Новости
Shlaus
Доделување на сертификат за членство на претседателот Иванов во Светската академија на науките и уметностите
Понеделник, 16 Декември 2013

slaus1На свечена церемонија, денеска на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов му беше доделен сертификат за членство во Светската академија на науките и уметностите. Сертификатот на македонскиот претседател му го врачи проф. д-р Иво Шлаус, претседателот на Светската академија на науките и уметностите.

Сертификатот за членство во Светската академија на науките и уметностите на претседателот Иванов му се доделува како признание за исклучителни научни и општествени достигнувања и постојана посветеност на целите за глобална човекова благосостојба, мир и одржлив развој.

На свеченоста, на која присуствуваа академици, претседателот на Светската академија на науките и уметностите проф д-р. Иво Шлаус истакна дека му оддаваат чест на личност која прави две важни работи за академијата и светот.

„Академијата му придава огромно значење на образованието, особено на високото образование. Светот денес е многу поразличен од пред 50 или 100 години и токму затоа треба да бидеме подготвени за овој свет. За таа цел ни требаат лидери. Професор Иванов направи напори да развие токму вакво лидерство и да ги научи младите луѓе преку конкретни случаи како да се справуваат со проблемите што го преокупираат светот", нагласи Шлаус.

„Претседателот Иванов е исклучителен научник и истакнат политички лидер на неговата земја, кој придонесува за регионалниот и светскиот мир, просперитет и глобална благосостојба и развој“, рече во обраќањето проф. д-р Иво Шлаус додавајќи дека активностите и достигнувањата на претседателот Иванов ги потврдуваат неговите извонредни квалификации за избор за членство во Светската академија на науките и уметностите и дека академијата во голема мера ќе има корист од активностите, идеите и лидерството на претседателот Иванов.

slaus2За претседателот Иванов, огромна чест и привилегија е да се биде член на Светската академија на науките и уметностите. Признанието, како што рече, не е само за него, туку и за македонската наука и за сите оние што се посветени на академскиот живот, но и поттик за помладите кои само со посветност може да го достигнат недостижното.

„Ова нека биде пример за сите мои помлади колеги, секогаш да имаат цел во животот и да го достигнат она што во младоста е недостижно. Секогаш кога имаат цел, да се посветат на тоа, затоа што тоа некој го следи и вреднува, рече претседателот Иванов, посакувајќи Светската академија на науките и уметностите да продолжи со својата мисија и да ги обединува сите умови кои заеднички ќе му понудат на светот многу повеќе просперитет и благосостојба на човештвото.

Македонскиот претседател порача дека треба да се инвестира во иднината и во младите лидери кои ќе се справуваат со сите предизвици со кои се соочува светот.

„Како нов член на Академијата посакувам сите оние искуства и сознанија што ние како мала земја, нација и народ сме ги совладале, да ги пренесеме и на другите и да се користат како позитивни искуства за да може да живееме во еден поубав и попросперитетен свет исполнет со среќа и радост", истакна претседателот Иванов.

Светската академија на науките и уметностите е меѓународна невладина научна организација, светска мрежа на членови избрани за истакнати постигнувања од областа на природните и општествените науки, уметноста и хуманистички науки. Членови на Светската академија на науките и уметностите се реномирани научници, уметници, претседатели на истражувачки институти и меѓународни организации, добитници на нобелова награда, бизнис лидери, политичари и државници.

slaus3

zname
Церемонија на свечена промена на државното знаме
Петок, 13 Декември 2013
orden1
Претседателот Иванов одликуван со Орденот Свети Ѓорги од Куќата на Хабсбург-Лотринген
Среда, 11 Декември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими надвојводата Карл фон Хабсбург – Лотринген.

На свечена церемонија, претседателот Иванов од страна на надвојводата Карл фон Хабсбург беше одликуван со Орденот на Свети Ѓорги од Куќата на Хабсбург-Лотринген.

Орденот се однесува на зајакнување на соработката со земјите од средна и југоисточна Европа, како многу важен политички интерес. Особено малите земји треба да добијат силен глас во рамки на Европската унија, како резултат на блиска соработка на економски и политички план. Орденот од редот на Свети Ѓорги е признание за Република Македонија како важен дел од Европа и има за цел забрзана европска интеграција на земјата.

Заблагодарувајќи се за признанието, претседателот Иванов во обраќањето пред присутните истакна дека Република Македонија ќе го продолжи патот на европската интеграција и ќе остане доследна на европската традиција.

„Како Претседател на Република Македонија, целиот мој мандат апелирам Европската унија да остане доследна на големата визија за отворен и обединет европски континент. Постојано се залагам за европски мир, за Pax Europea. Затоа, ова не претставува само лична афирмација за мене, туку и јасно признание за Република Македонија и за македонските граѓани" рече во обраќањето претседателот Иванов.

Надвојводата Карл фон Хабсбург – Лотринген во обраќањето го потенцираше развојот и напредокот постигнат во Република Македонија изминатите години, како и европскиот дух и ентузијазам што преовладуваат во македонското општество.

„За мене е претставува особено задоволство што имам можност да ви го доделам ова одликување на вас, господин претседателе. Со ова, не само што ја покажуваме личната врска што моето семејство ја има со вас многу години, и долгата традиција на пријателство со мојот татко, туку особено да оддадеме признание на политичкиот став што го застапувате во името на вашата земја во изминатите неколку години, и за кој сме уверени дека ќе го застапувате и во иднина. Да и оддадеме признание на европската димензија, што Македонија ја носи со себе и што вие ја претставувате на многу храбар начин", рече во обраќањето при доделувањето на Орденот, надвојводата Карл фон Хабсбург – Лотринген.

orden2

baroso
Иванов:Фрустрирачка е статус кво состојбата на македонското евроинтегрирање – средба со претседателот на Европската кoмисија, Жозе Мануел Баросо
Четврток, 05 Декември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчера вечер, на маргините на третиот годишен состанок на Центарот за глобален дијалог и соработка во Виена, оствари неформална средба со претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо, на која го повтори ставот дека блокадата на Македонија во однос на почетокот на преговорите со ЕУ предолго трае, а статус-кво состојбата е фрустрирачка.

Стартот на преговорите, позитивно ќе влијае на реформските процеси и на општата состојба во регионот, рече на средбата претседателот Иванов.

„Никој буквално не губи ништо доколку Македонија ги почне преговорите, напротив, користа е повеќестрана", посочи македонскиот претседател, нагласувајќи ја можноста за паралелно движење на интеграцијата и надминувањето на билатералните разлики како модел што може да се искористи.

Претседателот Иванов на интерес на соговорникот информираше за процесот што се води во ОН за надминување на разликата околу името.

Во текот на разговорот, Баросо ја потврди заложбата на ЕК за продолжување на политиката на проширување со земјите од Западен Балкан. Стана збор и за состојбите во регионот.

Претседателот Иванов, веднаш по отворањето на состанокот на Центарот, прв се обрати пред учесниците, а ден претходно во рамки на работната посета на Виена, имаше работна средба со австрискиот колега Хајнц Фишер.

Fisher
Никој не губи ако Македонија ги почне преговорите со Европската унија – средба на претседателот Иванов со австрискиот претседател Хајнц Фишер
Вторник, 03 Декември 2013

fisher"Дојдено е вистинско време Македонија да ги почне преговорите за членство со Европската унија. Ниту една земја во Европската унија нема да има никаква штета, ниту назадување ако почнат преговорите", порача претседателот на Република Австрија, г. Хајнц Фишер по денешната средба со претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Виена.

Австрија, нагласи претседателот Фишер, има јасна позиција по ова прашање, добри аргументи и ќе го поддржи процесот колку што може.

„Австрија е членка и иницијатор на Групата пријатели кои се позитивни по односна одлуката за старт на преговорите. Тоа секако го вклучува и процесот на медијација и дискусија меѓу земјите кои се за почеток на преговорите и на пример Грција и Бугарија", рече Фишер.

Според него, Австрија е подготвена за дијалог и за позитивен исход од дијалогот бидејќи, како што потенцира, факт е дека пет години по ред Европската комисија за Република Македонија вели дека ги исполнила потребните критериуми за старт на преговорите.

fisher1„Исполнувањето на потребните критериуми не значи дека се е веќе совршено, туку дека одредено ниво е достигнато и треба да продолжите да градите модерно општество врз владеење на правото, борба против корупцијата", напомена австрискиот претседател.
Достигнувањата, потенцира уште еднаш, се такви што преговорите треба да почнат.

И македонскиот претседател Иванов подвлече дека никој не губи ако Република Македонија ги почне преговорите за членство со ЕУ. Со тоа, додаде претседателот Иванов, ЕУ си го враќа кредибилитетот, токму на прашањето со Македонија.

„Многу земји на Балканот одат напред, само Република Македонија поради прашањето за името со Грција е во статус кво состојба. Бараме тоа што побрзо да се надмине", нагласи македонскиот претседател.

На денешната средба двајцата претседатели заеднички констатираа дека главната цел, интерес и правец во кој ќе се движи Европската унија треба да бидат заедничките вредности и политиката која ќе го вклучи Западен Балкан во европската заедница.

На средбата стана збор и за билатералните односи, за мултилатералната соработка и економските проблеми со кои се соочуваат речиси сите земји во Европа.

Австрија, како што изјавија претседателот Фишер и претседателот Иванов, била и останува голем поддржувач на Република Македонија во секоја сфера, евроинтеграциите, економскиот и политичкиот план.

Претседателот Иванов од денеска е во работна посета на Република Австрија. Утре, македонскиот претседател ќе учествува и ќе има свое обраќање на Третиот годишен состанок на Центарот за глобален дијалог и соработка.

fisher2

dennadrvo1
Иванови засадија садници во дворот на детската градинка „8-ми март“
Вторник, 26 Ноември 2013
 
Почеток < Пред 91 92 93 94 95 96 97 98 99 100 Следно > Крај
Страница 100 од 198