Говори и обраќања
alt
Здравица на Претседателот Иванов на приемот во чест на учесниците на конференцијата „Охридскиот рамковен договор: кон членството на Македонија во Европската унија и во НАТО“
Недела, 19 Јуни 2011

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа, Драги пријатели,

Исклучително е чувството да се наздрави за јубилејот на настанот кој ја одбележа втората деценија на македонската независност. Пред речиси десет години, на 13 август 2001 година, со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Македонија ја збогати својата самостојност, независност и сувереност со стремежот за стабилна и функционална мултиетничка демократија.

Во деновите кои следеа по потпишувањето на Рамковниот договор, нобеловецот Шејмас Хини охрабрувачки изјави:
„Она што јас го знам за македонскиот дух, е дека постои една македонска способност секогаш да се биде свртен кон светлината...и да се пее песната на иднината.“
Денес, една деценија по тие визионерски зборови изговорени на брегот на Охридското езеро, ние и нашите деца ја живееме иднината за која зборуваше Хини. Но, и повеќе од тоа.

Дами и господа,

Во изминатите десет години, ние одново ја откривме, ја спознавме и ја надградивме нашата најголема вредност, која е воедно и нашата најголема сила – вековната традиција на соживот и толеранција со која се гордееме. Традиција која е во сржта на македонскиот модел на интеграција без асимилација. Интеграција со почитување на постоечките културни, етнички, јазични, религиски и други различности.

Охридскиот рамковен договор е само легитимација на заветот кој во наследство ни го оставија нашите татковци – сакај го соседот свој. Инклузивниот модел е еден од темелите на нашата безбедност, стабилност и економски просперитет, бидејќи создава поволни услови за градење на внатрешен мир. Но, како и секоја вистинска демократија, ние зборуваме за процес, а не за завршен проект. Токму затоа, ние секојдневно го надградуваме и го усовршуваме овој наш заеднички модел кој подразбира уживање на правата но и почитување и споделување на одговорностите кои произлегуваат од уставниот поредок.

Драги пријатели,

Децениското македонско искуство покажува дека, независно од тоа колку една земја е територијално мала, таа е онолку силна колку што е силен стремежот на сите нејзини граѓани кон заедничката иднина. А стремежот на македонските граѓани кон европска и евроатланска иднина е јасен и недвосмислен. За тоа зборува големата поддршка за членство во НАТО и во Еврпската унија. Тоа е јасен знак по кој пат треба да се продолжи.

Ценети екселенции,

За нас, Македонците, за Албанците, Србите, Ромите, Турците, Власите и Бошњаците, за сите македонски граѓани независно од верската или етничката припадност, единствената светлина која не мотивира и придвижува напред е решеноста да се биде рамноправен дел од европското и евроатлантското семејство. Токму затоа, нашите сојузници, партнери и пријатели треба да останат доследни на делото на големите визионери и архитекти на европскиот мировен проект.

Само така ќе го оствариме сонот на нашите татковци за демократска, европска и евроатлантска Македонија. Остварувајќи го тој сон, ние имаме што да вложиме во големото европско и евроатланско семејство. Нашиот модел на функционална мултиетничка демократија, модел на интеграција без асимилација е она со што ние можеме да ги збогатиме европските вредности.

Со такво уверување, на самиот крај, ја подигам оваа чаша да наздравам за иднината на Македонија и на сите нејзини граѓани!

alt
Обраќање на Претседателот Иванов на Свечената академија по повод 20-годишницата на Европското движење во РМ
Среда, 08 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, како покровител се обрати на Свечената академија по повод 20-годишнината од основањето на Европското движење во Република Македонија и одбележувањето на Денот на Европа 2011:

Почитувани членови на Европското движење и учесници на оваа Свечена академија,
Почитувана, Проф. Ѓуровска,
Екселенции, драги пријатели,

Со големо задоволство прифатив да бидам покровител на свечената академија по повод 20 - годишниот јубилеј на Европското движење во Македонија. Задоволството е дотолку поголемо бидејќи се работи за една од првите значајни невладини организации во Македонија, воспоставена во годината на осамостојувањето.

Како едно од првите вакви движење во регионот на Југоисточна Европа, Европското движење во Република Македонија беше веднаш примено во редовите на Меѓународното Европско движење во Брисел. Тоа беше конкретен македонски влог во Европа и воедно европска обврска да го поддржи остварувањето на европскиот сон на генерациите македонски граѓани.

Дами и господа,

Почетоците на Европското движење на Република Македонија се врзани со волјата на македонските граѓани за независна, суверена, европска и евроатланска Македонија, волја која беше недвосмислено изразена на референдумот одржан на 8 септември 1991 година. Почетоците, пак, на Меѓународното Европско движење се нераскинливо поврзани со историскиот Конгрес на Европа во Хаг од 1948 година. Конгрес на кој над 700 видни Европјани, меѓу нив и Жан Моне, Робер Шуман, Рејмон Арон, Конрад Аденауер, Де Гаспери, Салвадор Де Мадаријага, Де Ружмон и многу други, цврсто се определија да ја обединат Европа.

Во тој заеднички визионерски потфат, градителите на Обединета Европа ги удрија темелите на оваа најголема сеевропска граѓанска асоцијација, која од самиот почеток учествуваше, ги поттикнуваше и насочуваше сите чекори во европската интеграција: од создавањето на Европската заедница за јаглен и челик и Римските договори, преку договорите од Амстердам и Маахстрит, па се до Лисабонскиот договор со кој се  вообличи Европската Унија како заеднички европски дом. Патот не беше ниту лесен ниту безболен. Напротив, беше полн со препреки, искушенија и предизвици, но, верувам дека постигнатото соодветствува со визијата на татковците - основачи на една единствена, обединета, демократска и просперитетна Европа.

Почитувани,

Верувам дека ќе се согласите со мојата констатација дека денешната свечена академија најдобро сведочи дека Република Македонија од почетоците на својата независност се определи за приклучување кон Европската унија и за евро - атлантска интеграција.

Република Македонија веќе долго време презема неопходни чекори и спроведува реформи со цел да ги хармонизира своите внатрешни општествени, економски, културни и политички агрегати со оние на Унијата, да ја усогласи својата внатрешна и надворешна па и безбедносна политика со политиката на Унијата. Токму како резултат на нашата посветеност, ние сме веќе во најзрела фаза на приклучување, како земја - кандидат која чека на почеток на преговорите за влез во Унијата.

Сакам да знаете дека на сите европски колеги со кои се сретнав во изминатиот период јасно им кажав дека Република Македонија очекува визија и лидерство, исто како онаа на градителите на обединета Европа. Република Македонија очекува неодложно да се одреди датумот за да ги започне преговорите. Верувам дека со тоа сите добиваат. Република Македонија добива силен мотив и фокусираност, регионот добива силен охрабрувачки сигнал, а Европската унија добива кредибилитет во однос на нејзината најуспешна политика – проширувањето.alt

Ценети екселенции,

Билатералните прашања не смеат да се испречуваат на визијата на основачите. Само обединета Европа, што е воедно и предуслов за силна Европа, може да биде конкурентна на глобален план, во секоја смисла. Европската унија едноставно има обврска да води грижа за Европа. Имаме позитивни примери на паралелно движење во интеграциите и во надминувањето на билатералните прашања. Ќе повторам, очекувам лидерство и визија од европските партнери и пријатели.

Особено ме радува фактот што во сиот тој период, Европското Движење во Македонија, како невладина евро - ориентирана организација даваше огромен и неспорен придонес во ширењето на европските вредности и придобивки меѓу граѓаните, посебно меѓу младите, меѓу студентите, во јавноста и во медиумите, за европскиот дух и свест да се зацврснат и унапредат во земјава. Верувам дека не е случајно што, за тој придонес, во 2003 година, Македонскиот центар за меѓународна соработка и ја додели на Европското движење Наградата за најдобра невладина организација во Република Македонија. Сакам да знаете дека сите ние многу ги цениме и напорите на Европското движење во Македонија на меѓународен план, посебно во насока на унапредување на соработката и заедничките акции и кампањи со движењата во регионот и во балканските земји.

Драги пријатели,

На самиот крај, сакам најсрдечно да ви го честитам јубилејот, да ви посакам уште многу успеси и остварувања а да ви посакам и набргу да станете Европско движење во Република Македонија како полноправна членка на Европската Унија.

Ви благодарам.
 

alt
Обраќање на Претседателот д-р Ѓорге Иванов на 17-тиот Состанок на шефови на држави од Централна Европа
Петок, 27 Мај 2011

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
 
Вистинска чест и задоволство е да се биде овде, во Варшава на овој значаен самит, и тоа во годината кога Европа ја одбележува 20 годишнината од крајот на Варшавскиот пакт, година кога земјите од зад железната завеса конечно ја искусија слободата, демократијата и благосостојбата. За мене лично, симболиката да се биде овде денес е дотолку поголема бидејќи оваа година Република Македонија слави две децении од својата самостојност, независност и сувереност. Ваквите јубилеи ни даваат убава можност да направиме рефлексија на постигнатото, и подготвени, со гордост да погледнеме во иднината.
 
Слободно можам да кажам дека Република Македонија во изминатите 20 години, во драматични услови и соочувајќи се со тешки искушенија, постигна несомнен успех, во битката за својата независност и во напредокот во европските и евроатланските интеграции. Тој успех се темели врз големи откажувања, многу напорна работа, но пред се посветеност кон она што сакаме да го постигнеме. Верувајте, за нас целите беа јасни од самиот почеток: Македонија како полноправна членка во НАТО и во Европската унија. Македонија, која развива добри односи со сите свои соседи. Македонија, вклучена во сите регионални иницијативи. Македонија отворена кон светот, кон меѓународната заедница, кон сите. Движејќи се кон овие стратешки цели, успеавме да го реформираме нашиот систем во една напредна демократија.
 
Почитувани,
 
Денес, 20 години по прогласувањето на независноста, Република Македонија е земја која ги исполни сите критериуми за влез во НАТО.
 
Сепак, познато е дека има една ирационална причина поради која сеуште не сме во можност да ги користиме благодетите на членството во Северноатлантската алијанса. Но, верувам дека оваа причина може да биде надмината.
 
Она што е поважно од блокадите на членството во НАТО е нашата природна припадност кон ова семејство и компатибилност со евроатлантските вредности, принципи и стандарди. Нашите мировници во Авганистан кои рамо до рамо со партнерите ја бранат безбедноста, стабилноста и слободата, се нашиот најголем влог во побезбеден свет.
 
Денес, 20 години по мудрата историска одлука на македонските граѓани за независност и сувереност, Република Македонија е подготвена денес да ги почне преговорите за членство во Европската унија.
 
Сепак, и тука истото ирационално прашање повторно не блокира. И, повторно ќе изразам увереност дека, со добра волја, со конструктивност која нам не ни недостасува, со стриктно придржување до рамката за разговори, ова прашање може да биде надминато. Но, истовремено, денес на Република Македонија, на целиот регион на Југоисточна Европа ни е потребна мудроста и визијата од европските лидери. Визија од првите денови на изградбата на европското семејство, мудрост на која бевме сведоци пред 20 години во големата победа на демократијата и слободата над ирационалните и неодржливи режими.
 
Се надевам дека европските лидери на претстојниот состанок на Европскиот совет ќе ни ја дадат таа поддршка и ќе и овозможат на Република Македонија да го продолжи патот кон Европската унија. Таков исчекор е потребен за сите земји од Западниот Балкан, за нас, за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Хрватска. Со тоа нам ќе ни овозможат паралелно со преговорите за интеграција да ги довршиме и разговорите за спорот околу името. Бидете уверени, ние не бараме привилегии. Ние сакаме да бидеме вреднувани според она што го имаме постигнато. Ние бараме еднаков и фер третман. Само замислете дали денес ќе имавме ваков цивилизациски проект како Европската унија, доколку билатералните прашања беа поставувани над клучните европски интереси. Напротив. Проектот на европското обединување помогна предрасудите и проблемите да се надминуваат на европски начин. Тоа и ние го бараме. Го бараме, затоа што имаме сериозен напредок во исполнување на копенхашките и евроатлантските критериуми, што значи остварување на длабоки реформи во сите општествени сфери. Ние сме во најмала рака, на еднаков стадиум на развојот и исполнувањето на критериумите како и другите земји членки додека истите беа кандидати за членство.
 
Има ли поголема конструктивност, има ли поголем придонес кон европската идеја, кон стабилноста и благосостојбата на целиот регион, од деблокадата на евроинтеграциите од страна на нашиот јужен сосед во оваа фаза од процесот? Тоа ќе значи многу за нас, а воедно ќе биде и охрабрување за сите земји од Западниот Балкан. Тоа ќе биде повторно отворање на нашиот регион. Се надевам дека нашиот сосед ќе ги земе предвид сите овие аргументи. Навистина, не само што не губат ништо. Напротив. Сметам дека и Грција ќе добие многу со еден таков гест.
 
Ценети екселенции,
 
Сакам да обрнам внимание на една значајна придобивка со која сме особено горди.
 
Од независноста до денес, Република Македонија успеа да изгради уникатен модел на мултиетничка демократија, модел на интеграција без асимилација. Со Охридскиот рамковен договор кој е можеби најсупешниот договор во поширокиот регион на Југоисточна Европа, вековната традиција на соживот, толеранција, и, најважно од се, правилно разбирање на светот на разликите, доби своја легитмација и вредност.
 
Се разбира, мултикултурализмот и мултиетничката демократија никогаш не се затворени прашања и постојано се соочуваат со нови предизвици, но цврсто верувам дека нашиот модел е модел на иднината. Затоа, подготвени сме да ги споделиме искуствата и придобивките со нашите соседи од регионот, но и пошироко. Тоа е нашиот влог и најдобар политички извозен производ, кој може на европските соседи да им помогне во изградбата на демократските системи.
 
Дами и господа,
 
Една од главните теми на оваа сесија беше прашањето за тоа кои институции беа клучни за демократскиот развој на земјите во нашиот регион. Можам слободно да кажам дека во случајот на Македонија, но и целиот регион, не беа во прашање институции, туку идеи.
 
Идејата за европско и евроатлантско обединување беше клучно за демократските процеси во нашата земја и во нашиот регион. Моите сограѓани во идејата за обединета Европа препознаа вистинска и трајна вредност која може да ги доведе до посакуваната благосостојба. Во обединета Европа моите сограѓани гледаа можност за подобар живот, безбедност, демократија, политичка и меѓуетничка стабилност.
 
Европската идеја ги упатува раководствата на земјите од Југоисточна Европа на блиска соработка. Она што на регионот на Југоисточна Европа му е дефинитивно потребно е повеќе Европа. Денес и сега. Нам ни треба забрзана интеграција, бидејќи тоа е главниот мотиватор, бидејќи нема поголема движечка сила на нашите општества од Евро - интегративниот процес.
 
За разлика од пред само десет години, кога сосема други прашања беа на агендата во Југоисточна Европа, денес, јас и моите колеги од непосреднопто соседство и поширокиот регион разговараме за конкретни проекти, за инфраструктурно, економско и енергетско поврзување, животна средина, подобар и заеднички пристап во превенцијата, справувањето и одговорот на природните катастрофи. Денес, владите од регионот се посветени на заедничка борба против организираниот криминал и другите негативни појави. Забрзаниот, балансиран и одржлив развој во регионот останува наша заедничка цел, вредност и придобивка.
 
Почитувани,
 
Сакам да знаете дека Република Македонија останува доследна на своите врвни цели и приоритети, воодејќи се притоа од основниот принцип на отвореност кон сите, блискост со сите. Следејќи ги тие цели на кои сум фокусиран изминатите две години, може одговорно да се констатира дека резултатите не изостануваат.
 
Редовната комуникација со речиси сите соседи ја преточивме во реална соработка за конкретни прашања. Предрасудите од минатото ги оставивме во минатото, за да можеме да се фокусираме на сегашноста, гледајќи ја и трасирајќи ја иднината. За жал, не по моја вина немам комуникација единствено со Претседателот на Република Грција г-дин Папуљас.
 
Освен што учествуваме во сите автохтони иницијативи, одиме и чекор понатаму и даваме наши иницијативи. Многу сум среќен поради тоа што со Претседателите на Албанија, Косово и Црна Гора започнавме соработка која во наредните месеци ќе биде крунисана во Охрид со потпишувањето на Охридската декларација. Делкарација со која ќе ги поттикнеме владите на соработка и ќе ги обврземе нашите наследници да ја продолжат соработката. Не е никаква тајна дека инспирацијата за оваа, да ја наречам Охридската група, беше токму плодната соработка која се изнедри од Вишеградската група.
 
Ценети екселенции,
 
Во Република Македонија предолго траеше транзицијата, за разлика од другите земји од централна и источна Европа. Конечно, имаме Влада целосно фокусирана на подобрување на животниот стандард и на економскиот развој која постигнува резултати. Трендот е добар, и тоа ми влева оптимизам. Но, дојде големата економска и финансиска криза која остави последици. Сепак, успеавме да ја одржиме нашата економска и финансиска стабилност, и веќе оваа година очекуваме подобрување и враќање на патот на напредокот. Очекувам новата Влада повторно да ги има интеграциите и економскиот развој највисоко на својата агенда.
 
Она што е специфично за Република Македонија е што економскиот раст и развој и интеграциите се како двонасочна улица. Меѓу интеграциите и економската состојба постои меѓузависност. Блокадите на нашите интеграции влијае врз бројот, квалитетот и квантитетот на директни странски инвестиции. Но, не сме обесхрабрени.
 
На самиот крај, дозволете да заклучам: идејата го придвижи, го мотивираше нашиот демократски развој. За да продолжиме по истиот пат, потребна ни е повеќе, а не помалку Европа. Верувам дека европските лидери доследно ќе ги продолжат идејите на визионерите и градителите на Европа. Верувам дека мисијата на оваа генерација е да го заврши она што го започнаа Роберт Шуман, Жан Моне, Конрад Аденауер – да ја обединат Европа, и конечно да го интегрираат Југоистокот на Европа.
 
Ви благодарам.
 

alt
Обраќање на Претседателот д-р Ѓорге Иванов на 37-та конференција на Меѓународната Пан-европска унија во Линдау
Сабота, 21 Мај 2011

Почитувани присутни, Ценети екселенции,

Дами и господа, Драги пријатели,

Големо е задоволството да се биде тука, во Линдау. Доаѓајќи тука забележав дека ова е град на светилници. Ми ја посочија старата кула Мантгаум, за која моите љубезни домаќини ми кажаа дека осум века им го осветлувала патот на бродовите кои пловеле по езерото. Недалеку од тука се наоѓа и новиот светилник кој веќе 155 години ги насочува бродовите во безбедното пристаниште на Линдау. Верувам дека овие неколку дена, Линдау го добива и својот трет светилник, Меѓународната Паневропска унија која тука ја организира својата 37 годишна конференција.

Почитувани,

Токму на овој начин, од своите почетоци пред речиси девет децении, па до денес, Пан-европската унија им го осветлува патот на европските народи, држави и влади и ги насочува кон заедничката цел која произлегува од идејата за слободна, демократска и просперитетна Европа. Европа обединета во различностите.

Во својата благородна мисија, Пан-европската унија се докажа како достоен поборник за обединета Европа и воедно жесток противник на нетрпеливоста, поделеноста и тоталитаризмот кои толку долго ја одбележуваа европската историја. За време на Втората светска војна, Пан-европската унија беше најголем застапник на заедничката борба на демократиите против злото на фашизмот и нацизмот. За време на Студената војна, Пан-европската унија беше гласот на надежта за сите нас, за сите народи кои се најдоа заробени зад железната завеса. 

Верувам дека сите знаеме дека големата мисија која ја започна грофот Калерги, ја презеде Неговата Екселенција Ото фон Хабсбург, а денес достојно ја продолжува господинот Алан Тераноар, сеуште не е до крај остварена. Република Македонија, заедно со уште повеќе земји од нашето соседство, кои историски и географски се во Европа, сеуште сме надвор од Европската унија. 

Екселенции,

Визионерските зборови на Ото фон Хабсбург дека „Европа нема да биде целосна без Македонија во неа“ најдобро сведочат дека веќе 20 години, вие упорно го насочувате бродот наречен Европа да плови и кон Југоистокот на нашиот континент, кон Македонија. Ние сме благодарни за вашата визија и истрајност во оваа задача, што во денови на сериозни предизвици за самата Европа, останувате посветени на првичната голема идеја која не доведе толку далеку и која ни донесе толку многу успеси и радости. 

Сакам да знаете дека Република Македонија, иако е земја без излез на море, сепак претставува сигурно, безбедно и мирно културно, економско и политичко пристаниште во кое Европската унија може да ги закотви своите бродови. Верувам дека за тоа најдобро зборува силината на европската идеја во мојата татковина. 

Додека во некои европски земји идејата за обединета Европа можеби веќе не е толку модерна, македонските граѓани безмалку едногласно се посветени на оваа идеја. Сметам дека евро-ентузијазмот на моите сограѓани, поткрепен со македонската политика насочена кон интеграциите и реформите, јасно говори за тоа дека во членството во Европската унија препознаваат вистинска и трајна вредност на која можат да и ги придодатат своите историски, стопански, културни и духовни придобивки.

Дами и господа,

Република Македонија ја гледаме како дел Европската унија поради три причини. 

Прво, ние сме природен и нераздвоен дел од Европскиот културен и цивилизациски простор. Нашето наследство е европско, а Македонија е по дефиниција европска земја. Листата на македонски придонеси е долга, но во оваа прилика ќе спомнам само еден пример. Пред 12 века, сесловенските просветители Кирил и Методиј го дадоа својот влог во Европа, европската култура и цивилизација. Тие веруваа во правото на секој народ да го користи својот јазик, поради што тргнаа во мисија за градење на заедништво на сите европски народи под исти услови и еднаков пристап до словото. За нивното дело, признанието дојде дури во дваесеттиот век, кога папата Јован Павле II на 31 декември 1980 година, во своето апостолско послание Ергае Виртулис (EGRIGAE VIRTULIS) ги прогласи за ко-покровители на Европа, заедно со Свети Бенедикт.

Понатаму, во Европската унија гледаме збир на држави кои, врз основа на заедничките вредности, успеале да ги надминат омразата, антагонизмот и недоразбирањата од минатото за да изградат заедничка иднина. 

Визионерите и градителите на Европската унија на дело покажаа дека мотото “раздели па владеј” е погубно за Европа. Дека разединета Европа може лесно да стане плен на сопственото минато и разурнувач на сопствената иднина. Дека европскиот напредок и иднина ќе бидат обезбедени само врз основа на визионерскиот и градителски принцип “обедини и предводи”. Само обединета Европа може да биде достоен предводник на слободата и благосостојбата. Само обединета Европа може со успех да настапува на меѓународната сцена и да се носи со глобалните предизвици.

Почитувани,

Интеграциските процеси покажаа дека европските држави можат да ги надминат своите историски насобрани проблеми и разлики. Затоа, убедени сме дека, како втора важна причина за поддршка на македонското членство во Европската унија е токму тоа што Унијата нуди извонредна рамка за затворање на сите се уште постоечки спорови меѓу соседите. Историскиот проект за помирување меѓу балканските држави може најдобро да се одвива под заедничкиот европски покрив, каде заедно седат многу некогаш спротивставени држави. 

Свесни сме дека проблемите во регионот на Југоисточна Европа можат да се решат токму преку економско и политичко интегрирање. Впрочем, така најдобро ќе се избориме за европските вредности и идеали, слободата, демократијата, владеењето на правото, но и забраната за кршење на темелните човекови права и граѓански слободи, особено индивидуалното право на идентитет и достоинството. 

Гледајќи го прекрасното езеро Констанца кое ги поврзува Германија, Австрија и Швајцарија, се сеќавам на пролетта 2003 година кога Македонија го пречека големиот француски писател Жак Лакариер. Тој, на брегот на магичното Преспанско езеро поделено меѓу Македонија, Грција и Албанија, на трите јазици ја изговори неговата бесмртна реченица: “И за Европа и за Балканот подеднакво е важно. Ние сме имале илјадници вчера, но имаме само едно заедничко утре”.

Ние сме убедени дека токму членството во Унијата ќе биде најдобро решение за недостојниот спор кој Република Грција ни го наметнува. Европските искуства потврдуваат дека патот до помирувањето на соседите оди низ интегрирање во сите општествени системи кои функционираат кога се отворени. Токму затоа можете да ја разберете нашата фрустрираност зошто се дозволува да продолжи да трае еден спор околу идентитетски, историски прашања, кога едно проверено успешно решение се наоѓа токму пред нас. 

Дами и господа,

Третата причина поради која Македонија се гледа себе си како природен дел од Европската унија е економскиот потенцијал на проширувањето. Но, сакам да потенцирам дека ние нашата благосостојба сакаме да ја градиме врз одржлива, компетитивна и компатибилна економија, а не врз незаслужена помош. Верувам дека тоа можеме да го оствариме само врз рамноправни основи со нашите европски пријатели, соседи и партнери.

Македонските граѓани веќе ги почувствуваа првите придобивки од напредокот во интеграциите преку визната либерализација. Можноста македонските граѓани, студенти, туристи, без пречки да патуваат, да се едуцираат и да собираат искуства само ја зацврстува нашата одлучност да продолжиме по зацртаниот пат кон Европската унија. 

Почитувани,

Европа по Лисабонскиот договор претендира да биде клучен фактор и актер во меѓународните односи. Тоа нема да биде ниту лесно, ниту реално остварливо, без отвореност кон она што претставува природен дел од заедничкиот европски простор. Простор во кој има слобода на движење на луѓе, идеи, капитал и производи. Простор во кој секој со себе ги носи своите права и својот идентитет. Отворен простор во кој секој ќе биде почитуван за тоа што е, без оглед каде живее и каде работи. Како простор на толеранција и славење на различностите. Тоа е исто така дел од мојата визија за Европски мир, Pax Europeana. 

Додека затворениот простор ги дели луѓето, народите и државите и создава услови за конфликти, отворениот простор создава потреба за еден пазар, една монета, и една неутрална сила.

Драги пријатели,

Во пролетта 1923 година, грофот Калерги напишал: „Многумина сонувале за обединета Европа, но само неколкумина се одлучни да ја создадат. Како предмет на копнеж, сонот  останува јалов, но, како предмет на волја, сонот вродува со плод. Единствената сила која може да ја создаде Пан-Европа е волјата на Европејците. Единствената сила која може да го спречи создавањето на Пан-Европа, повторно, е волјата на Европејците.“

Бидете уверени дека Македонија и македонските граѓани, имаат цврста волја, преку членството во Европската унија, да придонесат кон градењето, чувањето и унапредувањето на нашиот заеднички духовен и културен дом Европа. Во мојата земја, во ова време, луѓето прават се- за побрзата акцесија кон Европската Унија, кон нејзините економски, социјални, културни и духовни агрегати и ризници.  Верувам, дека со помошта на нашите докажани пријатели, како што е впрочем и Пан-Европското движење, но и  со волјата на сите членки на Унијата и нивните граѓани и народи,  можеме да го оствариме сонот за европска и евроатлантска Македонија, како и за нашиот придонес во градбата наречена заеднички европски дом за сите европјани.

Ви благодарам.

alt
Обраќање на Претседателот Иванов по повод свеченото отворање на Третата сесија на Глобалната платформа за намалување на ризици од катастрофи и на Светската конференција за реконструкција
Среда, 11 Мај 2011

г-дин Генерален секретар на Обединетите нации,
г-ѓа Заменик Генерален секретар,
Екселенции,
Почитувани делегати,
Дами и господа,

Ја користам оваа можност да го споделам со сите претходни говорници моето сочувство со народот и владата на Јапонија, и со сите народи кои беа жртви на природни и од човекот предизвикани катастрофи во оваа смртоносна деценија.

Соочени сме со клучен моментот во историјата. Момент кога меѓузависните глобални ризици, од климатски промени до ризици од катастрофи, од неурамнотежен економски и урбан развој до деградација на екосистемот, бараат соодветен заеднички глобален одговор.

Свесни сме дека не постои одржлив развој без отпорност кон катастрофите. Овде сме за да ја признаеме директната поврзаност меѓу несовесното однесување на човекот и реалноста на климатските промени и природните катастрофи.

Од тие причини, цврсто верувам дека координираниот пристап за намалување на ризиците од катастрофи, за адаптација кон климатските промени и за одржлив развој, преку интегрирани политики и усогласени практични чекори, е најважен влог за побезбедна иднина. Поддржувајќи го развојот втемелен на морално расудување, знаење, отпорност, превенција и адаптација, заеднички ја градиме иднината на која нема да и биде потребен кораб за да ги преброди деновите на потопот. Сепак, и натаму ни е потребен план. Впрочем и не врнеше кога Ное го изгради својот Кораб.

Со планирање, а притоа поддржани од креативното водство на Меѓународната стратегија на Обединетите нации за намалување на катастрофи - UNISDR, иднината ја носиме во сегашноста, за да можеме сега да направиме нешто за во иднина. Македонија, инспирирана од општата идеја која произлегува од Рамката за акција од Хјого, се залага и активно работи на градење на капацитети за отпорност и ја промовира агендата за намалување на ризиците од катастрофи на локално, национално, регионално, а денес и на глобално ниво.

Почитувани делегати,

Верувајќи дека „катастрофите се последица од влијанието на природните непогоди врз ранливите поединци и заедници“, Република Македонија разви национална, повеќе - секторска платформа за намалување на ризиците од катастрофи. Македонскиот модел, заснован врз холистички пристап, води до ефективно и ефикасно намалување на ризиците преку интегрирање на расположливи и соодветни капацитети и ресурси на сите административни нивоа, овозможувајќи да се интегрира намалувањето на ризиците од катастрофи во нашите национални стратегии, политики, планови и законодавство. Тоа е заеднички напор кој ги обединува сите сегменти на македонското општество, јавниот и приватниот, академскиот и бизнис секторот, верскиот и световен сектор.

Преку локалните и регионалните совети за намалување на ризиците од катастрофи, Македонија го охрабрува вклучувањето на локалните власти во напорите за намалување на ризиците од катастрофи, со што се зголемува јавниот и приватниот влог во локалните акции.

Сметам дека отпорноста бара одговорност, при што индивидуалната и институционална посветеност, вклучително и контролата и осигурувањето, одат рака под рака. Негувањето на култура на споделена одговорност е клучен предуслов за намалување на ризиците од катастрофи. Токму од таа причина, пристапувајќи кон Осигурителниот фонд за ризици од катастрофи на Југоисточна Европа, Република Македонија ја прифати оваа важна димензија на јавното - приватно партнерство и ги охрабрува другите земји да го следат примерот.

Екселенции, alt

На регионално, европско ниво, Република Македонија ги прифати, со голем ентузијазам и посветеност, обврските кои произлегуваат од претседавањето со Европскиот форум за намалување на ризиците од катастрофи за 2011 година. Поддржан од UNISDR во Европа и ЕUR-ОРА Договорот за големи опасности, Форумот е силно посветен на стимулирање и овозможување на размена и споделување на искуства и добри практики меѓу европските земји. Воедно, претседавајќи со Работната група за адаптација кон климатските промени во рамките на Европскиот форум, заедно со водечки европски земји на тоа поле, како што се Франција, Германија и Норвешка, особено сме посветени на поврзување на напорите за намалување на ризиците и адаптација.

Ниту една земја не може да го постигне ова самостојно. Во текот на Македонското претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европа во периодот 2012-2013 година, иницирав организирање на самит за земјите од Југоисточна Европа, кој би се фокусирал на зајакнување на регионалната соработка во овој контекст. Очекувам дека оваа средба ќе ја подигне регионалната свест и одговорност за проблемите и предизвиците кои не познаваат граници, а чии последици,  повеќе или помалку, се наша заедничка грижа. Очекувам дека ова ќе даде конечни резултати во посакуваната насока. Се надевам дека Обединетите нации преку Генералниот секретар и соодветните тела ќе учествуваат на самитот и ќе дадат свој придонес во овој заеднички потфат.

Дами и господа,

Ризикот од катастрофи е реалност на денешницата, но и реална закана за иднината. Закана која може да се отстрани само со исполнување на обврските и бројните заложби кон кои се обврзаа нашите влади во изминатите децении. Најважна обврска на оваа генерација е на идните поколенија да им остави помалку ранлив свет, исто како што Ное направи за човештвото на врвот на библискиот Арарат.

Имајќи ја на ум оваа мисла, дозволете ми да ве потсетам на Ајнштајновата мудроста: „Не можеме да ги решиме проблемите ако го користиме истиот начин на размислување кој го користевме кога ги создадовме.“ Оваа генерација треба да усвои еден поинаков начин на размислување за да можеме да им оставиме побезбеден свет на нашите деца.

Ви благодарам.
 

Обраќање на Претседателот Иванов на Евроазискиот економски форум во Истанбул
Четврток, 14 Април 2011


Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Вистинско задоволство е да се биде во друштво на толку многу претставници на држави кои годинава прославуваат 20 години од својата независност, која беше зачната со падот на Берлинскиот ѕид и крајот на Студената војна. Но, нас нè поврзува и заедничкиот Евроазиски простор и многубројните мостови на културна, економска и енергетска соработка.

Впрочем, затоа сме денес тука, да и дадеме нов квалитет и пошироки димензии на нашата соработка.

Почитувани,

За мојата земја, Република Македонија, 2011 е година на значајни јубилеи. Пред 20 години, моите сограѓани донесоа историска одлука за создавање на независна, суверена, демократска и европска Македонија. Оваа мудра историска одлука која ја донесоа моите сограѓани многупати до сега се потврди како исправна.

Минатата недела Македонија прослави и една деценија од потпишувањето на историската Спогодба за стабилизација и асоцијација со Европската унија. Спогодба која нè поттикна да ги насочиме сите свои внатрешни сили и потенцијали кон спроведување на суштински економски, социјални и демократски реформи, но и кон усогласување со критериумите, законодавството и стандардите на Европската унија.

Оваа година одбележуваме и десет години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, чии одредби станаа дел од Уставот. Со тоа, Македонија ја зајакна, надгради и унапреди вековната традиција на мултиетнички соживот, толеранција и вреднување на различностите. Верувам дека македонскиот модел на инклузивна демократија, кој се покажа како успешен, е моделот на иднината. Тоа посебно се однесува за големиот евроазиски етнички, религиски и културен мозаик.

Впрочем, инклузивноста и поврзувањето се карактеристика на новите гео-културни процеси кои се резултат на глобализацијата. Првата глобализацијата се појави тука, во Евроазија и нашите култури се производ на тој процес. Токму затоа, современата фаза на глобализацијата лесно допира до сите нас и продира низ се побледите граници меѓу Истокот и  Западот. Токму тука го гледам и придонесот на Македонија која е подготвена да ги сподели позитивните искуства и научените лекции.

Дами и господа,

Јубилеите се добра прилика да повлечеме црта и да видиме што сме постигнале, каде сме. Можам слободно да констатирам дека во изминатите две децении, постигнавме исклучителен напредок.

Република Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО, спроведе успешни реформски зафати и е подготвена да ги почне пристапните преговори со Европската унија. Евро-атлантските интеграции, градењето, чувањето и унапредувањето на добрососедските односи и регионалната соработка остануваат наша основна стратешка цел.

Трите столбови врз кои ја градиме иднината на Република Македонија се трите „ Е “ – Европа, економија и енергија. Верувам дека овие три меѓузависни и тесно поврзани „ Е “ се клучни за нашиот развој.

Почитувани,

Остануваме посветени во остварување на нашата стратешката цел -  членство во Европската унија и во НАТО. Тоа го правиме бидејќи веруваме дека европскиот модел и европското обединување е најуспешен мировен проект што доведе до помирување на многу внатрешни европски конфликти и историска нетрпеливост меѓу европските народи. Овој мировен проект нема да биде завршен без членството на Република Македонија и на останатите земји од Западниот Балкан.

Република Македонија сите свои сили и потенцијали ги стави во економскиот развој, во креирањето на поволен економски амбиент. Мојата земја има долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува 2% во последните 10 години. Имаме избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг кој изнесува 32,5% од Бруто домашниот производ. Во изминатите три години спроведени се низа реформи во делот на пазарот на труд, како и активни мерки за вработување, со што невработеноста се намали за околу 4%.

Во делот на даночната политика воведени се ниски и рамни даноци од 10%. Зголемена е флексибилноста на пазарот на трудот. Спроведени се реформи во финансискиот сектор, образованието и земјоделството, а зголемени се и инвестициите во инфраструктурата и енергетиката.

За промоција на Република Македонија како бизнис дестинација за познати странски компании, отворени се четири слободни Технолошко развојни зони, од кои две се во Скопје и по една во Штип и Тетово. Овие пет зони нудат низа поволности кои се привлечни за инвеститори во најнапредните индустрии.

Дами и господа,

Сеопфатните реформи ја подобрија вкупната бизнис клима, поради што вкупниот износ на странски директни инвестиции во Република Македонија во периодот од 1998 до 2009 година изнесува околу 3 милијарди евра. Токму за постигнатите резултати, во последните три години Македонија се вброи во врвните реформатори, согласно реномираниот “Doing Business” извештај на Светска Банка за Југоисточна Европа.

Имајќи предвид дека земјоделството е основна стопанска гранка во Република Македонија, континуирано ги зголемуваме буџетските субвенции во поддршка на македонските фармери. Од 100 милиони евра во 2010 година преку 115 милиони за 2011, па се до планираните 130 милиони евра во 2012 година. Воедно, данокот на додадена вредност за земјоделските материјали и механизација е намален од 18% на 5%.

Сакам да подвлечам дека овие реформи се потврда на нашата посветеност на патот кон полноправно членство во Европската унија. Но, исто така, тие се потврда на нашата решеност да им обезбедиме подобар животен стандард на нашите граѓани.

Почитувани,

Економскиот развој кон кој сме целосно посветени е незамислив без енергетска безбедност и сигурност. Македонија најпосле ќе биде ставена на меѓународната мапа на енергетски транспортни коридори. Со тоа ќе ни се отвори можност за добивање евтини енергенси за нашите компании и домаќинства и намалување на цената на нашето производство. Ова претставува конкретен влог во енергетската и генералната економска стабилност и сигурност на земјата.

Република Македонија е богата со многу обновливи а сепак неискористени природни ресурси. Покрај многубројните сончеви денови и хидропотенцијалот, мојата земја се наоѓа во еден од 19-те геотермални региони на планетава, при што во Македонија се евидентирани повеќе од 25 природни извори на геотермални води.

Верувам дека со нивно мудро ракување ќе имаме стопански развој втемелен на знаење и користење на расположливите ресурси. За разлика од скапите конвенционални извори на енергија, кои се повеќе се предизвик за животната средина, геотермалните води се релативно евтини и на долг рок исплатливи. Затоа, силно го поддржувам инвестирањето во оваа профитабилна стопанска гранка, пред се за производство на енергија, но и за развој на бањскиот и спа туризмот.

Како Претседател, мојот мандат е краткотраен, но мојата мисија е долгорочна: Република Македонија како полноправна земја – членка на Европската унија со стабилна економија втемелена врз долгорочна енергетска безбедност и сигурност, земја која ќе гради рамномерен одржлив развој за доброто на своите граѓани.

Дами и господа,

Верувам дека многу од овие цели ни се заеднички. Исто така верувам дека многу од заедничките приоритети се остварливи само преку соработка меѓу европските и азиските земји, меѓу евроазиските земји. Ние сме упатени едни кон други и не поврзуваат многу мостови на соработка. И културни, цивилизациски, но и економски и енергетски.

Тука ја согледувам и тесната поврзаност меѓу стабилноста и економската благосостојба. Тоа, меѓу другото, подразбира преточување на енергетската зависност во енергетска меѓузависност. Затоа, го охрабрувам понатамошното енергетско поврзување и разгранување на нафтоводната и гасоводната мрежа во поширокиот регион, вклучително и кон Македонија.

Верувам дека придобивките од ваквиот пристап ќе ги почувствуваме сите.

Со надеж дека овој Форум ќе продолжи да биде инкубатор на Евроазиската соработка, ги поздравувам сите учесници и упатувам срдечни честитки до организаторите, кои ни ја овозможија оваа плодна дебата за суштински области од економијата, трговијата, енергетиката.


Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 54 од 64