|
Средба со Астрид Торс, Висок комесар за национални малцинства на ОБСЕ
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ја прими г-ѓа Астрид Торс, Висок комесар за национални малцинства на ОБСЕ.
На средбата, претседателот Иванов го поздрави ангажманот и поддршката на ОБСЕ на полето на унапредување на односите меѓу етничките заедници во Република Македонија. Претседателот Иванов подвлече дека Република Македонија претставува успешен и позитивен пример во регионот со својот пристап кон градење на односи на почитување и соработка меѓу разните етнички заедници.
Соговорниците разменија мислења за спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Заемна констатација е дека неговото спроведување придонесе за зајакнување на капацитетите на македонското општество и институции, и придонесе за изградба на еден модерен модел на функционален мултиетнички соживот во Република Македонија. Македонскиот претседател изрази поддршка за Стратегијата за интегрирано образование, како придонес кон зголемена интеракција на ученици од различни етнички заедници, и изрази очекување за нејзина рамномерна имплементација.
Двајцата соговорници разменија информации и за процесот на интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО, за развојот на настаните во регионот, како и за односите со соседните земји.

|