Средба со претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј
Четврток, 15 Мај 2014   

rompuyВо рамки на денешната работна посета на Брисел, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов оствари средба со претседателот на Европскиот совет, г. Херман Ван Ромпуј.

„Посетата на Брисел беше во функција да се укаже на јасната определба на ЕУ-иднината на Македонија. Таа јасна порака беше укажана на средбите, а моите соговорници пројавија интерес за актуелните случувања во нашата земја. Тие упатија јасна порака до сите политички чинители во нашата земја сериозно да пријдат на целиот процес на евроинтеграции и да покажат одговорност во овој процес, бидејки евроинтеграциите се одговорност на сите политички чинители во секоја земја", истакна претседателот Иванов по средбата со претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј.

Претседателот Иванов додаде дека Ван Ромпуј, но и комесарот за проширување Штефан Филе, со кого се сретна утринава, биле информирани за настаните во нашата земја, при што разговарале за многу аспекти од политичкиот живот во нашата земја и за се што се случува во регионот. Претседателот Иванов изјави дека од негова страна било укажано да се користат позитивните искуства од регионот, каде има случај на паралелно одвивање на двата процеси, како на процесот на преговори, така и на пронаоѓање решение за билатералната разлика.

„Укажавме дека се она што се случува последниве години, нас во Македонија не фрустрира, како населението, така и политичките чинители. Како резултат на таа фрустрација го имаме она што се случува во однос на актуелната ситуација во земјата и затоа побаравме поголема посветеност кон Македонија. За граѓаните да ги почувствиваат бенефитите од целиот процес во кој вложила нашата земја", посочи претседателот Иванов.

Македонскиот претседател додаде дека е јасно оти сега е период на избори во ЕУ кога сите се загрижени каде ќе биде нивната политичка иднина и кариера.

„Укажано е на амбиентот кој постои внатре во самата Унија и нејзините предизвици и за тоа што треба ние да направиме како земја за да ја одржиме високо европската агенда во Македонија и како што кажав тоа е одговорност на секој политички чинител", изјави претседателот Иванов.

  Back<<Назад