Новости
demirkapija01
Претседателот Иванов на одбележување на празникот Св. Трифун во Демир Капија
Петок, 14 Февруари 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на православниот празник Свети Трифун, денеска присуствуваше на традиционалното закројување винова лоза во општина Демир Капија.

Пред церемонијалниот чин на закројување на виновата лоза, претседателот Иванов на лозарите и винарите им го честита празникот, посакувајќи им богат род и уште поголемо производство на квалитетно македонско вино.

„Симболично закројувајќи ги лозјата на овој ден, им посакуваме на лозарите да имаат многу богат род и многу бериќет. А од тој бериќет винарите да направат голем квалитет. Да имаме уште поквалитетно вино, кое ќе го наоѓаме се почесто и на домашните и на странските трпези. Грозјето и виното на некој начин се заштитен знак на нашата земја и по нив сме препознатливи", порача претседателот Иванов.

И градоначалникот на општина Демир Капија. г. Трајче Димитриев, на присутните на манифестацијата им го честиташе празникот Св. Трифун, порачувајќи дека лозарството и винарството како традиционални дејности во Демир Капија имаат голем економски потенцијал.

„Овој празник е одлика на една голема традиција и ми претставува чест и задоволство што ја продолжуваме таа традиција. Закројувањето на лозјето ги означува нашите залагања за еден богат род, кој ќе биде преточен во квалитетно вино", рече Димитриев.

На свеченоста во центарот на Демир Капија беа доделени наградите од организираните натпревари за најдобро произведено вино и ракија во домашни услови, како и натпреварите во кроење лозови прачки и подготовка на традиционални јадења.

Во согласност со македонските традиции, претседателот Иванов секоја година, традиционално присуствува на свеченото одбележување на Денот на лозарите и големиот христијански празник – Св. Трифун.

demirkapija02

lomonosov
Претседателот Иванов прогласен за Почесен професор на московскиот државен универзитет „Ломоносов“
Понеделник, 10 Февруари 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во рамки на престојот на Москва, денеска го посети московскиот државниот универзитет „Ломоносов", каде на свечена церемонија му беше доделена титулата „Почесен професор".

На реномираниот руски универзитет, претседателот Иванов пред професорите и студентите на универзитетот одржа предавање.
Како Почесен професор, претседателот Иванов пред професорите и студентите на „Ломоносов" одржа предавање за историските, духовни и културни врски меѓу двете земји и народа, со научни повикувања на поголем број автори кои ја обработувале оваа тематика.

Македонскиот претседател говореше за книгата „Кралството на Словените" од Мауро Орбини, објавена 1601 година во Италија, во кое вниманието му го привлекол авторот Еремије Русо цитиран во делото, за кого Орбини тврди дека во „Летописите на Московија" од 1227 година напишал дека: „Русите односно Московјаните имале еден ист јазик како древните Македонци". Еремије тврди дека древните Македонци зборувале словенски јазик.

Тој посочи дека Орбини цитира бројни антички и средновековни автори кои ја покажуваат посебноста на македонскиот јазик во однос на грчкиот.

Ако постои едно место на земјата кое најјасно ја одразува длабоката духовна, културна и јазична поврзаност меѓу Македонија и Русија, потенцира претседателот Иванов, тоа е Охрид, балканскиот и словенскиот Ерусалим. Видни учени, подвлече во предавањето, како Приселков, Кох, Спарненски, Попруженко, Заикин, Карташев... сметаат дека Руската црква, од нејзиното основање па се до 1037 година била под јурисдикција на Охридската црква. Инаку, и првиот премиер на Советскиот сојуз по смртта на Сталин, Георги Маленков, не криел дека е по потекло Македонец, чие семејство дошло во Русија од Охрид, рече претседателот Иванов.

lomonosov1Современиот македонски јазик, како официјален јазик на Република Македонија, истакна претседателот Иванов, е признат од речиси сите земји.

- Бугарија го третира како дијалект на бугарскиот. Грција пак, тврди дека македонскиот јазик воопшто не постои, иако досега барем трипати го има официјално признато, рече Иванов повикувајќи се на веќе објавени трудови по ова прашање, во кои стои дека во 1920 грчката Влада во официјални пописни документи има графа за македонски јазик, во 1925 година, кога го издава букварот АБЕЦЕДАР наменет за македонското малцинство во Грција и третпат со резолуцијата на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња одржана во 1977 година во Атина, истакна македонскиот претседател.

Поттикнат од предавањето за историјата на Словените во кое биле презентирани и ставовите на Михаил Васиљевич Ломоносов за тоа прашање, за време на неговиот втор престој на „Ломоносов", претседателот Иванов, како што рече, ги продлабочил неговите сознанија за кажаното, користејќи дел од посочените автори и нивните дела, споменати во тоа предавање. Поголем дел од тие сознанија, посочи, се преточени во учебници кои ги пишувал за студентите на политичките студии на Правниот факултет на УКИМ. Ломоносов, рече претседател Иванов, се спротивставил на напорите на Герхард Фридрих Милер да го намали значењето на древната словенска историја. „Зарем нема да биде осудена славата на рускиот народ ако неговото потекло и име се постават малку доцна и им се одрече древноста, во која другите народи за себе бараат чест и слава", напишал Ломоносов.

- Токму овие зборови не потсетуваат на искуството што го има речиси секој Македонец, Чувството да се биде предмет на негирање и на присвојување на историјата, јазикот, културата, традицијата. Македонија за жал, се уште се соочува со она што и се случувало на Русија за време на големиот Ломоносов, потенцира претседателот Иванов.

Во основата на цврстите билатерални односи, додаде претседателот Иванов, лежат висок степен на политички дијалог на сите нивоа и заедничките економски интереси.

- Тука е и принципиелната позиција на Руската Федерација во однос на употребата на уставното име на Република Македонија, но и долгата историска, духовна и културна традиција меѓу нашите народи, што одново ја откриваме на овие две изминати децении, истакна македонскиот претседател.

Во рамки на церемонијата, претседателот Иванов ги одликува г. Евгениј Суханов, шеф на катедрата за граѓанско право при московскиот државен универзитет „Ломоносов", со Орден за заслуги и г-ѓа Елена Верижникова, водечки специјалист по македонски јазик во Русија, со Медал за заслуги, за нивниот придонес за унапредувањето на македонско-руски односи.

„Би сакал да споменам за еден факт. Господинот Претседател во своето денешно предавање нè импресионираше со мноштво извори и интересни податоци, а јас би сакал само да спомнам за уште еден податок кој беше изоставен во предавањето. Правниот факултет при Универзитетот во Скопје го носи името на Јустинијан Први, а тоа не е случајно. Јустинијан Први бил роден, како што се смета, во близина на Скопје, а тој бил патрон на сите правници бидејќи како Византиски цар, тој го инициирал создавањето на Corpus juris civilis, односно познатата кодификација на римското право. Токму затоа во Универзитетот во Скопје се создаде многу силна школа на романистите, и ние своевременно преведовме на руски јазик учебник по римско право од нашите коллеги, а исто така и учебник по меѓународно приватно право, кои сè уште се во употреба во нашиот наставен процес и претставува пример на многу добра плодна соработка меѓу двата универзитета“, рече професорот Суханов.

Професорката Верижникова, по добивањето на медалот, нагласи дека од 80-те години нејзиниот живот е посветен на македонскиот јазик, додавајќи дека единствено на Московскиот Универзитет од 1975 година се изучува македонскиот јазик како основна насока.

На московскиот „Ломоносов" во моментот се образуваат 40.000 студенти, најбројни се на катедрите за математика и физика, а четворица се на македонистика.

lomonosov2

Предавање на претседателот Иванов на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ по повод доделувањето на титулата „Почесен професор“

kiril
Г.г. Кирил ќе вложи напори за решавање на канонскиот статус на МПЦ-ОА – средба на претседателот Иванов со Патријархот на Руската православна црква
Недела, 09 Февруари 2014

Патријархот на Руската православна црква г.г. Кирил денеска на средба со претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во неговата резиденција во Кремљ, Москва нагласи дека е подготвен да вложи напори за решавање на канонскиот статус на МПЦ-ОА.

Според г.г. Кирил изнаоѓањето компромис може да доведе до решавање на ова прашање.

- Изнаоѓањето патишта за канонизација на МПЦ е многу важно во овој момент. Канонскиот статус на вашата црква е од голема важност затоа што ќе го обезбеди македонскиот идентитет, јазик и култура, рече рускиот патријарх г.г Кирил.

Тоа што е МПЦ надвор од семејството на канонските цркви, истакна тој, ја ослабува позицијата на МПЦ. Инаку, како што потсети бил дел од напорите за решавање на црковното прашање.

Рускиот патријарх позитивно ги оцени дваесетите години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, потенцирајќи меѓудругото дека главен извор на нашата заедничка историја се браќата просветители Кирил и Методиј. Рускиот патријарх спомена дека ќе подарат книжевен фонд на манастирот Трескаевц.

Претседателот Иванов упатувајќи му поздрав од архиепископот и свештенството на МПЦ-ОА нагласи дека нашата црква е жива црква.

- Ние сме политичари со мандат, но црковните прашања немаат мандат. Тие се решаваат во долги периоди, рече претседателот Иванов.

kiril1Претседателот потенцира дека сепак како политичари треба да создаваат амбиент да дојде до комуникации меѓу црквите и да поттикнат дијалогот за да се дојде до решение.

- Она што е христијанска доблест трпението треба да го имаат предвид и нашите верници дека секој пат црковните прашања постепено преку дијалог и создавање доверба да наоѓаат решение, рече македонскиот претседател, изразувајќи надеж дека средбата со рускиот патријарх ќе биде во корист токму на тој воспоставен дијалог меѓу црквите за да се нудат решенија во корист на верниците.

Оценувајќи ја неговата втора средба со г.г Кирил како многу конструктивна и содржајна, претседателот Иванов истакна дека рускиот патријарх, како и сите други христијани изразува загриженост за состојбите со христијанството и христијанските вредности особено за она што се случува таму каде што се малцинство.

Претседателот Иванов, заедно со неговата сопруга г-ѓа Маја, утрово присуствуваше на богослужбата што ја одржа г.г Кирил во Успенскиот храм во Кремљ, а е во рамки на посетата на Руската федерација, по повод одбележувањето 20 години од воспоставување на дипломатските односи.

За време на престојот во Москва, предвидено е македонскиот претседател да го посети московскиот државен универзитет „Ломоносов", каде на покана на универзитетот ќе одржи предавање. Реномираниот универзитет „Ломоносов" на претседателот Иванов ќе му ја додели титулата Почесен професор.

Во рамки на церемонијата, претседателот Иванов ќе ги одликува г. Евгениј Суханов, шеф на катедрата за граѓанско право при московскиот државен универзитет „Ломоносов", со Орден за заслуги и г-ѓа Елена Верижникова, водечки специјалист по македонски јазик во Русија, со Медал за заслуги, за нивниот придонес за унапредувањето на македонско-руски односи

За време на престојот во Москва, македонскиот претседател ќе го посети саемот „Продекспо", каде е најавено учество на македонски компании.

kiril2

karate01
Претседателот Иванов ги прими претставниците на македонската карате репрезентација
Вторник, 04 Февруари 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими претставници на македонската карате репрезентација, во пресрет на нивното учество на Европското првенство за јуниори и кадети, што од 7 до 9 февруари ќе се одржи во Португалија.

На средбата, претседателот Иванов на македонските претставници им посака многу успех и достојно претставување на нашата земја. Истакнувајќи ги минатогодишните успеси на каратистите и освоените медали на одржаните балканско, медитеранско, европско и светско првенство, претседателот Иванов посака тоа да им биде дополнителен мотив за постигнување на врвни резултати на претстојното Европско првенство во Португалија.

Младите каратисти се заблагодарија за можноста да се сретнат со претседателот Иванов, истакнувајќи дека за нив преставува чест да одржат средба со претседателот Иванов во пресрет на нивното заминување за Португалија.

Во рамки на средбата, претставниците на Карате федерацијата на Македонија на претседателот Иванов му доделија плакета за посебен придонес за развојот на карате спортот.

karate02

tetovo
Претседателот Иванов присуствуваше на одбележувањето на христијански празник Св. Атанасиј Велики во Тетово
Петок, 31 Јануари 2014

По повод одбележувањето на големиот христијански празник Св. Атанасиј Велики, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ја посети црквата „Св. Атанасиј" во Тетово.

Во црквата, митрополитот на Тетовско-гостиварската епархија господин Јосиф одржа света божествена литургија во сослужение на повеќе свештеници од тетовското архиерејско намесништво на МПЦ – ОА.

Воедно, беше одржана и церемонија на осветување на празничниот колач, а потоа беа избрани кумовите за идната година. Претседателот Иванов на многубројните верници им го честита празникот Св. Атанасиј Велики и им посака здравје, радост и бериќет.

Во црквата на тетовското Кале која датира од крајот на осмиот век, традиционално се прославува христијански празник Св. Атанасиј Велики. Старешината на манастирот прота Дарко Наумоски го истакна неговото значење и потребата да продолжи оваа црковно-народна традиција.

Според различни историските извори, црквата „Свети Атанасиј" претставува еден од најстарите христијански црковни споменици во овој дел од Македонија.

tetovo1

studenti0
Средба со професори и студенти од студиската програма по српски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје
Понеделник, 27 Јануари 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Свети Сава, денеска прими професори и студенти од студиската група по српски јазик и книжевност, во рамките на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески" во Скопје.

На средбата беа разменети мислења за состојбата со српскиот јазик и српската култура во Република Македонија. Воедно, соговорниците го запознаа претседателот Иванов, со досегашната активности и функционирањето на студиската група, нивните идни планови и предизвиците со кои се соочуваат дипломираните студенти.

„Прв пат нашите студенти официјално се примени од Претседателот на Република Македонија и мислам дека ова беше една прекрасна прилика студентите да се запознаат со Претседателот и можност да разменат мислење", рече проф. д-р Александра Саржоска продекан на Филолошкиот факултет.

„Навистина е огромна чест да се присуствува кај Претседателот и да се разговара со него за сето она кое ни се случува на факултетот и со образованието. Уште поголема чест е што не прими токму на празникот Свети Сава, не сослуша, и добивме совети што навистина се од големо животно значење", истакна Маријана Димовска студент од студиската група по српски јазик и книжевност.

Групата за српски јазик и книжевност е основана во 2007 година, на иницијатива на членовите на катедрата, и досега се запишани три генерации студенти.

studenti1

 
Почеток < Пред 91 92 93 94 95 96 97 98 99 100 Следно > Крај
Страница 97 од 198