Новости
zname
Свечена церемонија на промена на државното знаме
Петок, 08 Ноември 2013
izlozba0
Изложба на проекти на млади истражувачи „ Наука на младите“ во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија
Петок, 08 Ноември 2013

По повод Светскиот ден на науката, денес во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје, по вторпат се одржа изложба на иноваторски проекти и експонати на млади научници, во организација на Сојузот на здруженијата за техничка култура на Република Македонија – Народна техника и Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" - Скопје.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ја посети изложбата „Наука на младите", која ќе биде отворена во текот на денешниот ден, и на младите иноватори, им честита за освоените награди и достигнувања и ги охрабри да продолжат со уште посилен ентузијастички дух во создавање на пронајдоци и иновации. Воедно, честитајќи го Светскиот ден на науката, претседателот Иванов ги поздрави ваквите иницијативи, истакнувајќи дека поттикнувањето на образовниот и професионалниот потенцијал во нашата земја се исклучително важни, затоа што само едуциран кадар може да спроведува применливи научни истражувања, што е неопходно за обезбедување на економски развој, како и целокупен општествен напредок во земјата.

„Проектите што денеска имаме можност да ги видиме во Народната канцеларија, самите по себе зборуваат за нивното високо едукативно и апликативно ниво, како и за широкиот дијапазон знаења за новите технологии што го поседуваат младите истражувачи. Горди сме на овој потенцијал што го имаме како општество и апелирам до сите да се потсетиме на нашата обврска, секогаш да ги поддржуваме младите креативни луѓе во нивната работа", изјави претседателот Иванов.

Претседателката на Народна техника, проф. Христина Спасевска, изрази благодарност до претседателот Иванов за неговата континуирана поддршка на активностите и настаните кои имаат за цел да ја промовираат науката меѓу младите.

izlozba1Деканот на ФЕИТ Миле Станковски се надева дека изложбата ќе биде поттик за тие што сакаат да се занимаваат со наука да се придружат во науката и високото образование да го продолжат на технички или на факултети од природните науки.

„На нашиот факултет, ФЕИТ, се работат најголем број научно-истражувачки проекти во кои учествува кадарот на факултетот, но и млади научници - асистенти, докторанди и многу студенти. Наш студент за проектот за својата дипломска работа доби златен медал и уште две плакети на МАКИНОВА оваа година", истакна Станковски.

Претседателот на СПАТУМ Сојуз на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија. и проф. на ФЕИТ, Влатко Стоилков изјави дека големиот број патенти на млади научници потврдува дека Македонија има голем иноваторски потенцијал.

„По бројот на жители на државата сме прилично талентирана нација. Имаме многу патентти, пронајдоци, учествуваме на голем број меѓународни манифестации каде што добиваме и престижни признанија и награди. Нивниот број постојано расте, иако има административни пречки кои се поврзани со финансии и временски рокови. Тоа е бариера во која иноваторите тешко влегуваат. Но, ако направивме спој меѓу институциите - Државниот завод за заштита на индустриската сопственост, стопанските субјекти, мислам дека можеме да се движиме во добра насока", истакна Стоилков.

На изложбата беа претставени повеќе од 43 проекти на ученици од основните и средни училишта од 12 градови во Република Македонија кои што се здобиле со награди на Државните натпревари на младите истражувачи, организирани од Народна техника на Македонија, како и наградени иновативни проекти на МАКИНОВА и ЕКОНОВА 2013. Исто така на изложбата беа презентирани и најдобрите проекти на студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), при што се направи средба на основците и средношколците со студентите, и притоа беа разменети мислења и искуства, но и се воспоставија контакти за работа на идни заеднички проекти.

Народната канцеларија на претседателот Иванов останува отворена за сите иницијативи и настани кои имаат за цел да им овозможат на младите луѓе да го развиваат својот креативен и творечки потенцијал, да се натпреваруваат и да постигнуваат успеси.

izlozba2

gevgelija01
Претседателот Иванов во посета на Гевгелија и Дојран
Четврток, 07 Ноември 2013
kina
Средба на претседателот Иванов со Танг Лимин, директор на Комисијата за развој и реформи на кинеската провинција Сичуан
Среда, 06 Ноември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г. Танг Лимин, директор на Комисијата за развој и реформи на кинеската провинција Сичуан.

На средбата со кинеската делегација предводена од г. Лимин, претседателот Иванов го поздрави интересот на кинеската провинција за соработка со Република Македонија и ја реафирмираше подготвеноста на Република Македонија за интензивирање на економската соработка и зголемување на надворешно-трговската раземна со НР Кина, што е во насока на јакнење на традиционално добрите пријателски односи и продлабочување на меѓусебната доверба.

„Посебно не радува фактот што за време на мојата посета на НР Кина заеднички беше констатирано дека односите и соработката меѓу двете земји никогаш не биле на повисоко ниво. Особено задоволство е што постојат огромни потенцијали и можности за натамошно продлабочување на економската соработка. Првиот чекор е секако преку директна комуникација меѓу бизнис-секторот. Токму вашата посета е потврда за тоа," истакна на средбата со кинеската делегација претседателот Иванов.

На средбата стана збор и за неодамнешната посета на претседателот Иванов на Народна Република Кина, во чии рамки македонскиот претседател во Ченгду, во провинцијата Сичуан, оствари повеќе посети на кинески компании. Во оваа прилика, македонскиот претседател изрази задоволство од реализираната посета, како и од повторната средба со г. Лимин.

Директорот на комисија за развој и реформи на кинеската провинција Сичуан, се заблагодари за приемот и гостопримството од страна на претседателот Иванов и го потврди интересот на кинеските компании за инвестирање во Република Македонија, како и интересот за партнерство со македонски фирми во заеднички проекти. Директорот Танг Лимин упати честитки за постигнувањата и напорите на Владата на Република Македонија во креирањето на поволен бизнис амбиент за привлекување на странските инвеститори. Воедно, го информираше претседателот Иванов за планираните активности за наредниот период.

kina1

aerodorm1
„Спортски бон-тон“ во Општина Аеродром
Петок, 01 Ноември 2013

Со спортско – културната манифестација во Општина Аеродром денеска беше означен крајот на едногодишниот проект „Социјална и етничка интеграција преку спортот - Спортски бон-тон", кој беше спроведен под покровителство на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

Претседателот Иванов изјави дека со посета на општина Аеродром завршува еден исклучително значаен проект, со кој седум општини од различни делови на Македонија имаа можност да ги воведат децата во заеднички живот и да учат за различностите.

„Преку учење на спортот овие млади луѓе учеа и како да се однесуваат во животот, да ја почитуваат нашата различност, бидејќи посетија различни етнички, религизони и јазични средини, другаруваа меѓу себе и учеа како треба да се однесуваат во животот и во спортот - дека во спортот постои натпревар и секогаш по него треба да му се честита на победникот за успехот. Младите секојпат треба, и на трибините и на терените, да знаат да се однесуваат како и во ова другарување. Тоа е влог во иднината, зашто децата шират познанства и учат за предизвиците со кои ќе се соочуваат во животот", истакна претседателот Иванов.

Американскиот амбасадор Пол Волерс изјави дека е добро децата да се научат на добро спортско однесување, да работат заедно како тим, без оглед од каде доаѓаат, од која заедница, националност или религија.

„ Во следните години тие ќе бидат оние кои заедно ќе ја градат иднината на Македонија", истакна амбасадорот Волерс.
Градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски изјави дека целта на проектот е да ги поттикне децата да спортуваат и, како што рече, да ги потсетат на традиционалните детски игри што денеска се заборавени.

„Децата денеска играат на компјутери, така што целта на оваа манифестација е да ги натераме да излезат на улица и да ги практикуваат игрите од минатото, да го практукуваат спортот, да израснат во силни индивидуи, да научат фер-плеј, како се победува и како се губи", истакна градоначалникот на Аеродром.

Носител на проектот беше Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал", а покрај Аеродром беа вклучени и општините Кавадарци, Росоман, Дебар, Центар Жупа, Теарце и Валандово. Тие партнерски го реализираа проектот „Спортски бон-тон" и со поддршка на Амбасадата на САД во Македонија.

Негова цел е промовирање на спортот како општествена активност и низ игра, забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност да се зацрврстуваат меѓуетничките односи.

aerodrom2На новинарско прашање дали очекува до крајот на декември да се постигне решение за спорот со името, со оглед на шпекулациите дека двете земји се блиску до решение, претседателот Иванов денеска изјави дека не е ниту песимист, ниту оптимист, туку е реалист во однос на спорот за името и можноста за негово решавање.

„Додека сум на ова функција никогаш не сум бил песимист, ниту оптимист, секојпат сум бил реалист. И ако сме реалисти, ја знаеме изјавата на господинот Нимиц кој е најдобро информиран во целиот процес, така што немам ништо ни да додадам ни да одземам на изјавата на господинот Нимиц", рече претседателот Иванов.
Прашан дали ќе се кандидира за уште еден претседателски мандат, македонскиот претседател рече дека „кога ќе дојде моментот, ќе им ја соопшти одлуката на граѓаните".

За изјавата на Ахмети што ја пренесоа некои медиуми дека нема да го поддржи на претседателските избори, претседателот Иванов одговори дека не знае за таква изјава на лидерот на ДУИ.

Во врска со можноста за аболиција на новинарот Томислав Кежаровски, ако биде поведена таква процедура од Министерството за правда, претседателот Иванов рече дека ќе се постапува според законите и Уставот.

„Додека сум на оваа функција никојпат ниту сум коментирал судски одлуки, ниту мислам да коментирам. Она што е во согласност со законите и Уставот го почитувам. Така што секоја процедура која постои во законите, стриктно се придржувам кон неа. Имаме во Кабинетот комисија која ги разгледува сите прашања и кога ќе дојде иницијативата, ќе донесе одлука која јас ќе ја прифатам во согласност со ставовите што ќе дојдат од Министерството за правда", изјави претседателот Ѓорге Иванов.

aerodrom3

mazovjecki1
Претседателот Иванов упати сочувство и се потпиша во книгата на жалост по повод смртта на поранешниот полски премиер Тадеуш Мазовјецки
Среда, 30 Октомври 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска, по повод смртта на г-дин Тадеуш Мазовјецки, поранешниот премиер на Република Полска, упати писмо со сочувство до претседателот на Република Полска, г. Бронислав Коморовски.

„Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на поранешниот Премиер на Република Полска, еден од предводниците на „Солидарност" и прв демократски премиер по падот на комунизмот, господинот Тадеуш Мазовјецки. Дозволете ми, господине Претседателe, во овој тажен миг за Вас и за полскиот народ, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да Ви упатам изрази на искрено сочувство. Господинот Мазовјецки ја прошири борбата за слобода, демократија, човекови права и човеково достоинство и надвор од родната Полска, застапувајќи се за достоинството на државите и народите кои ги правеа своите први чекори кон демократијата, вклучително и Република Македонија", се вели во писмото со сочувство од претседателот Иванов до полскиот претседател Коморовски.

„Сакам да Ве уверам, почитуван Претседателе, дека во сеќавањата на граѓаните на Република Македонија ќе останат врежани спомените за господинот Мазовјецки, кој, во својство на специјален претставник на Обединетите нации за човекови права во извештаите од 1994 година бараше од Советот на безбедност на Обединетите нации да издејствува итно прекинување на неправедното грчко ембарго кон Република Македонија. Во мугрите на нашата независност, господинот Мазовјецки го бранеше правото на македонските граѓани на самоидентификација и достоинство. Ве молам, господине Претседателе, изразите на сочувство да ги пренесете до пријателскиот полски народ и до семејството Мазовјецки", се вели писмото со сочувство од претседателот Иванов до полскиот претседател Коморовски.

По повод смртта на г. Мазовјецки, претседателот Иванов денеска се потпиша во книгата на жалост во Амбасадата на Република Полска во Скопје.

mazovjecki2Мазовјецки, во улога на специјален претставник на Обединетите нации за човекови права за земјите од поранешна Југославија, промовираше позитивен однос кон Република Македонија во првите години од нејзината независност.

Тој, во 1994 година од Советот за безбедност на Обединетите Нации побара итен прекин на грчкото ембарго кон Република Македонија, и надоместување на загубите на нашата држава.

Во 2002 година во интервју за „Утрински весник", Мазовјецки ја оспори употребата на привремената референца за именувањето на Република Македонија.

„Одлуката Македонија да се нарекува со референцата ФИРОМ едноставно е варварска. Не може таков назив "поранешна". Во името не може да биде "поранешна република", тоа никаде го нема. Не е сретнато никаде", изјави тогаш Мазовјецки.

Во 2006 година, Мазовјецки јавно му честита и му се заблагодари на тогашниот американски претседател Џорџ Буш за одлуката за признавање на уставното име на Република Македонија.

„Доколку пред десетина години немаше аргументи за оправдување на ова бесмислено име, тогаш уште повеќе ги нема денес! Бидејќи Македонците докажаа дека ги ценат мирот и стабилнноста, дека немаат никакви големодржавни амбиции, дека рамноправно ги третираат сите свои граѓани, без оглед на нивната националност, дека сакаат да соработуваат со сите соседи, дека се наклонети кон компромиси, дека иако се сиромашни, знаат да им помогнат и на посиромашните, дека го исполнуваат договореното. Што треба уште да докажат", оцени Мазовјецки во 2006 година.

Во интервју за „Дојче Веле" во 2012 година, по повод неговиот 85 роденден, Мазовјецки уште еднаш го истакнува своето несогласување со грчкото противење на уставното име на Македонија.

„Уште тогаш не сфатив зошто ја понижуваат таа мала земја, оспорувајќи и' го правото да се нарекува Македонија. Мислам дека Грците во ова прашање се малку пречувствителни, а меѓународната заедница во основа и натаму ја понижува Македонија со тоа што се согласува со вештачкото име. Јас не се согласувам со тоа", рече Мазовјецки за „Дојче Веле" во 2012 година.

Своите позитивни ставови за Македонија Мазовјецки ги реафирмираше и во интервју за хрватски „Јутарњи лист" во 2012 година.

„Би ја споменал само и Македонија, која и понатаму ги чувствува последици од тој несреќен конфликт со Грција околу името. Кога ги пишував своите извештаи, секогаш за таа држава го користев името Македонија, поради што Грците редовно протестираа и бараа да се користи називот поранешна југословенска Република Македонија. За мене тој грчки став беше понижување на малата и млада држава, што сигурно не би се користел ако во прашање беше некоја голема држава. Таквото однесување едноставно не беше добро", изјави Мазовјецки во интервју за хрватски „Јутарњи лист" во 2012 година.

mazovjecki3

 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 102 од 198