Претседателот Иванов на аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост папата Франциск
Среда, 21 Мај 2014   

poperotator01

popeСо аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост папата Франциск, денеска во Ватикан, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и македонска државна и црковна делегација ги почнаа активностите во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил".

На тет-а-тет средбата, претседателот Иванов и папата Франциск разговараа за состојбите во христијанството, релациите на Република Македонија и Ватикан, кои годинава одбележуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, како и за прашања од историјата, филозофијата и секојдневието.

„Средбата со неговата светост помина во многу конструктивен дух. Имавме навистина содржајна средба, на која се потенцираше дека годинава по 46-ти пат се одбележува манифестацијата од страна на македонската делегација и оти се совпаѓа со одбележување 20 години од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Македонија и Ватикан", изјави по средбата претседателот Иванов.

Со папата Франциск, посочи претседателот Иванов, разговаравме за тоа како да ги негуваме во Македонија вредностите кои се и основа на христијанството, односно почитта на другиот, дијалогот меѓу луѓето и желбата за постигнување мир и сплотеност меѓу луѓето во нашата држава, како и секаде во светот, како мисија што ја промовира и Неговата светост.

На средбата, македонскиот претседател до Папата ја повтори поканата за посета на Република Македонија. Оценето е дека во изминатите 20 години од кога се воспоставени дипломатски односи на Македонија и Ватикан се изградени почит и пријателство кои создаваат основа за нова соработка. Тоа, пред се, нагласи претседателот Иванов, се однесува на користење на архивите коишто ги има Ватикан со документите кои се однесуваат на нас и на нашата историја и на соработката во областа на историјата, културата, каде што може да се најде заеднички интерес.

pope1„Навистина имавме можност за разговор во кој се гледа моќта која ја поседува Неговата светост како личност, како човек, кој навистина сака да постојат прилагодувања на учењата во христијанскиот свет со нашето секојдневие и со сите предизвици кои ги носи денешниот живот", изјави претседателот Иванов, кој беше примен од Папата во неговата приватна резиденција, што претставува особена чест.

На аудиенцијата кај поглаварот на Римокатоличката црква, македонскиот претседател беше придружуван од неговата сопруга г-ѓа Маја, министрите за надворешни работи и за образование и наука, Никола Попоски и Спиро Ристовски, амбасадоорот на Република Македонија во Ватикан, Звонимир Јанкулоски. Црковната делегација ја предводи архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а во нејзин состав се митрополитот Европски г. Пимен, епископот Хераклејски г. Климент, отец Климент Мишањ, свештеник во Пјаченца, отец Гоце Костов, парох во струмичката католичка црква.

Папата Франциск од македонската делегација доби подарок резба Свети Кирил и икона од Богородица, како и книга со црквите во Македонија.

По пленарната средба со Папата, претседателот Иванов и делегацијата, во Апостолската палата во Ватикан, имаа средба и со државниот секретар на Светиот престол, монсињор Пјетро Паролин.

„Беа отворени повеќе прашања за нашите односи, односно кога сме ги воспоставиле пред 20 години, тоа било под референцата во ООН и оти по 20 години постои можност да почнеме постапка, билатерланите односи Ватикан со нас да ги има со нашето уставно име", рече претседателот Иванов. Тоа, според македонскиот претседател, за Македонија е од огромно значење, бидејќи воспоставената традиција ќе се усогласи со новата реалност која постои затоа што со најголем дел од земјите во светот билатералните односи се со нашето уставно име.

Во рамки на посетата на Италијанската Република, македонскиот претседател ќе оствари билатерална средба со својот италијански колега Џорџо Наполитано, а ќе одржи и предавања на Универзитетот „Федерико Втори" во Неапол и Институтот на Франко Фратини.

pope2

  Back<<Назад