Новости
NK
Претседателот Иванов ја посети третата изложба на проекти од млади истражувачи
Петок, 07 Ноември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ја посети третата изложба на проекти од млади истражувачи – Наука за младите, што во организација на Сојузот на здруженијата на младите истражувачи на Македонија и Факултетот за електротехника и информациски технологии се одржа во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје.

На изложбата се презентирани вкупно 37 експонати, од кои пет се на студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии, а останатите на наградени основци и средношколци од Скопје, Битола, Прилеп, Кавадарци, Неготино, Струмица, Берово, Делчево, Велес и Гостивар на натпревари и изложби.

„Настаните како денешниот се поттик за младите, времето да го посветат на науката. Ова е апел што повеќе млади луѓе да истражуваат, да бидат креативни и да наоѓаат начини и решенија за предизвиците што ги носи животот. Ги повикувам младите што повеќе да се посветат на науката, да вложуваат во себе и своето знаење", рече претседателот Иванов.

Изложбата е организирана по повод 10 ноември - Светскиот ден на науката за мир и развој.

„Поголемиот дел од проектите се од областа на природните и техничките науки и нивната основна цел е да имаат иновативна компонента. Сите од нив учествувале на натпревари, биле бранети и ги освоиле првите места", рече проф. д-р Христина Спасевска, претседател на Сојузот на здруженија за техничка култура на Република Македонија – Народна техника.

„Ова е еден поттик за младите да почнат уште од мали нозе да се занимаваат со науката. Гестот на претседателот со организација на ваква изложба е во правец на поттикнување на развој на науката кај младите уште од мали нозе", рече проф. д-р Миле Станковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Мото на Светскиот ден на науката за мир и развој во оваа година е „Квалитетно образование – наука за одржлива иднина за сите" и претставува можност за промовирање на науката за придонес кон мирот и развојот и нагласување на одговорното користење на науката за подобро општество.

bartels1
Средба со претседавачот на Воениот комитет на НАТО, генерал Кнуд Бартелс
Петок, 07 Ноември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со претседавачот на Воениот комитет на НАТО, генерал Кнуд Бартелс.

На средбата беа разменети мислења и информации во однос на македонските евроатлантски интеграции, учеството на АРМ во мировните мисии предводени од НАТО, како и за унапредувањето и продлабочувањето на натамошната соработка на Република Македонија со Северноатлантската алијанса.

Претседателот Иванов, изрази задоволство од соработка на Република Македонија со НАТО, при што оцени дека односите се на исклучително високо ниво, и додаде дека нашата држава останува цврсто посветена на промовирање на мирот, безбедноста и стабилноста како во нашиот регион, така и надвор од него. Македонскиот претседател во тој контекст го потенцираше учеството на АРМ во мировните мисии на НАТО, и додаде дека истото ќе продолжи и во иднина.

„Република Македонија останува целосно посветена на аспирациите за членство во НАТО, за што веќе се исполнети сите објективни критериуми, и ние дефакто функионираме и придонесуваме како земја-членка на НАТО. Потребно е што побргу Република Македонија да си го заземе заслуженото место во Алијансата", рече претседателот Иванов на средбата.

Генералот Бартелс изрази благодарност за придонесот што АРМ го дава во рамките на меѓународните мировни мисии, како и од нивниот професионализам и кооперативност во мисиите на ИСАФ во Авганистан и КФОР. Во тој контекст генералот Бартелс изрази подготвеност за натамошна засилена поддршка и соработка со Република Македонија, како и проширување на соработката со нови иницијативи и проекти.
bartels2

Bon_ton_Sveti_Nikole_1
Претседателот Иванов на Спортски Бон-Тон во Свети Николе
Понеделник, 03 Ноември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на спортско културната манифестација „Традиционални спортски игри - Спортски Бон-Тон" која што се одржа во Свети Николе. Целта на проектот е промовирање на Спортски Бон-Тон како модел на интегрирање на децата од училишна возраст, во системот на спортување, дружење, играње и нивно меѓусебно запознавaњe со традицијата, културата и обичаите.

Градоначалникот Зоран Тасев, благодарен за имплементирањето на проектот во општина Свети Николе, рече дека очекува од организаторите и понатаму да осмислуваат интересни игри и содржини, кои што на овој начин ќе ги анимираат децата. - Нашата цел е да ги извадиме децата од затворените простории, за да се дружат и да го негуваат колективниот дух, да се почитуваат меѓу себе и да бидат посветени повеќе на спортот, негувајќи го натпреварувачкиот дух", изјави градоначалникот Тасев.

„Не радува тоа што за прв пат во проектот вклучуваме и деца со посебни потреби, бидејќи сакаме да формираме адаптибилна програма за физичко образование, која што во иднина ќе влезе во образовниот процес", истакна координаторот на проектот, Иван Анастасовски, додавајќи дека реакциите на децата покажале оти проектот се движи во вистинската насока.

По општината Свети Николе, домаќин на традиционалните спорски игри ќе биде Ново Село, градоначалникот Блажо Велков истакна дека општината е подготвена за манифестацијата и дека очекуваат учество на голем број деца.

Проектот Спортски бон-тон имплементиран во 2014 година се реализира под покровителство на Претседателот на Република Македонија, со поддршка на Амбасадата на САД. Овојпат проектот се одржува во општините Охрид, Велес, Карпош, Свети Николе, Маврово-Ростуше и Ново Село.

Во 2013 година проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)" беше имплементиран во општините Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и во Теарце, додека во 2012 година проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување" беше спроведен во општините Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и во Врапчиште.
Bon_ton_Sveti_Nikole_2

belgrad
Потврдена добрата соработка меѓу Македонија и Србија - Претседателот Иванов во официјална посета на Република Србија
Петок, 31 Октомври 2014


Ivanov-nikolic1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Белград оствари средба со претседателот на Република Србија г. Томислав Николиќ.

На средбата, двајцата претседатели констатираа дека соработката меѓу двете земји е многу добра и дека пријателските односи се развиваат во духот на добрососедство и блиска соработка меѓу двата народа.

Претседателот Иванов, нагласи дека различните ставови по некое прашање не треба да нè спречуваат да имаме извонредни односи.

„Имаме ралзики во ставовите по некои прашања, но тоа не не спречува во сите други области да имаме извонредни односи. Затоа тоа е позитивен пример во нашиот регион две земји кога имаат некои отворени прашања да не ги блокираат односите во други области. За се што постои разлика треба да го решиме по пат на дијалог", изјави претседателот Иванов по средбата.

Македонија и Србија имаат долга историска и културна традиција, додаде претседателот Иванов, а споделуваме идентична визија за влез во европското семејство. „Од витален интерес на двете земји е интензивирање на билатералните односи во сите сфери каде имаме взаемен интерес", рече македонскиот претседател.

Инфраструктурата е доминатно прашање за кое станало збор на средбата, како и за развој на енергетските капацитети и да се обезбеди енергетска стабилност во регионот. Во фаза е формирање бизнис клуб меѓу стопанственици од двете земји.

Ivanov-Nikolic2aПретседателите Иванов и Николиќ разговарале и за регионалната и европската перпсектива на регионот.

„Затоа ние двајца апелираме да се свртиме кон иднината, нашите капацитети кои сега се насочени кон економија и инфраструктура се со цел нашите луѓе поинтензивно да соработуваат и комуницираат и животот да биде подобар. Европската интеграција на нашиот регион е најдобар начин зад себе да ги оставиме сите досегашни балкански предрасуди и анимозитети. Како регион има многу работи што треба да ги оставиме зад нас и да се посветиме на младите луѓе, а инвестирајќи во младите инвестираме во иднината да живеат во поубав свет", изјави претседателот Иванов.

Српскиот претседател Николиќ истакна дека политичкиот дијалог е интензивиран меѓу двете држави во изминатите две години со средбите на највисоко ниво. Изрази благодарност за помошта што Македонија и ја даде на српскиот народ за време на поплавите. „Добрината е единствената работа што им одолева на историските бури и настани", рече српскиот претседател Николиќ.

Поголемо значење на економската соработка, според српскиот претседател, ќе даде новата спогодба која треба да биде потпишана на наредната заедничка седница на двете влади.
Ivanov-Nikolic2
„Постојат значителни можности за унапредување и зголемување на стоковната размена. Претседателот Иванов ја потврди заинтересираноста за унапредување на патната инфраструктура особено за што поскоро завршување на коридорот 10. Со завршувањето на работите на тој коридор до крајот на 2016 ќе биде комплетирана и патната и железничката инфраструктура низ Србија и низ Македонија", изјави српскиот претседател.

Српскиот претседател Николиќ побара што поскоро да се усвои спогодба за заштита на воените меморијални споменици.

„Со оглед дека годинава одбележуваме значаен јубилеј 100 години од почетокот на Првата светска војна сметам дека тоа е добра прилика и повод да ги обновиме нашите храбри сограѓани благодарение на чија жртва и храброст ние живееме во мир и слобода. Го замолив претседателот Иванов што поскоро да се усвои спогодбата за заштита на воените меморијални споменици и местата каде што настрадале цивили за нивната обнова да се реализира во најкраток можен рок", рече српскиот претседател.

Македонскиот претседателот Иванов имаше работна средба и со претседателката на Народното Собрание Маја Гојковиќ, а во Панчево ќе оствари средби со претставници на македонското национално малцинство во Србија.

За време на официјалната посета на Република Србија, претседателот Иванов положи венец на споменикот на незнајниот јунак на Авала во Белград.
Ivanov-Nikolic3

prm_jazz_rabotilnica
Посета на џез работилница во Средното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“, во Скопје
Недела, 19 Октомври 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ја посети џез работилницата која што се одржа во Средното музичко училиште „Илија Николовски – Луј", во Скопје. Работилницата која што е дел од Аполонија џез проектот е заедничка иницијатива што вклучува врвни џез познавачи и професионалци од целиот свет.

Соработници во годинешниот настан се Џез работилницата на музичкото училиште во Њујорк, Фондацијата Аполонија во Гевгелија, Институтот за проучување на европски мали држави во Монако, средното музичко училиште "Илија Николовски - Луј" од Скопје, џез одделот на Универзитетот "Гоце Делчев" во Штип, и Скопскиот џез-фестивал.

„Аполонија џез проектот" се состои од дводневен семинар, работилница, и настапи предводени од г. Марк Moмас од Њујорк џез работилницата (NYJW). Moмас ја развива „Аполонија џез работилницата" за да ги запознае учениците и студентите по музика, со неговиот посебен стил на американска џез импровизација и теорија. Студентите имаат можност да стекнат вредно искуство свирејќи со професионалци кои што учествуваат во овој настан, и заедно да истражуваат различни џез хармонични, мелодични и ритмички елементи.

prix01
Ни требаат лидери кои ќе знаат да се справуваат со различноста – награда за претседателот Иванов на Форумот Кран Монтана
Сабота, 18 Октомври 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов е добитник на Наградата на Фондацијата за 2014 година, што се доделува во рамки на Форумот Кран Монтана.

Наградата на Фондацијата на претседателот Иванов му се доделува како личен придонес за активности и достигнувања во сите општествени области, како и за неговата посветеност во одбрана на фундаменталните слободи.

„Јас сум горд што тоа што го прави Македонија е се повеќе она со кое ќе се соочува светот во иднина, оти сите општества во иднина ќе бидат мултиетнички, мултирелигиозни и мултијазични. Нас ни требаат лидери кои ќе знаат да се справуваат со различноста, не да ја уништуваат различноста. Тоа што го гледаме на Блискиот Исток е резултат на затворен ум, на луѓе кои не можат да го отворат умот и да ја препознаат различноста и да живеат со неа. Живееме во свет во кој многу брзо се случуваат промени. Глобалните медиуми, интернетот, носи процес на глобална етничка преродба, религиозна преродба, јазична преродба. Секој ден се создаваат нови заедници на интернет, на Фејсбук, на Твитер. Територијата го губи значењето. Тие нови заедници живеат во свои светови. Така што, на младите луѓе треба да им оставиме свет во кој ќе се почитуваат, ќе ја почитуваат различноста и ќе живеат со неа. Како што Швајцарија е позитивен пример за почитување на различноста, исто и Македонија на Балканот гради сличен, свој специфичен модел на почитување. Почитта е она што се надградува над толеранцијата. Затоа мора да го промовираме почитувањето на различноста, да не ни се случуваат настани што ги имаме денес во кризните жаришта, што придонесуваат да се инфицираат млади луѓе и да не почитуваат она што е разлика", рече претседателот Иванов, посочувајќи дека престижната наградата е признание за Република Македонија и за македонските граѓани.

Годинава, покрај претседателот Иванов, добитници на Наградата на Фондацијата се Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-мун, претседавачот со Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, поранешниот премиер на Сенегал г. Амината Туре, а постухмно Ерве Хурдел.

Досегашни добитници на оваа престижна награда се досегашниот и идниот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо и Жан Клод Јункер, поранешниот Генерален Секретар на ОН, Бутрос Бутрос Гали, поранешниот премиер на Израел, Јицак Рабин, поранешниот претседател на Авганистан, Хамид Карзаи, поранешниот претседател на Романија Јон Илиеску, поранешниот премиер на Србија, Зоран Ѓинѓиќ, како и Ричард Холбрук, Лех Валенса, Беназир Буто и други светски лидери и истакнати личности од политичкиот и општествен живот.

Наградата на Фондацијата се доделува од 1989 година во рамки на Форумот Кран Монтана, како признание за општествената одговорност и за придонес во глобалниот раст и развој.

prix02

 
Почеток < Пред 81 82 83 84 85 86 87 88 89 90 Следно > Крај
Страница 83 од 198