Новости
volonteri1
Новогодишни пакетчиња за децата од Јавната установа за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми „25 Мај" од Скопје
Понеделник, 30 Декември 2013
mirovnici1
Претседателот Иванов им подари новогодишни пакетчиња на децата на македонските мировници во мисиите „ИСАФ“ и „АЛТЕА“
Понеделник, 30 Декември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска приреди новогодишен прием за децата на припадниците на Армијата на Република Македонија, кои служат во мировните мисии „ИСАФ" и „АЛТЕА".

Претседателот Иванов на децата им подари новогодишни пакетчиња и им посака Новата година да им биде исполнета со многу здравје, среќа, успех во учењето и радосни детски денови.

Во оваа прилика беше воспоставена и видеоврска со македонските мировници во Кабул и во Сараево, при што децата имаа можност да ги поздрават своите родители.

Претседателот Иванов на припадниците на АРМ во мисиите „ИСАФ" и „АЛТЕА" им ги честита новогодишните и божиќните празници, го поздрави нивниот професионализам и посветеност во извршување на должноста, и им посака многу здравје, среќа и уште поголем успех идната година.

Македонските мировници се заблагодарија за упатените честитки од Претседателот и врховен командант на вооружените сили и воедно ги честитаа новогодишните и божиќните празници.

„Мисијата и довербата која ни ја доверивте ќе ја завршиме успешно", порачаа мировниците од мисијата „ИСАФ" во име на целиот контингент со желби за среќа, здравје и натамошни успеси во Новата година.

И припадниците на мисијата „АЛТЕА" во Сараево ја честитаа Новата година на Претседателот, на сите припадници на АРМ и на сите граѓани на Република Македонија и истакнаа дека македонскиот контингент стручно, најсовесно и одговорно ги извршува сите задачи кои произлегуваат од мисијата.

На приемот присуствуваше и Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Горанчо Котески.

mirovnici2

tetovo
Новогодишни пакетчиња за децата со посебни потреби од ОУ „Лирија” и ОУ „Андреа Савески - Ќиќиш” во Тетово
Четврток, 26 Декември 2013

Волонтерите од Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Тетово, во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници, денеска ги посетија децата со посебни потреби од ОУ „Лирија" и ОУ „Андреа Савески - Ќиќиш" од Тетово. Честитајќи им ја Новата година на дечињата од двете тетовски основни училишта, волонтерите им посакаа многу среќа, радост, добро здравје и им подарија новогодишни пакетчиња.

„Голема чест и задоволство ми е како волонтер во Народната канцеларија на претседателот на Република Македонија во Тетово да бидам во присуство на овие дечиња, кои заслужуваат внимание и радост во овие предновогодишни мигови, да им подариме пакетчиња и да им посакаме да им се исполнат сите соништа во годината што доаѓа", изјави Пранвера Имери, волонтер во Народната канцеларија во Тетово.

Директорката на ОУ „Андреа Савески - Ќиќиш", Славка Митрушевска, изрази благодарност до кабинетот на претседателот Иванов и до волонтерите за посетата и за организацијата на ова денешното дружење. Децата во знак на благодарност на гостите им испеаја новогодишни песни.

Предновогодишното другарување, беше организирано од волонтерите од Народната канцеларија во Тетово со поддршка од Кабинетот на претседателот на Република Македонија.

tetovo2

bacheva01
Предавање на Катерина Бачева во Народната канцеларија на претседателот Иванов во Скопје
Вторник, 24 Декември 2013

Д-р Катерина Бачева, носител на признанието „Најдобар млад научник" за 2012 година, што го доделува претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчера вечер одржа предавање во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје.

Пред присутните, д-р Бачева говореше на тема „Дистрибуција на тешки метали во примероци од животната средина во околината на рудникот Алшар" и презентираше дел од резултатите добиени од истражувањето за нејзината докторска дисертација.

„Истражувањето на локалитетот Алшар за мене претставуваше голем предизвик. На тој мал простор се наоѓаат над 45 различни минерали од арсен, антимон и талиум, од кои 7 талиумови минерали се наоѓаат само на Алшар и никаде на друго место во светот. Во околината на Алшар постојат седум ендемски видови растенија, кои се адаптирале на специфичната животна средина. Навистина специфична тема која ми дава мотив и за натамошни истражувања", вели д-р Бачева.

Доделувањето на признанието „Најдобар млад научник", по иницијатива на претседателот Иванов, има за цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.

„Според мене, иницијативите како што е доделувањето на признанието „Најдобар млад научник", претставуваат поттик за што е можно поголем број млади луѓе да се заинтересираат за научно-истражувачка дејност. Радува фактот што преку доделувањето на признанието се вреднува и наградува сиот наш труд како млади научници", изјави д-р Бачева.

Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник" за 2013 година е отворен до 31 декември за сите млади луѓе до 30 години кои во досегашната научна работа имаат постигнати научни резултати што придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат.

Услов за конкурирање на заинтересираните е да имаат добиена меѓународна награда, меѓународно или домашно признание за научно-истражувачка дејност, резултатите од научното истражување да биле објавени во релевантно домашно или меѓународно списание и да имаат своја применетост.

Апликацијата треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2013 година со кои се конкурира и доказ за државјанство на Република Македонија.

Заинтересираните своите документите треба да ги достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31 декември 2013 година.

bacheva02

kl1
Отворен првиот Детски ургентен центар во Република Македонија
Сабота, 21 Декември 2013

Во целосно реновиран и комплетно опремен простор, во присуство на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и неговата сопруга, г-ѓа Маја Иванова, денеска е отворен првиот специјализиран Детски ургентен центар во земјата, сместен во Универзитетската клиника за детски болести во Скопје.

Средствата за реконструкцијата и адаптацијата на просториите во Клиниката беа собрани во рамки на Националната донаторска кампања под мотото „Да помогнеме навреме", а беше спроведена под покровителство на сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова. Ургентниот центар е целосно изграден со поддршка на Турската меѓународна агенција за соработка и развој-ТИКА, а дополнителните донации ќе се искористат за доопремување на Ургентниот центар и новите амбуланти.

За потребите на новата организациона единица беа изведени повеќе градежни реконструкции, објектот беше внатрешно преуреден, а беше обезбедена и најсовремена медицинска апаратура.

Г-ѓа Иванова во обраќањето пред присутните рече дека како покровител на Националната кампања била полна со ентузијазам, имала силна инспирација, но најмногу била охрабрена со безрезервната поддршка на нејзиниот сопруг, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

„Овој Ургентен центар ќе придонесе во голема мера за здравствени услуги кои нашата држава ги нуди за децата, посебно за итните случаи за кои најнеопходна е првата помош пружена од медицински лица. Итните случаи од денес ќе бидат третирани во Ургентен центар, како што е пракса во многу напредни земји, со добро разработен и крајно ефикасен здравствен систем", посочи г-ѓа Иванова.

Таа рече дека секој има обврска да даде свој личен придонес за активности кои се однесуваат на општото добро на сограѓаните и општеството.

kl2„Таквите активности се тие кои не облагородуваат, кои не оплеменуваат, кои не прават хумани и кои ги истакнуваат нашите доблести и нашите вредности. Затоа, со огромна желба и мотив застанав како покровител на Националната кампања", потенцира г-ѓа Иванова и им се заблагодари на сите кои ја поддржаа кампањата и донираа преку телефонскиот број 14321, како и на медиумите кои овозможија кампањата да допре до секој граѓанин.

Министерот за здравство, г-дин Никола Тодоров истакна дека Детската клиника мора да биде целосно опремена да одговори на сите најсовремени предизвици во медицината и затоа многу е инвестирано-сменети се прозорците, се работело на енергетска ефикасност, на зголемување на стандардот за сместување на децата, тоалети во секоја соба, набавка на ново возило за неонатален педијатриски транспорт, набавка на нова медицинска опрема и се тоа во вредност над 100 милиони денари.

Ова што го имаме денеска, посочи министерот Тодоров, е показател дека во Република Македонија и поинаку може да се инвестира во здравството, односно дека почнуваат да се применуваат принципите на инвестирање во здравството кои важат во сите развиени земји, а тоа е со едно високо ниво на општествена одговорност, со вклучување на највисоките авторитети во државата, на амбасадите и на сите граѓани може да се направи подобрување на системот. Тој додаде дека станува збор за една од поголемите реформи преземена во македонското здравство.

Директорката на Клиниката, д-р Аспазија Софијанова, изразувајќи задоволство од отворањето на Детскиот ургентен центар, рече дека иницијативата тој да се направи на почетокот била само една скромна замисла која ја поддржале и надградиле нејзините најблиски соработници и советници.

Сопругата на американскиот амбасадор, г-ѓа Мери Џо Волерс истакна дека експертската грижа и сочувство на медицинскиот персонал на Ургентниот центар ќе спасат многу од животите на околу 20.000 деца кои се очекуваат да го посетат идната година.

Г-дин Мехмет Суреја Ер, потпретседател на Турската меѓународна агенција за соработка и развој - ТИКА рече дека работите за адаптација и реконструкција кои се одвивале од нивна страна биле комплетирани за само 60-тина дена.

„Проектот за Ургентниот центар содржеше целосна реконструкција, адаптација, медицински гасови, термо техника, електрични инсталации, медицинска опрема и целосно опремување со мебел", истакна г-дин Суреја Ер и додаде дека сето тоа е подарок на Република Турција за Република Македонија.

Нагласи дека Ургентниот центар со најдобар и најквалитетен стандард на функционирање ќе нуди добри услови.

Турскиот амбасадор, г-дин Ѓурол Сокменсуер им посака здрава иднина на децата од Клиниката и укажа на подготвеноста на Република Турција секогаш да ја поддржи, како што рече, пријателска и братска Република Македонија.

Специјализираниот Детски ургентен центар располага со четири главни и два дополнителни кревети, опфаќа шест простории за специјалистички амбуланти, една лабораторија и чекална. Амбулантите ќе ги покријат областите: неонатологија, кардиологија, хемато-онкологија, ендокринологија, гастроентерохепатологија и нефрологија.

kl3

arhitekti01
Деловниот објект Сектрон – најуспешно реализирано архитектонско дело за 2013 година
Петок, 20 Декември 2013

Деловниот објект „Сектрон" на архитектотот Јана Гугуловска – Ѓорѓевиќ и консултантите Билјана Филиповска и Катица Стоева од проектантското биро „Студио 2000" е најуспешното реализирано архитектонско дело за 2013 година.

Наградата ја врачи претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, којшто традиционално е покровител на доделувањето на наградата.

„Им посакувам на главните градители оваа награда да им биде, на некој начин, сатисфакција и да биде поука за другите, затоа што главните градители ги наградуваме за да ги почитуваме и нивните дела да ги спроведуваме, да бидат тие закон, или lege artis – закон на занаетот", рече претседателот Иванов.

Заблагодарувајќи се за наградата, архитектот Гугуловска – Ѓорѓевиќ рече дека при создавањето на награденото дело чувствувала одговорност кон граѓаните на Скопје да добијат еден објект којшто би бил репрезентативен.

„Ова го доживувам како круна на она што претходно го работев, но и аманет за сето она што следно ќе го сработам како проектант", рече архитектот Гугуловска – Ѓорѓевиќ.

Свеченото доделување на наградата е во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

 
Почеток < Пред 91 92 93 94 95 96 97 98 99 100 Следно > Крај
Страница 99 од 198