средина на рибонот.

2. Ликовно-графичките решенија за горенаведените медали треба да претставуваат израз на содржините утврдени со членовите 13, точки 3, 4 и 5 од Законот за одликувања и признанија на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија" бр.48/02 и бр.24/12). Во таа смисла, ликовно-графичките решенија треба да ги изразуваат спецификите на Република Македонија, нејзините воени, историски, културни, научни и уметнички традиции, симболи и обележја, нејзините природни реткости, како и нејзините автентични географски, природни и културни карактеристики.

3. Ликовно-графичките решенија треба да содржат решение за формата и изгледот со опис и упат (со текстуално образложение) за пластично и колористичко обликување и предлог од кои материјали истите ќе бидат изработени (племенити материјали – злато, сребро и други соодветни легури комбинирани со емаjл во една или повеќе бои и сл.). Секое ликовно-графичко решение треба да содржи прецизна спецификација за неговата димензија, дебелина, јасен и детален опис на материјалот.
Ликовно-графичките решенија не треба да содржат одредени права на употреба или заштитени интелектуални права или сопствености, како и употреба на пост-номинални букви.

4. Конкурсот е јавен, а понудите за ликовно-графичките решенија се доставуваат анонимно во затворена обвивка врз која треба да се напише „Конкурс за одликувања" и шифра од максимум 5 знаци (букви или броеви, како и назнака „Не отворај!"). Податоците за авторот треба да се наведат во посебен затворен коверт приложен во трудот со назнака „Автор" и назначен со истата шифра. Предлозите треба да се достават и во електронска форма (векторски формат-пдф) на ЦД. Конкурсните материјали и целата коресподенција поврзана со конкурсот се доставуваат на македонски јазик и кирилско писмо.
Доставените предлози не се враќаат на учесниците на конкурсот.

5. Секој од учесниците има право да учествува со по еден предлог за трите медали. За Медалот за учество во хуманитарни или мировни операции, надвор од територијата на Република Македонија, учесниците треба да достават ликовно-графички решенија за сите наведени верзии на истиот.

6. За најдобрите ликовно-графички решенија предвидени се награди, и тоа:
- Медал на честа 60.000,00 ден.
- Медал „Вечно сонце" 60.000,00 ден.
- Медал за учество во хуманитарни или мировни операции, надвор од територијата на Република Македонија:
• Прво учество медал со чист рибон;
• Второ учество, медал со бронзена ѕвезда на средина на рибонот;
• Трето учество, медал со бронзена ѕвезда и број 1 на средина на рибонот;
• Четврто учество, медал со сребрена ѕвезда на средина на рибонот;
• Петто учество, медал со сребрена ѕвезда и број 1 на средина на рибонот;
• Шесто учество, медал со златна ѕвезда на средина на рибонот;
• За учество во секоја следна мисија, медал со златна sвезда и со последователен број на средина на рибонот. 80.000,00 ден.

7. Жири-комисија формирана од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија ќе изврши вреднување и квалитативно оценување на добиените ликовно-графички решенија.

8. Доколку предложените ликовно-графички решенија не ги задоволуваат бараните карактеристики се задржува правото да не се додели награда за медалот.

9. Авторските права на учесниците во конкурсот чии ликовно-графички решенија ќе бидат прифатени се пренесуваат во целост на Претседателот на Република Македонија.

10. Краен рок за предавање на ликовно-графичките решенија е 06.12.2013 година до 16.00 часот, во архивата на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија (ул. „Ацо Караманов" 33А, 1000 Скопје). За ликовно-графичките решенија испратени по пошта важи датумот и часот на испраќањето.

11. За дополнителни консултации и информации учесниците на конкурсот можат да се обратат до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, на телефонскиот број 02/3253-132 секој работен ден од 10.00 до 14.00 часот.

Кабинет на Претседателот на Република Македонија

Bacheva
По четврти пат избор на „Најдобар млад научник“ – огласот трае до 31 декември
Сабота, 16 Ноември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на почетокот на следната година по четврти пат ќе го додели признанието „Најдобар млад научник".

Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник" за 2013 година е отворен до 31 декември за сите млади луѓе до 30 години, кои во досегашната научна работа имаат постигнато научни резултати што придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Услов за конкурирање на заинтересираните е да имаат добиена меѓународна награда, меѓународно или домашно признание за научно-истражувачка дејност, резултатите од научното истражување да биле објавени во релевантно домашно или меѓународно списание и да имаат своја применетост.

Проектот „Најдобар млад научник", инициран од страна на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, има за цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.

Преку овој проект се воспостави традиција за избор на најдобар млад научник на годишно ниво, што претставува поттик на младата научна и истражувачка мисла во Република Македонија. Доделувањето на признанието претставува валозирација на заложбата на претседателот Иванов за поддршка на науката, научните установи, младиот научен кадар, како и за изнаоѓање на начини за стимулирање на вложувањата во науката", вели проф. д-р Атанас Кочов, претседател на Комисијата за доделување на признанието „Најдобар млад научник".

Признанието „ Најдобар млад научник" беше прв пат доделено од страна на претседателот Иванов во 2010 година, на м-р Никола Златанов, докторант на Универзитетот на Британска Колумбија, Канада.

Во 2011 година признанието му беше доделено на д-р Трифче Сандев, кој своето високо образование го има стекнато на Институтот за физика, на Природно-математичкиот Факултет – Скопје, каде и ја одбрани неговата докторска теза.

Во 2012 година признанието „Најдобар млад научник" беше доделено на д-р Катерина Бачева, која своето високо образование го има стекнато на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет.

Апликацијата треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2013 година со кои се конкурира и доказ за државјанство на Република Македонија.

Заинтересираните своите документите треба да ги достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31.12.2013 година.

Javen_povik1

SEELS1
Претседателот Иванов прими претставници на Мрежата на правни факултети од Југоисточна Европа
Петок, 08 Ноември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими претставници на SEELS – Мрежа на правни факултети од Југоисточна Европа.

Станува збор за регионална организација на 13 правни факултети од Република Македонија, Република Албанија, Република Хрватска, Босна и Херцеговина, Република Србија и од Црна Гора, чиј центар е на Правниот факултет „Јустинијан Први" во Скопје, институција што го иницираше нејзиното формирање.

На средбата претседателот Иванов беше запознаен со досегашната работа на организацијата, чија цел е размена на знаења и искуства во областа на правните науки, вмрежување на студентите и професорите по право од Југоисточна Европа, спроведување на заеднички проекти, како и соработка со водечките европски и меѓународни образовни институции од областа на правото.

Претседателот Иванов изрази задоволството од постигнатото ниво на соработка во рамки на мрежата, оценувајќи дека претставува позитивен пример за регионална соработка, што може да биде применет и во други сфери. Претседателот Иванов, на претставниците на правните факултети од регионот им посака натамошен успех во работата и продлабочување на меѓусебната соработка, во корист на општествата од регионот.

SEELS2

 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 101 од 198