Предавање на Претседателот Иванов заедно со Претседателот на ЕК Баросо на тема „На патот кон интеграцијата во ЕУ: Партнери во реформите за наша заедничка европска иднина“
Сабота, 09 Април 2011   


Почитувани присутни,
Дами и господа,

Дозволете ми да го искажам моето задоволство од можноста заедно со мојот драг пријател, Претседателот на Европската комисија, г-дин Баросо, да се обратам пред ваква еминентна публика.

Вашата посета на Македонија г-дине Баросо, за нас, за граѓаните на Република Македонија, претставува силен и јасен сигнал на поддршка на политиката за продолжување на проширувањето. Таа поддршка за нас претставува дополнителен импулс за продолжување на реформските процеси кои ќе не доближат до крајната цел – полноправно членство во ЕУ.

На самиот почеток сакам да споделам со вас еден мој личен впечаток. Средбите со Претседателот Баросо за мене се секогаш своевиден предизвик, но уште поважно, тие без исклучок, се искрени, корисни и конструктивни.

И тоа не е случајно. Со Претседателот на Европската комисија зборуваме на еден заеднички, европски, јазик, споделуваме еден заеднички, европски, интерес, зборуваме за обединување на континентот кое нема да биде комплетно без Република Македонија и сите земји од Западниот Балкан. Република Македонија одамна го зацрта својот пат. Македонија ниту гледа, ниту бара алтернативи на патот кој не води во големото европско семејство. Едно треба на сите да им биде јасно. Во личноста на Претседателот Баросо и во самата Европска Комисија, јас и граѓаните на Република Македонија гледаме искрен пријател, поддржувач и партнер.

Пријателството и поддршката од Европската комисија е континуирана, јасна и силна. Република Македонија две години последователно добива позитивна препорака за одредување на датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија. Република Македонија и Европската Унија направија крупен партнерски исчекор со визната либерализација.

Всушност, севкупното партнерство со Европската комисија е евидентно. Република Македонија и Европската комисија, како што впрочем кажува и насловот на овој настан, се партнери во реформските процеси во Република Македонија. Тоа е суштинско, а не декларативно.

Дами и господа,

Со идејата за приклучување кон европското семејство го движиме општеството во позитивен правец. Таа нè поттикнува и нè фокусира на реформите. Ја поттикнува нашата креативност да ги решаваме заеднички новите предизвици.

Штом имаме такви задачи, ние ја фокусираме целата наша енергија во нивно исполнување. Замислете само каква реформска динамика и самодоверба ќе има македонското општество откако ќе ги започне пристапните преговори.

Еден факт е неспорен. Тоа е дека Европската комисија, исто како и Европскиот парламент, во своето делување го негуваат лидерството и визијата кои ни се заедничко наследство од големите татковци и градители на Европското обединување - Аденауер, Шуман, Жан Моне, Де Гаспери, Спаак, и други.

Ние имаме разбирање за проблемите со кои се соочуваат некои од претстолнините (справување со последиците од големата економска криза, состојбите во Медитеранот и Северна Африка, итн.), но исто така бараме разбирање и за нашите потреби. Во овој меѓупростор лидерството на Европската комисија и нејзиниот прв човек се особено значајни за нас, но мораме и да бидеме самокритични и искрени, и да кажеме дека често си создаваме непотребни и вештачки проблеми отежнувајќи ја мисијата на оние кои ни помагаат.

Ние сме природен дел од европското семејство. Но, оваа припадност кон заедничките вредности, стандарди и придобивки треба уште повеќе да ја покажуваме со дела. Така ќе си покажеме себе си, но и на Брисел и на европските престолнини, дека сме подготвени за целосна акцесија. Покажувајќи ја нашата подготвеност, ја истакнуваме взаемната одговорност во поглед на проширувањето.

Почитувани присутни,

Според моите видувања Извештаите на Европската комисија претставуваат реална опсервација на постигнувањата на нашата земја, но и реална опсервација на тешкотиите, дефицитите и проблемите со кои сме соочени. Сосема е јасно дека нив ги има. Но, постои и евидентен и неоспорлив прогрес во многу сфери. Моја, и верувам објективна оценка, е дека Република Македонија никогаш не била поподготвена од денес во поглед на спроведувањето на реформите и исполнувањето на критериумите.

Република Македонија објективно денес е барем на ист степен на исполнетост на критериумите како и други земји, денешни членки, кога биле во оваа фаза од процесот на интеграција.

Добивањето на датум за преговори за членство за нас е клучен мотивационен фактор. За нас нема алтернативи на започнувањето на преговорите за членство. Во таа насока сакам искрено да ја поздравам иницијативата на нашиот почитуван гостин на највисоко ниво да се воведе редовен дијалог за пристапувањето кон Европската Унија.

Ценети гости,

Сметам дека фокусот на сите чинители на политичката и општествената сцена во Република Македонија треба да биде ставен во насока на надминување на посочените тешкотии и дефицити. Како Претседател се спротивставувам на неаргументирана критика на реформските движења кај нас, без разлика од каде доаѓа. Нам ни треба внатрешна самокритичност и реална анализа. Нам ни е потребна суштинска, конструктивна критика, со предлози за надминување на некои состојби, а не само критика како критика, не само обична девалвација на овој или оној.

Впрочем, 90 процентната подршка од граѓаните, апсолутниот политички, етнички, социјален и општествен консензус за овој приоритет треба да се демонстрира со дела, да биде артикулиран од политичките партии.

Овој суштински консензус не треба да се користи само реторички. Чин на врвен патриотизам денес е да се излезе во пресрет на очекувањата на граѓаните. А нивните очекувања се јасни: тие сакаат подобар животен стандард, мир и стабилност, просперитет, сакаат интеграција во Европската унија и во НАТО.

Претседателе Баросо,

Кога веќе спомнав како изгледаат нашите средби, дозволете да дополнам дека посебно ја ценам вашата целосна искреност во разговорите. Ќе ми дозволите и јас да бидам целосно искрен. Она на што како Претседател на Република Македонија сакам да реагирам и да инсистирам, за што впрочем и писмено ве известив, е почитување на употребата на името на нашиот јазик, и на придавката “македонски”, во извештаите на Европската комисија. Како и сите мои сограѓани, јас бев длабоко вознемирен од именувањата на македонскиот јазик во извештајот, не како македонски, туку како „државен јазик“, „официјален јазик“ и „локален јазик“. Од друга страна, именувањата на другите јазици коишто се зборуваат и се признати во Република Македонија (на пример, албанскиот или ромскиот јазик) се правилно наведени во извештајот со нивните точни имиња.

Ова е петта последователна година во која Европската комисија внимателно го избегнува користењето на терминот „македонски“ при описите во извештајот (освен при наведувањето на имињата на некои институции, органи и др.). Ова не е пракса во извештаите за напредок на другите земји. Во годишниот Извештај за напредокот на Албанија, придавката „македонски“ се употребува за точно да се опише македонското малцинство. Дали не е занемарување на реалноста Македонците да бидат признати во нашето соседство или каде и да живее нашата дијаспора во светот, додека истите Македонци не се регистрираат во Република Македонија?

Сигурен сум дека како Претседател на Европската комисија и како личност која е силно посветена на принципите за почитување на европскиот културен и јазичен диверзитет, не е потребно да бидете убедуван дека јазикот на кој јас ви се обраќам сега е македонски. Затоа апелирам до Вас како личност која знам дека е длабоко посветена на почитувањето на идентитетот, културата и јазикот, да го преземете водството за надминување на овој фундаментално неправеден пристап кон Република Македонија и нејзините граѓани.

Граѓаните на Република Македонија бараат од Европската комисија доследно да се придржува до праксата на Обединетите нации каде нашиот јазик е правилно нотиран како македонски. Но, во оваа смисла да истакнам дека сме соочени и со истоветни проблеми со употребата на македонските брендови и кодови во Европската Унија кои го отежнуваат нашиот извоз и размена на Европскиот пазар. Ние и од тоа трпиме директни економски штети.


Г-дине Баросо,

Вашата посета коинцидира со еден исклучително значаен јубилеј за Република Македонија на патот кон евро-интеграциите - 10 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Значењето на овој јубилеј е дотолку поголемо бидејќи се случува во годината кога празнуваме две децении од историската одлука на македонските граѓани за создавање на независна, суверена, демократска и европска Македонија, и 10 годишнината од Рамковниот договор. Иако ова е година која означува и други јубилеи, дозволете ми накратко да се задржам на споменатите три.

Од денешен аспект, Спогодбата за стабилизација и асоцијација е историски суштинска за нашиот развој. Република Македонија докрај се придржуваше до своите обврски кои произлегоа од Спогодбата, и ги насочи сите свои внатрешни сили и потенцијали кон усогласување со стожерните критериуми од Копенхаген, со законодавството и стандардите на Европската унија со која остваруваше постојан политички дијалог. Тоа во голема мера придонесе во изминатите десет години видливо, и на задоволство на нашите граѓани, да се видоизмени нашиот внатрешен поредок, да се забрза економскиот раст и нашата општествена сфера да се збогати со нови вредности.

На Европската унија и на Европската комисија, и должиме благодарност за партнерството, помошта и поддршката во внатрешните преобразби на нашата земја и нејзината европска иднина. Резултатот на тоа беше и стекнувањето со кандидатскиот статус во 2005 год.

Почитувани,

Годинава славиме и 20 години од прогласувањето независност. Овој јубилеј е добра прилика да повлечеме црта и да видиме што сме постигнале и каде сме. Моја оценка е дека во овој период од 20 години (долг во животот на еден човек, но не толку долг во животот на една држава) Република Македонија има постигнато исклучителен прогрес.

И покрај сите пречки на патот кон меѓународната афирмација и признавање, и покрај разните обиди за негација, Република Македонија денес е држава почитувана во меѓународната заедница.

Република Македонија изгради уникатен модел на соживот.
Република Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО и е подготвена да ги почне пристапните преговори со ЕУ. Тоа за мене е доволна потврда за напредокот на земјата. Прогресот е постигнат благодарение на моите сограѓани. Најголемиот товар на сите сложени реформи падна на нивниот грб. Сите досегашни политички водства имаат свој придонес во ова. 

Јасно ќе кажам дека ќе ја поддржувам секоја Влада која сите сили и потенцијали ќе ги стави во забрзување на економскиот развој, во креирање на поволен деловен амбиент, во ревитализирање на индустријата и која највисоко во својата агенда ќе го има земјоделството. Која ќе поттикнува креативност и иновации, како и сè она што ќе го подобри квалитетот на живот на граѓаните. Која макотрпно ќе работи на обезбедување на енергетска стабилност на земјата.

Како држава, ние имаме значајни иницијативи за транспортните и комуникациските коридори во регионот и за заштитата на животната средина. Овие наши иницијативи очекуваме да добијат соодветно место во стратегијата и политиките на Европската Комисија.

Република Македонија продложува да биде активен придвижувач и учесник во сите постојни регионални иницијативи. На 12 Јули, токму овде, во Охрид, со моите колеги од соседството, ние ќе направиме уште еден исчекор во регионалната соработка. Така што, очекувајте господине Баросо и нови проекти од нашиот регион за кој ќе ја побараме поддршката од Европската Унија и Европската Комисија.

Внатре во земјата, очекувам поголемо охрабрување на сите сегменти во општеството, очекувам поголема мобилност на идеи. Очекувам цивилниот сектор и медиумскиот сектор, како исклучително значајни за демократијата значително да го динамизираат овој процес.

Со спроведувањето на Рамковниот договор, кој е преточен во Уставот и со на должното почитување на духот на договорот, Република Македонија успеа да изгради модел на мултиетнички соживот, инклузивен модел на демократија, модел на интеграција без асимилација, кој служи за пример не само во регионот, туку и пошироко. Овој модел постојано го надградуваме.

Впрочем, Рамковниот договор претставува само легитимација на вековната традиција на соживот, на мултикултурализам, на толеранцијата и разбирањето кои биле, се и ќе бидат наше секојдневие. Во Македонија правилно се разбираат световите на различностите.

Почитувани присутни,

Приоритетите на Република Македонија и за следниот период остануваат исти: продолжување на реформските процеси, изнаоѓање на заемно прифатливо решение за наметнатиот проблем со името, а со тоа и деблокада на интеграциските процеси во НАТО и ЕУ.
Градење на односи на добрососедство и интензивна регионална соработка. Градење на конструктивни односи со сите членки на меѓународната заедница.

Во земјава се вложуваат сериозни напори за спроведување на нашата евро-агенда, без разлика на повремените или моменталните застои кои произлегуваат од внатрешно-политичката и економско-развојната динамика.

Моите очекувања за оваа година беа продолжување на реформите во судството, јавната администрација, и сите други области посочени во извештајот на Европската комисија. Во овие области покренавме сериозни иницијативи. Силно ја чувствуваме потребата од ослободување на економијата, на бизнисот, од стегите на гломазната административна машинерија. Тоа не поттикна, во тесна соработка со Европската Унија, да покренеме реформи кои ќе ја намалат можноста за коруптивно делување и одолговлекување на постапките. Во судството, кое долго време беше синоним за неефикасност, работиме на реформи кои продуцираат поголема професионалност и решавање на процесите во разумен рок. Тоа е и основен предуслов за да кажеме дека имаме држава во која навистина владее правото. Но, за жал, политичките контрасти добија такви размери, што излез навистина беа предвремените избори. Исто така сум уверен дека овие процеси ќе добијат и во динамика и во квалитет по завршувањето на претстојните парламентарни избори кај нас, и дека веќе оваа есен ќе можеме да утврдиме и нови постигнувања во нашата подготвеност за почеток на преговорите.

Самите избори, се уште еден тест на нашата демократска зрелост. Ова е уште една прилика да апелирам сите учесници во изборниот процес да се однесуваат согласно степенот на демократски развој на земјата и нејзините постигнувања во интеграциските процеси. Сите политички фактори да ги имат пред сè предвид државните и интересите на граѓаните. Одржувањето на фер и демократски избори е неопходност и потреба.

Г-дине Баросо,

Знаете дека преговорите за разликата околу името се тема која доминира при нашите средби. Нам ни се многу јасни пораките кои ги добиваме од највисоките претставници на Европската унија, дека за почеток на преговорите е неопходно решение на наметнатиот спор од страна на Грција. Република Македонија, поради асиметричноста во позициите во спорот, во многу наврати покажа јасна конструктивност (промена на знаме, устав, прифатени предлози од медијаторот) и во моментов покажува јасна подготвеност за заемно прифатливо решение преку идеи и иницијативи како до тоа да се дојде.

Но, како да произлегува дека таквата конструктивност на некој начин се казнува или игнорира. Ние сме целосно зависни од волјата на една земја членка, дали сака да го деблокира процесот и дали сака воопшто решение на спорот, и тука Унијата и останатите земји членки како да се немоќни. А Грција, за разлика од нас, не чувствува никакви последици од своето однесување.

Верувајте, не по наша вина се најдовме во овој спор, и не по наша вина денес не можеме да излеземе од него. Јасно е дека Грција не ги почитува меѓународно преземените обврски од Времената спогодба и за тоа не понесува никаква одговорност.

Во Словенечко – Хрватскиот случај бевме сведоци на еден силен ангажман на Европската унија и земјите членки, што резултираше со исклучително позитивен пример на продолжување на интегративниот процес, паралелно со процесот на надминување на еден билатерален спор. Ова како модел за нас би било мошне прифатливо. Со евентуалното деблокирање на процесот во оваа фаза, односно одредување на датум и почеток на пристапните преговори, нашиот јужен сосед би направил голем и позитивен исчекор во насока на креирање на попозитивен амбиент и зголемена доверба, кои се многу значајни за изнаоѓање на заемно прифатливо решение.

Граѓаните на Република Македонија навистина имаат потреба за згoлемена доверба. Верувам дека можеме заеднички да дојдеме до взаемно прифатливо решение. Можам да ви потврдам дека постои позитивна клима во однос на ова прашање.

Уверувајќи ве во ова, сакам да ви се заблагодарам за вниманието и да Ви го предадам подиумот Вам г-дине Баросо.

Ви благодарам.

 

  Back<<Назад