|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, како покровител се обрати на Свечената академија по повод 20-годишнината од основањето на Европското движење во Република Македонија и одбележувањето на Денот на Европа 2011:
Почитувани членови на Европското движење и учесници на оваа Свечена академија,
Почитувана, Проф. Ѓуровска,
Екселенции, драги пријатели,
Со големо задоволство прифатив да бидам покровител на свечената академија по повод 20 - годишниот јубилеј на Европското движење во Македонија. Задоволството е дотолку поголемо бидејќи се работи за една од првите значајни невладини организации во Македонија, воспоставена во годината на осамостојувањето.
Како едно од првите вакви движење во регионот на Југоисточна Европа, Европското движење во Република Македонија беше веднаш примено во редовите на Меѓународното Европско движење во Брисел. Тоа беше конкретен македонски влог во Европа и воедно европска обврска да го поддржи остварувањето на европскиот сон на генерациите македонски граѓани.
Дами и господа,
Почетоците на Европското движење на Република Македонија се врзани со волјата на македонските граѓани за независна, суверена, европска и евроатланска Македонија, волја која беше недвосмислено изразена на референдумот одржан на 8 септември 1991 година. Почетоците, пак, на Меѓународното Европско движење се нераскинливо поврзани со историскиот Конгрес на Европа во Хаг од 1948 година. Конгрес на кој над 700 видни Европјани, меѓу нив и Жан Моне, Робер Шуман, Рејмон Арон, Конрад Аденауер, Де Гаспери, Салвадор Де Мадаријага, Де Ружмон и многу други, цврсто се определија да ја обединат Европа.
Во тој заеднички визионерски потфат, градителите на Обединета Европа ги удрија темелите на оваа најголема сеевропска граѓанска асоцијација, која од самиот почеток учествуваше, ги поттикнуваше и насочуваше сите чекори во европската интеграција: од создавањето на Европската заедница за јаглен и челик и Римските договори, преку договорите од Амстердам и Маахстрит, па се до Лисабонскиот договор со кој се вообличи Европската Унија како заеднички европски дом. Патот не беше ниту лесен ниту безболен. Напротив, беше полн со препреки, искушенија и предизвици, но, верувам дека постигнатото соодветствува со визијата на татковците - основачи на една единствена, обединета, демократска и просперитетна Европа.
Почитувани,
Верувам дека ќе се согласите со мојата констатација дека денешната свечена академија најдобро сведочи дека Република Македонија од почетоците на својата независност се определи за приклучување кон Европската унија и за евро - атлантска интеграција.
Република Македонија веќе долго време презема неопходни чекори и спроведува реформи со цел да ги хармонизира своите внатрешни општествени, економски, културни и политички агрегати со оние на Унијата, да ја усогласи својата внатрешна и надворешна па и безбедносна политика со политиката на Унијата. Токму како резултат на нашата посветеност, ние сме веќе во најзрела фаза на приклучување, како земја - кандидат која чека на почеток на преговорите за влез во Унијата.
Сакам да знаете дека на сите европски колеги со кои се сретнав во изминатиот период јасно им кажав дека Република Македонија очекува визија и лидерство, исто како онаа на градителите на обединета Европа. Република Македонија очекува неодложно да се одреди датумот за да ги започне преговорите. Верувам дека со тоа сите добиваат. Република Македонија добива силен мотив и фокусираност, регионот добива силен охрабрувачки сигнал, а Европската унија добива кредибилитет во однос на нејзината најуспешна политика – проширувањето.
Ценети екселенции,
Билатералните прашања не смеат да се испречуваат на визијата на основачите. Само обединета Европа, што е воедно и предуслов за силна Европа, може да биде конкурентна на глобален план, во секоја смисла. Европската унија едноставно има обврска да води грижа за Европа. Имаме позитивни примери на паралелно движење во интеграциите и во надминувањето на билатералните прашања. Ќе повторам, очекувам лидерство и визија од европските партнери и пријатели.
Особено ме радува фактот што во сиот тој период, Европското Движење во Македонија, како невладина евро - ориентирана организација даваше огромен и неспорен придонес во ширењето на европските вредности и придобивки меѓу граѓаните, посебно меѓу младите, меѓу студентите, во јавноста и во медиумите, за европскиот дух и свест да се зацврснат и унапредат во земјава. Верувам дека не е случајно што, за тој придонес, во 2003 година, Македонскиот центар за меѓународна соработка и ја додели на Европското движење Наградата за најдобра невладина организација во Република Македонија. Сакам да знаете дека сите ние многу ги цениме и напорите на Европското движење во Македонија на меѓународен план, посебно во насока на унапредување на соработката и заедничките акции и кампањи со движењата во регионот и во балканските земји.
Драги пријатели,
На самиот крај, сакам најсрдечно да ви го честитам јубилејот, да ви посакам уште многу успеси и остварувања а да ви посакам и набргу да станете Европско движење во Република Македонија како полноправна членка на Европската Унија.
Ви благодарам.
|