Новости
karate
Средба со претставници на Македонската традицонална карате федерација
Петок, 13 Јуни 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими претставници на Македонската традицонална карате федерација по повод 45 години од формирањето на Македонската традиционална карате федерација.

Претседателот Иванов на средбата го честита овој голем јубилеј на македонските каратисти, посакувајќи и натаму да продолжат со остварување нови спортски успеси и достигнувања, и достојно да ја претставуваат Република Македонија во светот. Претставниците на Македонската традиционална карате федерација предводени од Венцислав Недев, претседател на Македонска традиционална карате се заблагодарија на македонскиот претседател за приемот и големата поддршка која им ја дава во континуитет на каратистите и сите спортски работници. Првиот карате клуб „Работнички”, како и првото регуларно републичко првенство официјално се регистрирани во 1969 година.

jahja1
Кога се работи посветено и одговорно, резултатите доаѓаат - средба со најдобрите ученици од Колеџот Јахја Кемал од Скопје
Четврток, 12 Јуни 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими претставници и ученици, добитници на награди и признанија од Колеџот Јахја Кемал од Скопје.

Претседателот Иванов честитајќи им на учениците за постигнатите успеси, им посака во наредниот период уште многу награди, и со уште подобри резултати да ја претставуваат Македонија во Европа и во светот. Македонскиот претседател порача дека кога се работи посветено и одговорно, резултатите доаѓаат. Заблагодарувајќи се за приемот, учениците од Колеџот Јахја Кемал, се претставија и го информираа претседателот Иванов за освоените награди, признанија и медали во домашните и на меѓународни натпреварите на кои досега учествувале.

Матурантот Бојан Серафимов од Виница со бронзен медал од Светската олимпијада по информатика во Австралија и бронзен медал од Светската олимпијада по математика во Колумбија ќе го продолжи своето образование на Институтот за технологија во Масачусетс во Бостон. Неговиот соученик Филип Бујароски од Скопје кој има освоени голем број награди и медали на натпревари по информатика ќе студира економија на Харвард Универзитет во Бостон, додека ученичката Марија Тепеѓозова од Скопје ќе продолжи со студиите на Кембриџ Универзитетот во Лондон.

На средбата со претставниците на колеџот беа разменети мислења во врска со функционирање на приватното образование во рамките на образовниот систем на Република Македонија, како и за натамошно унапредување на наставните планови и програми.
jahja2

obse_1
Средба со Астрид Торс, Висок комесар за национални малцинства на ОБСЕ
Среда, 11 Јуни 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ја прими г-ѓа Астрид Торс, Висок комесар за национални малцинства на ОБСЕ.

На средбата, претседателот Иванов го поздрави ангажманот и поддршката на ОБСЕ на полето на унапредување на односите меѓу етничките заедници во Република Македонија. Претседателот Иванов подвлече дека Република Македонија претставува успешен и позитивен пример во регионот со својот пристап кон градење на односи на почитување и соработка меѓу разните етнички заедници.

Соговорниците разменија мислења за спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Заемна констатација е дека неговото спроведување придонесе за зајакнување на капацитетите на македонското општество и институции, и придонесе за изградба на еден модерен модел на функционален мултиетнички соживот во Република Македонија. Македонскиот претседател изрази поддршка за Стратегијата за интегрирано образование, како придонес кон зголемена интеракција на ученици од различни етнички заедници, и изрази очекување за нејзина рамномерна имплементација.

Двајцата соговорници разменија информации и за процесот на интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО, за развојот на настаните во регионот, како и за односите со соседните земји.
obse_2

ruskadelegacija
Средба со Архиепископот Верејскиј г. Евгениј, ректор на Московската духовна академијата
Понеделник, 09 Јуни 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес го прими Архиепископот Верејскиј г. Евгениј, ректор на Московската духовна академија кој престојува во официјална посета на Република Македонија, на покана на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј".

Претседателот Иванов истакна дека посетата на Република Македонија и повторната средба претставуваат доказ за одличните билатерални односи меѓу двете земји, успешната соработка меѓу двата универзитети, но и меѓу двете цркви.

На средбата, што се реализира во годината кога Република Македонија и Руската Федерација одбележуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, беше изразено задоволство што одличната севкупна соработка меѓу двете земји се продлабочува со научно-образовната соработка меѓу Московската духовна академија и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј".

Архиепископот Евгениј ги пренесе поздравите од патријархот на Руската Православна Црква, Кирил I до претседателот Иванов.

poroshenko1
Претседателот Иванов присуствуваше на инаугурацијата на украинскиот претседател Порошенко
Сабота, 07 Јуни 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска во Киев присуствуваше на инаугурацијата на новоизбраниот украински претседател г. Петро Порошенко, на која учествуваат делегации од околу 60 држави.

На свечената церемонија во Киев присуствуваат и претседателите на Сојузна Република Германија, Република Австрија, Република Словенија, Република Албанија, Република Полска, Република Литванија, Романија, Швајцарската Конфедерација, Грузија и на Република Молдавија. На премиерско ниво се претставени Јапонија, Канада, Република Бугарија, Република Латвија, Република Естонија. Меѓу високите гости е и американскиот потпретседател, г. Џозеф Бајден, како и претседателот на Европскиот совет, г. Херман Ван Ромпуј. Руската Федерација, пак, ја претставува амбасадорот во Киев, г. Михаил Зурабов.

Откако ја положи свечената заклетва пред Врховната Рада, новиот украински претседател се сретна со македонскиот претседател Иванов.

Претседателот Иванов на украинскиот претседател Порошенко, му го честиташе стапувањето на функцијата и му посака успех. Двајцата претседатели изразија подготвеност за натамошно јакнење на традионално пријателските односи меѓу Република Македонија и Украина, како и за интензивирање на соработката, како на билатерален, така и на мултилатерален план. По стабилизацијата на состојбата во Украина, договорено е да продолжи политичкиот дијалог, и интензивирање на соработката пред се во сферата на економијата, трговската размена и инвестициите. Претседателот Порошенко истакна дека очекува во наредниот период да се отвори нова страница во украинско-македонските односи.

Во разговорите претседателот Иванов го искажа ставот дека Република Македонија ги поддржува сите обиди што можат да донесат мир и стабилност во Украина.

„Пред претседателот Порошенко го искажав моето убедување дека Украина преку дијалог, со политички и дипломатски средства, ќе успее да се справи со предизвиците и ќе продолжи по патот на обезбедување просперитетна иднина на своите граѓани. Дополнително, радува фактот што вчера во Франција дојде до средба на господинот Порошенко со рускиот претседател Путин", изјави претседателот Иванов во Киев.

Политичките односи меѓу двете земји од нивното осамостојување ги карактеризира дух на пријателство, доверба, отсуство на отворени или спорни прашања, како и соработка во повеќе области од заемен интерес.

Украина е значаен економски и трговски партнер на Република Македонија, со која имаме склучено договор за слободна трговија од 2001, како и договори за заштита и потикнување на инвестиците, за одбегнување на двојно оданочување, и договор за реципрочен слободен визен режим за граѓаните на двете земји. Двете земји имаат голем потенцијал за интензивна економска соработка, во рамките на веќе уредената правна рамка, особено договорот за слободна трговија, кои се сеуште недоволно искористени.

Учеството на инаугурацијата беше можност за средби, разговори и размена на мислења и информации со дел од учесниците.

Претседателот Иванов во разговорите со Претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор, се задржа на состојбата на евроатланските интеграции за Република Македонија и можностите за нивна деблокада, како и за претстојната средба во рамките на Брдо Процесот. Во разговорите со полскиот претседател г. Бронислав Коморовски и австрискиот претседател г. Хајнц Фишер, претседателот Иванов искажа очекување за полска и австриска подршка во деблокадата на ЕУ и НАТО интеграциите. Претседателот Иванов, за време на церемонијата на инаугурација, имаше краток разговор и со американскиот потпретседател г. Џозеф Бајден, на кој ја побара подршката за заземање на заслуженото членство на Република Македонија во НАТО. Македонскиот претседател се сретна и разговараше за регионалната соработка со албанскиот претседал г. Бујар Нишани, а се сретна и со претставниците на Совет на Европа и ОБСЕ, г. Торбјорн Јагланд и г. Ламберто Заниер.

poroshenko2

tempe
Средба со претставници од градот Темпе, Аризона
Четврток, 05 Јуни 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска прими претставници  на  градот Темпе, Аризона (САД), кои во земјава престојуваат по повод Првата Балканска конференција за збратимени градови, што се одржува од 5 до 7 јуни во Скопје.

Претседателот Иванов и претставниците на градот Темпе ја поздравија севкупната соработка помеѓу градот Скопје и градот Темпе, од збратимувањето во 1971 година до денес, чин што претседателот Иванов од денешен аспект го оцени како визионерски.

„Визијата на Темпе сосема природно се надополни со вековната традиција на отвореност со кои се одликува Скопје и Македонија. Од таа среќна комбинација произлегоа бројни проекти и размени но, уште поважно, многу пријателства од двете страни на Атлантикот. Тоа претставува сигурен влог во пријателските и партнерски односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. Верувам дека во наредните децении, ова партнерство само ќе се продлабочува и проширува со нови содржини“, рече претседателот Иванов.

Градот Темпе од Аризона се збратими со Скопје во јули 1971 година и тоа беше прво збратимување на град од САД со град од Источна Европа. Претседателот Иванов го посети градот Темпе во април 2013 година.



 
Почеток < Пред 91 92 93 94 95 96 97 98 99 100 Следно > Крај
Страница 92 од 198