Новости
probishtip01
Претседателот Иванов во посета на Пробиштип по повод празникот Успение на Пресвета Богородица
Среда, 28 Август 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица), го посети Пробиштип, каде присуствуваше на литургијата во црквата „Успение на Пресвета Богородица", со која чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и Митрополитот брегалнички г. Иларион.

„Сакам на сите верници да им го честитам празникот Успение на Пресвета Богородица, да им посакам многу здравје, радост и среќа во животот. Мајката Божја ние особено ја славиме како заштитничка, заштитничка на домовите, на семејствата, на мајките, на децата, така што и овој голем христијански празник е момент да се потсетиме на обврските што ги имаме кон нашите семејства, кон нашите деца. Исто така, од ова рударско место, Пробиштип, би сакал на сите рудари во Македонија да им го честитам нивниот празник и ним да им посакам многу радости, среќа и успеси во животот", изјави претседателот Иванов.

Во рамки на посетата на Пробиштип, претседателот Иванов присуствуваше на свеченото отворање на градскиот пазар. Воедно, претседателот Иванов го посети Домот на културата, каде ги разгледа минеролошката збирка и поставката на слики од Лесновска ликовна колонија, а го посети и манастирот „Св. Гаврил Лесновски" во с.Лесново.


probishtip02

SVP1
Претседателот Иванов приреди прием за учесниците на 52. издание на Струшките вечери на поезијата
Недела, 25 Август 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вечерва во „Вила Билјана" во Охрид, приреди прием за учесниците на 52. издание на Струшките вечери на поезијата.

Претседателот Иванов, на годинешниот лауреат, мексиканскиот романсиер, преведувач и критичар Хосе Емилио Пачеко, му честиташе за наградата „Златен венец", како една од најголемите светски награди за поезија и најголемо признание за целокупна поетска дејност.

На приемот, македонскиот претседател ги поздрави учесниците и организаторите на Струшките вечери на поезијата, и изрази очекување дека и во иднина ќе продолжи успешното организирање на оваа врвна меѓународна културна манифестација, која е од особено значење за презентација на македонското и светското поетско творештво, и за збогатувањето на македонската култура и афирмација на Република Македонија во светот.

На годинешното издание на поетскиот фестивал присуствуваа околу 50 странски поети, директори на фестивали, на значајни асоцијации, издавачи од Мексико и од регионот. Меѓу другите, присуствуваше и истакнатата данска поетеса и академик Пиа Тафдруп, реномирани поети од Израел, Египет, Франција, Кина, Русија, Турција, Словачка, Романија, Шпанија, Чиле, Англија, Индија, Полска, Германија, како и по еден поет од регионот.

Во 2011 година, претседателот Иванов ја одликуваше манифестација „Струшки вечери на поезијата" со Орден за заслуги за Република Македонија.

Во изминатите пет децении фестивалот Струшки вечери на поезијата го посетиле над пет илјади есеисти и критичари, а 47 поети го добиле највисокото признание „Златен венец на поезијата".

SVP2

maraton1
Претседателот Иванов им честиташе на победниците на Охридскиот пливачки маратон
Сабота, 24 Август 2013

Рајмон Аксел од Франција во машка и Мартина Грималди од Италија во женска конкуренција се овогодинешните победници на Охридскиот пливачки маратон, кој се одржа под покровителство на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

Трката стартуваше кај комплексот „Св. Наум", а заврши кај градското пристаниште во Охрид. На 30 километри долгата патека „Климе Савин" се натпреваруваа вкупно 28 пливачи од четири континенти, 17 во машка и 11 во женска конкуренција. На 27-то издание на меѓународниот пливачки маратон, Република Македонија беше претставена од четворица пливачи, Евгениј Поп Ацев, Александар Панчевски и Александар Илиевскипредводени од искусниот маратонец Томи Стефановски.

По пристигнувањето на победниците на целта, кај градското пристаниште, претседателот Иванов, им честиташе за победата и им додели лаворови венци.

maraton2Во чест на учесниците на Охридскиот пливачки маратон, беше приреден и свечен прием, на кој македонскиот претседател на годинешните победници на маратонот им ги врачи трофеите

„Дозволете, од сè срце, да им честитам за постигнатото и на победниците и на оние кои годинава не се закитија со трофеите. Сакам да знаете дека овде нема поразени. Сите кои учествуваат на оваа манифестација и стигнуваат на целта се победници. Ви посакувам и понатаму да продолжите да доаѓате на Охридскиот маратон. Бидете уверени дека вратите на Охрид и Македонија секогаш ви се ширум отворени", им порача претседателот Иванов на учесниците на маратонот.

Охридскиот пливачки маратон е дел од 12-те трки во Гран При серијата на Меѓународната пливачка федерација и традиционално се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

maraton3

skola0
На Македонија и се потребни луѓе кои знаат да предводат и да водат – претседателот Иванов се обрати на свеченото отворање на Школата за млади лидери
Понеделник, 19 Август 2013

На Македонија и се потребни луѓе кои знаат да предводат и да водат и во сегашноста, но и во иднината. Ни требаат лидери не само во политиката, туку и во економијата, културата, бизнисот, спортот, секаде, нагласи денеска претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на отворањето на Четвртата Школа за млади лидери.

На учесниците на школата, која ја спореди како управување со автомобил, Иванов им порача што повеќе да гледаат напред, поцврсто да го држат воланот и да имаат што повеќе сопатници, кои ќе ги пренесат во еден поинаков свет исполнет со радост и среќа.


„Сознанијата што ќе ги стекнете од Школата секогаш да бидат во вашите мисли неколку чекори понапред од другите, да размислувате секој пат од аспект на иднината и да ги согледувате сите последици од вашите одлуки кои мора да ги носите. Да бидете свесни за се она што вам ви е пренесено, кое треба да го сочувате и да го пренесете на идните генерации", рече македонскиот претседател.

Школата, која по четврти пат се одржува на иницијатива на претседателот Иванов, според него, е резултат на желбата да се продолжи со едукација и пренесување на знаење.

skola2„Таа е признание на целиот индивидуален успех на учесниците што досега го постигнале, бидејќи сето она знаење што сте го стекнале, во оваа школа го надградувате и усовршувате. Ова не е школа само за знаење, ова е школа за многу вештини и искуства од нашите пријатели, кои ни укажуваат на она што се очекува од оваа генерација. Затоа што живееме во свет кој многу брзо се менува. Свет во кој многу знаења брзо застаруваат и се соочува со големи предизвици што бараат нови решенија, кои некогаш излегуваат од рамките на шаблоните кои досега ги знаеме и познаваме. Тие решенија мора да ги дадат луѓе кои не се оптеретени со трауми од минатото", рече претседателот Иванов.

Оваа генерација која расте, додаде претседателот Иванов, се обидуваме да ја насочиме во тој правец да нуди решенија и свои визии на овој забрзан свет, и е од помош не само за Македонија, туку и за регинот и за цела планета, бидејќи живееме во свет во кој глобалното стана локално.

Поранешниот претседател на Чешката Република, д-р Вацлав Клаус, на отворањето истакна дека идејата на претседателот Иванов за организирање школа за лидери е добра, креативна, и смета дека не е доцна да ја пренесе во неговата земја.

„Сметам дека младите луѓе мора да имаат можност да се среќаваат да разговараат и да слушнаат други кои веќе имаат стекнато одредено искуство во различни сфери од животот и нивната кариера", рече Клаус.

Претседателот на Светската Академија на науки и уметности Иво Шлаус нагласи дека Школата е целосна иновација.

„Прашањето за лидерите е на многу начини интригантно, но ние мора да гледаме напред, да сме свесни за она што се случува позади нас и ние треба да одлучиме по кој пат ќе одиме", истакна Шлаус.

Меѓу предавачите на четвртата Школа за млади лидери се г. Доналд Дејв Мередит, канадски сенатор, г. Тафшир М. Авал, директор на Групацијата Мултимод од Бангладеш, г. Александре Севињи, Директор на постдипломски студии за комуникациски менаџмент на McMaster-Syracuse и McMaster University од Канада, г. Борис Поркович, Заменик претседател на Институтот за истражување на мали Европски држави од Монако, г. Доналд Стил, Директор на британската компанија Џонсон Асошиејтс и поранешен главен медиа портпарол на BBC, г. Сиетсе Бејкер, раководител на Изборот за песна на Евровизија и Генерален директор на холандската компанија Wow!works, како и г. Драган Стефановиќ, Пензиониран офицер во Армијата на САД и професор на Магистерски студии на програма за јавна администрација во „Апалачиан" - Државен универзитет во Северна Каролина. Меѓу предавачите се и истакнати поединци и успешни лидери во компании и образовни институции од Македонија, Шпанија, Нов Зеланд, Хрватска, Босна и Херцеговина, Израел итн.

На годинешната школа гостуваат вкупно 30 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции, кои ќе ги пренесат своите искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на обуката.

skola3

kinez
Средба со кинескиот амбасадор, Н.Е Цуи Живеи
Понеделник, 19 Август 2013
 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 108 од 198