Новости
MATTO
Средба со претставници на Стопанска Комора на Македонија – Турција МАТТО
Вторник, 01 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими претставници на Стопанска Комора на Македонија – Турција МАТТО, предводени од нивниот претседател г. Туна Ејуп Кахвеџи.

На средбата беа разменети мислења во однос на придобивките за турските компании од инвестирањето во Република Македонија, можноста за заеднички настапи на македонски и на турски фирми на трети пазари, како и продлабочување на економската соработка меѓу Република Македонија и Република Турција, преку конкретни инвестиции и преку зголемување на трговската размена.

Претседател Иванов, ги поздрави напорите за зајакнување на бизнис врските меѓу двете држави, како и успешноста на досега реализираните инвестиции и економската соработка, надополнувајќи дека тие се во интерес на унапредување на соработката меѓу двете пријателски земји. Во тој контекст, претседателот Иванов ги потврди неговите заложби за натамошна поддршка и поттикнување на идните активности на МАТТО во Република Македонија.

Честитајќи им го верскиот празник Рамазан на соговорниците, претседател Иванов истакна дека високо го цени придонесот на сите етнички заедници кон нашиот културен и општествен напредок, со надеж дека припадниците на турската заедница во Република Македонија и во идинина ќе продолжат да ја негуваат турската традиција, и со својата богата култура да придонесуваат за просперитетна иднина и благосостојба на сите граѓани на Република Македонија.

Г. Туна Ејуп Кахвеџи и претставниците на МАТТО, се заблагодарија за средбата со претседателот Иванов, изразија задоволство од можноста да ги презентираат досега спроведените, тековните активности и плановите за во иднина, истакнувајќи дека особено ја ценат континуираната поддршка и личните заложби на претседателот Иванов, за нивна успешна реализација. Како што истакна раководството на МАТТО, денешната средба со претседателот Иванов, воедно е доказ за пријателството меѓу двете земји, но и потврда за подготвеноста на институциите во Република Македонија за натамошна соработка со комората.

Стопанска комора на Македонија-Турција МАТТО, е основана во 2008 година, и досега брои 88 фирми членки од Република Македонија и од Република Турција. Една од главните цели на комората е ефикасно стопанисување во пазарни услови, успешно вклучување на македонскиот и турскиот пазар, како и поттикнување на развојот на претприемништво кај нејзините членови, со цел за подобрување на резултатите на работењето и организираноста на членовите на комората.
MATTO1

saraevo001
Претседателот Иванов во Сараево присуствуваше на одбележувањето на 100-годишнината од Првата Светска Војна
Сабота, 28 Јуни 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Сараево присуствуваше на концертот, што во рамки на одбележувањето на 100-годишнината од почетокот на Првата Светска Војна, го одржа Виенската филхармонија.

На настанот, каде претседателот Иванов учествуваше на покана од претседавачот со Претседателството на БиХ, г. Бакир Изетбеговиќ и Градоначалникот на Град Сараево, г. Иво Комшиќ, присуствуваа и претседателите на Република Австрија, г. Хајнц Фишер, на Република Хрватска, г. Иво Јосиповиќ и на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ.

Целта на настанот е да се упати пораката за мир и просперитет, толеранција, заеднички живот, и почитување еден спрема друг.

На неформалните средби што претседателот Иванов ги оствари со присутните колеги беа разменети мислења за актуелните состојби во регионот, европските и евро-атланските перспективи на земјите од регионот, како и за претстојната средба на лидерите од Брдо процесот, што е предвидено да се одржи кон средината на јули во Дубровник, Република Хрватска.

saraevo002

laureati1
Средба со годинaшните лауреати на поетската манифестација „Празник на липите“
Вторник, 24 Јуни 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими годинашните лауреати, на традиционалната поетска манифестација, „Празник на липите" и делегација на Друштвото на писатели на Македонија.

Претседателот Иванов на годинaшните лауреати, босанскиот поет, писател и сценарист Абдулах Сидран, и на македонскиот поет Бранко Цветковски им честиташе за наградата „ Книжевно жезло ", како признание за нивната целокупна поетска дејност.

Македонскиот претседател, изрази очекување дека оваа меѓународна поетска манифестација која претставува мост што го поврзува македонското и меѓународно литературно творештво, и ги поврзува поетите од сите меридијани, и во иднина ќе продолжи успешно да биде организирана.

Mанифестација за афирмација на поезијата и книжевноста, „Празник на липите" е во организација на Друштвото на писатели на Македонија, а под покровителство на Град Скопје.
laureati2

globalnivrski
Средба со делегација на организацијата Глобални Врски
Понеделник, 23 Јуни 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими делегација на меѓународната организација Глобални Врски (Global Connections) - Глобален одбор на едукатори.

Заблагодарувајќи се за приемот, делегацијата од Глобални Врски, го информираа претседателот Иванов за нивната организација, во која членуваат училишта од различни земји од целиот светот, како и за нивните активности и планови.

Тие пренесоа дека имаат за цел преку организирање на семинари да се овозможат национални, регионални и глобални можности, за програми за соработка и дискусии, во врска со наставите во средните и основните училишта, како и за учество на меѓу-културни проекти, експериментална едукација, и за размена на академски кадар и ученици.

На средбата, претседателот Иванов им посака успешно одржување на семинарот и добар престој во Република Македонија.

Годинешниот, 16-ти семинар се одржува во Република Македонија, Република Грција и во Република Кипар, под мотото: Едукација за мир - Голема настава - Едукатори за мир.
globalnivrski1

krv
Претседателот Иванов даруваше крв – Одбележан Светскиот ден на крводарителство
Петок, 13 Јуни 2014
 
Почеток < Пред 91 92 93 94 95 96 97 98 99 100 Следно > Крај
Страница 91 од 198