Новости
PRM_Al_Husein
Средба на претседателот Иванов со Високиот Комесар за човекови права на ОН, г. Зеид Ра’ад Ал Хусеин
Петок, 17 Октомври 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на маргините на Форумот Кран Монтана во Женева, денеска оствари средба со Високиот Комесар за човекови права на ОН, г. Зеид Ра'ад Ал Хусеин.

На средбата беа разменети мислења и информации во однос на приоритетите на делување на Република Македонија за време на членството во Советот за човекови права, како и за актуелните состојби и предизвици со човековите права на меѓународно и на ниво на регионот.

Претседателот Иванов истакна дека членството на Република Македонија во Советот за човекови права за периодот 2014-2016 година, претставува огромна чест и сериозна обврска, имајќи ја предвид поддршката што нашата земја ја дава кон ова тело од самото негово основање.

„Република Македонија преку членството ќе одигра активна улога и ќе даде суштински придонес во работата и натамошното профилирање на Советот, како заштитник и промотор на универзалните човекови права насекаде низ светот" рече претседателот Иванов и додаде дека нашата држава останува цврсто определена за натамошна промоција на највисоките стандарди за човековите права на меѓународно ниво.

Македонскиот претседател го информираше комесарот Ал Хусеин за македонскиот модел на интеграција без асимилација, кој негува највисоки стандарди за заштитата на човековите права и правата на заедниците, и претставува позитивен пример во нашиот регион. Во однос на натамошното унапредување и развој на човековите права во регионот, претседателот Иванов потенцираше дека се потребни дополнителни ангажмани и решителност кои би придонеле за поголем степен на заштита на човековите права.

Комесарот Ал Хусеин истакна дека е посебно почестен од посетата и средбата со македонскиот претседател. „Ова е прва посета на шеф на држава по мојот избор, почестен сум од вашата посета. Подготвен сум тесно да соработувам со вас во промоцијата за човековите права" истакна Високиот комесар, оддавајќи признание за активноста и ангажманот на Република Македонија во Советот за човекови права, и генерално во целиот систем на ОН за заштита на човековите права.

prm_vujanovik
Претседателот Иванов по настанот во Белград со апел од Женева
Петок, 17 Октомври 2014

Одредени настани загрижуваат затоа што создаваат голема несигурност кај луѓето. Нашиот регион се уште има потреба од поголема доверба, комуникација и позитивни примери. Ова го изјави претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, коментирајќи го настанот во Белград што се случи за време на фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Албанија, како и за последиците што произлегоа од него.

Пораката македонскиот претседател ја упати по средбата со претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ, на маргините на Форумот Кран Монтана во Женева.

Настаните кои што се во прилог на регионот, подвлече македонскиот претседател, е потребно да се користат за ширење на довербата и поголема соработка меѓу народите кои што живеат на Балканот, затоа што сите ги очекува заедничка иднина.

- Сите очекуваме еден ден да бидеме во Европската унија и во НАТО, почитувајќи ги сите стандарди кои што важат таму. Тоа не обединува бидејќи со почитувањето на тие принципи и вредности, во нашиот регион ќе владеат мирот и соработката, и пред се посветеноста на економијата, со цел отворање нови работни места и овозможувајќи им на младите луѓе поизвесна иднина, изјави претседателот Иванов.

На средбата со претседателот Вујановиќ биле разменети мислења околу севкупните односи меѓу Македонија и Црна Гора.

- Заедничка констатација со претседателот Иванов е дека нашите односи се пријателски и традиционално добри и дека во сите сфери можат да бидат добар пример во регионот. Ова беше можност воедно да реафирмираме бројни меѓудржавни договори, одличната комуникација на нашите две влади, и да ја констатираме потребата заедно да дејствуваме во економијата, во функција и во интерес на двете држави, пред се во сообраќајното поврзување и обостраната афирмација на туристичките вредности и на Црна Гора и на Македонија, изјави претседателот Вујановиќ.

ch01
Македонските и швајцарските искуства се темелат на почитување на различностите – средба со претседателот на Швајцарската Конфедерација г. Дидиер Буркхалтер во Берн
Четврток, 16 Октомври 2014

Република Македонија и Швајцарската Конфедерација имаат добри билатерални односи и соработка. Двете земји ги поврзува нивната посветеност кон афирмација на човековите права и моделите на соживот кои се негуваат во нив, оценија претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и претседателот на Швајцарската конфедерација г. Дидије Буркхалтер на средбата во Берн.

Двајцата претседатели изразија задоволство од развојот на билатералните односи и од соработката меѓу двете земји во годината кога се одбележуваат две децении од воспоставувањето на дипломатските односи.

Македонскиот претседател на средбата истакна дека Република Македонија и Швајцарската Конфедерација ги поврзува нивната посветеност кон афирмацијата на човековите права, моделите на соживот кои се негуваат во двете земји, а се темелат на принципот на почитување на различностите, ангажманот на двете земји во рамките на меѓународните организации.

- Швајцарија е голем пријател на Македонија и ме радува што оваа средба ја остваривме во време кога одбележуваме 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Во овие години имавме сесрдна поддршка и помош од Швајцарската Конфедерација за голем дел проекти, а нивната техничка помош продолжува и во следниов период. Во нивниот буџет се издвоени повеќе од 80 милиони швајцарски франци за проекти во Македонија, изјави претседателот Иванов по средбата.

Претседателот Буркхалтер изрази уверување дека соработката и поддршката за Република Македонија ќе продолжи и во иднина.

ch02- Голем е придонесот на бројната заедница на иселениците од Македонија кои живеат и работат во Швајцарија во одличните односи кои ги постигнавме овие 20 години, истакнал Буркхалтер, и дека постојат големи потенцијали кои недоволно се искористени во сферата на економијата, подвлече на средбата швајцарскиот претседател.

Претседателот Иванов го искажал очекувањето дека условите за започнување на бизнис во Македонија, што се препознаени од релевантни економски институции, ќе го привлечат вниманието на швајцарските компании за инвестирање во нашата земја.

Според претседателот Иванов, значајно е тоа што во овој период Швајцарија претседава со ОБСЕ и претседателот Буркхалтер е претседавач со оваа организација. Во контекст на случувањата во повеќе кризни жаришта и импликациите кои се предизвик и закана за целиот регион, претседателот Иванов ја истакна потребата од зајакнување на соработката на земјите од регионот.

- Јасна е и потребата од ангажман и поддршка на ОБСЕ преку проекти и иницијативи за нашиот регион кои ќе соодветствуваат на новите предизвици и закани, негативните влијанија од кризните жаришта, со цел нивно превенирање и соочувањето со истите, нагласи претседателот Иванов, истовремено упатувајќи честитки за швајцарското претседавање.

Претседателот Буркхалтер го информира претседателот Иванов за планираните претстојни активности во рамките на швајцарското претседавање со ОБСЕ со цел осигурување и зајакнување на безбедноста и сигурноста во Европа.

ch03- На средбата стана збор за она што го разговаравме и на Генералното собрание и на Советот за безбедност и со госпоѓата Меркел, дека нашиот регион има потреба од поинтензивна комуникација и размена на информации за сите настани што се случуваат во наша непосредна близина, на Блискиот Исток, во Украина, рече македонскиот претседател.

Претседателот Иванов изјави дека ОБСЕ, дел од своите програми кои што веќе ги има, ќе ги ангажира и во нашиот регион, кои што се однесуваат пред се на тие што во следните децении ќе се враќаат и кои треба да се ресоцијализираат, да се вклучат во секојдневниот живот, односно да се дерадикализираат, оти нивниот престој на боиштата ги инфицира од многу радикални идеи кои што се туѓи за нашиот соживот и нашата традиција.

- Ние со муслиманите во Македонија, во овој регион живееме со векови, и не може да се генерализира, како што тоа е претставено во некои медиуми, дека тоа што го прават џихадистите го прават сите муслимани. Од наш интерес е, нашиот модел на соживот, нашата традиција на меѓусебна и меѓурелигиска почит да продолжи и да не биде нарушена од ваквите екстремисти и поединци кои од нивни причини влегуваат во такви авантури, изјави претседателот Иванов.

ch04



Претседателот Иванов присуствуваше на отворањето на Форумот Кран Монтана во Женева


kranmontana01Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Женева присуствуваше на отворањето на 25-тата годишна сесија на Форумот Кран Монтана.

Предвидено е утре претседателот Иванов да се обрати на сесијата „Национална и глобална безбедност", на тема „Безбедноста на новата европска бизнис дестинација: Балканот и глобалната безбедност". Теми на годинешната сесија се глобалната безбедност и ситуациите во Африка, Сахара, Ирак и Блискиот исток, со фокус на Балканот. Покрај македонскиот претседател, на форумот ќе се обратат и претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ и претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Бакир Изетбеговиќ.

Претходно во Берн, претседателот Иванов одржа средба со претседателот на Швајцарската Конфедерација, г. Дидиер Буркхалтер, на која беше изразено задоволство од развојот на билатералните односи и од соработката меѓу двете земји, во годината кога се одбележуваат две децении од воспоставувањето на дипломатските односи.

За време на престојот во Швајцарија, претседателот Иванов ќе оствари средба со Високиот комесар за човекови права на ОН, г. Зеид Ра'ад Ал Хусеин, а ќе се сретне и со претставници на Форумот на македонските друштва во Швајцарија.

kranmontana02

burns01
Средба со Сер Ендру Бурнс, Претседавач со Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот
Вторник, 14 Октомври 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Сер Ендру Бурнс, Претседавач со Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот и пратеник на Обединетото Кралство за прашања за Холокаустот.

Претседателот Иванов беше запознаен со работата на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот, во чија работа учествуваат 31 земја-членка и 5 земји-набљудувачи, вклучувајќи ја Република Македонија.

На средбата претседателот Иванов го истакна големото значење што Република Македонија го придава на Еврејската заедница, како и посебното внимание што се посветува за зачувување на споменот на македонските Евреи кои беа жртви на Холокаустот. Во тој контекст, претседателот Иванов посочи на отворањето на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје.

Претседателот Иванов на средбата со г. Бурнс посочи дека почитта кон Еврејската заедница во Република Македонија е во духот на нашата традиција и во духот на македонскиот модел на интеграција без асимилација.

burns02

tikvar01
Петар Иваноски – Тиквар одликуван со Орден за заслуги за Македонија
Петок, 10 Октомври 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов го одликуваше г. Петар Иваноски – Тиквар, истакнат деец, борец на македонското националноослободително движење и учесник на Првото заседание на АСНОМ со „Орден за заслуги за Македонија".

Одликувањето на г. Иваноски му беше доделено за неговиот исклучителен придонес во остварувањето на вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода и зачувување на својот идентитет и создавање на сопствена, самостојна, суверена и демократска држава.

„Учесниците на Првото заседание на АСНОМ се основоположниците на македонската државност. Пред 70 години беа шеесетмина, а денес остана само еден. Денес имаме чест да му се заблагодариме на последниот учесник на АСНОМ кој е меѓу нас и еден од основоположниците на Македонија, Петар Иваноски – Тиквар", рече претседателот Иванов во поздравниот говор на доделувањето на орденот.

Тој нагласи дека денес може само да претпоставиме како изгледало Првото заседание на АСНОМ и каков бил говорот на Панко Брашнаров, Методија Андонов Ченто и на другите присутни делегати. Но, Петар Иваноски, рече претседателот Иванов, тоа го знае бидејќи учествувал на заседанието како млад борец со долг револуционерен стаж.

„Животната приказна на Петар Иваноски - Тиквар е како животот на Македонија - од ропство до слобода, од слобода до обесправеност, од обесправеност до независност и признавање. Затоа на овој свечен ден можеме со право да кажеме дека го претставува слободарскиот дух на НОБ и државотворниот дух на АСНОМ. Со орденот за заслуги за Македонија на овој начин му се заблагодаруваме нему, но и на сите родољуби кои учествуваа на АСНОМ", потенцира претседателот Иванов.

Тој посочи дека денес кога имаме сопствена држава и сами носиме одлуки за нашата сегашност и иднина тоа го правиме поради АСНОМ. Поради АСНОМ, нагласи, денес слободно и без страв зборуваме, пишуваме и твориме на македонски јазик, слободно го прославуваме Илинден, ги уживаме основните граѓански права и слободи...

„АСНОМ беше можен само поради единството што го покажаа татковците на Македонија. Без тоа единство денес ние немаше да стоиме зад знамето на слободата. Седум децении по историскиот АСНОМ пред еден од учесниците се потсетуваме на најважното - дека како тогаш така и денес потребно е единство. АСНОМ не потсетува кога се во прашање националните интереси и стратегиските цели, треба да бидеме сложни и единствени онака како што беа сложни и единствени асномците', рече претседателот Иванов.

tikvar02Заблагодарувајќи за честа што му е укажана, г. Петар Иваноски - Тиквар рече дека во Македонија во 1941 година имало големи групи луѓе кои биле подготвени да го дадат својот живот за слободата.

„На утрешниот ден во 1941 година се сврте македонскиот народ и му викна на окупаторот не ве сакаме. Од тој ден, од тоа не ве сакаме поминаа многу тешки денови, месеци и години дури не се создадоа услови да дојде денот да се свика Собранието на АСНОМ на кое се донесе решение за државност. Сите очекувавме дека Панко Брашнаров сериозно ќе го отоври Собранието и ќе зборува за тешките и мачни одлуки кои треба да се донесат. Но, тој имаше визија за Македонија и ни кажуваше каква ќе биде во иднина. На тој начин помогна полесно да се усвојат решенијата кои беа приготвени за да го добиеме тоа што другите го имаа, а ние го немавме – државноста", рече Иваноски - Тиквар.

Посочи дека атмосферата надвор од салата каде што се одржувало заседанието била славеничка, бидејќи народот од сите локални села доаѓал да го слави Свети Илија.

„Бев радосен што можев лично да му честитам на Методи Андонов-Ченто кој ми беше сосед, соборец и сограѓанин и на Михајло Апостолски кој тогаш постана генерал. Македонија се здоби со своја независност и државност затоа што имаше многу луѓе што беа определени на борба дури и да го загубат животот. На тој пример би требало и денеска да се потсетиме и сега кога стоиме пред можноста да се здружиме со други држави и пријатели треба да го сториме тоа на еден убав начин", рече Иваноски - Тиквар.

Претходно, Петар Иваноски - Тиквар и претставници на Сојузот на борци присуствуваа на церемонија на свечено менување на државното знаме која се одржа пред Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

zname

Sredba_stomatolozi
Средба со претставниците на Стоматолошката комора на Македонија и на К4 коморската група на стоматолозите
Петок, 10 Октомври 2014
 
Почеток < Пред 81 82 83 84 85 86 87 88 89 90 Следно > Крај
Страница 84 од 198