Новости
slo1
Средба на претседателот Иванов со словенечкиот министер Тина Комел, задолжена за словенечката заедница во странство
Четврток, 19 Септември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими г-ѓа Тина Комел, министер без ресор за односите меѓу Република Словенија и автохтоната словенечка национална заедница во соседните земји и меѓу Република Словенија и Словенците во странство.

На средбата е изразено задоволство од пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Словенија, без отворени политички прашања, базирани на долгогодишна конструктивна соработка и заемна поддршка на билатерален и мултилатерален план.

Двајцата соговорници се согласија за важноста на редовните контакти на највисоко ниво меѓу двете земји, нагласувајќи го нивното значење за натамошното јакнење на меѓусебните односи и збогатување на соработката.

На средбата претседателот Иванов и министерот Комел разменија мислења за повеќе прашања од иселенички аспект, при што е констатирано дека овозможени се услови за успешна интеграција на Македонците и иселениците од Република Македонија во словенечкото општество.

Претседателот Иванов изрази задоволство од позитивниот однос на Република Словенија кон македонското национално малцинство, чиј национално-културен и верски идентитет се афирмира согласно меѓународните стандарди, финансиски се поддржува реализирањето на проектите од областа на културата и образованието, а се води грижа и во однос на можноста за изведување дополнителна настава по македонски јазик и национална историја.

Двајцата соговорници се согласија дека Декларацијата за положбата на националните заедници од 2011, на словенечкиот Парламент, е чекор напред кон постабилен третман на Македонците во Словенија.

Од македонска страна е изразено очекувањето за реализација на емисија на македонски јазик на програмите на словенечката државна радио и телевизија.

Претседателот Иванов и министерот Комел се согласија дека можностите за работа на македонските културни друштва претставуваат солидна основа за натамошно развивање и продлабочување на пријателските односи и врски меѓу двете земји.

На средбата е изразен и интерес за склучување билатерална спогодба за заштита на Македонците во Република Словенија и на Словенците во Република Македонија, согласно внатрешните законодавства.

slo2

rama1
Европска идеја за обединет Балкан – средба на претседателот Иванов со албанскиот премиер Рама во Тирана
Среда, 18 Септември 2013

Европската унија е таа што може најмногу да му помогне на нашиот регион да добие нов амбиент. Затоа патот кон ЕУ е нешто што ја менува нашата реалност, ова го заклучија на денешната средба во Тирана Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и Претседателот на Владата на Република Албанија, Еди Рама.

„Знаеме какво минато сме имале сите ние што живееме на Балканот, но првпат се случува нешто што не обединува во иднина. Европската идеја е таа што од иднината, нас не обединува да работиме во сегашноста и да ги исполниме европските стандарди, принципи и критериуми. Така ќе се создава потесен простор за оние што не им мислат добро на луѓето на Балканот, се разбира доколку ние сме доследни на европската агенда", истакна претседателот Иванов.

Претседателот Иванов и премиерот Рама на средбата разговарале за исполнувањето на обврските на двете земји кон своите малцинства.

„Разговаравме за придонесот на Албанците што живеат во Македонија, но и за Македонците што живеат во Албанија и притоа констатиравме дека живееме во такво време во кое не можете комуникацијата на луѓето и нивниот интерес да ги блокирате", рече македонскиот претседател.

Во контекст на тоа додаде дека на генерацијата што доаѓа треба да и се понуди нова инфраструктура, нови патишта, коридори, оптички кабли, далеководи, гасоводи.

„Тоа е она што и го должиме на генерацијата која доаѓа по нас. Ќе не паметат по она што денес ќе го направиме за нив", подвлече претседателот Иванов.

rama2Албанскиот премиер истакна дека од исклучително значење е зајакнувањето на односите и соработката меѓу двете влади.

„Се отвора едно ново време на можности после договорот меѓу Косово и Србија. Со тоа се отвораат можности за сите земји во регионот во насока на взаемна натамошна соработка", рече премиерот Рама.

Тој додаде дека разговарале околу почитувањето на механизмите кои се договорени и со меѓународниот партнер околу добриот соживот меѓу Македонците и Албанците во Македонија.

„На средбата и претседателот на Република Македонија ја изрази својата загриженост и своето барање да се покаже поголемо внимание за македонското малцинство во Албанија. Јас оваа порака ја примив не само како обврска на Владата да се грижи за сите малцинства во Албанија, но и како израз на фактот дека неможе да бараме од некого нешто што самите не можеме да го исполниме и дадеме", нагласи албанскиот премиер.

Тој подвлече дека заеднички ќе се придонесе соработката да се унапреди што е можно побрзо и подобро.

„Но истовремено тоа ќе биде направено строго спроведувајќи ги механизмите кои се во насока на обезбедување соживот меѓу Македонците и Албанците", додаде Рама.

Претседателот Иванов синоќа во Амбасадата на Република Македонија во Тирана имаше средба со претставници на Македонското национално малцинство.

rama3

dracpress1
Неопходно е поврзување на Балканот со европските коридори – претседателот Иванов на 5. Регионален претседателски Самит во Драч, Република Албанија
Вторник, 17 Септември 2013

На нашиот регион му треба нова инфраструктура, бидејќи на целиот Балкан има многу затворени патишта кои треба да се поврзат. Во тој контекст Коридорот 8 ќе го добие своето значење кога Јадранско-јонската магистрала ќе стане европски проект и сите земји ќе излегуваат на некој од европските коридорите, истакна Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на прес-конференција во Драч на крајот на Петтиот регионален претседателски самит.

Симболиката на овој Самит, како што посочи претседателот Иванов, е дека Европа ни е цел и токму Коридорот 8 станува прашање за европската иднина за целиот регион.

„Со новата инфраструктура ќе добиеме и нова економска, културна, трговска и туристичка размена. Затоа ние во Македонија инсистираме на Коридорот 8, кој засега дојде до Гостивар да продолжи и до Ќафасан на македонско-албанската граница", истакна македонскиот претседател Иванов.

Македонија, како што рече, има излез на два европски коридори, Коридорите 8 и 10, но Косово, Албанија и Црна Гора немаат излез на европски коридори и она, како што истакна, што на почетокот беше идеја сега станува конкретен проект кој би требало да е главна тема на Брдо процесот дека на регионот му треба нов коридор.

Изразувајќи благодарност до албанскиот претседател, бидејќи Драч го одбрал за место на одржување на вториот циклус на самити, претседателот Иванов рече дека кај нашите предци Драч претставувал пат за Рим, а за Рим, Драч бил патот за Истанбул.

„Ако тогаш Виа Игнација ги поврзувала истокот и западот преку Драч, сега Драч ни е симболика Виа Игнација да ја надоврземе на Виа Европа", истакна претседателот Иванов.

dracpress3Македонскиот претседател нагласи дека во иднина на овие самити би сакале да ги видат како учесници и претседателите на Србија и Грција, бидејќи коридорите ќе поминуваат и низ нивните земји.

„Дваесеттиот век како да ни го затвори просторот и голем дел од некогашните центри станаа периферии. Сега преку европската идеја се обидуваме повторно нашиот простор да се отвори и затоа ни е неопходна нова инфтраструктура, автопатишта, гасоводи, далноводи, оптички кабли, бидејќи новите генерации сакаат своите услуги и контакти да ги остваруваат побрзо", рече претседателот Иванов.

Како претседатели, истакна претседателот Иванов, ја имаме улогата овие теми да ги отвораме и да им ги даваме на владите за тие да се посветат на нив и да можат фондовите кои му стојат на располагање на целиот регион да се искористат за заеднички проекти.

Домаќинот на Самитот, албанскиот претседател, Бујар Нишани на прес-конференцијата рече дека во сите земји од регионот интеграција во ЕУ е и останува главен приоритет.

„Ова заедничко движење ќе го забрза нашиот пат кон Унијата, а процесите на тој пат ќе ги направи поефикасни и ќе дадат попозитивни резултати за нашите граѓани. Досега на овие средби ја искоренивме недовербата, а сега наша цел е да ја зајакнеме што е можно повеќе меѓусебе", истакна албанскиот претседател Нишани.

dracpress2


VujanovicDrac
Билатерални средби на претседателот Иванов во рамки на 5. Регионален претседателски Самит во Драч, Република Албанија
Вторник, 17 Септември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на учеството на 5. Регионален претседателски Самит во Драч, Република Албанија, одржа одвоени билатерални средби со Претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани, со Претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ и со Претседателот на Република Косово, Атифете Јахјага.

На средбите со претседателите Вујановиќ, Јахјага и Нишани, централна тема беше инфраструктурното поврзување, поточно реализацијата на иницијативата за проектот Јадранско-Јонска магистрала и поврзување со коридорите 8 и 10. Сите претседатели се согласија дека овој проект кој ќе ги поврзе пазарите и ќе ја зголеми економската компатибилност и конкурентност на сите инволвирани земји, и дека треба да биде највисоко во агендата на регионалната соработката. Беше договорено интензивирање на контактите со цел преку заеднички настап да се обезбеди поддршка од ЕУ за реализација на проектот. На средбите со сите соговорници, беа разменети информации за актуелните внатрешни економски и политички состојби во земјите и регионот, како и за состојбите во поглед на евроатлантските интеграции. Сите соговорници изразија заемна поддршка за интегративните процеси во ЕУ и НАТО, и изразија позитивни очекувања од претстојниот Европски совет во декември и следниот Самит на НАТО кој ќе се одржи во 2014 година.

На средбите беа разгледани и билатералните односи и соработка.

Претседателот Иванов и претседателот Вујановиќ констатираа дека нема отворени прашања меѓу Република Македонија и Црна Гора, дека двете земји се фокусирани на идентични надворешно-политички приоритети и цели, членството во НАТО и ЕУ и интензивна регионална соработка, и констатираа дека се исполнети сите услови, за во наредниот период највисок приоритет да биде ставен на развојот на економската соработка.

JahjagaDracНа средбата со Претседателот на Република Косово, претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија опстојува на определбата за градење на добрососедски односи, сестрана соработка и се залага низ отворен дијалог, институционално да се надминуваат сите предизвици. Во таа смисла беше изразено задоволство од надминувањето на неодамнешниот проблем во трговската размена и беше изразена надеж дека во иднина нема да се повторат проблеми кои ја ограничуваат економската соработка меѓу двете земји. Претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија целосно ги поддржува евроатлантските аспирации на Република Косово и ги поздрави постигнатите резултати во разговорите меѓу Република Србија и Република Косово, што претставува силен импулс за затворање на отворените прашања во регионот. Претседателката Јахјага изрази задоволство од учеството на 5-от регионален самит кој ја зголемува вредноста на билатералните, но и на регионалните односи и искажа благодарност до претседателот Иванов за улогата во овие самити чија примарна цел беше вклучување на Косово во регионалните иницијативи.

На средбата со Бујар Нишани, претседателот на Република Албанија, двајцата соговорници изразија надеж дека континуираниот и плоден политички дијалог ќе придонесе за зголемување на економската соработка и трговската размена.

Претседателот Нишани искажа благодарност за личниот придонес на претседателот Иванов во достигнатото ниво на пријателски односи меѓу двете земји, кои можат да послужат како пример во регионот, како и за ангажманот и улогата на претседателот Иванов на овие самити кои прераснуваат во корисна и значајна традиција, и од кои се очекува да создадат амбиент за реализација на заеднички проекти од корист за сите држави. Двајцата соговорници констатираа дека евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој, а во таа насока потребно е Европската унија да наоѓа решенија и да го одржува кредибилитетот на проширувањето како нивна најуспешна политика.

NishaniDrac

zname1
Свечена церемонија на промена на државното знаме
Петок, 13 Септември 2013
kosarkari1
Иванов: Со вас сме и во победите и во поразите – прием на Македонската машка кошаркарска репрезентација
Четврток, 12 Септември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила Водно ги прими членовите на Македонската машка кошаркарска репрезентација.

Претседателот Иванов им се заблагодари на нашите кошаркари што овозможија Македонија да биде присутна на завршницата на Европското првенство во кошарка.

- Ни стана традиција да се гледаме и кога има големи успеси, но и кога нема. Сметам дека можноста да се навива за својата репрезентација на едно европско првенство е привилегија и тоа што бевте дел од европската кошаркарска елита го сметам за успех, подвлече претседателот Иванов.

Тој додаде дека се надева дека ова искуство што македонските кошаркари го имаат стекнато на овие првенства ќе придонесе за да се изгради стратегија со која ќе се постигнуваат уште поголеми успеси од оние од пред две години.

- Една од најважните работи е тоа што со вашите успеси станавте херои на Македонија и сега во секое место во нашата држава се зборува за спорт, се навива и се јакне чувството за припадност и националната гордост. Станавте синоним за победа и најголемата придобивка е што младите денес во Македонија играат кошарка, се посветуваат на спортот, тргнувајќи по вашите примери.

Вашиот успех, вашиот однос према нашата држава, према македонското знаме и химна инспирираше многу деца, од најмала возраст да почнат да се занимаваат со спорт, но и да ја сакаат својата држава, рече претседателот Иванов.

Капитенот Перо Антиќ во името на сите играчи се заблагодари за големата поддршка што секогаш ја добиваат од македонскиот претседател.

- Како капитен на нашата репрезентација сакам да кажам дека ни значи вашата поддршка што целото време ни ја давате, особено што таа доаѓа и после ваквите наши настапи, рече Антиќ.

Претседателот Иванов изјави дека секогаш кога се натпреварува Македонската репрезентација без разлика дали тоа е во спортот, науката, образованието или на кое било поле, треба сите граѓани на Република Македонија да бидат обединети во едно. Само така се сака Македонија, заклучи претседателот Иванов.

kosarkari2

 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 106 од 198