|
Патријархот на Руската православна црква г.г. Кирил денеска на средба со претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во неговата резиденција во Кремљ, Москва нагласи дека е подготвен да вложи напори за решавање на канонскиот статус на МПЦ-ОА.
Според г.г. Кирил изнаоѓањето компромис може да доведе до решавање на ова прашање.
- Изнаоѓањето патишта за канонизација на МПЦ е многу важно во овој момент. Канонскиот статус на вашата црква е од голема важност затоа што ќе го обезбеди македонскиот идентитет, јазик и култура, рече рускиот патријарх г.г Кирил.
Тоа што е МПЦ надвор од семејството на канонските цркви, истакна тој, ја ослабува позицијата на МПЦ. Инаку, како што потсети бил дел од напорите за решавање на црковното прашање.
Рускиот патријарх позитивно ги оцени дваесетите години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, потенцирајќи меѓудругото дека главен извор на нашата заедничка историја се браќата просветители Кирил и Методиј. Рускиот патријарх спомена дека ќе подарат книжевен фонд на манастирот Трескаевц.
Претседателот Иванов упатувајќи му поздрав од архиепископот и свештенството на МПЦ-ОА нагласи дека нашата црква е жива црква.
- Ние сме политичари со мандат, но црковните прашања немаат мандат. Тие се решаваат во долги периоди, рече претседателот Иванов.
Претседателот потенцира дека сепак како политичари треба да создаваат амбиент да дојде до комуникации меѓу црквите и да поттикнат дијалогот за да се дојде до решение.
- Она што е христијанска доблест трпението треба да го имаат предвид и нашите верници дека секој пат црковните прашања постепено преку дијалог и создавање доверба да наоѓаат решение, рече македонскиот претседател, изразувајќи надеж дека средбата со рускиот патријарх ќе биде во корист токму на тој воспоставен дијалог меѓу црквите за да се нудат решенија во корист на верниците.
Оценувајќи ја неговата втора средба со г.г Кирил како многу конструктивна и содржајна, претседателот Иванов истакна дека рускиот патријарх, како и сите други христијани изразува загриженост за состојбите со христијанството и христијанските вредности особено за она што се случува таму каде што се малцинство.
Претседателот Иванов, заедно со неговата сопруга г-ѓа Маја, утрово присуствуваше на богослужбата што ја одржа г.г Кирил во Успенскиот храм во Кремљ, а е во рамки на посетата на Руската федерација, по повод одбележувањето 20 години од воспоставување на дипломатските односи.
За време на престојот во Москва, предвидено е македонскиот претседател да го посети московскиот државен универзитет „Ломоносов", каде на покана на универзитетот ќе одржи предавање. Реномираниот универзитет „Ломоносов" на претседателот Иванов ќе му ја додели титулата Почесен професор.
Во рамки на церемонијата, претседателот Иванов ќе ги одликува г. Евгениј Суханов, шеф на катедрата за граѓанско право при московскиот државен универзитет „Ломоносов", со Орден за заслуги и г-ѓа Елена Верижникова, водечки специјалист по македонски јазик во Русија, со Медал за заслуги, за нивниот придонес за унапредувањето на македонско-руски односи
За време на престојот во Москва, македонскиот претседател ќе го посети саемот „Продекспо", каде е најавено учество на македонски компании.

|