Новости
iftar1907
Претседателот Иванов присуствуваше на Ифтарска вечера во организација на Стопанска комора на северозападна Македонија
Сабота, 19 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вечерва во Тетово присуствуваше на Ифтарска вечера во организација на Стопанска комора на северозападна Македонија.

На Ифтарската вечера, која се одржува по повод светиот месец Рамазан, присуствуваа претставници на јавниот и политичкиот живот, бизнисмени, дипломати, како и претставници на граѓански асоцијации и здруженија.

На присутните и на сите припадници на исламската веросиповед во Република Македонија, претседателот Иванов им ги честита рамазанските пости и светиот месец Рамазан, кој според верувањата е месец на проштевање, истрајност и посветеност кон верата, и им посака фамилијарна топлина, мир и љубов.

Македонскиот претседател порача дека верувањето нè учи на почитување на верските и духовните вредности и на единство меѓу луѓето во духот на меѓуверската толеранција, дополнувајќи дека рамазанските пости ја означуваат вековната традиција на исламот во Република Македонија.

radozda1
Претседателот Иванов присуствувше на методско-показна тактичка вежба - „Неутрализирање на непријателски пловен објект“
Среда, 16 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, придружуван од министерот за одбрана, г. Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал потполковник Горанчо Котески, денеска во Радожда, присуствуваше на методско-показна тактичка вежба „Неутрализирање на непријателски пловен објект" на припадниците на полкот за Специјални операции и Воздухопловната бригада при АРМ.

Се раководевме од намерата подобро да се спречи во почетниот период и затоа вежбата се одвиваше на граничната линија на границата на Република Македонија. Ова што го изведувавме денеска е во склад со мисијата на армијата за заштита на територијалниот интегритет, но и при учество на одредени мировни операции, истакна началникот на Генерал Штабот на АРМ, Котески.

Тој позитивно ги оцени активностите на припадниците на полкот за специјални операции и воздухопловната бригада, што, според него, полкот го потврди мотото „Секаде први, секаде подготвени".

018„Специфичноста на оваа вежба произлегува од потребата за добра координираност во подготовката, организацијата и изведувањето на една вежба од ваков тип. Во вежбата учествуваа копнените сили, воздухопловните сили и припадниците на езерицата на АРМ. Со вежбата сакавме да ја покажеме и координацијата на меѓу АРМ и МВР во случај на уфрлување на терористички групи на територијата, односно одредени борбени дејства проследени претходно со специјална војна", појасни генералот Котески.

Овие операции, како што оцени Васко Ѓурчиновски бригаден генерал, командант на полкот за специјални операции, се со многу висок ризик и бараат екстра тренинг и подготовка да се одговори во секој поглед.

„Денеска демонстриравме целокупна оспособеност и комбиниран капацитет за одговор на секаков вид закана со поддршка и содејство на силите на армијата од воздух и од копно, како и на нуркачките единици преку спасување давеник", изјави бригадниот генерал Ѓурчиновски.

Целта на методско-показна тактичка вежба „Неутрализирање на непријателски пловен објект" беше проверка на обученоста на Полкот за специјални операции и Воздухопловната бригада за изведување комбинирани активности на копно, вода и воздух.
radozda3

samitbrdof
Претседателот Иванов учествуваше на Состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот“ во Дубровник, Република Хрватска
Вторник, 15 Јули 2014

samitbrdoПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска учествуваше на Состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот" во Дубровник, Република Хрватска.

На самитот учествуваа и претседателите на Република Хрватска, г. Иво Јосиповиќ, на Република Словенија, г. Борут Пахор, на Република Србија г. Томислав Николиќ, на Република Албанија, г. Бујар Нишани, на Црна Гора г. Филип Вујановиќ, на Република Косово г-ѓа Атифете Јахјага, Претседавачот и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Бакир Изетбеговиќ, г. Небојша Радмановиќ, г. Жељко Комшиќ, како и Канцеларот на Сојузна Република Германија, г-ѓа Ангела Меркел која беше специјален гостин на состанокот.

Доаѓањето на германската канцеларка Ангела Меркел на состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони процесот" кажува дека нашиот регион повторно е во интерес на Европската унија, изјави претседател Иванов денеска во Дубровник по завршувањето на Состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот"

Пораките од г-ѓа Меркел, како што рече, беа многу оптимистички бидејќи кажа дека Македонија мора да биде членка на ЕУ и на НАТО и дека мора да се најде решение на овој спор, кој веќе долго време и нив ги оптоварува, а не само нас.

На состанокот претседателот Иванов укажа дека мора да се дојде до решение за Република Македонија да ја напушти статус-кво состојбата.

Шефот на македонската држава детално ја запозна г-ѓа Меркел со статус-кво состојбата на Македонија која е блокирана и во ЕУ и во НАТО, како и за можните последици од оваа состојба. „Потенцирав дека таа состојба не му одговара на никого и дека мора да се вклучат лично и тие и со нивни заложби да се дојде до некое решение", рече претседателот Иванов.

samitbrdo2Тој потенцира, позитивното искуство во регионот да се примени и кај нас, бидејќи како што рече, имаме два позитивни примери на паралелно движење на преговарањето и наоѓањето заедничко решение меѓу Словенија и Хрватска, како и паралелниот процес меѓу Белград и Приштина. „Зошто тоа да не се примени и за Македонија, кога има можност на таков начин да се дојде до решение", изјави македонскиот претседател.

Самитот во Дубровник е позитивен сигнал за целиот регион, рече Иванов, бидејќи се враќа интересот за него како привлечна дестинација и за странски инвестиции.

Тоа беше поддржано, како што рече Иванов и од г-ѓа Меркел и влезе во заклучоците на Самитот дека на Балканот му е потребна една нова инфраструктура, која ќе создаде нов амбиент за соработка и на вмрежување за да можат младите генерации тоа да го користат.

Претседателот Иванов ја запознал г-ѓа Меркел со сите детали на спорот за името со Република Грција, и како што рече, за дваесетгодишното исчекување, како и за заложбите кои Република Македонија досега ги презела за да се најде решение. „Од нејзина страна беше потенцирано дека и тие се обидувале и ќе продолжат да помагаат во овој процес. Исто како што минатата година францускиот претседател г. Франсоа Оланд кажа дека Франција ќе се заложи и г-ѓа Меркел рече дека тие и досега преземале мерки иако тоа не се знае во јавноста и дека ќе продолжат да бараат решение.

Овој собир, како што нагласи, е почеток на Самитот што ќе се одржи со премиерите од целиот наш регион и министрите за енергетика и за економија во месец август. „Ова што го договаравме сега ќе биде ефектуирано на средбата на Меркел со премиерите од регионот и веројатно тогаш ќе имаме и конкретни решенија и заложби како да се помогне на овој процес, особено за Македонија," истакна претседателот Иванов.

samitbrdo4Германската канцеларка, како што рече претседателот Иванов, посочила дека европска политика е дека за секој проблем мора да се најде решение преку компромис, односно да се разговара. „Јас и укажав за нашата состојба дека ние впрочем нема со кого да разговараме, затоа што сите наш иницијативи и покани се одбиени. Освен со Нимиц ние немаме од другата страна партнер со кој може да разговараме за да се дојде до решение," изјави македонскиот претседател.

Додаде дека сите биле согласни дека состојбата во Грција е деликатна и дека грчкиот премиер се соочува со многу предизвици и оти сега приоритети му се други прашања. „Меѓутоа ние инсистираме дека мора да бидеме на агендата на приоритети и да не бидеме оставени да се одлага нашиот проблем", додаде претседателот Иванов.

Пред учесниците на состанокот претседателот Иванов посочи дека Јадранско-јонската магистрала е значајна бидејќи не го поврзува само јадранско-јонскиот брег, туку сите автопатишта и патишта од регионот, овозможувајќи инвестициски развој.

Македонскиот претседател потсети дека пред пет години на сите регионални самите го потенцирал значењето на големите инфраструктурни проекти како што е оваа магистрала.

„Јадранско-јонската магистрала не го поврзува само јадранско-јонскиот брег, туку сите автопатишта и сите патишта од регионот и овозможува сите инвестиции сега што ги правиме секоја земја одделно меѓу себе да се поврзат. Се отвора просторот, а тоа е нов амбиент во кој се создаваат луѓе со отворен ум кои комуницираат, разменуваат добра, трговија и добра", рече претседателот Иванов.

Додаде дека ова е проект, за кој освен ЕУ нема позаинтересиран субјект кој би влегол во така мега проект.

Во однос на железничката пруга Истанбул-Минхен, преку Љубљана, Загреб и Белград, претседателот Иванов рече дека таа пруга се спојува и со нашите пруги и на тој начин и ние се вмрежуваме, а тоа е основа за поголема соработка.

Германската канцеларка г-ѓа Ангела Меркел имаше свое обраќање на Состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот" во Дубровник.

„Нерешениот проблем со името и идентитетот меѓу Македонија и Грција е товар за нас", истакна германската канцеларка г-ѓа Ангела Меркел денеска во Дубровник пред учесниците на состанокот на лидерите од „Брдо-Бриони процесот".

Канцеларката е оптимист дека може да се најде решение за тоа прашање. „Мислам дека може и мора некако да го решиме тоа. Јас лично се вклучив во тоа и размислував за сите можни комбинации за името, но некогаш мислам дека не постои ништо повеќе што може да се измисли", рече г-ѓа Меркел.

Германија, како што подвлече, е подготвена на конструктивна соработка за решавање на ова прашање, но додаде дека без компромис не се може.

samitbrdo5„Во Германија велиме „компромис е кога сите вклучени се еднакво незадоволни". Кај компромис не може да очекувате дека се ќе заврши со среќен крај за сите. Но, кога сите се еднакво незадоволни, тоа е фер компромис. Мора на некој начин да се постигне Македонија да стане членка на НАТО и на Европската унија", истакна германската канцеларка пред осумте лидери од Југоисточна Европа.

Европскиот совет да донесе одлука за почеток на пристапни преговори на Македонија со ЕУ. Ова е заклучокот кој го донесоа лидерите на „Брдо-Бриони процесот" на денешниот состанок во Дубровник.

Изразивме надеж дека Европскиот совет ќе донесе одлука за пристапни преговори за Скопје, имајќи ја предвид можноста на паралелни пристапни преговори и завршување на билатералните разлики, се вели во заклучокот од состанокот на осумте претседатели на земјите од Југоисточна Европа на кој учествуваше и германската канцеларка Ангела Меркел.

Во заклучоците, е наведено дека лошата инфраструктурна состојба во регионот е сериозна препрека за економскиот развој и за слободен проток на луѓе, стока и капитал и дека тоа не е само регионална инфраструктура, туку и европска.

Како клучни проекти кои ќе ја зајакнат врската на региoнот со ЕУ во заклучоците се посочени Јадранско-јонската магистрала и железничката пруга Минхен-Истанбул, преку Љубљана-Загреб и Белград, кои се сметаат за европски проекти од сите аспекти на планирање, финансирање и изградба.

Лидерите заклучија дека треба да се охрабри Европската комисија да ги забрза планирањата на транспортната и енергетската инфраструктура, вклучувајќи го Западен Балкан како интегрален дел на европската мапа.

Во заклучоците стои и дека треба да се поддржат регионалните проекти што се со цел да го отворат јужниот гасовод за пренос на природниот гас, а истовремено тоа ќе претставува безбедносна заштита на регионот.

Состанокот во Дубровник е продолжение на стратешкиот дијалог на лидерите од Југоисточна Европа, кој во овој формат почна во Загреб на 1 јули 2013 година, а продолжи со состанокот на лидерите од „Брдо-Бриони процесот" со францускиот претседател Франсоа Оланд на 25 јули 2013 година во Брдо кај Крањ.
samitbrdo6

samit100-1
Претседателот Иванов учествуваше на „Самит 100" во Цавтат, Република Хрватска
Понеделник, 14 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Цавтат, Република Хрватска, учествуваше на „Самит 100 - Договор за новото време" заедно со бизнис лидерите и најистакнати претприемачи и стопанственици од Југоисточна Европа.

Политичките лидери треба да овозможат што помалку бариери за да може да има проток на капиталот. За жал нашиот регион има многу физички, ментални и административни бариери. Нам ни е потребна нова инфрастуктура, и поврзување на сите автопатишта. Јадранско-јонската магистрала да се поврзе со Коридорите 8 и 10, да се поврзат железничките пруги, а неопходно е и енергетско, информациско и безбедносно поврзување. Ова се пораките кои ги упати претседателот Иванов на учесниците на бизнис собирот „Самит 100 - Договор за новото време".

Во контекст на тоа, претседателот Иванов, додаде дека таквото поврзување ќе му овозможи на нашиот регион да има отворен простор кој, како што рече, создава луѓе со отворен ум кои имаат потреба од натпревар и го создаваат пазарот.

Во своето обраќање македонскиот претседател истакна дека младите генерации многу подобро се снаоѓаат во овој нов свет, кој многу брзо се менува. – Секој ден тие создаваат фејсбук, твитер групи во кои не почитуваат физички, политички и ментални бариери, а тоа им овозможува сите да знаат англиски и да комуницираат меѓу себе и да остваруваат профит, додаде тој.

samit100Според претседателот Иванов, потребно е да се овозможи регионот да биде отворен простор, бидејќи иднината не обединува. „Треба да имаме заеднички стандарди, критериуми и принципи, а тоа се европските стандарди, критериуми и принципи", истакна претседателот Иванов во своето обраќање.

Регионот, како што посочи шефот на македонската држава, мора што повеќе да соработува затоа што имаме заеднички ресурси кои можеме да ги разменуваме.

„Нашите пазари се мали, а големите странски инвеститори не доаѓаат за 2, 4 или 6 милиони луѓе. Доаѓаат за 20 милиони. Со добра инфраструктура секој капитал брзо ќе оди на место каде што може да се оплоди" рече пред присутните македонскиот претседател.

Претседателот Иванов, апелираше до колегите од регионот, на утрешниот состанок со германската канцеларка Ангела Меркел, заеднички да и укажат дека таа треба да се заложи за големите проекти, со кои ќе се отвори регионот за да имаме заедничка иднина, да патуваме без бариери, да разменуваме идеи, мислења и добра.

Во рамки на бизнис самитот се одржаа седум тркалезни маси на кои свои обраќања имаа претставниците на најголемите компании од регионот во различни области, како што се енергетиката, туризмот, транспортот и логистиката, храната и пијалаците. На тркалезната маса посветена на здравството и фармацевската индустрија говореа Живко Мукаетов од „Алкалоид" и Иво Усмаини од „Јаран - Галенската лабораторија".

„Самитот 100" на бизнис лидерите од регионот досега беше одржан во Србија и Црна Гора, а покровител на третиот Самит во Цавтат е хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ. На форумот во Цавтат присуствуваа претседателите на земјите од Југоисточна Европа, кои утре во Дубровник ќе учествуваат и на состанокот „Брдо-Бриони процесот".

Во пресрет на состанокот на лидерите на земјите од Југоисточна Европа, хрватскиот претседател Јосиповиќ изјави дека главна порака од Дубровник ќе биде оти „ЕУ целиот регион го смета како дел од Европа и дека иднината на земјите од регионот е во Унијата".
samit100-3

obuka2
Претседателот Иванов го посети Центарот за обука на вода во Охрид
Четврток, 10 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, придружуван од Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески, денеска беше во посета на Центарот за обука на вода во Охрид, каде се спроведуваат подготовки за воено-показната вежба што на 16-ти овој месец ќе се изведува на Охридското Езеро.

При посетата претседателот Иванов се запозна со капацитетите, работата и извршувањето на задачите на овој центар, и се сретна со припадници на полкот за специјални операции на АРМ кои изведуваат обука во Центарот за обука на вода.

Тука ги видовме сите услови што ги нуди кампот за обуките потребни за припадниците на АРМ, што ги исполнуваат сите НАТО стандарди за обука, особено на специјалните сили и нивна подготовка за изведување соодветни активности, рече претседателот Иванов.

Самата вежба е предвидено да се одржи на 16-ти овој месец во водите на Охридското Езеро кај Радожда, во која покрај редовните единици ќе биде вклучен и Полкот за специјални операции.

„На вежбата ќе се демонстрира подготвеноста на Армијата за дејствување и реакција во специфични услови и активности на вода. Тоа е еден вид подготовка и тренинг за реакција на Полкот со соочување со какви било предизвици", истакна претседателот Иванов.

На новинарско прашање во врска со протестите за пресудата за случајот „Монструм" и повеќекратното убиство кај Смилковското Езеро, претседателот Иванов изјави дека протести се дозволени секаде, меѓутоа насилството не се толерира.

obuka3„Денониве сум постојано во контакт со сите надлежни институции кои ги спроведуваат сите активности поврзани со тие насилни протести. Во координација сме за сите активности што се превземаат. Исто така нашите служби објективно и одговорно си вршат својата работа и ги доставуваат сите анализи, така што јавноста веројатно во догледно време ќе биде запознаена со сите анализи што се направени за овие настани. Инаку протести се дозволени секаде меѓутоа насилство никаде не се дозволува и никаде не се толерира, и затоа надлежните институции превземаат се да се спречат насилствата. Сите отворени прашања може да се решаваат преку институциите. Секој што се сомнева во било која активност или дејствие на некоја институција може преку регуларен, пропишан пат тоа да го оствари. Тоа и се однесува за пресудата, да го оставиме судот за тоа кога ќе дојде во апелација сите што сметаат дека можат да придонесат со нивно сознание да влијаат, ако сметаат, ако нешто не е правно, тоа можат по правно регулиран пат да го остварат. Меѓутоа насилство секојпат се осудува и секој е против било какво насилство за да се остваруваат одредени цели. Гледаме деновиве дека едните исти лица кои сакаат да ловат во матно, сакаат дневно политички поени да освојуваат, ја користат вознемиреноста кај населението. Им порачувам дека оваа држава има институции кои функционираат и кои се справуваат со сите предизвици кои постојат. Деновиве јас бев често меѓу граѓаните, особено во западниот дел на Македонија, сакав да остварам личен контакт со нив, ја почувствував нивната вознемиреност и реагирав директно преку разговори и упатувања за сето она што се случува. Имало и ќе има такви настани, меѓутоа не смееме да создаваме кај населението страв и недоверба во институциите. Тие ја дале довербата во нас кој не избрале и ние сме одговорни пред нив да ги превземаме сите активности, за да не дозволиме да се случуваат насилни акти во државата", изјави претседателот Иванов

На новинарско прашање, во однос на реакцијата на одредени кругови од политичката јавност во соседство, претседателот Иванов упати дека претходно треба да се имаат сите сознанија па да се даваат какви било реакции.

"Веќе имаше изјава за тоа и беше упатено дека треба да се имаат сите сознанија па да се даваат такви изјави. Знаете каква е состојбата во Косово и со такви акти особено со палењето на знамето тие повеќе си наштетуваат на себе затоа што сликата за Косово, ја пренесуваат со палењето на знамето, а сите знаат што се Македонија направи да помогне за Косово да ја оствари својата држава, така да тоа им оди на нивна штета и секое нивно превземање на такви насилни акти ќе се одразува и на нивната претстава како ќе ги гледаат во светот", изјави претседателот Иванов.
obuka4

slepce1
Одбележана 1000 - годишнината од основањето на манастирот Свети Јован Претеча, од смртта на Цар Самоил и од постоење на селото Слепче
Понеделник, 07 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, заедно со своето семејство, денеска присуствуваше на отворање на манифестацијата организирана по повод милениумскиот јубилеј „1000 години од основањето на манастирот Св. Јован Претеча, од смртта на Цар Самоил и од постоење на селото Слепче ".

Пред присутните гости, меѓу кои и претседателот на МАНУ Академик Владо Камбовски и амбасадорот на Унгарија Јожеф Бенце, градоначалникот на општина Демир Хисар Љупчо Блажевски посочи дека националната милениумска прослава е во чест на големиот јубилеј, илјадагодишнината од постоењето на познатата демирхисарска населба, селото Слепче.

„Денешниот настан ја симболизира длабочината на темелите на нашата опстојба, срцевината на тоа што почнало да живее пред 1000 години. Денес се одбележува еден милениум на едно од најголемите македонски духовни и просветителски светилишта манастирот „Св.Јован Претеча", но и се чествува милениумот од смртта на еден од најголемите македонски цареви Цар Самоил. На оваа ретка милениумска прослава може да позавидат и многу поголеми цивилизации и затоа од тука испраќаме силни пораки до светот за длабочината и крошноста на корените на ова парче македонска земја", рече пред присутните градоначалникот Блажевски.

slepce2Според академик Владо Камбовски, одбележувањето на 1000 годишнината на едно од најдраматичните места во нашата колективна меморија, не може да не предизвика возвишен восхит од големото чудо што се нарекува Македонски народ.

„Слепче не е метафора за пораз, туку за плодотворна борба за изразување на македонската национална самобитност длабоко вгнездена во колективната меморија која е есенција на нашиот национален идентитет. Тоа е аманет, македонскиот националнен идентитет да се чува и надоградува како сеопшто народно наследство, како народна обичајност и културна вековитост. Затоа нека е вечно паметењето на Слепче и на величествениот народен подвиг рамен на чудотворно, национално, културно воскресение", порача академик Камбовски.

Во уметничкиот дел на програмата, духовна порака до Европа и Светот од Демир Хисар во име на актери од Хрватска, Словенија, Бугарија, Албанија, Грција, и од Македонија, прочита Раде Шербеџија. За гостите од државата и странство актери на битолскиот театар го изведоа рециталот „Херувимите на самоиловата круна" од авторот Зоран Пејковски.
slepce3

 
Почеток < Пред 81 82 83 84 85 86 87 88 89 90 Следно > Крај
Страница 90 од 198