Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во Парламентот на Република Албанија.
Почитуван Претседателе на Парламентот г-ѓа Топали,
Почитувани пратеници,
Ценети Екселенции,
Дами и господа,
Голема е честа и задоволството да се обратам пред највисокиот законодавен дом на Република Албанија.
Од денот на мојата инаугурација како Претседател на Република Македонија, развојот и унапредувањето на добрососедските односи со Република Албанија е приоритет кој се наоѓа највисоко во мојата агенда. И тоа со добра причина, бидејќи важноста на овој приоритет е повеќе димензионална. Не само што унапредувањето на добрососедските односи e неопходност сама по себе, туку тоа е основата на другите врвни приоритети, евроатлантските интеграции, регионалната соработка, и конечно, стабилноста и просперитетот на целиот регион.
Едно е јасно, реализацијата на овие приоритети не е еднонасочен процес. Исто така, јасно е дека и Република Албанија ги споделува овие идентични приоритети. Затоа, сакам да искажам посебно задоволство и благодарност до мојот пријател и колега, претседателот Бамир Топи, до Владата и посебно Парламентот на Република Албанија, за интензивната соработка со која заемно придонесуваме за реализацијата на заедничките приоритети.
Почитувани,
Нашите две земји и народи ги поврзуваат многу нешта. Не поврзува минатото, сегашноста но, пред се, иднината. Приоритетите кои ги споделуваме, визијата за заедничка иднина во големото европско и евроатлантско семејство, македонската заедница во Република Албанија и албанската заедница во Република Македонија, се мостовите кои не поврзуваат, но уште повеќе, не поттикнуваат да соработуваме.
Сметам дека можеме да бидеме задоволни од досега сработеното. Задоволен сум од постигнатото ниво на развој на билатералните односи, од соработката на регионален и на мултилатерален план. Односите меѓу Република Македонија и Република Албанија се комплементарни со новиот дух на соработка во регионот на Југоисточна Европа. Тоа е нешто што е многу значајно за нашиот регион. Ме радува што во Република Албанија имаме партнер со кој на соодветен начин можеме да соработуваме во тој нов дух. Ќе ми дадете простор да кажам на што мислам.

Овие два дена имам можност да се сретнам со највисоките официјални претставници, но и граѓаните на Република Албанија. Верувајте, Република Македонија е подготвена и има интерес за продолжување и интензивирање на соработката со Република Албанија на сите нивоа и во сите области.
Заедно чекоревме кон членството во НАТО, пат кој Република Албанија го заврши успешно. Затоа, сакам да знаете дека ние во Република Македонија се радуваме на вашиот успех, бидејќи сме убедени дека тоа е успех и на целиот регион. Вашиот успех е и наш успех. И тоа се однесува за сите наши соседи. Без исклучок. Република Македонија сака со сите свои соседи да влезе во најдиректна соработка, особено имајќи ги предвид предизвиците и можностите на новите времиња.
По членството во НАТО следат евроинтеграциите. Затоа, денес беше потпишана Спогодба меѓу двете Влади за соработка и поддршка на планот на интеграцијата во Европската унија. Со тоа се обврзавме взаемно да си помагаме и да се поддржуваме на патот кон оваа заедничка цел.
Почитувани,
Двете земји, активно учествуваат во сите форми и иницијативи за соработка на регионален план. Со Претседателот Топи, и нашиот пријател и колега, Претседателот Вујановиќ, даваме и личен придонес во регионалната соработка, а со тоа и во регионалната стабилност. Во јули оваа година ќе бидам домаќин на третиот по ред Самит, со кој и помагаме на најмладата држава во Европа, на нашиот сосед, Република Косово, да се вклучи во регионалната соработка. Но, исто така, во Охрид ќе направиме еден чекор понатаму, со што ќе ја зајакнеме и конкретизираме практичната димензија на нашата соработка.
Темите кои се од највисоко значење во нашата билатерална агенда, како што е јакнењето на економската соработка, инфраструктурното и енергетското поврзување, пограничната соработка, соработката во сферата на организираниот криминал, културата и културното наследство, животната средина, туризмот, превенцијата и помош во случај на несреќи и катастрофи, итн, ќе ги ставиме на агендата на оваа квадрилатерална соработка. Верувам дека само со заеднички проекти можеме повеќе да постигнеме во сите овие области.

Дами и господа,
Во време кога нашите две земји се движат кон членство во Европската унија, споделуваме и слични обврски кои опфаќаат темелно спроведување на започнатите реформи. Но, на тој пат ние не се соочуваме само со слични обврски, туку и со слични предизвици.
Сметам дека констелацијата на прашања и предизвици пред кои се исправени Европа и светот, како што е справување со последиците од глобалната економска и финансиска криза, од настаните на Блискиот исток и северна Африка, само ги охрабруваат оние кои се противат или се заморени од проширувањето.
Верувам дека ќе се согласите со мојата констатација дека, кога нема напредок во евроинтеграциите, земјите во регионот наместо да се фокусираат на спроведување реформи, постигнување напредок и подобрување на животниот стандард на граѓаните, се занимаваат со самите себе. Но, исто така, сметам дека ова е вистинскиот момент кога треба да бидеме искрени и самокритични.
Каде е излезот од ваквата состојба?
Ние сме природен дел од европското семејство. Но, оваа припадност кон заедничките вредности, стандарди и придобивки не треба да ја покажуваме само со зборови, туку и со дела.
Луѓето кои добиле мандат од граѓаните треба да се одговорни и треба да излегуваат во пресрет на потребите, барањата и очекувањата на граѓаните. Така ќе си покажеме себе си, но и на Брисел и на европските престолнини, дека сме подготвени. Покажувајќи ја нашата подготвеност, ја зголемуваме нивната одговорност во поглед на проширувањето. Затоа, наместо да им го свртуваме вниманието со работи кои не сакаат да ги видат, треба да им го задржиме вниманието со работи кои ги очекуваат. Верувам дека тоа го можеме, и вие и ние. Верувам дека ќе одговориме на очекувањата.
Дозволете ми на кратко да се задржам на нашата ситуација.
Во нашиот законодавен дом, во декември минатата година ги дадов моите очекувања за оваа година. Реков дека 2011 е година на сериозни одлуки, кои бараат од сите сегменти на македонското општество да се однесуваат одговорно и достоинствено. Одлуки, кои подразбираат продолжување на евроинтеграциите, спроведување на реформите.
За жал, политичката битка се разгоре и не доведе до ситуација во која единствениот излез се предвремените избори. И во оваа ситуација, во сличен дух, сите прашања можат да се решат. Верувам дека сите ќе се однесуваат максимално одговорно, дека ќе ги почитуваат правилата на политичката игра, согласно највисоките меѓународни стандарди и дека последниот збор ќе го имаат граѓаните.
Почитувани,
Во голема мера, состојбите во Република Македонија на политички и економски план се резултат од блокадата од еден наш сосед, земја - членка на НАТО и на Европската унија.

И покрај тоа што блокадата е за едно ирационално прашање, сепак, јас сум оптимист дека може да се дојде до заемно прифатливо решение.
Морам да кажам дека имаме сосема нова и позитивна клима во односите со сите наши соседи, вклучително и со Грција. Честите средби меѓу премиерите на двете земји, како и моите средби со грчкиот премиер Папандреу, позитивно влијаат на довербата, почитувањето и разбирањето. Ова е важен фактор врз кој го темелам мојот оптимизам.
Сакам да знаете дека нам ни е потребно решение поради деблокада на евроинтегративните процеси. Спорот е асиметричен бидејќи нашиот сосед не ги чувствува последиците, но моите сограѓани на својот грб ги чувствуваат веќе дваесет години.
Конструктивни сме, константно учествуваме и се надевам дека со добра волја и конструктивност од другата страна, притоа држејќи се до рамката одредена од Обединетите нации, можно е решение.
Дами и господа,
Дозволете ми да се навратам на кратко на односите со Република Албанија.
Македонците и Албанците долги години живееле како добри соседи, познаници, пријатели. Но, не само тоа. Меѓу нашите два народи постои вековна традиција на препознавање, разбирање и взаемна поддршка, соживот и толеранција.
Малкумина знаат за заедничките планови за создавање на слободни и независни држави. Планови втемелени врз заедничките стремежи за ослободување на Македонија и Албанија од османлискиот јарем кои се преточија во создавање на Македонско – албанската револуционерна лига во 1887 година.
Дозволете да цитирам еден извадок од Прогласот на Македонско – албанската лига од 1887 година, во кој албанските патриоти го изјавуваат следново: „По многу обиди што ги преземаме за да и' помогнеме на нашата татковина Албанија, ние разбравме дека има само едно средство за да се постигне победата. Тоа средство е обединување со нашите блиски Македонци и заедничките акции со нив за ослободување на нашата древна страдалничка татковина. На Македонците што се наоѓаат во бугарското кнежевство и на оние што живеат во Македонија... “
Ваквото чувство било взаемно, за што најдобро зборува и Крушевскиот манифест, во кој македонските востаници ги повикаа своите вечни комшии, пријатели и познаници, во кои се вбројуваат и Албанците, да се вклучат во борбата за ослободување на Македонија.

Почитувани,
Традицијата на добри и блиски односи денес продолжува.
Со Охридскиот рамковен договор, чии одредби станаа дел од Уставот, Македонија ја зајакна, надгради и унапреди вековната традиција на мултиетнички соживот и толеранција. Охридскиот рамковен договор е само легитимација на таа вековна традиција.
Оваа година одбележуваме десет години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, а јас, како Претседател на Република Македонија сум покровител на настаните со кои ќе се одбележи овој договор.
Една од основните одлики на нашите две држави, како впрочем и на целиот наш регион, е етничката, јазичната и верската разноликост, испреплетеност и богатство. Богатство кое треба да се негува.
Македонија е препознатлива во европски, но и светски рамки токму поради Охридскиот рамковен договор кој е единствен успешен договор во нашиот регион. Впрочем, убеден сум дека македонскиот модел е моделот на иднината. Затоа, подготвени сме да ги споделиме со сите наши соседи македонските искуства и придобивки.
Затоа, очекувам албанската заедница во Република Македонија да биде нашиот најгласен адвокат и гласноговорник за правата на македонската заедница во Република Албанија.
Почитувани,
Сакам да знаете дека македонскиот народ, вековното пријателство и соживотот со Албанците не го изразува само преку почитта и правата кои албанската заедница ги ужива во Република Македонија.
Република Македонија исто така му подаде рака на Косово, признавајќи ја најмладата држава во Европа, воспоставувајќи при тоа најблиски и најконструктивни односи по сите прашања. Впрочем, минатата година, токму со Република Косово имавме најголема трговска размена.
И, не само тоа. Република Македонија активно помага и во интегрирањето на Република Косово во регионалните иницијативи. Веќе следната недела ќе бидам домаќин на првата официјална посета на новиот косовски претседател Беџет Пацоли, како уште една потврда на пријателството меѓу граѓаните на Македонија и Косово.
И, во контекст на моето сфаќање на етничките заедници како уште еден мост на поврзување меѓу државите, не се сомневам дека албанскиот народ ќе го цени и почитува ова и на македонската заедница во Република Албанија ќе и овозможи да ги ужива сите права, согласно меѓународните стандарди. Затоа, не се сомневам дека албанскиот народ ќе му овозможи на македонското национално малцинство, кое е официјално признато во Република Албанија, да биде признато на целата територија на државата, а поаѓајќи од вредностите кои ги споделуваме.
Дами и господа,
Не смееме да заборавиме дека моќта на нашиот регион лежи токму во неговата различност, која бара соодветни услови.
Мултиетничноста има потреба од отворен простор. Простор во кој има слобода на движење на луѓе, идеи, капитал и производи. Простор во кој секој со себе ги носи своите права и својот идентитет. Отворен простор во кој секој ќе биде почитуван за тоа што е, без оглед каде живее и каде работи. Како простор на толеранција и славење на различностите. Тоа е исто така дел од мојата визија за Европски мир, Pax Europeana.
Историјата повеќе пати покажа дека нашиот регион опстојувал во мир тогаш кога е дел од отворен простор, бидејќи, во отворениот простор се создаваат услови за градење меѓузависност и соработка. Затворениот простор, од друга страна, ги дели луѓето, народите и државите и создава услови за конфликти. Наспроти тоа, отворениот простор создава потреба за еден пазар, една монета, и една неутрална сила. Верувам дека само Европа може да го отвори просторот на нашиот регион.
Токму затоа, верувам дека сега е време европските лидери да се осврнат на принципите кои ги поставија градителите на Европа. Затоа, токму во моменти на криза, нам во регионот ни е потребно да имаме повеќе, а не помалку Европа. Не постои одржлива алтернатива ниту за регионот, ниту за Македонија освен европските интеграции. Нема поголема движечка сила на нашите општества од Евро - интегративниот процес. Способноста на Европа да влијае врз своето соседство, без притисок, без сила, да ги привлекува и да ги прилагодува соседните држави во своето соѕвездие на демократски и просперитетни држави, е една од најважните мисии на Европа.
Почитувани,
Нашите две земји оваа 2011 година ги очекува пописот на населението. Верувам дека има една исклучително значајна придобивка од оваа важна статистичка операција. Колку подобро и попрецизно се спроведат пописите, толку подобро и попрецизно ќе можеме да го проектираме развојот на економските и стопанските гранки во нашите земји. Развој од кој зависи благосостојбата на нашите граѓани. Притоа, тој попис ќе претставува особена можност и за македонското национално малцинство во Република Албанија, за прв пат да ја изјасни својата национална, верска и јазична припадност.
Дами и господа,
На крај, дозволете ми да завршам со една констатација. Живееме во регион чија големина е во неговата длабока креативност, култура и традиција. Македонската и албанската заедница, заедно со нашите зацртани европски и евроатлантски цели, се најцврстиот мост кој ги поврзува нашите две пријателски земји. Мост, кој треба заедно да го чуваме, одржуваме и зајакнуваме. На тоа не обврзува оваа генерација, но и генерациите кои доаѓаат. На тоа не обврзува нашата заедничка европска и евроатлантска иднина.
Ви благодарам.