|
 Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,
Вистинско задоволство е да се биде во друштво на толку многу претставници на држави кои годинава прославуваат 20 години од својата независност, која беше зачната со падот на Берлинскиот ѕид и крајот на Студената војна. Но, нас нè поврзува и заедничкиот Евроазиски простор и многубројните мостови на културна, економска и енергетска соработка.
Впрочем, затоа сме денес тука, да и дадеме нов квалитет и пошироки димензии на нашата соработка.
Почитувани,
За мојата земја, Република Македонија, 2011 е година на значајни јубилеи. Пред 20 години, моите сограѓани донесоа историска одлука за создавање на независна, суверена, демократска и европска Македонија. Оваа мудра историска одлука која ја донесоа моите сограѓани многупати до сега се потврди како исправна.
Минатата недела Македонија прослави и една деценија од потпишувањето на историската Спогодба за стабилизација и асоцијација со Европската унија. Спогодба која нè поттикна да ги насочиме сите свои внатрешни сили и потенцијали кон спроведување на суштински економски, социјални и демократски реформи, но и кон усогласување со критериумите, законодавството и стандардите на Европската унија.
Оваа година одбележуваме и десет години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, чии одредби станаа дел од Уставот. Со тоа, Македонија ја зајакна, надгради и унапреди вековната традиција на мултиетнички соживот, толеранција и вреднување на различностите. Верувам дека македонскиот модел на инклузивна демократија, кој се покажа како успешен, е моделот на иднината. Тоа посебно се однесува за големиот евроазиски етнички, религиски и културен мозаик.
Впрочем, инклузивноста и поврзувањето се карактеристика на новите гео-културни процеси кои се резултат на глобализацијата. Првата глобализацијата се појави тука, во Евроазија и нашите култури се производ на тој процес. Токму затоа, современата фаза на глобализацијата лесно допира до сите нас и продира низ се побледите граници меѓу Истокот и Западот. Токму тука го гледам и придонесот на Македонија која е подготвена да ги сподели позитивните искуства и научените лекции.
Дами и господа,
Јубилеите се добра прилика да повлечеме црта и да видиме што сме постигнале, каде сме. Можам слободно да констатирам дека во изминатите две децении, постигнавме исклучителен напредок.
Република Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО, спроведе успешни реформски зафати и е подготвена да ги почне пристапните преговори со Европската унија. Евро-атлантските интеграции, градењето, чувањето и унапредувањето на добрососедските односи и регионалната соработка остануваат наша основна стратешка цел.
Трите столбови врз кои ја градиме иднината на Република Македонија се трите „ Е “ – Европа, економија и енергија. Верувам дека овие три меѓузависни и тесно поврзани „ Е “ се клучни за нашиот развој.
Почитувани,
Остануваме посветени во остварување на нашата стратешката цел - членство во Европската унија и во НАТО. Тоа го правиме бидејќи веруваме дека европскиот модел и европското обединување е најуспешен мировен проект што доведе до помирување на многу внатрешни европски конфликти и историска нетрпеливост меѓу европските народи. Овој мировен проект нема да биде завршен без членството на Република Македонија и на останатите земји од Западниот Балкан.
Република Македонија сите свои сили и потенцијали ги стави во економскиот развој, во креирањето на поволен економски амбиент. Мојата земја има долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува 2% во последните 10 години. Имаме избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг кој изнесува 32,5% од Бруто домашниот производ. Во изминатите три години спроведени се низа реформи во делот на пазарот на труд, како и активни мерки за вработување, со што невработеноста се намали за околу 4%.
Во делот на даночната политика воведени се ниски и рамни даноци од 10%. Зголемена е флексибилноста на пазарот на трудот. Спроведени се реформи во финансискиот сектор, образованието и земјоделството, а зголемени се и инвестициите во инфраструктурата и енергетиката.
За промоција на Република Македонија како бизнис дестинација за познати странски компании, отворени се четири слободни Технолошко развојни зони, од кои две се во Скопје и по една во Штип и Тетово. Овие пет зони нудат низа поволности кои се привлечни за инвеститори во најнапредните индустрии.
Дами и господа,
Сеопфатните реформи ја подобрија вкупната бизнис клима, поради што вкупниот износ на странски директни инвестиции во Република Македонија во периодот од 1998 до 2009 година изнесува околу 3 милијарди евра. Токму за постигнатите резултати, во последните три години Македонија се вброи во врвните реформатори, согласно реномираниот “Doing Business” извештај на Светска Банка за Југоисточна Европа.
Имајќи предвид дека земјоделството е основна стопанска гранка во Република Македонија, континуирано ги зголемуваме буџетските субвенции во поддршка на македонските фармери. Од 100 милиони евра во 2010 година преку 115 милиони за 2011, па се до планираните 130 милиони евра во 2012 година. Воедно, данокот на додадена вредност за земјоделските материјали и механизација е намален од 18% на 5%.
Сакам да подвлечам дека овие реформи се потврда на нашата посветеност на патот кон полноправно членство во Европската унија. Но, исто така, тие се потврда на нашата решеност да им обезбедиме подобар животен стандард на нашите граѓани.
Почитувани,
Економскиот развој кон кој сме целосно посветени е незамислив без енергетска безбедност и сигурност. Македонија најпосле ќе биде ставена на меѓународната мапа на енергетски транспортни коридори. Со тоа ќе ни се отвори можност за добивање евтини енергенси за нашите компании и домаќинства и намалување на цената на нашето производство. Ова претставува конкретен влог во енергетската и генералната економска стабилност и сигурност на земјата.
Република Македонија е богата со многу обновливи а сепак неискористени природни ресурси. Покрај многубројните сончеви денови и хидропотенцијалот, мојата земја се наоѓа во еден од 19-те геотермални региони на планетава, при што во Македонија се евидентирани повеќе од 25 природни извори на геотермални води.
Верувам дека со нивно мудро ракување ќе имаме стопански развој втемелен на знаење и користење на расположливите ресурси. За разлика од скапите конвенционални извори на енергија, кои се повеќе се предизвик за животната средина, геотермалните води се релативно евтини и на долг рок исплатливи. Затоа, силно го поддржувам инвестирањето во оваа профитабилна стопанска гранка, пред се за производство на енергија, но и за развој на бањскиот и спа туризмот.
Како Претседател, мојот мандат е краткотраен, но мојата мисија е долгорочна: Република Македонија како полноправна земја – членка на Европската унија со стабилна економија втемелена врз долгорочна енергетска безбедност и сигурност, земја која ќе гради рамномерен одржлив развој за доброто на своите граѓани.
Дами и господа,
Верувам дека многу од овие цели ни се заеднички. Исто така верувам дека многу од заедничките приоритети се остварливи само преку соработка меѓу европските и азиските земји, меѓу евроазиските земји. Ние сме упатени едни кон други и не поврзуваат многу мостови на соработка. И културни, цивилизациски, но и економски и енергетски.
Тука ја согледувам и тесната поврзаност меѓу стабилноста и економската благосостојба. Тоа, меѓу другото, подразбира преточување на енергетската зависност во енергетска меѓузависност. Затоа, го охрабрувам понатамошното енергетско поврзување и разгранување на нафтоводната и гасоводната мрежа во поширокиот регион, вклучително и кон Македонија.
Верувам дека придобивките од ваквиот пристап ќе ги почувствуваме сите.
Со надеж дека овој Форум ќе продолжи да биде инкубатор на Евроазиската соработка, ги поздравувам сите учесници и упатувам срдечни честитки до организаторите, кои ни ја овозможија оваа плодна дебата за суштински области од економијата, трговијата, енергетиката.
Ви благодарам.
|