Новости
file0
Иванов: Статус-кво ситуацијата фрустрира, очекуваме датум на следниот ЕУ Самит
Четврток, 15 Мај 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на денешната работна посета на Брисел, оствари средба со еврокомесарот за проширување Штефан Филе, на која истакна дека статус-кво ситуацијата во однос на македонските евроинтеграции фрустрира и побара Република Македонија да добие датум за преговори на претстојниот Самит на Европскиот совет, а паралелно да го решава билатералниот спор со Грција.

На средбата беа разменети мислења и информации во однос на интеграцискиот процес на земјата во Европската унија, состојбата во Македонија по неодамнешните избори, актуелностите во Обединетите нации во процесот на преговорите за наметнатиот спор за името. Двајцата соговорници разговараа и за актуелните состојби во регионот и добрососедските односи.

Претседателот Иванов на еврокомесарот му укажа дека предолгото чекање за следниот исчекор во евро-атлантските интеграции не помага во забрзувањето на реформите и надминувањето на забелешките од последниот прогрес-извештај за нашата земја на Европската комисија.

„Статус-кво состојбата создава фрустрации во нашето општество. Таа не е добра како за Македонија, така и за регионот, но и за кредибилитетот на проширувањето. Македонија бара на претстојниот Самит на Европскиот совет и за земјата да биде применет позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и надминувањето на билатералниот спор", порача Иванов на средбата со комесарот за проширување.

Еврокомесарот Филе, воедно му го честита реизборот на претседателот Иванов истакнувајќи задоволство од соработката во првиот мандат и подготвеност за успешна и отворена соработка и во новиот мандат. Притоа, првиот човек за проширување на Унијата истакна дека главни предизвици се актуелната политичка состојба во Европа, но и на Балканот и пред се во Република Македонија.

Еврокомесарот Филе посочи дека реформскиот процес во земјата мора да продолжи со фокус на надминување на забелешките во извештаите на Еврокомисијата, но и на ОБСЕ/ОДИХР. Притоа, Филе истакна дека по изборите за новиот состав на Европскиот парламент, што ќе се одржат пред крајот на овој месец, тој е подготвен да го продолжи конструктивниот дијалог со македонскиот претседател во однос на предизвиците и можностите во наредниот период.

file1

panel1
ЕУ - од идеја до заедничка иднина, панел дискусија по повод 9 Мај - Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот
Петок, 09 Мај 2014

По повод одбележувањето на 9 Мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, денеска во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија се одржа панел дискусија на тема „ЕУ - од идеја до заедничка иднина“. На панел дискусијата покрај Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов учествуваа Шефот на мисијата на Европската унија во Република Македонија, амбасадорот Аиво Орав,  професор Ветон Љатифи од Универзитетот на Југоисточна Европа, професор Иван Дамјановски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, додека модератор на панел дискусијата беше професорот Димитар Мирчев.

Ние сме посветени на иднината и сме загрижени за иднината на ЕУ и сакаме да придонесеме нашиот континент да живее во мир и во просперитет. Да придонесеме со нашето искуство и знаење да се развива европската идеја и мирот да трае, затоа што нема ништо повозвишено од мирот, е пораката од претседателот Ѓорге Иванов, од денешната панел дискусија. Европа пред се, нагласи претседателот Иванов, е мир, а ЕУ е најголемиот мировен проект во историјата на човештвото. Според него, ЕУ е модел за иднината, единствен проект што се менува додека се развива и се прилагодува на она што се случува. Со појавата на првите кризи, Европа учи и се прилагодува. ЕУ, рече македонскиот претседател, е пред големи предизвици, но останува сепак проект за иднината.

Македонија од самите почетоци на независноста потврди дека стратешките цели се членство во ЕУ и во НАТО. Ние често велиме дека на некој начин сме обесправени затоа што премногу долго сме и кандидат и премногу долго чекаме да почнат преговорите за членство во ЕУ. Но, сите реформи што се преземени и добиените препораки се резултат на прилагодувањето на нашето општество и граѓаните на европските стандарди, принципи и критеритуми, рече претседателот Иванов. Тој додаде оти Македонија имала големи разочарувања како земја, почнувајќи од истражувањето на извештајот на Бадинтеровата комисија, Лисабонската декларација во 1992 година, а се уште се чувствуваме нелагодно кога не се почитува од страна на една земја членка на ЕУ се тоа што доброволно го презела како обврска кон нас. Со пресудата од Меѓународниот суд очекувавме дека ќе се почитува таа одлука, но доживеавме и да не биде почитувана. Сето тоа не не обесхрабрува да продолжиме по нашиот европски пат и да ги исполнуваме сите барања што ни се доставуваат од ЕУ.panel2

Младите и бизнисмените, подвлече претседателот Иванов, покажаа дека македонското и грчкото општество немаат никакви проблеми покрај прашањето за името да функционираат. Да се надеваме дека европските избори ќе придонесат да се менуваат состојбите кај нашиот јужен сосед, да дојдат млади генерации кои не се преукупирани со минатото, затоа што сите држави на Балканот добија нови елити, единствено кај нашиот јужен сосед имаме елити кои се од времето студената војна, рече претседателот на Република Македонија. Појасни оти некогаш во демократијата политичарите не сакаат да превземат храбри одлуки надвор од нивниот мандат, а тоа се случувало и во други земји членки во ЕУ. Но, Унијата им давала кредит на таквите земји кои не ги исполнувале условите, а некои не биле дури констатирани како држави, па станале проблем во самата ЕУ. Најчесто одговорот е дека Македонија мора да ги исполни сите услови и оти тие случаи биле преседан и тоа не може да важи за нас. Тоа не повредува бидејќи станува збор за двојни стандарди. Но, кога ја добиваме довербата од граѓаните да ги исполниме стратешките цели, мора да најдеме начин и волја тоа да го реализираме пред се во функција на генерациите кои доаѓаат после нас, истакна македонскиот претседател.

Демократијата, нагласи претседателот Иванов, е процес кој се учи ако учествувате во неа. Кога ќе дојдете на избори да го дадете вашиот глас и да го прифатите резултатот од волјата на граѓаните. За жал ние сме сведоци деновиве на се уште учење и многу умор во демократијата, кои доведоа до тоа што го имаме денес. Но, европската идеја е патоказ за тоа, како жестоки непријатели да дојдат до решение преку дијалог, да понудат иднина. Тоа им го должиме на генерациите кои доаѓаат и сме обврзани во нивно име да сме доследни на идејата за Европа и за мир, рече претседателот Иванов на панел дискусијата.

panel3Амбасадорот Орав потенцира дека главните вредности на ЕУ се мир, демократија и просперитет.  Кога зборуваме за демократијата, тоа значи владеење на правото, почитување на човековите права, слободни медиуми... Сега, според амбасадорот Орав, ЕУ се соочува со нови предизвици, а тоа е европската безбедност. Проширувањето како најуспешна политика на ЕУ ќе продолжи.  Сите оние земји кои имаат потреба од ЕУ, треба да знаат дека и ЕУ има потреба од сите тие земји заради силна демократија, рече амбасадорот Орав. Тој  додаде оти ЕУ е во постојан развој. Некогаш донесувањето одлуки е долг и сложен процес, а кога има 28 држави кои мора да подготуваат одлуки дома и да се состанат и да донесат одлука за одредено прашање, тоа одзема многу време. Тоа се смета за слабост на ЕУ, но истовремено и не е затоа што е многу транспарентен процес, појасни тој. Главните предизвици изминатите години, подвлече уште еднаш, за ЕУ беа економската криза, а сега е нова фаза, а тоа се безбедносните аспекти. Според него, главен проблем за економскиот развој и напредок е и коруцијата.

Професорот Љатифи говореше за европските вредности и потребата од нивно промовирање.

panel4

vardar1
Честитки за освоеното трето место во Европа - Претседателот Иванов ги прими ракометарките на ЖРК „Вардар“
Четврток, 08 Мај 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими членовите и раководството на женскиот ракометен клуб „Вардар СЦБТ“, по повод освоеното трето место во годинашното издание на Фајнал-фор турнирот на Лигата на шампионите во Будимпешта.

Претседателот Иванов им честита на ракометарките за големиот успех, и освоеното трето место, и истакна дека како и досега, така и во иднина безрезервно ќе ги поддржува сите македонски спортисти, додавајќи дека кога се игра тимски, успесите доаѓаат и се неизбежни. Многу сме горди на вас. Направивте навистина многу за македонскиот ракомет претставувајќи ја нашата држава, рече претседателот Иванов. Со врвните резултати кои константно ги бележите, а особено со освоеното трето место во годинашното издание на Лигата на шампионите покажавте дека кога човек е посветен на некоја работа секогаш постигнува успех, рече шефот на македонската држава. Достигнувањата на спортистите се позитивен пример и мотив и за младите генерации да се занимаваат со некој спорт, но истовремено придонесуваат и за меѓународната афирмација на Република Македонија, рече претседателот Иванов.

Претседателот на клубот и прославената ракометарка, поранешен голман на македонската репрезентација, Гордана Нацева, изјави дека нивната екипа постигна многу за кусо време и оти за наредната година имаат шампионски амбиции. Со многу работа и посветеност го постигнавме третото место и достоинствено ја претставивме Република Македонија и на терен и надвор од него, рече Нацева. Приемот кај претседателот на државата ракометарките на ЖРК „Вардар“ СЦ „Борис Трајковски“ го оценија како мотив за постигнување поголеми резултати и претставување на Македонија во најдобро светло, бидејќи спортот е најголем амбасадор на една земја.

Македонските ракометарки го освоија третото место со победата над дански Митјиланд со 34:31 на фајнал-фор турнирот во Будимпешта.

vardar2

calakli1
Фестивалот е пример како се негува соживотот во Македонија - Свечено отварање на 23. фестивал ,,Хид Бах Шен Фест'' во Чалакли, Валандово
Сабота, 03 Мај 2014

Претседателот Иванов, денеска присуствуваше на свеченото отварање на 23. пролетен фестивал на веселби ,,Хид Бах Шен Фест'' во Чалакли, Валандово.

Поздравувајќи ги учесниците на фестивалот, претседателот Иванов истакна дека фестивалот е пример како се негува соживотот во Македонија, пример како треба сето наследство од нашите предци да го оставиме на нашите потомци. Во духот на таа традиција, во духот на промовирање на заедништвото, на заедничкиот живот и просперитет на сите што живееме во Македонија, го прогласувам фестивалот за отворен, рече претседателот Иванов.

Заблагодарувајќи се за претходните посети на нивното населено место, жителите на Чалакли му ја честитаа победата на претседателските избори и искажаа огромна чест и благодарност до претседателот Иванов што по трети пат е гостин на ,,Хид Бах Шен Фест'' во валандовско Чалакли.

На овој меѓународен фестивал кој традиционално го одбележува доаѓањето на пролетта, годинава свој настап имаа културно уметнички друштва ,,Гоце Делчев'' и ,,Бахар'' од Валандово, музичкиот состав на Министерство за култура на Република Турција, како и фолклорни групи од Турција, Романија, Бугарија, Грција, Србија, Косово и Босна и Херцеговина.

Манифестацијата ,, Хид Бах Шен Фест'' со одлука на Министерството за култура на Република Македонија, од 2003 година е прогласена за манифестација од посебен национален интерес.

calakli2

uverenie
Врачено уверението од ДИК за втор претседателски мандат на претседателот Иванов
Петок, 02 Мај 2014
 
Почеток < Пред 91 92 93 94 95 96 97 98 99 100 Следно > Крај
Страница 95 од 198