|
Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа, Вистинска чест и задоволство е да се биде овде, во Варшава на овој значаен самит, и тоа во годината кога Европа ја одбележува 20 годишнината од крајот на Варшавскиот пакт, година кога земјите од зад железната завеса конечно ја искусија слободата, демократијата и благосостојбата. За мене лично, симболиката да се биде овде денес е дотолку поголема бидејќи оваа година Република Македонија слави две децении од својата самостојност, независност и сувереност. Ваквите јубилеи ни даваат убава можност да направиме рефлексија на постигнатото, и подготвени, со гордост да погледнеме во иднината. Слободно можам да кажам дека Република Македонија во изминатите 20 години, во драматични услови и соочувајќи се со тешки искушенија, постигна несомнен успех, во битката за својата независност и во напредокот во европските и евроатланските интеграции. Тој успех се темели врз големи откажувања, многу напорна работа, но пред се посветеност кон она што сакаме да го постигнеме. Верувајте, за нас целите беа јасни од самиот почеток: Македонија како полноправна членка во НАТО и во Европската унија. Македонија, која развива добри односи со сите свои соседи. Македонија, вклучена во сите регионални иницијативи. Македонија отворена кон светот, кон меѓународната заедница, кон сите. Движејќи се кон овие стратешки цели, успеавме да го реформираме нашиот систем во една напредна демократија. Почитувани, Денес, 20 години по прогласувањето на независноста, Република Македонија е земја која ги исполни сите критериуми за влез во НАТО. Сепак, познато е дека има една ирационална причина поради која сеуште не сме во можност да ги користиме благодетите на членството во Северноатлантската алијанса. Но, верувам дека оваа причина може да биде надмината. Она што е поважно од блокадите на членството во НАТО е нашата природна припадност кон ова семејство и компатибилност со евроатлантските вредности, принципи и стандарди. Нашите мировници во Авганистан кои рамо до рамо со партнерите ја бранат безбедноста, стабилноста и слободата, се нашиот најголем влог во побезбеден свет. Денес, 20 години по мудрата историска одлука на македонските граѓани за независност и сувереност, Република Македонија е подготвена денес да ги почне преговорите за членство во Европската унија. Сепак, и тука истото ирационално прашање повторно не блокира. И, повторно ќе изразам увереност дека, со добра волја, со конструктивност која нам не ни недостасува, со стриктно придржување до рамката за разговори, ова прашање може да биде надминато. Но, истовремено, денес на Република Македонија, на целиот регион на Југоисточна Европа ни е потребна мудроста и визијата од европските лидери. Визија од првите денови на изградбата на европското семејство, мудрост на која бевме сведоци пред 20 години во големата победа на демократијата и слободата над ирационалните и неодржливи режими. Се надевам дека европските лидери на претстојниот состанок на Европскиот совет ќе ни ја дадат таа поддршка и ќе и овозможат на Република Македонија да го продолжи патот кон Европската унија. Таков исчекор е потребен за сите земји од Западниот Балкан, за нас, за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Хрватска. Со тоа нам ќе ни овозможат паралелно со преговорите за интеграција да ги довршиме и разговорите за спорот околу името. Бидете уверени, ние не бараме привилегии. Ние сакаме да бидеме вреднувани според она што го имаме постигнато. Ние бараме еднаков и фер третман. Само замислете дали денес ќе имавме ваков цивилизациски проект како Европската унија, доколку билатералните прашања беа поставувани над клучните европски интереси. Напротив. Проектот на европското обединување помогна предрасудите и проблемите да се надминуваат на европски начин. Тоа и ние го бараме. Го бараме, затоа што имаме сериозен напредок во исполнување на копенхашките и евроатлантските критериуми, што значи остварување на длабоки реформи во сите општествени сфери. Ние сме во најмала рака, на еднаков стадиум на развојот и исполнувањето на критериумите како и другите земји членки додека истите беа кандидати за членство. Има ли поголема конструктивност, има ли поголем придонес кон европската идеја, кон стабилноста и благосостојбата на целиот регион, од деблокадата на евроинтеграциите од страна на нашиот јужен сосед во оваа фаза од процесот? Тоа ќе значи многу за нас, а воедно ќе биде и охрабрување за сите земји од Западниот Балкан. Тоа ќе биде повторно отворање на нашиот регион. Се надевам дека нашиот сосед ќе ги земе предвид сите овие аргументи. Навистина, не само што не губат ништо. Напротив. Сметам дека и Грција ќе добие многу со еден таков гест. Ценети екселенции, Сакам да обрнам внимание на една значајна придобивка со која сме особено горди. Од независноста до денес, Република Македонија успеа да изгради уникатен модел на мултиетничка демократија, модел на интеграција без асимилација. Со Охридскиот рамковен договор кој е можеби најсупешниот договор во поширокиот регион на Југоисточна Европа, вековната традиција на соживот, толеранција, и, најважно од се, правилно разбирање на светот на разликите, доби своја легитмација и вредност. Се разбира, мултикултурализмот и мултиетничката демократија никогаш не се затворени прашања и постојано се соочуваат со нови предизвици, но цврсто верувам дека нашиот модел е модел на иднината. Затоа, подготвени сме да ги споделиме искуствата и придобивките со нашите соседи од регионот, но и пошироко. Тоа е нашиот влог и најдобар политички извозен производ, кој може на европските соседи да им помогне во изградбата на демократските системи. Дами и господа, Една од главните теми на оваа сесија беше прашањето за тоа кои институции беа клучни за демократскиот развој на земјите во нашиот регион. Можам слободно да кажам дека во случајот на Македонија, но и целиот регион, не беа во прашање институции, туку идеи. Идејата за европско и евроатлантско обединување беше клучно за демократските процеси во нашата земја и во нашиот регион. Моите сограѓани во идејата за обединета Европа препознаа вистинска и трајна вредност која може да ги доведе до посакуваната благосостојба. Во обединета Европа моите сограѓани гледаа можност за подобар живот, безбедност, демократија, политичка и меѓуетничка стабилност. Европската идеја ги упатува раководствата на земјите од Југоисточна Европа на блиска соработка. Она што на регионот на Југоисточна Европа му е дефинитивно потребно е повеќе Европа. Денес и сега. Нам ни треба забрзана интеграција, бидејќи тоа е главниот мотиватор, бидејќи нема поголема движечка сила на нашите општества од Евро - интегративниот процес. За разлика од пред само десет години, кога сосема други прашања беа на агендата во Југоисточна Европа, денес, јас и моите колеги од непосреднопто соседство и поширокиот регион разговараме за конкретни проекти, за инфраструктурно, економско и енергетско поврзување, животна средина, подобар и заеднички пристап во превенцијата, справувањето и одговорот на природните катастрофи. Денес, владите од регионот се посветени на заедничка борба против организираниот криминал и другите негативни појави. Забрзаниот, балансиран и одржлив развој во регионот останува наша заедничка цел, вредност и придобивка. Почитувани, Сакам да знаете дека Република Македонија останува доследна на своите врвни цели и приоритети, воодејќи се притоа од основниот принцип на отвореност кон сите, блискост со сите. Следејќи ги тие цели на кои сум фокусиран изминатите две години, може одговорно да се констатира дека резултатите не изостануваат. Редовната комуникација со речиси сите соседи ја преточивме во реална соработка за конкретни прашања. Предрасудите од минатото ги оставивме во минатото, за да можеме да се фокусираме на сегашноста, гледајќи ја и трасирајќи ја иднината. За жал, не по моја вина немам комуникација единствено со Претседателот на Република Грција г-дин Папуљас. Освен што учествуваме во сите автохтони иницијативи, одиме и чекор понатаму и даваме наши иницијативи. Многу сум среќен поради тоа што со Претседателите на Албанија, Косово и Црна Гора започнавме соработка која во наредните месеци ќе биде крунисана во Охрид со потпишувањето на Охридската декларација. Делкарација со која ќе ги поттикнеме владите на соработка и ќе ги обврземе нашите наследници да ја продолжат соработката. Не е никаква тајна дека инспирацијата за оваа, да ја наречам Охридската група, беше токму плодната соработка која се изнедри од Вишеградската група. Ценети екселенции, Во Република Македонија предолго траеше транзицијата, за разлика од другите земји од централна и источна Европа. Конечно, имаме Влада целосно фокусирана на подобрување на животниот стандард и на економскиот развој која постигнува резултати. Трендот е добар, и тоа ми влева оптимизам. Но, дојде големата економска и финансиска криза која остави последици. Сепак, успеавме да ја одржиме нашата економска и финансиска стабилност, и веќе оваа година очекуваме подобрување и враќање на патот на напредокот. Очекувам новата Влада повторно да ги има интеграциите и економскиот развој највисоко на својата агенда. Она што е специфично за Република Македонија е што економскиот раст и развој и интеграциите се како двонасочна улица. Меѓу интеграциите и економската состојба постои меѓузависност. Блокадите на нашите интеграции влијае врз бројот, квалитетот и квантитетот на директни странски инвестиции. Но, не сме обесхрабрени. На самиот крај, дозволете да заклучам: идејата го придвижи, го мотивираше нашиот демократски развој. За да продолжиме по истиот пат, потребна ни е повеќе, а не помалку Европа. Верувам дека европските лидери доследно ќе ги продолжат идејите на визионерите и градителите на Европа. Верувам дека мисијата на оваа генерација е да го заврши она што го започнаа Роберт Шуман, Жан Моне, Конрад Аденауер – да ја обединат Европа, и конечно да го интегрираат Југоистокот на Европа. Ви благодарам.
|