|
Телефонски разговор на претседателот Иванов со хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ и со членот на босанското претседателство Жељко Комшиќ
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари телефонски разговори со претседателот на Република Хрватска, г. Иво Јосиповиќ и со членот на претседателството на Босна и Херцеговина, г. Жељко Комшиќ, во кои изрази жалење за изгубените животи и настраданите во невремето и поплавите кои ги зафатија двете земји.
Во телефонските разговори, претседателот Иванов ја истакна подготвеноста на Република Македонија да понуди помош и да ги стави на располагање своите расположливи ресурси со цел справување со последиците од невремето. Членот на босанското претседателство, г. Комшиќ во телефонскиот разговор посочи на ургентната потреба за помош во лекови и санитарен материјал.
Соговорниците се согласија дека е неопходно засилување на регионалната соработка и координирана акција во справувањето со природните несреќи и катастрофи, кои се во се поголем пораст, а со цел нивна превенција и ублажување на последиците.
|