Новости
Zname_promena
Церемонија на свечено менување на државното знаме
Петок, 12 Декември 2014
ukim1
Прием на учесници на Меѓународниот научен симпозиум „Малолетничка правда“
Вторник, 09 Декември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими професори и студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први" при Универзитетот „Кирил и Методиј" – Скопје, и од Универзитетот во Каен, Франција, кои што учествуваат на четвртиот меѓународен научен симпозиум што ќе се одржи на Правниот факултет во Скопје. Претседателот Иванов, им посака успешна реализација на претстојниот симпозиум и продолжување на добрата соработка меѓу научните институции во иднина. Соговорниците го информираа македонскиот претседател за соработката меѓу двата универзитета која датира од 2012 година, како и за досегашните успешно реализирани меѓународни симпозиуми. Меѓународниот научен симпозиум на тема „Малолетничка правда" е во организација на Правниот факултет „Јустинијан Први" и Меѓународниот институт за човекови права и мир при Универзитетот во Каен.

nub01
Претседателот Иванов ја одликува НУБ „Св. Климент Охридски“ со „Орден за заслуги за Македонија“
Петок, 05 Декември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов ја одликува Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски" - Скопје, со „Орден за заслуги за Македонија", по повод 70-годишнината од нејзиното формирање.

Одликувањето се доделува за исклучителни резултати во својата седумдецениска работа во собирањето, зачувувањето и презентирањето на македонското духовно творештво, со што даде значен придонес во развојот на образованието, науката и културата, како и за севкупниот општествен развој на Република Македонија и нејзина афирмација во светот.

„Во изминатите 70 години, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски" беше трезор на нашето културно наследство, родилиште на идеите, духовна хранителка на македонското општество и мотор за интелектуален и севкупен економски развој на Република Македонија. Како што без библиотеката немаме минато, така, без неа немаме ниту иднина", рече претседателот Иванов.

nub02„Во последниве децении и години, библиотеката започна да се реформира, да се вмрежува и дигитализира. Ограничувањето на физичкиот простор се надминува со поврзување кон неограничениот виртуелен простор. Библиотеката се прилагодува кон потребите на корисниците. Започна да чекори кон она што значи успешна и одржлива библиотека на 21 век. Затоа овој Орден за заслуги за Македонија е благодарност што библиотеката ја зачува нашата слобода. Но, истовремено, овој Орден создава обврска. Обврска да се продолжи кон остварување на целта: Библиотеката да биде место каде читањето, истражувањето и извонредноста се поттикнати преку привилегиите што и се даваат на љубопитноста", рече претседателот Иванов на свеченоста.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека НУБ е матица на нашето пишано богатство и чува вредни артефакти кои говорат за нашето потекло и идентитет.

„Овој храм на знаењето чува многу вистини, почнувајќи од фрагментот од посен триод од 13 век, како најстар зачуван ракопис од старословенскиот период, до останатите книги и ракописи кои се тешки цели векови и кои се непроценливи записи за историјата на македонскиот јазик и македонскиот народ", рече министерката Канческа-Милевска.

Таа ги спомна капиталните книжевни проекти на НУБ во изминатите години, нејзината меѓународна соработка со сродни институции во светот и потсети на проектот на Владата на РМ и Министерството за култура „Дигитална библиотека - доградба на НУБ „Св. Климент Охридски" со кој, како што рече, му се обезбеди долговечност на вредното книжевно богатство што го поседува Република Македонија.

За Орденот се заблагодари директорот на НУБ, Иван Заров кој истакна дека во градењето на оваа национална установа низ седумте децении постоење се заслужни генерации македонски интелектуалци и неговите претходници кои биле на чело на институцијата.

nub03„За нас оваа награда е големо признание за улогата и високото место кое Библиотеката веќе седум десетлетја го зазема во Пантеонот на македонската култура и е внедрена во фундаментите на општествениот, културниот, научниот, интелектуалниот подем на македонската држава. Таа ја сублимира целокупната колективна меморија на нашиот народ, неговиот дух и достојно место во современата заедница на народите", рече Заров.

НУБ „Св. Климент Охридски" е формирана на 23 ноември 1944 година. По повод 70-годишниот јубилеј и патронатот, во НУБ е отворена изложба „Од ризницата на НУБ", на која е презентиран дел од богатството на Библиотеката: старословенски, ориентални и современи ракописи, музички композиции, стари карти, ретка периодика, како и дел од изданијата на Библиотеката и избрани публикации за свети Климент Охридски. Беа промовирани и изданија по повод јубилејот и доделени награди на претходни директори на НУБ, вработени во Библиотеката и на личности кои придонеле за нејзиниот развој.

nub04

hovit_i_vajgl1
Средба со европратениците Ричард Ховит и Иво Вајгл
Четврток, 04 Декември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со досегашниот и со идниот известувач на Европскиот Парламент за Република Македонија, г. Ричард Ховит и г. Иво Вајгл.

Претседателот Иванов, изрази благодарност до г. Ховит, за неговиот досегашен личен ангажман и придонес во развојот на целокупните односи и соработка меѓу Република Македонија и Европската Унија, и за неговата улога во спроведувањето на реформите и напредокот во однос нашите европски интеграции, како известувач на ЕП за РМ.

Македонскиот претседател истакна дека Европскиот Парламент, како носител на волјата на граѓаните во Европската Унија, е постојан пријател на Република Македонија и силен поддржувач на нашите евро-интегративни процеси.

Претседателот Иванов, потенцираше дека Република Македонија останува цврсто посветена на исполнувањето на сите реформи за реализација на стратешките цели и определби за членство во Европската Унија и НАТО, дополнувајќи дека поддршката од Европскиот Парламент е од особено значење.

Претседателот Иванов посакувајќи му успех на г.Иво Вајгл, во извршувањето на новата должност како иден известувач на ЕП за РМ, изрази очекување за силен и проактивен ангажман како придонес кон достигнувањето на крајната цел – полноправно членство во ЕУ.

Г. Вајгл ја истакна својата целосна поддршка за нашите европски интеграции и додаде дека ќе ги вложи сите свои напори за членство на Република Македонија во Европската Унија.
hovit_i_vajgl_2

3dek
Децата со посебни потреби од ПОУ „Св. Климент Охридски“ во домот на Иванови
Среда, 03 Декември 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов со сопругата г-ѓа Маја Иванова и синот Иван, во својот дом примија ученици од посебното основно училиште „Св. Климент Охридски" од Ново Село, по повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со хендикеп.

Во пријатна атмосфера, учениците од ПОУ „Св. Климент Охридски" се дружеа со Иванови, имаа можност да го разгледаат нивниот дом, и рецитираа песнички подготвени за оваа прилика.

Во рамки на акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина", Иванови и учениците засадија дрвца во дворот на „Вила Македонија".

„Во нашиот дом престојувале голем број деца по различни поводи, така ќе биде и во иднина, нашиот дом ќе биде отворен за деца на кои што им е потребно внимание, на кои што им е потребна љубов на кои што им е потребно охрабрување, разбирање но и на деца кои што постигнуваат успеси, во нашата земја или надвор од нашите граници. Денеска во нашиот дом гости се децата од посебното основно училиште „Св. Климент Охридски" од Ново Село. Поводот за нивното доаѓање е одбележувањето на 3 Декември, Меѓународниот ден на хендикепираните лица. Денеска сакам да порачам дека овие лица ги имаат истите права ги имаат истите цели, истите желби како и сите ние. Како што и моето дете го има тоа право, тоа го имаат и овие деца што се денеска овде. Не случајно се рекло дека, тогаш кога силниот ќе додаде рака на послабиот, тогаш кога здравиот ќе подаде рака на болниот, моќниот на немоќниот, тогаш можеме да зборуваме за еден праведен и хуман свет. Денеска ја искористивме и оваа прилика да се вклучиме симболично во акцијата Ден на дрвото, акција што и ние семејно ја поддржуваме уште од самиот нејзин старт и еве со овие дечиња ја засадивме нашата зелена иднина во дворот на нашиот дом, посадивме нови дрвца и ја поддржавме акцијата по која што Македонија е препознаена не само во регионот, пошироко во Европа па дури и во светски рамки", изјави г-ѓа Иванова.
3dek1

vietnam1
Официјална посета на Заменик претседателот на С.Р. Виетнам, г-ѓа Нгујен Ти Зоан
Вторник, 02 Декември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска беше домаќин на Заменик претседателот на Социјалистичка Република Виетнам, г-ѓа Нгујен Ти Зоан, која престојува во официјална посета на Република Македонија.

Односите меѓу Република Македонија и Социјалистичка Република Виетнам се карактеризираат со пријателство, почитување, заемна доверба, но недостига конкретна содржина особено во сферата на економската соработка, за чиј развој двете земји во иднина треба да создадат преуслови, оценија денеска македонскиот претседател и заменик претседателот на Виетнам.

„Имавме мошне конструктивни и корисни разговори. Се согласивме дека односите меѓу двете земји во изминатите 20 години, иако со скромен политички дијалог, недоволна конкретна содржина во соработката, сепак, се карактеризираат со пријателство, меѓусебно почитување и доверба", рече претседателот Иванов. Додаде дека потврда за пријателските односи е и фактот што Виетнам го користи уставното име на Република Македонија и на билатерален и на меѓународен план. Претседателот Иванов, информираше дека на денешната средба со г-ѓа Ти Зоан се договориле во наредниот период со заемен ангажман да се надомести пропуштеното, да се интензивира политичкиот дијалог и да почне да се гради правната рамка со што на соработката меѓу двете земји ќе и се даде конкретна содржина. „Денеска правиме значаен чекор во таа насока, со потпишувањето на Договорот за економска соработка меѓу владите на двете земји. Очекувам во наредниот период интензивирање на контактите и максимална посветеност на искористувањето на сите можности за зајакната економска соработка како прв приоритет во нашите односи. Со натамошното унапредување на договорната рамка ќе се отворат перспективи за соработка и во останатите сфери од взаемен интерес во образованието, културата, здравството", изјави претседателот Иванов.

vietnam_4Г-ѓа Ти Зоан се согласи со ставот на претседателот Иванов дека е потребен ангажман на двете земји за развој на односите во иднина. „Претседателот Иванов и јас се согласивме дека двете земји треба да продолжат да одржуваат редовна размена и посети на сите нивоа, да работат на унапредување на соработката во областа на економијата, образованието, културата, туризмот, со цел ефикасно спроведување на потпишаните документи за соработка во областа на трговијата и инвестициите", рече Ти Зоан. Таа додаде дека е потребно да се создадат подобри услови за бизнисмените и инвеститорите, за истражување на пазарот и особено областите кои на двете земји им се силни страни, како што се рударство, прехранбена индустрија, земјоделство, градежништво, транспорт и услуги.

Г-ѓа Ти Зоан смета дека добрите, пријателски односи, исполнети со доверба и почит може да бидат основа за натамошена соработка. „Со претседателот Иванов разменивме информации за состојбите во двете земји, ги оценивме билатералните односи во изминатиот период, разговаравме за меѓународните и регионални прашања кои се од заемен интерес. Веруваме дека во блиска иднина традиционално добрите пријателски односи меѓу Виетнам и Македонија позитивно ќе се развиваат во многу области и на сите нивоа. Разговаравме за конкретните мерки за зајакнување на билатералната соработка меѓу двете земји и мултилатералните односи во наредниот период", изјави Заменик претседателот на Виетнам.

Двајцата соговорници констатирале дека на мултилатерално ниво постои тесна комуникација меѓу двете земји и оти е постигната согласност за натамошно зајакнување на соработката во рамки на ООН, УНЕСКО и Франкофонските организации. Оваа е прва прва посета на висок виетнамски државен претставник на Република Македонија, а се случува во период кога двете земји одбележуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
vietnam_3

 
Почеток < Пред 81 82 83 84 85 86 87 88 89 90 Следно > Крај
Страница 81 од 198