Говори и обраќања
alt
Претседателот Иванов го одликуваше Џон Битов со Орден ‘’8 Септември’’
Сабота, 10 Септември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска го одликуваше Џон Битов со Орден ‘’8 Септември’’,  за исклучителната посветеност и ангажираност во поддршката на напредокот на Република Македонија и нејзина афирмација во светот како независна и демократска држава, како и за придонесот во развојот и унапредувањето на односите и соработката со пријателска Канада.

Обраќање на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов

Почитуван господине Битов,
Ценети присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Ова се денови кога го прославуваме 20-годишниот јубилеј од независноста на нашата татковина, денови кога му благодариме на Бога, на нашите пожртвувани родољуби, но и на генерациите посветени сонародници од сите делови на светот.

Во изминатите 20 години, македонското искуство покажа дека, независно од тоа колку една земја е територијално мала, таа е онолку силна колку што е силен стремежот кон заедничката иднина на сите нејзини чеда, како во земјата така и надвор од неа. Без разлика дали живеат во татковината или се дел од дијаспората, македонските родољуби секогаш се бореле и се залагале за слободата на оваа земја, исто како што денес со нескриен ентузијазам ја промовираат вистината за Македонија, за Македонците и за македонското. Затоа сметам дека успехот на Република Македонија, во голема мера, се должи и на посветеноста на успешните Македонци ширум светот.

Независноста на Република Македонија не беше само израз на волјата на нејзините граѓани, туку и остварување на копнежот на Македонците од целиот свет, кои со децении беа афирматори и амбасадори на стремежот за македонската самобитност во земјите во кои живееја. На 8 Септември 1991 година, независна Македонија конечно создаде услови за духовно ослободување и за обединување на Македонците од сите меридијани.

Дами и господа,

Денес со нас е господинот Џон Битов, човекот кој иако далеку од родното огниште, Македонија секогаш ја носи во своето срце и во своите мисли.

Убеден дека никој не може да ни го одземе „она со што најмногу се гордееме – нашата сопствена независна земја со слободите кои се заработени и името кое е избрано од страна на Македонците“, Вие, господине Битов, две децении упорно работевте за поддршка на развојот и за напредокот на Република Македонија како независна, суверена и демократска држава, како и за нејзина меѓународна афирмација, особено во односите со пријателска Канада.

Со Вашата искрена поддршка за Македонија, со негување на македонското име и идентитет, на нашите традиции и обичаи, на нашата култура, Вие давате пример кој треба да го следи оваа и наредните генерации Македонци од дијаспората.

Покажавте колку е важно Македонците активно да учествуваат во општествениот, економскиот, културниот и политичкиот живот во земјите каде што живеат за да го зголемат влијанието на македонската дијаспора, промовирајќи ги македонските вредности. Вашите ангажмани зборуваат колку е важно да се шири кругот на македонски пријатели и да се создаваат лоби-групи кои ќе ја афирмираат вистината за нашата земја и кои ќе помогнат во остварувањето на визијата за европска и евроатлантска Македонија.

Но, во оваа свечена прилика сакам да истакнам дека Вашиот придонес не се сведува само на полето на промовирањето на вистината за Македонија, заложбите за одбрана на човековите, на индивидуалните права на Македонците за зачувување на своето име, идентитет, јазик и култура. Напротив. Како успешен канадско-македонски бизнисмен, Вие континуирано го охрабрувате почитувањето на законите на пазарната економија, владеењето на правото и личната одговорност, но и борбата против корупцијата и развивањето на менаџерскиот и претприемачкиот дух во македонското стопанство. А како филантроп го развивате чувството за општествена одговорност.

Почитувани,

Мојата визија за Македонија е земја на трудољубиви, амбициозни и   успешни луѓе, земја отворена за странски инвестиции, земја на напредни технологии, претприемништво и иновации. Земја во која економскиот развој и успехот се темелат врз лична одговорност, професионалност и посветеност во работата.

Господине Битов, сакам да знаете дека на тој наш пат, Вие, Вашето семејство, како и сите успешни и посветени иселеници низ целиот свет, за нас претставувате извор на непресушна инспирација.

За сета Ваша помош, поддршка и неуморен ангажман, Вие заслужено се најдовте на листата за докажани и заслужни синови на Македонија. Затоа, во знак на нашата длабока почит и благодарност кон Вас лично и кон Вашето семејство, имам особена чест и задоволство да Ви го доделам Орденот „8 Септември“.

Ви благодарам.

alt
Обраќање на Претседателот Иванов по повод отворањето на Музејот на македонската борба
Петок, 09 Септември 2011

Почитувани дами и господа,
Драги пријатели,

Денес Македонија слави 20 години од својата независност, 20 години сувереност, и 20 години самостојност.
Денес сме тука пред овој музеј, музеј кој не потсетува на сето она што претходеше на овие 20 години слободна Република Македонија. Музеј кој не потсетува на луѓето. Музеј кој не потсетува на настаните кои го одбележаа долгиот пат кон македонската слобода.

Почитувани,

Зошто отворањето на овој Музеј на македонската борба е историски настан?

Затоа што ги осветлува скриените катчиња, скриените периоди на нашата историја. Затоа што овозможува нашите деца и сите идни поколенија да научат кои беа Ченто, Брашнаров, Пирузе, Полежиновски и многу, многу други за кои ние како генерација дознававме од кога станавме возрасни, откога станавме независна држава. Затоа што од нас беа криени со години, но еве дојде и денот кога тоа повеќе не може да се сокрие. Историјата  била и останала вистина  која може само различно да се интерпретира, но тоа што се случило, тоа и останало. Тоа не се менува според нечија потреба. Не може други да ни ја пишуваат, препишуваат или искривуваат нашата историја. Тоа што нам ни се случило, тоа е наша историја.

Затоа ова не е музеј само на една идеологија. Ова е музеј на сите идеолошки правци на Македонија  што произлегоа од револуционерното движење, од борбата за слобода, од Внатрешната македонска револуционерна организација, од движењата и од организациите кои и претходеа и кои ја следеа борбата за слобода. ТВо овој музеј си го најдоа своето место и социјалисти-анархисти и комунисти и конзервативци. Во него тсе и автономисти и федералисти. Ова е сведоштво  и за злосторствата на некои комунисти, социјалисти, револуционери. Страдаа, како борци од Илинденското востание, така и борци од Шпанската граѓанска војна.

Да си споменеме на пример за Павел Шатев - гемиџијата, револуционерот, докторот по правни науки, првиот министер за правда на Македонија! И илинденец, и комунист, и патриот! Тој беше осуден за соработка со Информбирото! Пред тоа, тој беше два пати осудуван на смрт и два пати помилуван, и тоа од еден султан и од еден цар, за на крајот да умре од она што му го пресудија неговите сонародници. Ете, таква е нашата историја.

Ние едноставно не смееме да дозволиме правта на заборавот повторно да го прекрие големото пожртвувано дело на Шатев и на многубројните македонски родољуби кои неправедно беа заборавани, обвинувани и оцрнувани.

Дами и господа,

Ова е музеј на сите чеда на Македонија.

Овој музеј е споменик на нескротливиот марш кон слободата! За време на Крушевската Република во чија влада покрај Македонци имаше и Власи, и Албанци, ниту еден сонародник од друга националност нема пострадано од рацете на илинденците. Ова е музеј на слободата за сите и за секој што ја сака слободата!

Во музејот среќаваме и херои и луѓе кои застраниле од каузата. И хуманисти и грешници. Но, овој музеј повикува на историско помирување и ни говори – да паметиме за да не ги повториме старите грешки.

Музејот на македонската борба ги поврзува првиот и вториот Илинден, особено низ феноменот на жртвите. Сигурен сум дека сите ние сме слушнале, дека вториот Илинден е континуитет, историско продолжение на првиот. Но, колкумина од нас застанале да размислат околу вистинската тежина на тие зборови?
Народноослободителната борба беше борба за самостојна Македонија, а првенците на вториот Илинден ја гледаа подоцна формираната Федеративна Народна Република Југославија како етапа, како историска фаза за остварување на крајната цел – независна Македонија.

НОБ беше, пред сè, борба за создавање на своја национална држава. И на нивото на основачките документи и заради силната симболика, тоа е повеќе од јасно. Државата ни се конституира на АСНОМ, на ден Илинден, голем верски и народен празник. Основањето на современа Македонија е во црквата „Св. Прохор Пчињски“. Зарем можеле идеолошки задоени комунисти-атеисти да заседаваат и да ја основаат државата во просториите на еден Божји храм? Зошто партизанските одреди се викале Дамјан Груев и Питу Гули, а не Маркс и Енгелс, или не биле именувани по Ленин? Ете, тука е континуитетот на македонската национална борба.

Секако, во НОБ војуваа и гинеа борци поведени од комунистичката идеја, како идеал за еднаквост и правда. Но, исто така, беа водени од идеалот за национално самоопределување. Токму затоа, денес се поклонуваме пред нивната жртва. Се поклонуваме и пред делата на сите оние кои чесно и искрено во годините по војната придонесуваа за изградбата и за напредокот на новата македонска република.

Ценети присутни,

Уште еднаш да се навратиме на Крушевскиот манифест, а потоа да ги видиме основачките документи на АСНОМ! Тие се пишувани од врвни интелектуалци. Кога ги читате овие историски документи, како да ги читате Американската декларација за независност или Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот од Француската револуција. Тоа се повелби со безвремено и универзално значење. Тие универзални права кои кај нас биле гарантирани уште од основањето на современата држава нè обврзуваат, инспирираат и насочуваат и денес.

Она што нè прави особено горди е што во сите конститутивни документи на македонската држава се гарантира полна вклученост на сите без оглед на етничката и верската припадност. Да се биде Македонец значи почитување на сограѓанинот и вклучување на најдоброто од вредносниот систем на другиот. Тоа е моќта на оваа наша земја и на оваа наша национална кауза. Да се биде Македонец значи да се биде толерантен и да се почитува културата и обичаите на другиот. Така било од дамнина уште пред Христа, така било и во сите епохи и царства кои поминале на овој простор, така е и денес. Тоа е Македонија!

Кога околните држави граделе авторитарни царства, кралства и кнежества, Македонците граделе република, размислувале за Балканска федерација каде што се гарантираат правата на сите народи, како единствен начин за постигнување на траен и одржлив балкански мир.

И денес, Македонците трагаат за балкански и европски мир. Сакам да знаете дека во секој мој настап и средба повикувам на балканска интеграција во Европската унија и во НАТО, како услов за балкански мир. А без балкански мир нема ниту европски мир.

Никогаш во историјата не се случило назадна политика да опстои. Митовите за една нација, една религија, еден јазик во денешниот глобален свет не опстојуваат. Оној кој негира нечиј идентитет не може да го победи оној кој го чува и промовира своето и го споделува со другите. Напредокот е незапирлив! Маршот на слободата низ историјата ќе ги прегази противниците на слободата!

Драги сограѓани,

Почнав со слободата и со слободата сакам да завршам. Кога се кандидирав за претседател на Република Македонија, во една прилика ме прашаа, каков споменик во Скопје сакам да видам. Одговорив – споменик на слободата. Денес гордо стојам, заедно со вас, овде пред таков споменик. Споменик кој секогаш ќе нè потсетува на непроценливата вредност на слободата и на големите жртви со кои е платена слободата.

Желбите на нашите предци, на нашите борци се остварија. Слободно изразената волја на граѓаните, пренесена на оние кои ја изгласаа Декларацијата за независноста, денес ќе ја положам овде, како симбол на мечтите и на стремежите на оние кои се бореа за неа.

Остварениот завет дојде кај оние кои гинеа копнеејќи за Македонија! Дојде темелот на темел, дојде своето на свое, од денес, па за навек!

Да ни е вечна и вековита Македонија!
Да живее слободна Македонија!

Ви благодарам.

alt
Постхумно одликуван Јордан Мијалков со Орден ‘’8 Септември’’
Четврток, 08 Септември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска постхумно го одликуваше Јордан Мијалков со Орден ‘’8 Септември’’,  за исклучителен придонес во остварувањето на независноста, самостојноста, сувереноста и територијалниот интегритет на Република Македонија и јакнење на нејзината меѓународна положба и углед, вршејќи ја должноста прв министер за внатрешни работи во Владата на Република Македонија. Орденот го прими неговиот син, Влатко Мијалков.

Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов

Почитувани претставници на семејството на  Мијалков,
Почитувани пријатели на Јордан Мијалков,
Драги гости,

Не можам да замислам за подобро време, посоодветен миг за оваа свеченост од денес, кога одбележуваме 20 години од раѓањето на независна Република Македонија. Навистина е тешко да се најдат зборови за да му се оддаде достојна почит на човекот кој денес го чествуваме. Јордан Мијалков беше посветен на големата желба на македонскиот народ да не ја пропушти историската можност да создаде своја, слободна и независна држава. Јордан Мијалков и тогашната генерација македонски државници беа свесни дека евентуална грешка, евентуална погрешна проценка, во тој миг, тешко ќе може подоцна да се исправи. Дека, ако ја пропуштиме можноста, може да минат децении пред повторно да ни се укаже истата шанса за да создадеме македонска држава. Ако таква шанса, воопшто, и се укаже. Таа трескавична потреба да се искористи мигот, да се прифати подадената рака од историјата, морала да биде ограничена од неопходноста да се биде практичен и прагматичен. Во тие услови, Јордан Мијалков се покажа како голем патриот, целосно посветен на идејата за независна Македонија, но, воедно, и како човек кој знае да направи реална проценка како на најдобар начин да се дојде до таа цел, соочени со голем отпор. Тој вешто водеше значаен дел од македонската политика, во исклучително тешки мигови.

Министерот Мијалков ќе остане запаметен по неговата решителност да ги спаси македонските војници, кои повторно се најдоа како учесници во една туѓа војна - да гинат за туѓи интереси. Секогаш свесен за суровата улога низ историјата, македонските војници да носат туѓи униформи, па дури и да војуваат едни против други, немајќи своја држава, Јордан Мијалков задолжи огромен број семејства во Република Македонија со тоа што стави крај на процесот на мобилизирање на македонските војници за потребите на југословенската армија. Тој го организираше враќањето на стотици наши војници и офицери од фронтовите отворени во крвавиот распад на Југославија. Со тоа, Мијалков и сите други познати и непознати македонски патриоти кои учествуваа во овие акции, си стекнаа моќни и влијателни непријатели. Но тие ја стекнаа и трајната благодарност на стотици македонски семејства, чии синови денес се живи благодарение на нивната храброст и решителност.
Како прв министер за внатрешни работи, Јордан Мијалков претставува револуција во овој ресор и е првиот министер кој почнува сериозни реформи во министерството, притоа поставувајќи јасна цел – полицијата како секојдневен чувар на граѓанските права, слободи и безбедност на сите нас. Јордан Мијалков во оваа задача се соочува со длабоко вкоренетите сфаќања и погрешни принципи на оние кои имаа за цел полициска контрола врз политичките дејствувања во Република Македонија. Мијалков на своите подредени јасно им порачува дека системот на работа, начинот на дејствување, засекогаш е сменет. Тој ги застапува принципите на слободата и демократијата во период кога младата и кревка Република е соочена со сериозни и директни закани од надвор, но и од обиди за злоупотреби на подемот на национализмот, со цел да се направи дестабилизација од внатре. Неговата посветеност на реформирање на Министерството за внатрешни работи во една модерна служба, посветена на заштита на правата на граѓаните, е дотолку позначајна ако се имаат предвид тешките околности во кои таа е промовирана.

Јордан Мијалков и неговото семејство на своја кожа ја почувствувале темната страна на злоупотребата од власта. Потекнувајќи од семејство на трговци и занаетчии, тие биле изложени на сомнежот и на притисокот на властите во Социјалистичка Југославија. Познати се неговите судири со авторитетот на тогаш единствената Партија, пред сè, по прашањето на македонските национални права и интереси.

Таа отвореност и искреност во ставовите, не го напушта. При прогласувањето на независна Македонија, со неговиот ангажман во првата влада на независната Република, тој повторно се соочил со истите критики. Дека отвореното застапување на неговите ставови ќе биде забележано. Дека многу бил отворен кон луѓето и дека тоа може скапо да го чини.

Почитувани,

Денес, чествувајќи го споменот на Јордан Мијалков, мораме да одбележиме дека тој ја имал потребната храброст, макар и по цена на својата лична безбедност, да го каже тоа што било потребно да се каже. Да ги застапува интересите на Македонија, на македонските граѓани, во формирањето на демократска независна држава. Тој, секако, можел да одбере да молчи, како и многумина тогаш. Да чека да види како ќе се одвиваат работите и потоа да се определи. Многумина молчеа, чекаа што ќе се случи, сакаа отпосле да бидат во право и да се определат за победничката страна.

Јордан Мијалков одбра да биде во право уште од самиот почеток. Како вистински борец застана да се бори за својата вистина - слободна Македонија, демократска Македонија. Денес, ние можеме да живееме во неговата вистина. Нека му е вечна слава.

alt
Обраќање на претседателот Иванов на свечената академија по повод 8 Септември, Денот на независноста
Среда, 07 Септември 2011

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Секое големо достигнување, пред да се оствари е само сон.

Независна, суверена и слободна Македонија беше сонот на генерации и генерации  наши претходници. Дозволете ми, на самиот почеток, од името на сите вас, да им изразам благодарност, голема благодарност, на сите кои учествуваа во остварувањето на тој сон, создавањето на независноста на Република Македонија. Остварување на стремежот да имаме своја, суверена и самостојна држава, Република Македонија. Дозволете да им искажам благодарност на сите што ги дадоа своите животи за нашата слобода, на сите што придонесоа за воспоставувањето на демократијата  во Република Македонија.

На овој свечен ден меѓу нас се и некои од истакнатите активни дејци, кои работеле и сè уште работат за доброто на Македонија. Затоа, ве повикувам да ми се придружите со аплауз да ги поздравиме и да им се заблагодариме за сè што направија и за сè што прават за Македонија.

Со овие громогласни аплаузи ние, уште еднаш, ги поздравуваме и нашите спортисти кои во овие празнични денови ни донесоа  големи победи, но и голема радост. Тие најдобро покажаа дека, со искрена желба за победа и со упорна работа, независно од тоа дали некој нè потценува, омаловажува или навредува, ние можеме да победиме секого, секаде и секогаш.

Драги сограѓани,

Утре нашата татковина, Македонија, слави две децении од својата независност. Слави две децении од животот во слобода и демократија. Децата кои се родија со раѓањето на независноста на нашата татковина, меѓу нив е и мојот син, денес се веќе млади луѓе, подготвени за сите предизвици што ги носи животот. Исто, како што за тоа е подготвена и нашата Македонија.
   
Тие млади луѓе, израснати во независна Македонија, знаат дека општествениот мир, личната безбедност, економскиот и социјалниот прогрес и процут не доаѓаат сами од себе. Знаат дека сето тоа е резултат на постојан напор и постојано интересирање од страна на   народот - избрана, чесна, одговорна и ефикасна власт.  Знаат тоа да го почитуваат и на избори да го наградуваат. Знаат дека сето она што недостасува, сето она што е пропуштено, мора да биде надокнадено со интелект, одговорност и креативност.
   
Ова се денови кога ја славиме нашата независност. Денови кога ја славиме нашата слобода. Но, ова се и денови кога се потсетуваме и на она што си го посакувавме за себе и за своите деца пред две децении. На она што го посакувавме за нашите граѓани, за нашата Македонија. Посакувавме, пред сè, подобар и подостоинствен живот. Посакувавме слобода и демократија. Посакувавме Македонија да биде дел од слободниот свет.
    
Ние, во тој период, очекувавме старите сојузништва и договори, мрежата на стари коалиции и врски, исплетена меѓу порано формираните држави на Балканот и во Европа, да направат место за уште една нова држава. Но, наместо посакуваното, веднаш по независноста, бевме сведоци на некои незамисливи закани, на застрашувања насочени кон нашата безбедност, економска стабилност, нашата иднина.
   
Некои отпори на тој пат можевме и да ги очекуваме, но некои нè изненадија со својата жестокост, непредвидливост и ирационалност. Некои од отпорите и спротивставувањата на создавањето на независната и самостојна држава бргу се истопија, соочени со неминовноста на новата реалност. Некои, сè уште, се обидуваат да го проблематизираат создавањето на Македонија.
   
Уште од стари времиња останало верувањето дека мудрите држави прават сè да помогнат на соседите да бидат заедно со нив подобри. Ние покажавме дека тоа можеме да го направиме. Очекуваме и другите да го сторат тоа.
   
Ова се, исто така, денови кога се потсетуваме и на миговите на малодушност во кои се зборуваше дека не можеме сами, нема да успееме. Овие коментари можеби делумно беа разбирливи тогаш, во тоа време, но не можеме да се помириме дека и денес, 20 години по прогласувањето на независноста, сè уште можеме од поединци да слушнеме вакви оцени.
   
Но покрај сите предизвици, закани и уцени, сепак, јасно се чувствуваше дека нашиот народ не се плаши. Дека кај македонските граѓани, независно од етничката и верската припадност, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи, христијани, муслимани, Eвреи, струeше енергијата на оптимизмот и исчекувањето да се случи нешто големо. Надежта беше многу посилна од стравот и неизвесноста, и на крајот надвладеа надежта.
   
Верувам дека е особено важно што во тие денови како генерација отстапивме од една погубна филозофија. Филозофија која подразбираше да оставаме некој друг да размислува за нас, некој друг да носи одлуки за нас. Тој проблем, за Македонците, низ текот на годините поминати во Југославија, кај некои поединци беше станал своевиден ментален модел на размислување, кој впрочем создаде пречка за целосно развивање и за промовирање на македонскиот идентитет. Беше потребна огромна храброст за да се дојде до сознанието дека така веќе не се може.  Дека не постои некој друг центар, некое друго место, каде што треба да се бараат инструкции, но и врз кое подоцна може да се префрли вината за состојбата. alt
   
Има една народна мудрост која вели дека народите се како и луѓето. Понекогаш во својот живот мораат да донесат одлука, да избираат меѓу парите или честа. Луѓето вообичаено се определуваат за парите, а ја жртвуваат честа. Потоа некои, не сите, се каат. Во овој контекст е и една изјава на еден голем државник (Черчил) од 20 век, кој велел дека еден народ може да закрепне од политички и воен пораз, може да го надмине и злосторството и сиромаштијата, но кога еднаш свесно прифати понижување, се предаде и се продаде, после тоа, повеќе нема опоравување.
   
Затоа, како што велат борците за независност во многу земји во светот, одговорноста завршува тука, нема понатаму. Самостојна држава мора храбро и одговорно да ги носи своите одлуки и потоа да ја преземе одговорноста за нив. Затоа одговорноста ја имаме ние. Ние кои сме избрани од граѓаните да ја водиме државата. Одговорни сме за судбината и на граѓаните и на државата. Одговорни сме за македонското општество, воопшто, за севкупниот развој и за иднината на Македонија.
   
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Дами и господа,

Деновиве можевме да слушнеме и некои коментари дека Македонија не требала да гради триумфална порта затоа што сме немале триумфи во нашата историја. Па, зарем мал триумф е нашата независност? Зарем не е триумф победата над вековните негирања на македонскиот народ?
   
Додека на Балканот се лееја реки крв, Македонија на мирен начин дојде до независност и обезбеди повод не за еден, туку за многу триумфи. Преживеавме и сè уште преживуваме блокади и ембарга, егзодуси и негирања, уцени и закани. Зарем тоа не е доволно за да славиме победа над оние кои постојано и упорно ни застануваа на патот кон напредокот?
   
За жал, некои сметаат дека победи се само оние што се извојувани на бојното поле. Историјата нè учи дека најголеми и најзначајни се оние победи до кои се доаѓа во мир, победи во економијата, во науката, во образованието, во културата, во спортот. Минатото на човековата цивилизација е полно со рушевини на деструктивци. Победи се градбите, духовни и материјални, кои ги создаваат иновативци и креативци.
   
Исто така, нè обвинуваат дека наместо победите сме ги славеле поразите. Според некои дури и Илинден 1903 не треба да го славиме! Апелирам до сите оние кои не ги препознаваат напорите на илинденците од 1903, на партизаните, на  АСНОМ-ците, на генерацијата од 1991 година. Апелирам на оние кои се сомневаат во нашите историски победи и во нашата големина, да почнат повеќе да се почитуваат себеси. На тој начин и другите повеќе ќе ги почитуваат и нив.

Ценети присутни,

Точно е дека во ерата на глобална политика треба да се консултираме со нашите пријатели кои ги имаме повеќе отколку што мислиме. Но, точно е и тоа дека, како рамноправен член на меѓународната сцена ќе правиме онака како што мислиме дека е најкорисно за Македонија.

Регионот се смени. Војните завршија. Граѓаните од Балканот разбраа што значи војна, а воедно почувствуваа и што значи демократија, слобода и економски развој. Не можеме да очекуваме дека повторно ќе бидат направени погрешните избори од минатото.

Денес, ние ќе бидеме вклучени во жесток натпревар со соседите, во жестока борба, но борба околу тоа кој побргу и подобро ќе го реформира своето општество да обезбеди негово функционирање во служба и во полза на граѓанинот. Кој ќе донесе повеќе странски инвестиции и подобро ќе ја отвори својата економија кон Европа и кон светот. Ќе се натпреваруваме и во спортски успеси.

Почитувани сограѓани,

Македонија направила многу за сите што живееле и живеат на овие простори. И ним и на целиот свет им дала историја, дух, култура и традиција. Но, за да продолжи да дава, неопходно е и ние да $ даваме на Македонија. Љубов, почит, солидарност и човечност, идеи, работливост и упорност, тоа се работите што можеме и мораме да $ ги дадеме на Македонија.

Веќе 20 години живееме во демократска земја со повеќепартиски систем. Но, кога станува збор за националните интереси, за стратешките цели, постои само една партија во која нема поделба на лидери и членови, која не познава делби и тесни интереси. Таа партија се вика МАКЕДОНИЈА! Време е да се обединиме околу единствената заедничка партија - Македонија. Да ги препознаеме нејзините интереси, цели и приоритети, и секој поединечно да се вклучи во нивно остварување.

Време е конечно да ги искорениме перцепциите дека сме мали, обесправени и негирани. Ние сме историска и современа реалност. Имаме своја држава, имаме права и иднина.

Време е да почнеме да се почитуваме меѓу себе. Да престанеме со делбите на стари и млади, на леви и десни, на предавници и патриоти. Да започнеме почитта да ја градиме врз основа на постигнувањето на полето на кое сме активни. И преку натпревар, што впрочем и се изборите,  да дојдеме до најдобрите, до најдобрите идеи, до најдобрите решенија, до најдобрите поединци.

Почитувани,

Првата деценија на нашата независност ја карактеризираа историски одлуки и предизвици, но и бројни грешки и изгубено време и неискористени можности.

Втората деценија беше во знак на поправката на грешките од првата деценија и надополнување на изгубеното време и на пропуштените можности. Втората деценија, исто така,  беше и во знакот на реализирање на обврските произлезени од Охридскиот рамковен договор.
   
Третата деценија е пред нас. Ние немаме време да бараме виновници и носители на погрешни одлуки. Историјата ќе им суди ним. Не можеме да го промениме она што завршило, што се случило, што поминало. Но, затоа можеме да влијаеме на она што доаѓа, она што нè очекува. Верувајте, ни претстои многу работа. Мора да ја трасираме иднината на нашата земја и да ја гледаме Македонија во следните децении. Треба да ја отвориме Македонија, и тоа во секој поглед, како политички и економски, така и инфраструктурно, медиумски и културно. Треба да ги оствариме нашите стратешки цели – членство во НАТО, членството  во Европската унија.

Ова е вистинското време да градиме иднина за младите, но и да градиме млади за иднината.

altДами и господа,

Раскинувањето со економските догми на поранешниот систем бараше темелно преиспитување и менување на начинот на кој функционира економијата. Тоа бараше целосна промена на начинот на размислување и дејствување на граѓаните, преиспитување на дотогаш прифатените правила кои го диктираа секој работен ден, секоја економска организација, преиспитување на улогата на државата и администрацијата во животите на граѓаните.

Македонија мораше да спроведе револуција во оваа сфера. Да ги отстрани слабостите на претходната економија, и да се обиде да го ревитализира и спаси тоа што може да се спаси. Одново на граѓаните да им се загарантира правото на сопственост на земја, на куќи, на дуќани, на сопствениот труд, без постојаната закана дека државата може да го одземе сработеното и стекнатото.

Сведоци сме дека економска политика во социјалистичка Македонија направи голем исчекор од претходните епохи, но сведоци сме и на неброени запустени села, па дури и цели региони. Градовите од тој период беа претворени во предимензионирани индустриски центри кои не можеа да се соочат со отворената конкуренција, без државата да им загарантира пазар и пласман на произведеното. Големите и оптоварени, централно водени системи за образование, здравство и социјала беа клучна одлика на овој систем, чие реформирање беше невозможно. А без таква реформа беше невозможно да се следат потребите и барањата на граѓаните.
   
Транзицијата кон демократијата и пазарното стопанисување беше неизбежна обврска за младата македонска независна држава. Сепак, начинот на кој таа беше спроведена, недоволното разбирање и прифаќање на принципите на слободниот пазар и владеењето на правото, направи транзицијата да трае предолго и да биде непотребно тешка за огромен број наши граѓани.
   
За среќа, денес сме сведоци дека столбовите врз кои треба да почива македонската економија се веќе поставени. Имаме монетарна стабилност. Инфраструктурата што ја наследивме ја унапредуваме и подобруваме, и се трудиме максимално да ја искористиме во функција на економскиот развој.
   
Безбројните регулативи, кои ја задушуваа слободата на пазарот,  значително се намалени. Можеме да бидеме задоволни од резултатите од борбата против корупцијата. Имаме значителни подобрувања во ефикасноста на судството, кое беше еднa од најголемите пречки на нормалното функционирање на економијата. Еден од нашите врвни приоритети е образованието на нашите млади во области кои можат да им отворат сигурно и добро платено вработување.
   
Верувајте, овие напори беа забележани. Сведоци сме дека, иако светот минува низ економска криза која не е видена со децении, сепак Македонија има стабилна економија и успева да привлекува значајни странски инвестиции.

Почитувани сограѓани,

Секој почеток има крај и секој крај има свој почеток. Верувам дека формалното приклучување на Република Македонија кон европското и евроатлантското семејство ќе биде почеток на крајот на сите обиди за негирање на нашето постоење. Ќе отвориме нов хоризонт пред нас, со нова иднина за Македонија.

За тој историски чекор нам не ни недостига ниту храброст, ниту, пак, решителност. Ние ја претставуваме храброста и решителноста на нашите граѓани. Но, граѓаните имаат и лимит, и ние ги слушаме и почитуваме нивните потреби, желби и интереси. Но, на сите оние кои имаат проблем со нашето име, сакам јасно да порачам дека ниту едно решение нема и не смее да влијае врз нашиот идентитет, нашиот  јазик, нашата култура, нашиот устав.
   
Како одговорна генерација со одговорно лидерство бидете уверени дека никогаш и за ништо нема да ги ставиме во залог овие врвни македонски вредности.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Утре е роденденот на нашата татковина Македонија. Роденденот не е само за државата и за нејзините институции. Роденденот е свечен ден за секој наш граѓанин, за секој  Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин, Бошњак, Влав и за сите други. Утре е роденден за секој христијанин, муслиман, Евреин. Сите ние сме оние што овој ден треба да го направиме празник. Ден за гордост, ден за достоинство, ден за самопочит. Утрешниот ден нека биде ден за љубов кон нашата татковина Македонија. Утрешниот ден, 8 Септември, нека биде ден кога со гордост ќе си споменеме за сите наши предци и за нашето  минато, но и ден кога во недоглед ќе ја гледаме нашата иднина.

Среќен роденден татковино!

Си била и ќе бидеш Македонија!

Да ни е вечна и вековита Македонија!

Да живее Република Македонија!
 

alt
За уметност и помирување потребна е храброст - Обраќање на претседателот Иванов на 9-тиот УНЕСКО самит на шефови на држави од Југоисточна Европа во Виминациум, Србија
Петок, 02 Септември 2011

Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,

Дозволете ми да го изразам моето големо задоволство што денес имам можност да го поздравам овој еминентен собир кој уште еднаш го подвлекува значењето на УНЕСКО, анимирајќи ја светската интелектуална и политичка елита, како и медиумите. 

Задоволството е дотолку поголемо бидејќи иницијатор на овој вид состаноци е токму Република Македонија. Во 2003 година, покојниот претседател  Борис Трајковски ја започна оваа серија од состаноци и самити посветени на културата кон која, на наше големо задоволство, ни се приклучија УНЕСКО и Советот на Европа.

Сигурен сум дека и годинашниот форум ќе овозможи размена на искуства и на мислења кои ќе ја потврдат нашата заедничка подготвеност за соработка, и нашите заложби да се промовираме како активни чинители во градењето на европската архитектура. Поради тоа му честитам на годинашниот домаќин.

Во 2013 година, кога мојата земја ќе претседава со Процесот за соработка на Југоисточна Европа, ќе го одбележиме и првата деценија на овој вид  состаноци. Токму затоа, сакам да ја искористам оваа свечена пригода за да ја истакнам желбата и подготвеноста на Република Македонија да биде домаќин на самитот во 2013 година. Верувам дека за тоа постојат повеќе причини. 

Ценети екселенции, 

Република Македонија како држава-членка на УНЕСКО секогаш посветувала големо внимание на соработката со Организацијата, посебно во областа на културата и на уметноста како подрачја во кои најдиректно се ослободува и се разменува креативната енергија меѓу уметниците. За нас, културата и уметноста отсекогаш биле ефикасни медијатори во меѓусебното запознавање и почитување на разликите меѓу нашите култури.  

Особено сме горди на соработката со УНЕСКО на полето на културно - историското наследство на Република Македонија, но и на целиот регион. Токму затоа, дозволете ми да истакнам дека високо ги цениме напорите на УНЕСКО за унапредување на регионалната соработка, со цел - интензивирање на заштитата и на промоцијата на нашето културно наследство, преку нови и креативни пристапи кои овозможуваат континуиран  развој. Во оваа насока ќе го споменам и значењето на културниот туризам кој директно влијае и врз економскиот развој на државата.   Дами и господа, 

Република Македонија е земја со долга и богата култура, со фасцинантни, длабоки духовни корени. Таа е земја на археолошки локалитети, земја на духовни светилишта, земја на тврдини и на чаршии, на артефакти со висока историска и уметничка вредност кои го одразуваат духот на македонскиот народ и на македонската држава. Низ долгата и богата историја на македонскиот народ и на етничките заедници кои живееле и живеат на нашиот простор, создадено е непроценливо културно богатство од кое и денес црпиме чувство на идентитет, љубов и почит кон корените и традиционалните вредности. 

Токму културната и религиската разновидност на Македонија претставува извор на голем креативен потенцијал и мост кон заемното разбирање, почит и соживот. Оттука, не случајно, нашата држава беше домаќин на првата и на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, преку која покажавме дека само со размена на мислења и на искуства, луѓето повторно ќе го откријат богатството на различностите,  на културната размена и на соработката. Потврдивме дека само преку дијалогот втемелен врз целосно меѓусебно почитување и пиетет кон различностите и кон вредностите на другите, може да се зачува мирот, да се следат идеалите на современиот свет.
 
Ваши екселенции,

Богатата мултиетничка, мултирелигиска и мултијазична традиција на мојата земја беше причина повеќе за Република Македонија да се кандидира за член на Извршниот одбор, највисок орган на УНЕСКО. Очекуваме позитивно да се потврди нашата кандидатура на 36. заседание на Генералната конференција на УНЕСКО во октомври оваа година. Сакам да ве уверам дека Македонија доследно ќе се залага за натамошно развивање на УНЕСКО, засилување на нејзината меѓународна улога, унапредување на традиционалната соработка со сите држави-членки. Мојата земја ќе се залага за ефикасност во работата и за стимулирање на интелектуалниот и на материјалниот потенцијал во решавањето на глобалните проблеми со кои се соочува човештвото, а кои се во доменот на УНЕСКО. 

Дами и господа, 

Навраќајќи се на темата на годинашниот самит, преку апстрактна уметност до балканско помирување, дозволете да изнесам некои мои согледувања. 

Џон Кенеди во една прилика рекол: „Никогаш не треба да заборавиме дека уметноста не е форма на пропаганда, туку форма на вистината“. А кон таа негова мисла, јас додавам дека токму вистината ослободува од предрасудите и го отвора патот кон помирувањето. 

Уметноста и помирувањето имаат една заедничка карактеристика, во тоа што секоја уметност бара храброст, исто како и помирувањето. Храброст сфатена не само како подготвеност да се направи првиот чекор, туку и да се прифатат различното мислење, видувањето, погледот на светот и реалноста. 

Среќен сум што на оваа маса седат лидери на кои не им недостасува храброст, кои со самото учество на овие самити и со многу други работи ја демонстрираат таквата храброст.  

Верувам дека тоа е особено случај и со апстрактната уметност бидејќи таа не бара храброст само од уметникот, туку и од гледачот кој е соочен со делото. Уметникот треба да има храброст да понуди поинакво сфаќање на реалноста, а гледачот да ја прифати или барем да не го отфрли неконвенционалниот поглед на реалноста.
 
Класичните уметнички дела оставаат мал простор за интерпретации надвор од културната матрица во која се создадени. Иконата, фреската и иконостасот се дефинитивни уметнички изрази на христијанските култури, исто како што калиграфијата и арабеските се знак на распознавање во рамките на исламската култура. 

Апстрактната уметност остава простор за интерпретирање, за различно видување, дури и надвор од културните и од цивилизациските матрици. Му дава можност на секој човек, независно од етницитетот, јазикот и културата, да го пронајде значењето за себе. 

Верувам дека токму тоа е најголемата моќ на апстрактната уметност – овозможува единство во различностите, единство во различните погледи, сфаќања, разбирања на делото и на пораките. 

Почитувани, 

На самиот крај, би сакал да ја изразам својата увереност дека најголемата уметност е да се живее исполнет живот во хармонија со природата и со луѓето, да се има сопствено мислење и да се почитува мислењето на другиот. Отворениот ум создава отворен простор кој на нашиот регион му носи мир, стабилност и благосостојба. Се надевам дека активностите кои ќе произлезат од овој самит ќе придонесат за отворање на умот, а со тоа и на регионот. 

Големиот предизвик за сите нас, екселенции, е да се живее и материјализира големиот сон на македонскиот национален јунак од 20-от век - Гоце Делчев: Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите. 

Уште еднаш  му честитам на претседателот Тадиќ. Среќен сум што следната година ќе бидеме гости на нашите пријатели во Босна и Херцеговина, можеби во градот во чија близина згасна животот на мојот голем претходник, претседателот Борис Трајковски, човекот кој ја даде идејата и е најзаслужен за традицијата на овие собири.
 
Ви благодарам.
      

denarm1
Одбележување на Денот на АРМ
Четврток, 18 Август 2011

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Навистина сум горд што, како врховен командант на Армијата на Република Македонија, можам да ве поздравам на овој свечен ден. Годинава славиме и 20 години од независноста на нашата татковина Македонија, независност која, вие, припадниците на Армијата посветено, достоинствено и одговорно ја чувате.
Бидете уверени дека за тоа Македонија и нејзините чеда ви се благодарни.

Задоволството е дотолку поголемо бидејќи годинава се среќаваме во Охрид, на местото кое зрачи со нашето славно минато. Денес сме собрани во градот под Самуиловата тврдина, која е милениумски симбол на желбата на македонскиот народ да се биде свој на своето, да одлучува за сопствената судбина и сопствената иднина.
Желба која одново пламна на двата Илиндена и која конечно се оствари пред дваесет години. Денес, како и секоја година, се поклонуваме со длабока почит кон сите наши историски великани и борци, кои со оружје в рака се бореа за македонската држава и за нашата слобода и демократија.

Почитувани,

Како вистински и достоинствени наследници на славните Илинденци, со гордост можам да кажам дека вие, припадниците на Армијата на Република Македонија, сте еден од столбовите врз кој се потпира македонскиот интегритет и самобитност, но и македонскиот модел на соживот и толеранција.

Столб кој нема никогаш да дозволи македонскиот суверенитет да биде загрозен и разнишан. Столб кој ќе продолжи да влева доверба во македонското општество и ќе им овозможи и на наредните генерации да ја живеат својата благосостојба во слободна, безбедна, демократска, европска и евроатлантска Македонија.

Големата доверба која Армијата ја ужива во нашето општество е признание на постигнатото, но воедно и обврска да се продолжи со посветено и квалитетно извршување на задачите. Сакам да знаете дека пред нас има уште многу работа. Армијата на Република Македонија каква што ја знаеме денес не изникна преку ноќ. Напротив, таа беше постојано, трпеливо и посветено создавана, зајакнувана и унапредувана од генерациите кои се ставија во служба на татковината.

Затоа, денес сакам да им оддадам признание на сите досегашни началници на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, офицери, подофицери, војници и цивилни лица на служба во Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана кои во изминатите 19 години придонесоа во градењето на овој стожер на македонската независност. Дозволете на овој важен ден како Врховен командант  да се поклонам со длабока почит на сите припадници на Армијата на Република Македонија кои го дадоа најскапоценото за својата татковина, кои ги положија своите животи за слободата и безбедноста на својата држава. Се сеќаваме со пиетет на сите војници и старешини кои ја поднесоа најголемата жртва за мирот и просперитетот на сите свои сограѓани. Нашата сегашност и иднина, иднината на нашата земја е изградена на нивниот хероизам.

Почитувани припадници на Армијата,

Минатата година имав можност да ги посетам нашите војници во Кабул. Претходно ги посетив и војниците во мисијата во Сараево. Можам слободно да кажам дека нема подобри, похрабри и подоблесни војници од македонските мировници. Моја гордост е да бидам ваш врховен командант.

Во оваа прилика, сакам да оддадам јавно признание и почит кон сите мировници од Армијата на Република Македонија кои во досегашниот период вложија голем труд и посветеност во ангажманот во мисиите во Авганистан, Ирак, Босна и Херцеговина и Либан. Тие придонесоа за воспоставување на мирот во земјите каде беа ангажирани, воедно афирмирајќи ја нашата татковина на меѓународен план. Сакам да подвлечам дека Република Македонија, како партнер и сојузник во антитерористичката коалиција во Авганистан, ќе остане сè додека е неопходно и ќе го следи трендот на транзиција и предавање на севкупната власт на авганистанскиот народ во согласност со интересите на Република Македонија.

Ценети екселенции,

Свесни сме дека влогот во Армијата е влог во европската и евроатлантската иднина на Македонија. Соочувајќи се со големи предизвици и спроведувајќи темелни реформи, македонската армија денес останува да биде еден од предводниците на altреформскиот процес на целото македонско општество.
Со голема гордост можам да констатирам дека Армијата на Република Македонија ги исполни критериумите за членство во Алијансата.

Сакам да знаете дека со НАТО ги споделуваме истите вредности, интереси и приоритети. Со НАТО ги споделуваме обврските, задачите и одговорностите. Во Алијансата ја гледаме нашата иднина. Република Македонија е еднаква по обврските со сите земји-членки на НАТО, но не може да ги ужива правата и привилегиите што ги носи членството во Алијансата.

Верувам дека ќе дојде денот кога Република Македонија и формално ќе стане дел од евроатлантското братство на народи посветено на поголема безбедност, демократија и човекови права во светот.

Дами и господа,

На овој важен ден, сакам да му честитам на новиот началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија и да му посакам многу успех во напорната работа која, секако, бара врвен професионализам и посветено исполнување на евроатлантските вредности, стандарди и критериуми.

Денес, со нас е и новоизбраниот министер за одбрана на Република Македонија. Честитајќи му го изборот и посакувајќи му успех во работата, уверен сум дека заедно со него и со началникот на Генералштабот ќе имаме блиска, координирана и конструктивна соработка за сите прашања поврзани со раководењето на одбраната. А такви прашања, верувајте, има многу.

На нас е заеднички да работиме на континуирано усовршување на Армијата, на постојана обука на нејзините припадници и унапредување на материјално-техничките капацитети и ресурси. Тоа е неопходно за одржување на висок степен на борбена готовност за одбрана на нашата татковина, како и обврска кон нашите НАТО партнери, сојузници и пријатели. Тоа е обврска кон вас, нашите храбри војници, старешини и цивилни лица на служба во Армијата.

Почитувани присутни,

На крајот, честитајќи ви го уште еднаш 19. роденден, сакам да им честитам на сите припадници на Армијата, на сите унапредени старешини и да ви се заблагодарам за вашиот професионализам во извршувањето на одговорната задача, но пред сè за вашата солидарност и лојалност кон татковината. Македонија е земја на слободните, дом на храбрите. Затоа, сакам да знаете дека во очите на граѓаните на Република Македонија, на нашите деца, но и на нашите партнери и сојузници, вие, припадниците на Армијата сте синоним за храброста.
 
Нека ни е честит празникот на Армијата, 18 Август!

Да живее Армијата на Република Македонија!

Да живее Република Македонија!
 

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 52 од 64