Новости
Kabinet
Објавен конкурсот за прибирање ликовно-графички решенија за описот, изгледот и материјалите од кои се изработуваат одликувањата на Република Македонија
Петок, 04 Октомври 2013

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија распишува:

                                    К О Н К У Р С
за прибирање ликовно-графички решенија за описот, изгледот и материјалите од кои се изработуваат одликувањата на Република Македонија


1. Цел на конкурсот е да се приберат ликовно-графички решенија за описот, изгледот и материјалите од кои треба да се изработат следните одликувања утврдени во член 13 точки 3, 4 и 5 од Законот за одликувањa и признанија на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија" бр.48/02 и бр.24/12):

- Медал на честа;
- Медал „Вечно сонце" и
- Медал за учество во хуманитарни или мировни операции, надвор од територијата на Република Македонија. Овој медал се доделува за секое учество и тоа:

• Прво учество, медал со чист рибон;
• Второ учество, медал со бронзена ѕвезда на средина на рибонот;
• Трето учество, медал со бронзена ѕвезда и број 1 на средина на рибонот;
• Четврто учество, медал со сребрена ѕвезда на средина на рибонот;
• Петто учество, медал со сребрена ѕвезда и број 1 на средина на рибонот;
• Шесто учество, медал со златна ѕвезда на средина на рибонот;
• За учество во секоја следна мисија, медал со златна ѕвезда и со последователен број на средина на рибонот.

2. Ликовно-графичките решенија за горенаведените медали, како и придружните елементи, треба да претставуваат израз на содржините утврдени со членовите 13, точки 3, 4 и 5 од Законот за одликувања и признанија на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија" бр.48/02 и бр.24/12). Во таа смисла, ликовно-графичките решенија треба да ги изразуваат спецификите на Република Македонија, нејзините историски, културни, научни и уметнички традиции, симболи и обележја, нејзините природни реткости, како и нејзините автентични географски, природни и културни карактеристики.

3. Ликовно-графичките решенија треба да содржат решение за формата и изгледот со опис и упат за пластично и колористичко обликување и предлог од кои материјали истите ќе бидат изработени (племенити материјали – злато, сребро и други соодветни легури комбинирани со емаjл во една или повеќе бои и сл.).

4. Конкурсот е јавен, а понудите за ликовно-графичките решенија се доставуваат анонимно во затворена обвивка врз која треба да се напише „Конкурс за одликувања" и шифра од максимум 5 знаци (букви или броеви, како и назнака „Не отворај!"). Податоците за авторот треба да се наведат во посебен затворен коверт приложен во трудот со назнака „Автор" и назначен со истата шифра. Предлозите треба да се достават и во електронска форма (векторски формат-пдф) на ЦД. Конкурсните материјали и целата коресподенција поврзана со конкурсот се доставуваат на македонски јазик и кирилско писмо.

5. Секој од учесниците има право да учествува со по еден предлог за трите медали. За Медалот за учество во хуманитарни или мировни операции, надвор од територијата на Република Македонија, учесниците треба да достават ликовно-графички решенија за сите наведени верзии на истиот.

6. За најдобрите ликовно-графички решенија предвидени се награди, и тоа:
- Медал на честа 60.000,00 ден.
- Медал „Вечно сонце" 60.000,00 ден.
- Медал за учество во хуманитарни или мировни операции, надвор од територијата на Република Македонија:
• Прво учество медал со чист рибон;
• Второ учество, медал со бронзена ѕвезда на средина на рибонот;
• Трето учество, медал со бронзена ѕвезда и број 1 на средина на рибонот;
• Четврто учество, медал со сребрена ѕвезда на средина на рибонот;
• Петто учество, медал со сребрена ѕвезда и број 1 на средина на рибонот;
• Шесто учество, медал со златна ѕвезда на средина на рибонот;
• За учество во секоја следна мисија, медал со златна sвезда и со последователен број на средина на рибонот. 80.000,00 ден.

7. Жири-комисија формирана од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија ќе изврши вреднување и квалитативно оценување на добиените ликовно-графички решенија.

8. Жири-комисијата го задржува правото да не додели награди на конкурсот ако смета дека предложените решенија не ги задоволуваат бараните карактеристики.

9. Авторските права на учесниците во конкурсот чии ликовно-графички решенија ќе бидат прифатени се пренесуваат во целост на Претседателот на Република Македонија.

10. Краен рок за предавање на ликовно-графичките решенија е 24.10.2013 година до 16.00 часот, во архивата на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија (ул. „Ацо Караманов" 33А, 1000 Скопје). За ликовно-графичките решенија испратени по пошта важи датумот и часот на испраќањето.

11. За дополнителни консултации и информации учесниците на конкурсот можат да се обратат до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, на телефонскиот број 02/3253-132 секој работен ден од 10.00 до 14.00 часот.

Кабинет на Претседателот на Република Македонија

evropratenici
Претседателот Иванов оствари средба со евро-пратениците и членови на групата „Пријатели на Македонија“,Мартин Кастлер и Туне Келам.
Вторник, 01 Октомври 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими пратениците во Европскиот парламент и членови на групата „Пријатели на Македонија",г. Мартин Кастлер и г. Туне Келам.

На средбата беа разменети мислења и информации за европската агенда на Република Македонија, постигнатиот напредок во реформскиот процес и европската перспектива на земјата во пресрет на октомврискиот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија.

Евро-пратениците изразија задоволство од постигнатиот напредок во Република Македонија во однос на клучните реформски области и го истакнаа очекувањето дека Република Македонија месецов ќе добие позитивен извештај од Европската комисија. Воедно, евро-пратениците изразија надеж дека препораките на Комисијата овој пат доследно ќе се имплементираат и ја потврдија поддршката од Европскиот парламент за доделување на датум за почеток на пристапни преговори за членство во Европската унија.

Претседателот Иванов се заблагодари за континуираната поддршка од Европскиот парламент на европската интеграција на Република Македонија и го поздрави ангажманот и заложбите на групата „Пријатели на Македонија" на овој план.

Заедничка констатација на средбата беше дека Република Македонија предолго и неправедно чека датум за почеток на преговори за членство во Унијата, и дека земјава е подготвена да ги вложи сите потребни напори за да ги исполни стандардите за членство во Европската унија.

evropratenici1

tearce
Претседателот Иванов на „Спортски бон-тон“ во општина Теарце
Понеделник, 30 Септември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов заедно со амбасадорот на САД, Пол Волерс денеска присуствуваа на спортско-културната манифестација што се одржа во адаптираната сала на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ" во општина Теарце.

Целта на проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот - Спортски Бон-Тон" е промовирање на спортот како општествена активност преку која со игра, забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност се зацрврстуваат меѓуетничките односи во Република Македонија.

„Проектот „Спортски бон - тон" продолжува со што им се дава можности за дружење на учениците од различни краеви на државата, но истовремено младите да научат како да постапуваат и како натпреварувачи и како гледачи и тоа да го применуваат во своите средини. Ова е можност за заемно запознавање на децата од различни општини бидејќи Теарце е одличен пример на соживот на различни етнички и верски заедници поради што денеска имаме и претставници и на верските заедници. Сакаме младите да ја запознаат сета различност во Македонија и да учат, да се почитуваат меѓусебе и разбираат и заедно да растат во еден поинаков амбиент што ќе им овозможи заемна комуникација, другарување и заедничко чуствување на сето она што го имаме како држава", рече претседателот Иванов, кој е и покровител на проектот.

terace1Амбасадорот Волерс им се заблагодарам на претседателот Иванов, градоначалникот на општина Теарце и организацијата „Глобал" за нивната напорна работа на Спортски бон-тон.

„Сметам дека тоа е вистински пример на спортско однесување и како младите да работат заедно. Американската амбасада со гордост го поддржува овој одличен проект на „Глобал" низ цела Македонија преку кој се учи за спортското однесување, толеранцијата и како да се работи како тим и кај децата и во државата во целина", изјави Волерс.

Градоначалникот на општина Теарце, Исен Асани рече дека го информирал претседателот Иванов за состојбите во општината и проблемите со кои се соочуваат во работењето.

„Денешниот дождлив ден е уште еден аргумент дека во Теарце недостасува сала и добив ветување од претседателот Иванов дека од следната година ќе започне изградба на спортска сала за потребите на жителите на општината", рече Асани.

Носител на проектот е Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал" во партнерство со општините вклучени во неговата реализација – Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и Теарце.

tearce2

sportski-bonton
Дебар е вековен пример за соживот - „Спортски бон-тон“ во Дебар
Среда, 25 Септември 2013

debar„Целта на оваа акција е децата од мали нозе да научат како да се натпреваруваат, како да го почитуваат противникот, како да играат фер и да ги почитуваат правилата, оти она што важи како правило во спортот, важи и во животот", изјави претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Дебар каде се одржа спортско-културната манифестација, „Спортски Бон-тон", додавајќи дека овој проект не е само едукативен, туку придонесува за зближување и меѓусебно почитување на децата, кои доаѓаат од различни средини.

„Дебар е вековен пример за соживот и за меѓусебно почитување на различни религии, на различни етнички групи. Така што, преку овој проект само ја потврдуваме таа традиција. Дебар да продолжи да биде позитивен пример и децата кои дошле од другите општини да се запознаат со своите другарчиња, да спортуваат и преку спортот да го учат бон-тонот, затоа што овие деца се и натпреварувачи, меѓутоа и седат на трибините и ги гледаат спортските натпревари", рече претседателот Иванов како покровител на проектот.

debar2Задоволство од учеството во овој проект изрази и градоначалникот на Дебар.

„Денеска ни е гостин во градот Дебар, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, и тоа ни претставува голема чест. На овој настан ги собравме децата од седум општини на Република Македонија, и чест ни е да го поминеме денот сите заедно со Претседателот на Република Македонија", изјави градоначалникот на Дебар, Ружди Љата.

Носител на проектот е Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал", во партнерство со општините вклучени во неговата реализација – Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и Теарце.

„Целта на оваа акција е сите чинители да се чувствуваме како едно, поаѓајќи од децата, па се до нашиот врвен авторитет, претседателот на Република Македонија. Да ги надминеме нашите разлики на било која основа и преку спорот како алатка тоа да го контролираме. Спортот може да биде одговор на сите негативни девијации кои постојат во едно општество, токму преку вакви акции и настани. Драго ми е што како наш сојузник го имаме претседателот Иванов" , изјави Иван Анастасовски, претседател на „Глобал" .

Проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)" има за цел промовирање на спортот како општествена активност преку која со игра, забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност се зацрврстуваат меѓуетничките односи во Република Македонија.

За време на денешната посета на Дебар, претседателот Иванов ја посети и фабриката „Кнауф" за производство на гипс.

debar1

treskavec_1
Претседателот Иванов го посети манастирот Трескавец
Недела, 22 Септември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, придружуван од сопругата, г-ѓа Маја Иванова, денеска го посети манастирот Трескавец во Општина Прилеп.

Македонскиот претседател за време на престојот во манастирот ја посети црквата „Успение на Пресвета Богородица", каде беше запознат со историјатот на манастирскиот комплекс.

Во придружба на митрополитот преспанско-пелагониски, г. Петар и епископот хераклејски, г. Климент, претседателот Иванов ги посети и остатоците од манастирските конаци, што изгореа во пожар во февруари годинава.

Пред претседателот Иванов беа претставени активностите што се превземаат во насока на нивна обнова.

„Ова е сведоштво за многу епохи, за многу генерации, за многу кои наоѓале утеха во Бога, наоѓале во овој амбиент место кадешто се себеосознавале. Така што, сведоштвата во темелите на манастирот и фрескоживописот кажува дека и во минатото манастирот имал слични непогоди, меѓутоа секој пат луѓето биле сплотени и биле солидарни, знаеле да помогнат, да се обнови, да се изгради. Така што, одговорност на оваа генерација е, кои сме сега свидетели на ова, да ја покажеме повторно нашата солидарност за да оставиме идните поколенија да се сеќаваат на нашата хуманост, на нашата помош и на нашата верба во Бога", изјави претседателот Иванов за време на посетата на манастирот Трескавец.

treskavec_2

Kalishta1
Претседателот Иванов присуствуваше на литургија во манастирот во Калишта по повод празникот Мала Богородица
Сабота, 21 Септември 2013
 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 105 од 198