|
Иванов: Статус-кво ситуацијата фрустрира, очекуваме датум на следниот ЕУ Самит
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на денешната работна посета на Брисел, оствари средба со еврокомесарот за проширување Штефан Филе, на која истакна дека статус-кво ситуацијата во однос на македонските евроинтеграции фрустрира и побара Република Македонија да добие датум за преговори на претстојниот Самит на Европскиот совет, а паралелно да го решава билатералниот спор со Грција.
На средбата беа разменети мислења и информации во однос на интеграцискиот процес на земјата во Европската унија, состојбата во Македонија по неодамнешните избори, актуелностите во Обединетите нации во процесот на преговорите за наметнатиот спор за името. Двајцата соговорници разговараа и за актуелните состојби во регионот и добрососедските односи.
Претседателот Иванов на еврокомесарот му укажа дека предолгото чекање за следниот исчекор во евро-атлантските интеграции не помага во забрзувањето на реформите и надминувањето на забелешките од последниот прогрес-извештај за нашата земја на Европската комисија.
„Статус-кво состојбата создава фрустрации во нашето општество. Таа не е добра како за Македонија, така и за регионот, но и за кредибилитетот на проширувањето. Македонија бара на претстојниот Самит на Европскиот совет и за земјата да биде применет позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и надминувањето на билатералниот спор", порача Иванов на средбата со комесарот за проширување.
Еврокомесарот Филе, воедно му го честита реизборот на претседателот Иванов истакнувајќи задоволство од соработката во првиот мандат и подготвеност за успешна и отворена соработка и во новиот мандат. Притоа, првиот човек за проширување на Унијата истакна дека главни предизвици се актуелната политичка состојба во Европа, но и на Балканот и пред се во Република Македонија.
Еврокомесарот Филе посочи дека реформскиот процес во земјата мора да продолжи со фокус на надминување на забелешките во извештаите на Еврокомисијата, но и на ОБСЕ/ОДИХР. Притоа, Филе истакна дека по изборите за новиот состав на Европскиот парламент, што ќе се одржат пред крајот на овој месец, тој е подготвен да го продолжи конструктивниот дијалог со македонскиот претседател во однос на предизвиците и можностите во наредниот период.

|