Новости
poperotator01
Претседателот Иванов на аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост папата Франциск
Среда, 21 Мај 2014

popeСо аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост папата Франциск, денеска во Ватикан, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и македонска државна и црковна делегација ги почнаа активностите во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил".

На тет-а-тет средбата, претседателот Иванов и папата Франциск разговараа за состојбите во христијанството, релациите на Република Македонија и Ватикан, кои годинава одбележуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, како и за прашања од историјата, филозофијата и секојдневието.

„Средбата со неговата светост помина во многу конструктивен дух. Имавме навистина содржајна средба, на која се потенцираше дека годинава по 46-ти пат се одбележува манифестацијата од страна на македонската делегација и оти се совпаѓа со одбележување 20 години од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Македонија и Ватикан", изјави по средбата претседателот Иванов.

Со папата Франциск, посочи претседателот Иванов, разговаравме за тоа како да ги негуваме во Македонија вредностите кои се и основа на христијанството, односно почитта на другиот, дијалогот меѓу луѓето и желбата за постигнување мир и сплотеност меѓу луѓето во нашата држава, како и секаде во светот, како мисија што ја промовира и Неговата светост.

На средбата, македонскиот претседател до Папата ја повтори поканата за посета на Република Македонија. Оценето е дека во изминатите 20 години од кога се воспоставени дипломатски односи на Македонија и Ватикан се изградени почит и пријателство кои создаваат основа за нова соработка. Тоа, пред се, нагласи претседателот Иванов, се однесува на користење на архивите коишто ги има Ватикан со документите кои се однесуваат на нас и на нашата историја и на соработката во областа на историјата, културата, каде што може да се најде заеднички интерес.

pope1„Навистина имавме можност за разговор во кој се гледа моќта која ја поседува Неговата светост како личност, како човек, кој навистина сака да постојат прилагодувања на учењата во христијанскиот свет со нашето секојдневие и со сите предизвици кои ги носи денешниот живот", изјави претседателот Иванов, кој беше примен од Папата во неговата приватна резиденција, што претставува особена чест.

На аудиенцијата кај поглаварот на Римокатоличката црква, македонскиот претседател беше придружуван од неговата сопруга г-ѓа Маја, министрите за надворешни работи и за образование и наука, Никола Попоски и Спиро Ристовски, амбасадоорот на Република Македонија во Ватикан, Звонимир Јанкулоски. Црковната делегација ја предводи архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а во нејзин состав се митрополитот Европски г. Пимен, епископот Хераклејски г. Климент, отец Климент Мишањ, свештеник во Пјаченца, отец Гоце Костов, парох во струмичката католичка црква.

Папата Франциск од македонската делегација доби подарок резба Свети Кирил и икона од Богородица, како и книга со црквите во Македонија.

По пленарната средба со Папата, претседателот Иванов и делегацијата, во Апостолската палата во Ватикан, имаа средба и со државниот секретар на Светиот престол, монсињор Пјетро Паролин.

„Беа отворени повеќе прашања за нашите односи, односно кога сме ги воспоставиле пред 20 години, тоа било под референцата во ООН и оти по 20 години постои можност да почнеме постапка, билатерланите односи Ватикан со нас да ги има со нашето уставно име", рече претседателот Иванов. Тоа, според македонскиот претседател, за Македонија е од огромно значење, бидејќи воспоставената традиција ќе се усогласи со новата реалност која постои затоа што со најголем дел од земјите во светот билатералните односи се со нашето уставно име.

Во рамки на посетата на Италијанската Република, македонскиот претседател ќе оствари билатерална средба со својот италијански колега Џорџо Наполитано, а ќе одржи и предавања на Универзитетот „Федерико Втори" во Неапол и Институтот на Франко Фратини.

pope2

PRMportret
Телефонски разговор на претседателот Иванов со хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ и со членот на босанското претседателство Жељко Комшиќ
Вторник, 20 Мај 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари телефонски разговори со претседателот на Република Хрватска, г. Иво Јосиповиќ и со членот на претседателството на Босна и Херцеговина, г. Жељко Комшиќ, во кои изрази жалење за изгубените животи и настраданите во невремето и поплавите кои ги зафатија двете земји.

Во телефонските разговори, претседателот Иванов ја истакна подготвеноста на Република Македонија да понуди помош и да ги стави на располагање своите расположливи ресурси со цел справување со последиците од невремето. Членот на босанското претседателство, г. Комшиќ во телефонскиот разговор посочи на ургентната потреба за помош во лекови и санитарен материјал.

Соговорниците се согласија дека е неопходно засилување на регионалната соработка и координирана акција во справувањето со природните несреќи и катастрофи, кои се во се поголем пораст, а со цел нивна превенција и ублажување на последиците.

vlaskazaednica
Прием на претставници на Влашката заедница во Република Македонија по повод 23 Мај - Националниот ден на Власите
Вторник, 20 Мај 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска, во пресрет на 23 Мај – националниот ден на Власите, прими претставници на Влашката заедница во Република Македонија.

Претставниците на Влашката заедница во Република Македонија, му ја честитаа победата на претседателските избори, и искажаа благодарност за посветеноста на претседателот Иванов во градењето на нашето мултијазично, мултикултурно и мултиетничко демократско општество, кое претставува пример во регионот.

На средбата беа разменети мислења за состојбата со Влашката заедница во остварување на нивните права, при што претседателот Иванов беше информиран, за активностите кои ги превземаат со цел промовирање на влашката култура, јазик и традиција во Република Македонија.

Потенцирајќи дека Власите во Република Македонија се уставно признати, општествено ценети и лојални граѓани, претседателот Иванов пренесе дека Власите активно учествуваат и го градат македонскиот модел на соживот, кој е базиран на толеранција и почитување на културата и обичаите на другиот.

nikolik
Претседателот Иванов во телефонски разговор со претседателот Николиќ изрази сочувство за настраданите во невремето во Србија
Петок, 16 Мај 2014
rompuy
Средба со претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј
Четврток, 15 Мај 2014

Во рамки на денешната работна посета на Брисел, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов оствари средба со претседателот на Европскиот совет, г. Херман Ван Ромпуј.

„Посетата на Брисел беше во функција да се укаже на јасната определба на ЕУ-иднината на Македонија. Таа јасна порака беше укажана на средбите, а моите соговорници пројавија интерес за актуелните случувања во нашата земја. Тие упатија јасна порака до сите политички чинители во нашата земја сериозно да пријдат на целиот процес на евроинтеграции и да покажат одговорност во овој процес, бидејки евроинтеграциите се одговорност на сите политички чинители во секоја земја", истакна претседателот Иванов по средбата со претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј.

Претседателот Иванов додаде дека Ван Ромпуј, но и комесарот за проширување Штефан Филе, со кого се сретна утринава, биле информирани за настаните во нашата земја, при што разговарале за многу аспекти од политичкиот живот во нашата земја и за се што се случува во регионот. Претседателот Иванов изјави дека од негова страна било укажано да се користат позитивните искуства од регионот, каде има случај на паралелно одвивање на двата процеси, како на процесот на преговори, така и на пронаоѓање решение за билатералната разлика.

„Укажавме дека се она што се случува последниве години, нас во Македонија не фрустрира, како населението, така и политичките чинители. Како резултат на таа фрустрација го имаме она што се случува во однос на актуелната ситуација во земјата и затоа побаравме поголема посветеност кон Македонија. За граѓаните да ги почувствиваат бенефитите од целиот процес во кој вложила нашата земја", посочи претседателот Иванов.

Македонскиот претседател додаде дека е јасно оти сега е период на избори во ЕУ кога сите се загрижени каде ќе биде нивната политичка иднина и кариера.

„Укажано е на амбиентот кој постои внатре во самата Унија и нејзините предизвици и за тоа што треба ние да направиме како земја за да ја одржиме високо европската агенда во Македонија и како што кажав тоа е одговорност на секој политички чинител", изјави претседателот Иванов.

 
Почеток < Пред 91 92 93 94 95 96 97 98 99 100 Следно > Крај
Страница 94 од 198