Новости
praga
Претседателот Иванов ја прими Наградата на слободата за 2014 година од Фондот за американски студии
Вторник, 05 Август 2014


praga01Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на свечена церемонија одржана на Карловиот Универзитет во Прага, Чешката Република, ја прими Наградата на слободата за 2014 година од Фондот за американски студии.

Во образложението на наградата од Американскиот институт за политички и економски системи на Фондот за американски студии се вели дека претседателот Иванов е одбран да ја прими наградата поради неговите постигнувања во промоцијата на економските слободи, намалувањето на данокот и невработеноста, зголемување на транспарентноста и подобрување на јавното образование.

Според претседателот Иванов, доделувањето на наградата од Фондот за американски студии, со седиште во Вашингтон, покажува дека Македонија е пример во регионот како треба да се спроведуваат реформи.

„Оваа награда не е само чест, туку и обврзува. Обврзува да се промовираат идеите за слободата, за демократијата и за просперитет. Оваа награда не е само лично за мене, туку е и награда за Република Македонија, бидејќи се препознаени сите реформи, сите зафати, сето она што го прави Македонија за да има успешна економија. Сите реформи што се преземени даваат резултати и тоа некој го следи и го наградува. Така што, Македонија во тој поглед, и преку ова награда, е позитивен пример за регионот како треба да се спроведуваат реформи во сферата на економијата, за да се добие што повеќе благодет и што повеќе работни места да се отвораат за младите луѓе, проблем што не е само наш, туку и на целиот континент", изјави претседателот Иванов во Прага.

„Претседателот Иванов предводеше политички реформи, што доведоа до подобрување на судскиот систем, промовираа транспарентност и ја намалија корупцијата. Овие политички и економски реформи ја доведоа Македонија поблиску до исполнување на стандардите за пристапување во Европската унија. Во полето на регионалната соработка на политички и економски план, претседателот Иванов значително ги прошири дипломатските врски на Македонија, одржувајќи над 200 билатерални средби со шефови на држави и повеќе од 150 средби со премиери и шефови на дипломатии", рече г. Вилијам Бил Хибл, претставувајќи ја наградата за претседателот Иванов.

Наградата на Фондот за американски студии се доделува секоја година на истакнати лидери од источна и централна Европа, за нивните достигнувања во промовирањето на демократските вредности и економската слобода во нивниот регион.

Меѓу досегашните добитници на наградата се поранешниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ, поранешниот српски претседател Борис Тадиќ, поранешниот претседател на Чешката Република Вацлав Клаус, поранешниот полски претседател Лех Валенса, како и поранешниот шпански премиер Хозе Азнар.

Престижниот фонд, со седиште во Вашингтон, формиран во 1967–та година, организира програми за студенти од САД, Европа, Блискиот Исток, Азија и Латинска Америка чии што интереси вклучуваат сфери како политички лидерства, новинарство, надворешни работи, бизнис итн.

praga02

promocija_pitomci
Промоција на дипломираните питомци од Воената aкадемија „Генерал Михаило Апостолски“
Четврток, 31 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, придружуван од министерот за одбрана, д-р Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал потполковник Горанчо Котески, денеска во касарната „Гоце Делчев" во Скопје, присуствуваше на свечена промоција на 14-та класа на питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски"

Во рамки на промоцијата, претседателот Иванов, министерот Јолевски и генералот Котески, им доделија награди на најдобро рангираните питомци во класата според покажаниот успех, Ненад Дубљевиќ, Илија Сребренов и Елеонора Науновска.

На свеченоста, 34 питомци од 14-та класа беа промовирани во чин потпоручник а двајца од родот авијација во чин поручници. Во рамки на оваа класа, 28 питомци се од Република Македонија, додека шест се од Црна Гора, додека во однос на половата застапеност, од 34 питомци, 10 се припаднички на женскиот пол.

priem_borci_nob
Прием за борците на НОБ – 70 години од Првото заседание на АСНОМ
Четврток, 31 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод 70-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, денеска приреди прием за борците од Народноослободителната борба.

Во предвечерјето на нашиот најголем празник, Илинден, македонскиот претседател изрази благодарност до борците во Народноослободителната и антифашистичка борба, потенцирајќи ја нивната клучна улога во остварувањето на сонот на многу генерации. „Денес сме овде, благодарение на вас и вашата борба за слободна Македонија", истакна претседателот Иванов кој додаде дека треба да се гордееме со сето она што го сториле генерациите пред нас, оставајќи ни завет да ја почитуваме слободата, да ја чуваме државата и да ја оставиме на нашите потомци уште поразвиена и попросперитетна.

Во името на Сојузот на борците благодарност до македонскиот претседател за укажаната чест и поддршка изрази д-р Трајко Стаматовски, кој порача дека делата на борците од Народноослободителната борба, нивната истрајност и пожртвуваност, не смеат да се заборават.

priznaniemak_zaednica1
Признание за претседателот Иванов од македонската заедница во Србија
Среда, 30 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска доби признание „Специјална златна плакета", кое Националниот совет на македонската национална заедница во Србија му го врачи за посебен придонес во зачувувањето на идентитетот на Македонците во Република Србија.

Претседателот Иванов истакна дека оваа награда претставува голема чест и посебно задоволство за него.

„Се препознава дека сето она што го работиме во нашата држава позитивно се одразува и во нашата дијаспора. Република Македонија како до сега, така и во иднина ќе продолжи да се грижи за Македонците во дијаспората, а јас и понатаму максимално ќе го поддржувам Националниот совет, затоа што секој успех на македонските организации во дијаспората е успех за Република Македонија", рече претседателот Иванов на средбата.

Националниот совет на македонската национална заедница во Србија, одлучи да му го додели ваквото признание на претседателот Иванов, поради неговите заложби и несебичен личен ангажман за зачувување на името, честа, идентитетот, традицијата и културата на македонскиот народ во светот. Златната плакета македонскиот претседател ја добива по повод 10 годишнината од институционалното организирање на Македонците во Србија, во пресрет на националниот празник 2-ри Август - Илинден.

„Претседателот Иванов секогаш одвојуваше време да се сретне со нас и да ги слушне предизвиците со кои што се соочува нашата организација, како и да помогне во надминувањето на истите, и ние тоа високо го цениме. Ќе продолжиме и во иднина да ги претставуваме македонските интереси и да бидеме најдобри амбасадори на Република Македонија во Република Србија", рече претседателот на Националниот совет, Борче Величковски.

На средбата беше разговарано и за севкупната состојба на Македонците во Србија, при што Борче Величковски го информираше претседателот Иванов за нивните приоритети и предизвиците со кои што се соочуваат, како и за активностите на Националниот совет во однос на печатењето на првите буквари на македонски јазик со елементи на националната култура за прво и второ одделение.
priznaniemak_zaednica2

mavr01
Претседателот Иванов ја посети општината Маврово-Ростуше и присуствуваше на Ифтар во с. Скудриње
Сабота, 26 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во село Скудриње, општина Маврово-Ростуше присуствуваше на Ифтар, во пресрет на празникот Рамазан-Бајрам.

„Откако сум претседател, воспоставив пракса секоја година да присуствувам на Ифтар. Оваа година дојде ред во реканскиот крај да бидам со вас заедно. Навистина ми е мило што денеска ги посетивме поголем дел од селата во вашиот крај. Ви посакувам се најубаво и овие денови да ги поминете во слога, единство и солидарност. Да им помагате на сите што имаат потреба од помош", рече претседателот Иванов на ифтарската вечера.

Во присуство на градоначалникот на општина Маврово-Ростуше, г. Мукрем Мехмеди и директорот на Националниот парк „Маврово", г. Онер Јакуповски, претседателот Иванов во текот на денот ги посети и селата Жировница, Велебрдо, Требиште и Врбен, каде со локалното население поразговара околу актуелните состојби во овој крај.

Претседателот Иванов со општинското раководство и локалното население размени мислења околу севкупниот економски потенцијал на населените места во општината. Заеднички беше констатирано дека Националниот парк „Маврово" дава перспектива за развој на туризмот во овој крај.

Истовремено, претседателот Иванов ја искажа својата подготвеност да поддржи иницијативи и предлози што се во функција на натамошен развој на овој крај.

Во оваа прилика, претседателот Иванов на жителите на Жировница, Велебрдо, Требиште и Скудриње им го честиташе светиот месец Рамазан, а во пресрет на празникот Рамазан-Бајрам им посака добро здравје и многу успеси.

Во селото Врбен, претседателот Иванов присуствуваше на финалниот натпревар на локален турнир во мал фудбал.

mavr03

zenski_hor1
Претседателот Иванов ги прими хористките од „Света Злата Мегленска“ - Вашиот успех е успех и на Македонија
Среда, 23 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими членовите на женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска". Повод за средбата со македонскиот претседател беше успехот на хористките, - освоените два златни и еден сребрен медал на Светските хорски игри, што од 9 до 19 јули се одржаа во Рига, Република Летонија.

Македонскиот претседател, честитајќи го постигнатиот успех на хористките, им посака бројни успеси и во иднина.

„Ви честитам на вашиот успех, затоа што вашиот успех е успех и на Македонија. Честопати велам, да ја градиме Македонија во височина. Вие тоа го покажавте на најдобар начин, освојувајќи највисоки светски признанија и награди. Покажавте како се сака и се промовира Македонија. Ја презентирате во светот сета наша богата духовна култура и традиција. Не направивте навистина горди. Сите што придонесуваат со успеси во која било област, заслужуваат големо внимание и почит", рече на средбата претседателот Иванов.

Членовите на хорот изразија благодарност за средбата со претседателот Иванов, истакнувајќи дека тоа за нив претставува огромна чест и задоволство.

Членовите на хорот го информираа претседателот Иванов за освоените признанија и медали и истакнаа дека двата златни и еден сребрен медал во конкуренција од над 500 хорови од целиот свет е огромен успех за нив, но чувството дека со ова придонесуваат во културната промоција на Република Македонија им дава дополнителен мотив за продолжување на музичката приказна.

„Секоја награда за нас претставува нов предизвик да продолжиме по патот на успехот, постојано отворајќи нови поглавја", истакна диригентот Летка Полизова-Димовска

Членовите на хорот изведоа две хорски композии, докажувајќи ја уште еднаш својата големина во она што најдобро го работат, музиката.

Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска" е формиран во 1996 година и зад себе имаат бројни настапи и освоени повеќе награди. Во Република Летонија се натпреваруваа во три категории духовна, световна и фолклорна категорија.
zenskihor2

 
Почеток < Пред 81 82 83 84 85 86 87 88 89 90 Следно > Крај
Страница 89 од 198