Новости
Yale_1
Претседателот Иванов одржа предавање на Универзитетот „Јеил“ во САД
Вторник, 23 Септември 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, вчера одржа предавање за студентите на еден од водечките американски универзитети „Јеил", за развојот на мултиетничкото општество во минатото на Балканот, во Византија и Отоманската Империја, и како тоа влијае врз денешниот модел на демократијата во Македонија. Претседателот Иванов пред студентите на вториот најголем универзитет во САД исцрта силен контраст меѓу, како што кажа, македонскиот модел на инклузија на сите ентички и верски заедници, и грчкиот модел.

„Прашањето е комплексно, но суштината е во различните светови кои се создаваат во умовите на луѓето. Грција е создадена како држава со една религија, една нација, еден јазик. Македонија е создадена како држава која ги почитува сите јазици, сите религии, сите етнички идентитети. На целиот Балкан сменија елитите и дојдоа нови елити, само во Грција се уште имаме елита од Студената војна. Се уште дел од политичките елити во Грција ја користат таа реторика, иако кај населението пристапите се сосема поинакви. Затоа го имаме тој спор во Обединетите нации, каде ние сме единствена земја во историјата на ОН на која не и е дозволено да го оствори правото на самоидентификација", изјави претседателот Иванов, во своето предавање на Теолошкиот факултет на Универзитетот Јеил.

Говорот на претседателот Иванов на Јеил следуваше по средбата на грчкиот министер за надворешни работи на Грција Евангелос Венизелос со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун во Њујорк. Венизелос преку соопштение порача дека Грција се уште бара Македонија да го смени името, вклучително и за домашна употреба.
Yale_2
„Поради проблемот на Грција со нашето име, која не дозволува ние да се нарекуваме Македонци и да бидеме Македонија, ние сме надвор и од НАТО и од Европската унија. Ние мораше да се снајдеме како да го поминеме овој период. Со радост можам да кажам дека денес Македонија има најбрзо растечка економија од целиот наш регион, се отвораат нови работни места за младите кои не можат да чекаат години и години да се решаваат проблемите кои други ги наметнуваат. Нашиот економски успех придонесува младите да останат во Македонија, а нашите најуспешни поединци, живеат во Македонија, а работат за сетскиот пазар", додаде претседателот Иванов во своето предавање на Универзитетот Јеил, во градот Њу Хејвн во американската сојузна држава Конектикат.

Претседателот Иванов додаде дека, додека односите на политичко ниво се тешки, односите меѓу обичните граѓани од Македонија и од Грција се можеби најдобри од постоењето на двете држави, посочувајќи ја големата туристичка и економска размена. Според него, Македонија се надева дека младите од двете земји ќе соработуваат и ќе изнаоѓаат нови начини, барем иднината на двете земји да биде растеретена од товарот на
минатото.

„Мајка Тереза, родена во Скопје, на стотина метри од својата родна куќа, имала и католичка и православна црква, и џамија и синагога. Таа ги познавала сите религии во Македонија, и научила да ги почитува, да го почитува другиот, немоќниот, исромашниот. Ние не зборуваме за толеранција, се толерира нешто што е непријатно. Ние зборуваме за меѓусебно почитување", заклучи претседателот Иванов.

Вистинско изненадување по обраќањето на претседателот Ѓорге Иванов на Универзитетот Јеил, на приемот организиран во негова чест во библиотеката на Теолошкиот факултет, беше настапот на Женскиот хор од катедрата за славистика од Јеил. Облечени во македонски народни носии, оваа група направи вистински празник на македонската култура, пеејќи традиционални македонски народни песни.
Yale_3
„Иако доаѓаме од различни земја, по некое време ни станува природно и многу забавно да ги изведуваме вашите песни. Секогаш кога настапуваме, како прва песна од нашиот настап изведуваме токму македонска песна, што ми е мило", изјави Ајана Вуд од хорот, во кој членуваат студентки со разни потекла, од Азија, Русија, Чешка и други земји, предводени од Ајана која е Афроамериканка од Чикаго.

Придружувани од виолина и тарабука, девојките од хорот беспрекорно ги изведоа и Јовано Јованке и Оддолу иде едно невестенце. Настапот на хорот кулминираше со изведбата на Македонско девојче, кога и девојките од хорот покажаа дека освен песните, научиле да го играат и македонското оро, при што им се придружија и претседателот Иванов со својата сопруга г-ѓа Маја Иванова, како и деканот на Теолошкиот факултет Грегори Стерлинг.

„Претседателе Иванов, по вашето предавање во Јеил, на македонски јазик, и ние, со овој настап сакаме да покажеме дека македонскиот јазик е жив јазик, кој ние го славиме тука во универзитеот Јеил", изјави деканот Стерлинг.

На предавањето на претседателот Иванов присуствуваше и Александра Георгиевска, студентка на додипломски студии која е единствената македонска студентка на овој водечки универзитет во САД.

„На Јеил има голем интерес за Македонија, особено на катедрата по етика, политика и економија, каде мојата теза е токму за проблемот со името. Колку повеќе се запознавам со спорот разбирам колку е комплициран и се помалку надеж имам дека во скоро време ќе се реши. Но, мислам дека е важно, бидејќи многу луѓе во САД не се ни свесни за постоење на овој проблем, да се сврти нивното внимание кон спорот за името", изјави Георгиевска.
Yale_4a
Предавање на претседателот Иванов на Универзитетот Јеил
„Македонскиот модел на соживот - традиција на почитување на различноста" >>>


Address by President Ivanov at Yale University
"Macedonian Model of Coexistence - Tradition of Respect for Diversity" >>>

mak_dijaspora_1
Македонија истрајува пред негирањето и погрешните перцепции - Претседателот Иванов пред македонската заедница во Њу Џерси, САД
Понеделник, 22 Септември 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, вчера со средба со македонската дијаспора во Њу Џерси ја започна својата посета на САД, по повод учеството на 69-то Генерално собрание на Обединетите нации. Претседателот Иванов, заедно со својата сопруга г-ѓа Маја Иванова, присуствуваа на свечена вечера организирана во црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Њу Џерси. Во своето обраќање пред неколкуте стотици гости, претседателот Иванов укажа дека Македонија продолжува да се соочува со негирања и погрешни перцепции.

„Меѓу државите во светот Македонија има и пријатели, и партнери и поддржувачи. Но, пред се, Македонија ја има својата дијаспора. Меѓу вас има многу успешни луѓе, секој ваш успех е успех и за Република Македонија. Пред нас е мисија преку напорни реформи дома, Македонија да ја градиме во височина, со највисоки вредности, критериуми и стандарди. Преку отвореност кон надвор, го унапредуваме угледот на Македонија во светот. На нашиот пат се бориме и со погрешни перцепции, негирања и со блокирања, но истрајуваме и не се предаваме. На тоа не обврзуваат македонските граѓани во Република Македонија, но и сите синови и ќерки на Македонија во дијаспората. Вие ни ја давате моралната сила, но и обврска, да ги издржиме непринципиелните притисоци", изјави претседателот Иванов пред собраните Македонци од Њу Џерси.

Конгресменот од Њу Џерси Бил Паскрел, кој е член на групата за пријателство со Македонија, изјави дека светот минува низ тешки времиња, но тие нудат и можност за дејствување.

„Господине претседателе, кога ќе зборувате во Обединетите нации, знајте дека покрај сите големи држави од светот, и вашите зборови ќе бидат еднакво важни како зборовите на секој претседател, и ние внимателно ќе ве ислушаме. Имате пријател во мене во американскиот Конгрес, во име на Конгресот ви велам дека и посакуваме добро на Македонија, вие засекогаш не задолживте, со поддршката која ја дадовте, на бегалците во 1999 година. Сметајте на своите пријатели во Соединетите Американски Држави", рече тој.

Во меѓувреме, грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, вчера се сретна со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, по што грчкото Министерство за надворешни работи соопшти дека Венизелос настапил со тврдите, непопустливи ставови за спорот за името.

mak_dijaspora_2Во агендата на претседателот Иванов во Њујорк е предвидено обраќање пред Генералното Собрание на Обединетите нации во петок. Иванов ќе се сретне и со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, ќе учествува и на Клинтоновата иницијатива, како и на традиционалната вечера која претседателот Барак Обама ја приредува за учесниците на Генералното Собрание. Заедно со министерот за надворешни работи Никола Попоски, македонската делегација ќе оствари голем број билатерални и мултилатерални средби, а ќе учествуваат и на средби организирани од американската администрација, за горливите светски прашања.

Како главни теми на собранието се наметнуваат ширењето на исламистичката група ИСИС, кризата во Украина, како и заканата од епидемијата на ебола во Африка.

Дел од посетата се разговорите за интензивирање на инвестициите на македонската заедница во САД. На собирот во црквата Свети Кирил и Методиј во Сидар Гроув, една од двете македонски цркви во Њу Џерси, претседателот Иванов ги повика Македонците во САД да ги негуваат врските со матичната земја.

„Би сакал Македонската дијаспора поактивно да биде присутна во политиката и економијата на Македонија. Со правото на глас, дијаспората е вклучена во демократскиот живот во Македонија. Со уште повеќе идеи за соработка, со покревање заеднички иницијативи на планот на кулутрата и економијата, македонската држава и дијаспора можат да направи многу за иднината на татковината. Затоа ве повикувам уште еднаш заедно како тим, да ги поврземе успешните исселеници, да донесеме нови знаења и инвестиции, отвораме нови пазари за македонските производи, нови простори за македонското творештво, за повеќе работни места и поквалитететен живот во Македонија", истакна македонскиот претседател.

Собраните Македонци позитивно ја оценија активноста на помладите генерации за одржување на врските со татковината.

„Македонците се доста активни, претежно младите, што е за изненадување, доста ги посетуваат црквите. Оваа година многумина млади од тука ја посетија и Македонија. И навистина ни е мило што и претседателот не посети, беше тука и пред две години, дојде и премиерот, и министрите честопати доаѓаат да не посетат", изјави Љупчо Дошлаковски од црковната заедница во Њу Џерси, кој додаде дека за одржување на врските на македонската заедница во САД со матичната земја останува потребата за конечно воведување на директна авионска врска со Њујорк.
mak_dijaspora_3

prm_shpilman
Средба со г. Дин Шпилман, претседател на Европскиот суд за човекови права
Четврток, 18 Септември 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Европскиот суд за човекови права г. Дин Шпилман.


На средбата Претседателот Иванов поздравувајќи ја посетата на делегацијата на Европскиот суд за човекови права подвлече дека Република Македонија придава особено значење на улогата и активноста на Судот за човекови права. Ги поздравувам позитивните промени што настапија по донесувањето на Протоколот 14, што овозможува подобрување на ефикасноста на Судот, овозможува Судот да посвети повеќе внимание на случаите што предизвикуваат важни дебати за човековите права, вклучително и правото на Високиот комесар за човекови права да интервенира како трета страна во споровите, истакна македонскиот претседател. Воедно, претседателот Иванов информираше дека Република Македонија има пристепено кон Протоколот 15, кој се очекува да биде ратификуван до крајот на оваа или почетокот на идната година и дека консултациите за потпишување на Протоколот 16 се веќе во тек. Ние постојано правиме реформи на судскиот систем во согласност со Европската конвенција за човекови права, и благодарни сме за одличната соработка при обуката на нашите судии, рече претседателот Иванов.


Претседателот Шпилман го информираше претседателот Иванов за актуелностите поврзани со реформите и дебатите за иднината на Европскиот Суд за човекови права, а беа разменети мислења и информации за имплементацијата на Европската конвенција за човекови права, како и за состојбата со почитувањето на човековите права во Република Македонија и во соседството.

bonton_ohrid_3
Претседателот Иванов на „Спортски Бон-Тон“ во Охрид
Петок, 12 Септември 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше во спортско културната манифестација „Традиционални спортски игри - Спортски Бон-Тон" која што се одржа во Охрид.

Целта на проектот е да се промовира Спортски Бон-Тон како модел на интегрирање на децата од школска возраст во системот на спортување, дружење, играње и нивно меѓусебно запознавaњe со нивните традиции, култури и обичаи.

„Проектот спортски бон-тон што денеска се реализира во Охрид е посветен на традиционалните детски игри. Од реакциите на децата се гледа дека им годи да се потсетуваат на игрите на нивните родители и предци и да откриваат во секој град кој го посетуваат која е специфична игра за тоа место. Тоа е еден вид учење, другарување, запознавање на децата меѓесебе, но и на градовите кои ги посетуваат оттаму што домаќините подготвуваат програма што е нивна специфичност", истакна претседателот Иванов.

Македонскиот претседател додаде дека овој проект досега покажал многу позитивни резултати и токму поради тоа продолжува, а за значајноста потврда е тоа што се повеќе градови се вклучуваат во оваа кампања што ги промовира спортот и здравите животни навики.
bonton_ohrid1
„Спортувајќи учат какви се правилата во спортот и какви се правилата во животот. Како се успева во животот и што е потребно да се постигне целта, но секојпат треба да се почитува противникот и правилата на игра", рече претседателот Иванов.

Координаторот на проетот Иван Анастасовски истакна дека како организатори ќе се вложат напори сите активности односно сите традиционални, подзаборавени игри да се публикуваат.

„Традицијата е она што ќе не одржува во тој глобален свет и ќе не распознава и разликува од другите, со тоа што како организатори би биле најзадоволни доколку таа публикација по завршувањето на проектот би биле дисперзирана во сите општини, како трајно дело", истакна Анастасовски.

Претседателот на Советот на општина Охрид Гордана Коњановска рече дека Охрид како домаќин се вклучува во проектот насочен кон промовирање и реафирмирање на подзаборавените традиционални вредност, како фер-плеј, посветеност на тимски успех, почитување на другите, меѓусебно разбирање и толеранција за оние што се поразлични.

Проектот Спортски бон-тон имплементиран во 2014 година се реализира под покровителство на Претседателот на Република Македонија, со поддршка на Амбасадата на САД. Оваа година тој се реализира во општините Охрид, Велес, Карпош, Маврово-Ростуше, Ново Село и Свети Николе.
bonton_ohrid_2

fx3x
Претседателот Иванов го посети студиото за анимација и продукција на визуелни ефекти Fx3x
Петок, 05 Септември 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов го посети студиото за анимација и продукција на визуелни ефекти за играни филмови и рекламни спотови Fx3x. Македонскиот претседател присуствуваше на снимањето на филмот чијшто работен наслов е „Чекајќи ги парите", филм којшто се очекува да биде завршен за 7-8 месеци, и да биде прикажан пред домашната публика, како и во странство.

Претседателот Иванов проследи една од сцените за време на снимањето на филмот и посака успех на целата екипа.

Актерската екипа ја сочинуваат Сенко Велинов, Диме Илиев, Ана Стојановска, Горазд Цветковски, Игор Стојчевски, Гоце Тодоровски, Ванчо Петрушевски, Катерина Шехтанска, Роберт Вељановски и Илбер Муртези.

За снимањето на филмот се задолжени СД-Продукција и ДМФ, директор на фотографија е Дејан Димески, а продуценти се Дејан Илиев и Слободан Деспотовски кој воедно е и режисер на филмот.

bonton1
Во Велес одбележан почетокот на проектот „Традиционални спортски игри Спортски Бон-Тон“
Четврток, 04 Септември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на спортско културната манифестација „Традиционални спортски игри - Спортски Бон-Тон" која што се одржа во Велес и со која се означи почетокот на неколкумесечниот проект.

Целта на проектот е да се промовира Спортски Бон-Тон како модел на интегрирање на децата од школска возраст во системот на спортување, дружење, играње и нивно меѓусебно запознавaњe со нивните традиции, култури и обичаи. Проектот „Традиционални спортски игри (Спортски Бон-Тон)" чиј покровител е претседателот Иванов, ќе се реализира преку спортско-културни манифестации во шест општини.

„Целта е јасна, децата да се научат да спортуваат, да се запознаваат едни со други, да се дружат да комуницираат, да се почитуваат, да имаат разбирање за различноста која што постои во нашата држава. Преку традиционалните игри всушност децата ги учат вредностите кои што сме ги имале и ние и нашите родители, кои што биле наше секојдневие, а денес поради модерниот начин на живот се подзаборавени", рече претседателот Иванов.

Амбасадата на Соединетите Американски Држави по трет пат ја поддржува манифестацијата „Традиционални спортски игри (Спортски Бон-Тон)", што освен Велес, ги опфаќа и општините Охрид, Карпош, Маврово-Ростуше, Свети Николе и Ново село.

„Ова ќе биде возбудлив период за сите учесници, спортувајќи децата постојано ќе се дружат меѓусебе, и на сите нив им посакувам забава и многу успех", рече американскиот амбасадор во Република Македонија, г. Пол Волерс.

„Ова претставува чест и задоволство за нас повозрасните, да се потсетиме на она што некогаш било дел од нашето детство, нашите игри, начин на забава и рекреација", истакна градоначалникот на Велес, г. Славчо Чадиев.

Во 2013 година проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)" беше имплементиран во општините Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и во Теарце, додека во 2012 година проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување" беше спроведен во општините Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и во Врапчиште.
bonton2

 
Почеток < Пред 81 82 83 84 85 86 87 88 89 90 Следно > Крај
Страница 86 од 198